У.бр.105/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија, член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 12 февруари 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Петре Жежовски од Скопје, поднесено преку полномошникот Марија Аргировска, адвокат од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, за кои смета дека му´ се повредени со Решение бр. П1 бр.2556/12 од 28.12.2012 година на Основниот суд Скопје II Скопје и Решение ГЖ. бр. 1295/13 од 14.03.2013 година на Апелациониот суд Скопје.

2. Петре Жежовски од Скопје, преку полномошникот Марија Аргировска, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.

Во барањето се наведува дека до Основниот суд Скопје II Скопје, подносителот поднел тужба кон која поднел и барање истиот да биде ослободен од плаќање на судски такси по предметот. Барањето за ослободување од плаќање на судски такси било прифатено и со Решение П1 бр. 2556/12 од 14.11.2012 година на Основниот суд Скопје II Скопје, било одлучено подносителот Петре Жежовски од Скопје да биде ослободен од плаќање на судски такси по предметот П.бр.2556/12.

Основниот суд Скопје II Скопје со Решение П1 бр.2556/12 од 28.12.2012 година, ја отфрлил како неуредна тужбата на тужителот Петре Жежовски од Скопје, против тужените Весна Младеновиќ од Скопје и Трајче Кузмановски од Скопје, за неправилности во извршување и запленување без законски основ, повикувајќи се на одредбите од членовите 98 став 3 и 101 став 1 од Законот за парничната постапка, со обрзложение дека кон тужбата не бил поднесен доказ за лична идентификација на тужителот, односно дека поднесоците кои се поднесени од полномошникот, не ги содржеле потребните податоци од наведените законски членови.
Подносителот вложил жалба против погоре наведеното Решение на Судот, со наводи дека претходно по повод барањето за ослободување од судски такси, Судот се впуштил во одлучување по тоа барање и го прифатил бараното ослободување од плаќање на судски такси, од што логички следувало дека условите за постапување по поднесокот биле запазени при поднесувањето на тужбата со предлог за ослободување од трошоци, односно дека доколку навистина било така како што се тврдело во оспоруваното решение, Судот воопшто не би пристапил кон одлучување по поднесениот предлог за ослободување од трошоци на постапката и прифаќање на истиот и веднаш би пристапил кон примена на членот 101 став 1 од Законот.

Постапувајќи по жалбата, Апелациониот суд во Скопје со Решение ГЖ. бр. 1295/13 од 14.03.2013 година, ја одбил жалбата од тужителот како неоснована, а обжаленото решение го потврдил.

Според наводите во барањето, во образложението на решението не постоеле никакви наводи по однос на тоа зошто Судот одлучил така, односно не постоело образложение од кои причини Судот нашол дека жалбените наводи биле неосновани, особено немало образложение по однос нераскинливата врска помеѓу наводно некомплетната тужба и решението со кое барателот бил ослободен од трошоци по постапката.

Од овие причини, барателот смета дека во конкретниот случај несомнено постоела дискриминација врз основа на социјална припадност, особено ако се земело предвид дека првотужен со поднесената тужба бил извршител, за кој според барателот постоело основано сомнение со оглед на нелогичното постапување на судот по тој предмет, дека по донесувањето на решението за ослободување од трошоци, тој презел дејствија постапувањето по предметот да го запре.

3. Од извршениот увид во доставената и прибавена документација произлегува дека барателот Петре Жежовски од Скопје, поднел тужба пред Основниот суд Скопје II Скопје против тужениот извршител Весна Младеновиќ од Скопје и Трајче Кузмановски од Скопје, за неправилности на извршување и за запленување без законски основ.

При поднесувањето на тужбата, не била платена судската такса, но со тужбата, подносителот, истакнал барање за ослободување од трошоци по постапката.

Судот, имајќи ги предвид одредбите од членот 146 ставови 2 и 3 од Законот за парничната постапка, според кој судот нема да постапува по тужба, ниту да преземе друго дејствие за кое не е платена судска такса, а ако тужителот не ја плати судската такса во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на тужбата, се смета дека тужителот ја повлекол тужбата, при добивањето на оформениот предмет по тужбата, Судот не преземал дејствија по истата, се додека не била платена судската такса.

Во конкретниот случај, бидејќи во тужбата било истакнато и барање за ослободување од плаќање на трошоци по постапката, Судот во таа фаза донел Решение П1 бр. 2556/12 од 14.11.2012 година, со кое врз основа на приложените потребни документи од Управата за јавни приходи, утврдени со членот 164 од Законот, согласно членот 163 од Законот, го ослободил тужителот од плаќање на судски такси по предметот.

По ослободувањето на тужителот од плаќање на судските такси, се создале услови за преземање на следното дејствие од страна на Судот, односно условите за пристапување кон испитување на уредноста на поднесената тужба од аспект на членот 98 од Законот за парничната постапка.

Во таа фаза, од страна на Судот било утврдено дека тужбата не била уредна, бидејќи не ги содржела сите потребни податоци, предвидени со наведениот член од Законот, односно поради тоа што полномошникот на тужителот не доставил доказ за лична идентификација на тужителот. Од наведените причини, Судот, согласно членот 101 став 1 од Законот за парничната постапка, кој уредувал дека поднесоците кои се поднесени од полномошник, а кои се неразбирливи или не ги содржат податоците од членот 98 ставови 3, 4, 5 и 8 од Законот, со Решение бр. П1 бр. 2556/12 од 28.12.2012 година, ја отфрлил тужбата како неуредна.

Незадоволен од решението со кое тужбата била отфрлена како неуредна, подносителот на барањето вложил жалба до повисокиот суд, наведувајќи дека тој преку својот полномошник, кон полномошното со сигурност приложил доказ за сопствена идентификација, а доколку не било така, Судот за почеток воопшто не би пристапил кон одлучување по предлогот за ослободување од трошоците на постапката и прифаќање на истиот, односно веднаш би пристапил кон примена на членот 101 став 1 од Законот за парнична постапка. Во жалбата понатаму навел и дека согласно конкретната ситуација, ниту судот, ниту тужителот можел да докаже дали тој доказ бил приложен кон тужбата, меѓутоа од причини што судот одлучувал по поднесениот предлог и истиот го прифатил, нужно било да се констатира дека условите за содржината на поднесоците бил исполнет при поднесувањето на тужбата.

Постапувајќи по вложената жалба, Апелациониот суд во Скопје, со Решение ГЖ. бр. 1295/13 од 14.03.2013 година, ја одбил жалбата како неоснована, а првостепеното решение го потврдил, со образложение дека при донесувањето на обжаленото решение првостепениот суд не сторил ниту една суштествена повреда на одредбите од Законот за парничната постапка, дека обжаленото решение било јасно, разбирливо, со образложени причини за решителните факти при одлучувањето и истото можело во целост и со сигурност да се испита и изврши.

Повисокиот суд во оцена на жалбените наводи дека тужителот преку својот полномошник, кон полномошното со сигурност приложил доказ за сопствена идентификација, а доколку не било така, Судот за почеток воопшто не би пристапил кон одлучување по предлогот за ослободување од трошоците на постапката и прифаќање на истиот, односно веднаш би пристапил кон примена на членот 101 став 1 од Законот за парнична постапка, нашол дека истите не биле основани, од причини што првостепениот суд постапувајќи по тужбата и внимавајќи на нејзината уредност во смисла на одредбите од членот 98 од Законот за парничната постапка, со право констатирал дека тужбата поднесена од страна на тужителот била неуредна, односно истата не содржела доказ за лична идентификација на тужителот.

Незадоволен од одлуките на судовите, барателот преку полномошникот Марија Аргировска, адвокат од Скопје, до Уставниот суд, доставува поднесок назначен како “Иницијатива за оценување на уставност и законитост од член 110 став 1 точка 3 од Уставот на Република Македонија на поединечен правен акт”, меѓутоа од содржината на истиот произлегува дека тоа се однесува на барање за заштита на слободи и права од членот 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, бидејќи смета дека во конкретниот случај несомнено постоела дискриминација по основ на социјална припадност, особено ако се земело предвид дека првотужен со поднесената тужба бил извршител.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но, не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Вo барањето се наведува дека причина за бараната заштита на слободи и права е дискриминација по основ на социјална припадност.

Барателот како акти со кои смета дека е дискриминиран по наведениот основ, посочува одлука на Основниот суд Скопје II Скопје со која тужбата која барателот ја поднел пред означениот суд, била отфрлена како неуредна, како и одлука на Апелациониот суд Скопје, со која првостепената одлука била потврдена.

Барањето за заштита на слободи и права, подносителот го заснова на околности по однос на професионалниот статус на првотужениот со тужбата кој бил извршител по професија, односно смета дека во конкретниот случај, таквото одлучување на надлежните органи се должело на дискриминаторски однос на судовите спрема барателот, поради околноста што првотужениот со тужбата бил извршител по професија.

Според Судот, аргументот за професионалниот статус на првотужениот опфатен со тужбата, не е доволен аргумент за докажување на дискриминација по основ на социјална припадност, односно социјално потекло.

Наведеното од причини што припадноста на одреден статус или социјална група на граѓаните, сама по себе не значи дискриминација по автоматизам, туку дали припадноста на граѓаните по кој и да било основ, во конкретниот случај социјалната припадност на тужителот и првотужениот, бил единствен решавачки факт од кој судовите се раководеле при постапувањето и одлучувањето за одредено право на странките пред судовите. Конкретно, дали во случајот таа околност влијаела за фаворизирање на првотужениот наспрема тужителот, што довело до намалување на можностите на тужителот наспрема првотужениот во остварувањето на одредено право, односно правото на фер и правично постапување пред надлежните судови, заради нивната различна социјална припадност.

Тргнувајќи од податоците кои треба да бидат содржани во барањето за заштита на слободи и права во смисла на членот 52 од Деловникот на Уставниот суд, според Судот, барањето отсуствува со релевантни факти и докази со предзнак на елементи на дискриминација, како појдовна основа од каде би можел овој суд да се впушти во одлучување по барање за заштита од дискриминација, од кои би можело да се утврди дека тој пред надлежните судови бил нееднакво третиран во однос на првотужениот, единствено и исклучиво заради различниот статус по основ на социјална припадност, па тоа резултирало со негативен исход од поднесената тужба, односно со отфрлање на тужбата.

Всушност, од содржината на барањето, произлегува дека тој не е задоволен од тоа како надлежните судови ја ценеле уредноста на тужбата која ја поднел преку својот полномошник, односно не е задоволен што тој не успеал да се постапува по неговото тужбено барање, па на тоа го темели своето тврдење за сторена дискриминација.

Од прибавените и доставени судски документи, произлегува дека актите од кои барателот смета дека е дискриминиран по основ на социјална припадност, се епилог на судско постапување во фаза на испитување на уредност на тужба, поднесена преку адвокат, која резултирала со отфрлање на тужбата поднесена од полномошник-адвокат, поради не приложување на доказ за лична идентификација на тужителот.

Во отсуство на потребните факти и докази кои се суштествени кај случаите на дискриминација, барањето во суштина се сведува на барање преку утврдување на повреда на слободи и права по основ на забрана од дискриминација, да се предизвика поинаков судски исход кој би бил во интерес на барателот, што излегува надвор од уставно утврдените рамки на надлежности на Уставниот суд во улога на повисок инстанционен суд да одлучува за законитоста на конкретни акти на надлежни органи.

Имајќи го предвид претходно наведеното, со оглед дека од барањето не произлегуваат релевантни факти и докази дека мотивите од кои се раководеле судовите при постапувањето во конкретниот случај биле исклучиво како резултат на дискриминаторскиот однос спрема барателот по наведениот основ со барањето, а не како резултат на постапување согласно со закон, конкретно докази дека судовите при оцената на уредноста на тужбата, се раководеле исклучиво од статусот на кој припаѓал подносителот на барањето како тужител наспрема статусот на првотужениот по професија извршител, Судот оцени дека во случајов не постојат процесни претпоставки за овој суд да се впушти во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободи и права.

5. Имајќи го предвид претходно наведеното, со оглед дека во конкретниот случај не се исполнети предвидените услови од членот 52 од Деловникот на Уставниот суд, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за постапување по барањето, при што согласно членот 28 став 3 од Деловникот, Судот оцени дека се настапени условите за отфрлање на барањето за заштита на слободи и права кои се однесуваат на забрана од дискриминација по основите наведени во барањето.

6. Поради горе изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од решението.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.105/2013
12 февруари 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева