У.бр.145/2012-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 19 февруари 2014 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Листата за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на територијата на општина Гостивар, бр.07-1430/1 донесена од Советот на општина Гостивар на 17.08.2012 година („Службен гласник на општина Гостивар“ бр.9/2012).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во„Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Државниот инспекторат за локална самоуправа со Решение У.бр.145/2012 од 11 септември 2013 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Листата означена во точката 1 од оваа одлука,бидејќи основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот на Република Макeдонија, Законот за локалната самоуправа и Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во поглед на постапката за нејзиното донесување.

4. Судот на седницата утврди дека доносителот на оспорениот акт и по две ургенции и ургенција до Министерството за локална самоуправа не се доставени бараните акти од кои причини анализата е правена врз основа на документи доставени од подносителот на иницијативата и интернет страната на општината.

Во претходната постапка, а од увидот во документите што ги достави подносителот на иницијативата Државниот инспекторат за локална самоуправа е утврдено следното:

Врз основа член 5 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади,мостови и други инфраструктурни објекти („Службен весник на Македонија“ бр.66/2004), а во врска со член 125 од Правилникот за работа на Советот на општина Гостивар („Службен гласник на општина Гостивар“ бр.01/2000), Комисијата за комунални работи и сообраќај на седницата одржана на 5 април 2007 година утврдила Листа за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на територијата на општина Гостивар. Овој акт е заведен под бр.07-1430/1 на 17.08.2012 година во архивата на Советот на општината потпишан од претседател на Советот на општината и објавен во („Службен гласник на општина Гостивар“ бр.9/2012).

Во оваа листа се утврдени имиња на лица од албанска, турска и македонска припадност, градови, реки, области, значајни личности од историјата и друго.

По донесување на оспорената Листа, Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ од Гостивар на 3 септември 2012 година, поднела претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа, со која бара овој орган во рамките на своите надлежности да преземе мерки во однос на постапката за донесување на Листата за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други објекти на територијата на општина Гостивар од 17.08.2012 година од причина што предлог – листата не била на предлог на Комисијата за комунални дејности како и тоа дека при гласање не бил испочитуван Бадентер, односно не е донесена со потребното мнозинство од припадниците на заедниците кои не се мнозинско население во градот.

Државниот инспекторат за локална самоуправа постапувајќи по претставката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, видно од Записникот бр.17-249/2 на 19.09.2012 година извршил вонреден инспекциски надзор во општина Гостивар.

По извршениот надзор на 20.09.2012 година Државниот инспекторат за локална самоуправа донел Решение бр.17-2647/1 со кое примената на Одлуката за утврдување на Листата за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на територијата на општина Гостивар бр.07-1430/1 од 17.08.2012 година, донесена од Советот на општина Гостивар, а објавена во („Службен гласник на општина Гостивар“ бр.9/2012) се запира.

Во образложението на Решението, а од извршениот увид на расположивите документи презентирани од општината, инспекторатот утврдил дека Одлуката за утврдување на Листа на имиња за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти. не била во согласност со член 5 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти од причина што за наведената одлука општината немала добиено претходна согласност од Владата на Република Македонија.

Понатаму, во образложението се наведува дека оспорената Одлука не била во согласност со член 32 став 2 од Законот за локалната самоуправа, од причина што таа била донесена без претходно да има добиено предлог/мислење од надлежната комисија односно Комисијата за комунални работи и сообраќај како постојана комисија формирана 14.05.2009 година.

Поточно, во конкретниов случај Советот на општина Гостивар ја утврдил оспорената Листа не од актуелната постојана комисија, туку од комисијата за комунални работи и сообраќај која била формирана за време на претходниот состав, што е видно и од самата Листа која била утврдена на 5.04.2007 година, а не била одобрена од претходниот состав на Советот на општината.

Исто така, оспорената Одлука не била во согласност со член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа, од причини што таа била донесена без да има мнозинство гласови од присутните членови на Советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско населени во општината.

Од увидот во Записникот од седницата на Советот на општина Гостивар одржан на 17.08.2012 година на која на дневен ред била и оспорената Листа, списокот на советници во општината и списокот на присутни советници во општината е утврдено дека од вкупно 31 советник во општината, од кои 20 се припадници на албанската заедница,7 се припадници на македонската заедница, 3 се припадници на турската заедница и 1 е припадник на ромската заедница, на седницата присуствувале 27 советника од кои „за“ одлуката гласале 16 советника, 7 биле „против“ и 1 „воздржан“.

Воедно во образложението на решението се наведува дека оспорената Одлука не била во согласност со член 55 став 4 од Законот за локалната самоуправа, од причини што Комисијата за односи меѓу заедниците формирана на 30.08.2010 година бр.07-1089/1 не одржала состанок кој бил закажан за 15.08.2012 година и не дала мислење во врска со предлог Листата за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на територијата на општина Гостивар.

5.Според член 114 од Уставот на Република Македонија на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, а единици на локалната самоуправа се општините. Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија (Амандман XVI со кој се заменува ставот 5 на членот 114 од Уставот на Република Македонија).

Согласно член 115 став 1 од Уставот, кој е заменет со точката 1 на Амандман XVII, во единиците на локалната самоуправа, граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитување, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Согласно член 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ„ бр. 5/2002) ги уредува: надлежностите на општините, непосредното учество на граѓаните во одлучувањето, организацијата и работата на органите на општината, општинската администрација, актите на органите, имот-сопственост на општината, надзорот над работата на органите над општината, распуштање на советот на општината, механизмите и соработката меѓу општините и Владата на Република Македонија, месната самоуправа, заштитата на локалната самоуправа, утврдување на службени јазици во општините и други прашања од значење за локалната самоуправа.
.
Во Глава III од Законот, со наслов: „Надлежности на општините“ во членот 21 е предвидено дека:

Општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат ивршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење ( став 1 ).

Со законот со кој се утврдуваат други надлежности на општината се определуваат и изворите на финансирање за вршење на тие надлежности ( став 2 ).

Надлежностите од ставот (1) на овој член по правило се целосни и исклучиви и не смеат да бидат одземени или ограничени, освен во случаите утврдени со закон ( став 3).

Во членот 22 став 1 точка 4 се предвидува дека општините се надлежни за вршење, меѓу другото и во работите во областа на комуналните дејности – определувањето на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.

Во член 31 од Законот е предвидено дека органи на општината се: советот и градоначалникот.

Членот 32 од Законот го утврдува начинот на работа на советот на општината така што советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината (став 1).

За разгледување на прашања и утврдување предлози од одредена област, советот од својот состав може да формира постојани и повремени комисии (став 2).

Составот и начинот на изборот на членовите на комисиите од ставот 2на овој член се уредуваат со статутот (став.3).

Составот на комисиите од став 2 на овој член соодветствува на пропорционалната застапеност на политичките партии во советот (став 4).

Во членот 36 став 1 од Законот, се утврдени надлежностите на советот кој го донесува статутот на општината и други прописи.

Во членот 41 став 1 од Законот е предвидено дека Советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на советот.

Советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови ако со закон и со статутот поинаку не е определено.(став.2).

Прописите кои се однесуваат на културата, употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните воопштината, утврдувањето и употребата на грбот и знамето на општината,се усвојуваат со мнозинство гласови од присутните членови на советот,при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советоткои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината (став 3).

На седницата на советот по правило, се гласа јавно. (ст.4).

Според член 62 став 1 од овој закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон. Прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон. (став2) Прописите за чие извршување се потребни финансиски средства мораат да содржат и одредби со кои се утврдуваат изворите и висината на средствата за нивно извршување. (став3). Прописите се објавуваат во службениот гласник на општината најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. (став 4). Прописите од ставот 1 на овој член влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето, доколку со статутот поинаку не е определено. (став 5). Општината води збирка на објавените прописи, која е достапна на општ увид. (став 6).

Со член 5 став 1 од од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти („Службен весник на РМ“ бр. 66/2004, 55/2007 и 145/2010), е предвидено дека името на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект на подрачје на општина, односно на подрачје на градот Скопје може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња.

Листата од ставот 1 на овој член ја утврдува советот на општината, односно Советот на градот Скопје, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија.(став 2).

Од утврдената фактичка состојба произлегува дека: за оспорената одлука Владата на Република Македонија не дала свое мислење, истата е донесена без потребното мнозинство од заедниците кои не се мнозинско население во општината, по неа не дала мислење Комисијата за односи меѓу заедниците формирана во општината, како и тоа што предлог – Листата е утврдена од Комисијата за комунални работи и сообраќај формирана од претходниот состав во 2007 година. Исто така, во „Службениот гласник на општина Гостивар бр.9/2012, во основот за донесување стои дека Комисијата за комунални работи и сообраќај на седницата одржана на 05.04.2007 година ја утврдила Листата за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на територијата на општина Гоствар бр.07-1430/1 и истата е потпишана од претседателот на Советот.

Имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба како и анализата на содржината на наведените законски одредби, увидот во документација доставена од Државниот инспекторат за локална самоуправа наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека оспорената Листа не е во согласност со Уставот на Република Македонија, Законот за локалната самоуправа и Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во поглед на постапката за нејзиното донесување.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлчука.

7. Ова одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.145/2012
19 февруари 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева