81/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеja 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 5 февруари 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 139 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009, 115/2010, 17/2011, 51/2011, 123/2012, 15/2013 и 24/2013).

2. Орданчо Пецов од Неготино до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 139 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата предлага одредбата да се поништи, бидејќи била во директна спротивност со член 8 став 1 алинеја 1, 3, 8 и 11, член 9, член 23, член 24, член 25, член 32, член 44, член 46 и член 47 од Уставот. Имено, во практиката на високообразовните установи оспорената одредба претставувала генератор „за перење на пари“. Оваа одредба била злоупотребувана од раководителите со склучување на т.н. „договори за интелектуални услуги“, а надворешни лица доаѓале во високо-образовните установи и „ги делеле парите“ со раководителите. Во практиката редовно се случувало внатрешниот кадар да остане неангажиран за сметка на интензивното ангажирање на надворешните лица, кои буквално му го земале од уста лебот на внатрешниот кадар, што цел живот се усовршувал за соодветна наставно-научна област. Ова било недозволено.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 139 од Законот носи наслов: „Право на вршење дејност во друга високообразовна установа.“

Според ставот 1 од членот 139 од Законот, лице од една единица на универзитет може да врши високообразовна, односно уметничка дејност во друга единица на универзитет во звањето во кое е избрано на иста или сродна наставно-научна, односно уметничка област.

Според ставот 2 од членот 139 од Законот, лице од еден универзитет може да врши високообразовна, односно уметничка дејност во друга единица на друг универзитет, односно самостојна висока стручна школа во звањето во кое е избрано на иста или сродна наставно-научна, односно уметничка област, врз основа на согласност на универзитетот.

Во ставот 3 од членот 139 од Законот е предвидено дека, лицето од ставовите 1 и 2 на овој член може да врши високообразовна дејност не повеќе од 100% од обемот утврден со уредбата за нормативите и стандардите.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Судот, поаѓајќи од содржината на наводите во иницијативата, оцени дека одредбата се оспорува поради тоа што подносителот на иницијативата смета дека истата се злоупот-ребувала и погрешно применувала на штета на постојниот високо-образовен кадар. Исто така, во иницијативата отсуствуваат причини за неуставност на оспорената одредба и само нумерички се означуваат уставните одредби за кои подносителот на иницијативата смета дека биле повредени.

Согласно членот 110 алинеја 1 од Уставот, Судот не е надлежен да ја цени примената на Законот, или пак неговата можна злоупотреба, па во отсуство на уставно-правни аргументи за оспорување на уставноста на законската одредба, Судот оцени дека се исполнети деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.81/2013
5 февруари 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева