Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеа 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 февруари 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 25 ставовите 2 и 3 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета („Службен весник на Република Македонија“ бр.143/2012).
2.СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 25 став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета („Службен весник на Република Македонија“ бр.143/2012).
3.Бранислав Митревски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување уставноста на член 25 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорениот член 25 од Законот се повредувале темелните вредности на уставниот поредок утврден во член 8 стаав 1 алинеја 3 и член 9, член 30 и член 31 од Уставот на Република Македонија.
Ова од причина што по влегување во сила на Законот, основните судови донесуваат решенија за запирање на постапките кои се водат по тужбеи за надомест на штета за кривично дело навреда врз основа на правосилна пресуда од Кривичниот суд. Во исто време тужителот се упатува во рок од месец дена да поведе постапка за утврдување на одговорност и надоместување на штетата според овој закон во граѓанска судска постапка. При тоа одговорноста на тужениот повторно се утврдува во граѓанска постапка, а решението донесено во кривичната постапка не може да се примени иако станало правосилно.
4. Судот на седницата утврди дека во членот 25 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета поместен во преодните и завршни одредби е предвидено дека:
(1). Со денот на влегувањето во сила на овој закон се запираат од извршување правосилно изречените казни или надоместоци на штетата за сторени кривични дела од Главата осумнаесетта „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011 и 185/2011) и според одредбите на друг закон.
(2). Кривичните или граѓанските постапки за сторени кривични дела од Главата осумнаесетта „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик кои се започнати пред влегувањето во сила на овој закон и не се правосилно завршени се запираат, а тужителот во рок од еден месец од приемот на решението за запирање на постапката може да поведе постапка за утврдувањена одговорност за навреда иликлевета и надоместување на штета според одредбите од овој закон
(3). За навреда или клевета сторена пред влегувањето во сила на овој закон, постапката против извршителот на делото може да се поведе со поднесување на тужба за утврдување на одговорноста и надоместување на штетата од оштетениот во рок од три месеци од денот кога дознал или требало да дознае за навредливата или клеветничката изјава и за идентитетот на лицето кое ја предизвикало штетата, но не подоцна од една година од денот на сторувањето на навредата или клеветата. Ако извршител на делото е новинар износот на нематеријалната штета не може да биде повисока од 2.000 евра од денарска противвредност.
5. Спoред членот 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот на Република Македонија основните слободи и прва на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 од овој член од Уставот, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата. Според став 3 од истиот член, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според ставот 4 од овој член на Уставот, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест, кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со донесување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (”Службен весник на Република Македонија” број 142/2012), напуштено е решението според кое навредата и клеветата беа определени како кривични дела и воведен е нов концепт на граѓанска одговорност за навреда и клевета (декриминализација) уредена со посебен закон (Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета ( „Службен весник на Република Македонија“ бр. 143/2012).
Во оваа смисла, со член 1 од наведениот Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, се пропишува дека во Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/11, 135/2011 и 185/2011), насловот на членот 172 „Клевета“ и членот 172, насловот на членот 173 „Навреда“ и членот 173, насловот на членот 174 „Изнесување лични и семејни прилики“ и членот 174, насловот на членот 175 „Омаловажување со префрлање за кривично дело“ и членот 175, насловот на членот 176 „Неказнување за кривичните дела од членовите 172 до 175“ и членот 176, насловот на членот 177 „Изрекување судска опомена или ослободување од казна за кривичните дела од членовите 172 до 175“ и членот 177, насловот на членот 180 „Повреда на угледот на судот“ и членот 180, насловот на членот 183 „Гонење за кривични дела против угледот на странска држава и меѓународна организација“ и членот 183, насловот на членот 184 „Гонење за кривичните дела против честа и угледот“ и членот 184 и насловот на членот 185 „Објавување на судска пресуда“ и членот 185 се бришат.
Во член 7 од наведениот Закон се пропишани преодни одредби со кои се уредува правниот режим настанат со донесувањето на наведените законски измени.
(1).Со денот на влегувањето во сила на овој закон се запираат од извршување правосилно изречените казни или надоместоци на штетата за сторени кривични дела од Главата осумнаесетта „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/11, 135/2011 и 185/2011).
(2).Кривичните или граѓанските постапки за сторени кривични дела од Главата осумнаесетта „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик кои се започнати пред влегувањето во сила на овој закон и не се правосилно завршени се запираат, а тужителот во рок од еден месец од приемот на решението за запирање на постапката може да поведе постапка за утврдување на одговорност за навреда или клевета и надоместување на штета согласно со закон.
(3). За навреда или клевета сторена пред влегувањето во сила на овој закон, постапката против извршителот на делото може да се поведе со поднесување на тужба за утврдување на одговорноста и надоместување на штетата од оштетениот во рок од три месеци од денот кога дознал или требало да дознае за навредливата или клеветничката изјава и за идентитетот на лицето кое ја предизвикало штетата, но не подоцна од една година од денот на сторувањето на навредата или клеветата, согласно со закон.
По донесување на измените на Кривичниот законик,односно со декриминализација на навредата и клаветата донесен е Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.
Од содржината на членот 7 од Кривичниот законик и членот 25 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета кој е оспорен со преметната иницијатива произлегува дека тие се со идентична содржина со единствен исклучок на последната реченица на членот 25 од Законот, а кој се однесува на горната граница на висината на паричната казна за нематеријална штета во случај кога навредата или клеветата е сторена од новинар.
Така, со ставот 1 на член 25 се уредува правниот режим во однос на запирањето на извршувањето на правосилно изречени казни или надоместоци на штетата за сторени кривични дела од Главата осумнаесетта „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик, до денот на влегувањето во сила на законските измени, кои не се извршени, во која смисла се пропишува дека нивното извршување се запира.
Со ставот 2 на истиот член, се уредува материјата за започнатите, а се уште правосилно незавршени постапки. Имено, се пропишува дека кривичните или граѓанските постапки за сторени кривични дела од Главата осумнаесетта „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик кои се започнати пред влегувањето во сила на овој закон и не се правосилно завршени се запираат, а тужителот во рок од еден месец од приемот на решението за запирање на постапката може да поведе постапка за утврдување на одговорност за навреда или клевета и надоместување на штета согласно со закон.
Според ставот 3 на истиот член, за навреда или клевета сторена пред влегувањето во сила на овој закон, постапката против извршителот на делото може да се поведе со поднесување на тужба за утврдување на одговорноста и надоместување на штетата од оштетениот во рок од три месеци од денот кога дознал или требало да дознае за навредливата или клеветничката изјава и за идентитетот на лицето кое ја предизвикало штетата, но не подоцна од една година од денот на сторувањето на навредата или клеветата, согласно со закон.
Од анализата на наведение одредби кои се оспоруваат, произлегува дека истите се во корелација со новиот концепт за граѓанска одговорност за навреда и клевета преку нивна декриминализација, во кој е изразен интересот на општеството, според кој претходното законско решение за казнено-правна заштита од навредата и клеветата не е повеќе во функција и дека одговорноста за навреда и клевета треба да се бара во граѓанска а не во кривична постапка.
Во таа смисла, со оспорените одредби се уредува преодниот режим кој ги опфаќа постапките започнати пред влегувањето во сила на наведените законски измени, на начин што пропишува дека се запираат од извршување правосилно изречените казни или надоместоци на штета за сторени кривични дела од Главата осумнаесетта „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик изречени до денот на влегување во сила на овој закон, а постапката за таквите кривични дела кои се започнати пред влегувањето во сила на овие законски измени, но кои не се правосилно завршени се запираат, при што се пропишува можност за тужителите во одреден рок, да поведат постапка за утврдување на одговорност за навреда или клевета и надоместување на штета согласно со закон. Додека ,пак, за навреда или клевета сторена пред влегување во сила на законот постапка против извршителот со тужба за утврдување на одговорност и надоместување на штета може да се поднесе во определен субјективен и објективен рок од денот на сторувањето на навредата или клеветата.
Оттука, Судот оцени дека со оспорените одредби со кои се пропишува преодниот режим во случајот на декриминализацијата на навредата и клеветата, не се доведува во прашање начелото на еднаквост, како што се наведува во иницијативата, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.
6 .Во врска со наводите од иницијативата со која се оспорува член 25 став 1 од Законот,Судот оцени дека согласно член 28 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд иницијативата треба да се отфрли. Ова од причина што Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.30/2013 од 10 јули 2013 не повел постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, а притоа наводите од предметнава иницијатива не даваат доволно основи за поинакво одлучување.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8..Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски,Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
Решението од точката 2 Судот го донесе со мнозинство гласови.
У.бр.85/2013
5 февруари 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева