Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 и член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија бр. 70/1992“ ), на седницата одржана на 29 јануари 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Буџетот на Република Македонија за 2013 година („Службен весник на РМ“ бр.167/2012).
2. Дамјан Георгиевски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата Буџетот на Република Македонија за 2013 година бил во спротивност со Уставот и Деловникот на Собранието на Република Македонија. Имено, од Записникот од Комисијата за финансирање и буџет објавен на веб страницата на Собранието на Република Македонија можело да се констатира дека записникот не бил потпишан од претседателот и секретарот на работното тело, со што биле повредени членовите 79 и 131 од Деловникот на Собранието на Република Македонија – пречистен текст.
Со непочитување на процедурата пропишана во Деловникот, подносителот на иницијативата, смета дека се повредувале и членовите 61 и 67 од Уставот на Република Македонија, кои ја дефинираат организацијата и функционирањето на Собранието на Република Македонија.
Од наведените причини се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот Буџет, како и да донесе времена мерка во смисла на член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот акт содржи вкупно 20 члена, во кој член 1 од истиот се наведува дека Буџетот на Република Македонија за 2013 година се состои од:
Во илјади денари
I Вкупни приходи, 147.957.000
– изворни приходи 139.390.000
– капитални приходи 4.432.000
– донации 4.135.000
II Вкупни расходи, 165.652.000
– утврдени намени 165.532.000
– резерви 120.000
III Дефицит 17.695.000
Приливи 33.464.000
Одливи 15.769.000
Последниот член 20 го утврдува темпоралниот карактер на оспорениот акт,односно околноста дека истиот ќе се извршува од 1 јануари до 31 декември 2013 година и истиот ке се применува од 1 јануари 2013 година.
4. Според член 61 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката. Организацијата и функционирањето на Собранието се уредува со Уставот и со Деловникот.
Надлежноста на Собранието на Република Македонија децидно е определен во член 68 од Уставот, во кој, меѓудругото, во став 1 алинеја 4 од истиот, се определува дека Собранието на Република Македонија донесува републички буџет и завршна сметка.
Со член 108 од Уставот на Република Македонија се дефинира дека Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.
Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Деловникот на Собранието на Република Македонија ги уредува организацијата и функционирањето на Собранието на Република Македонија и на работните тела на Собранието. Работните тела, во согласност со одредбите на овој деловник, можат да донесуваат деловник за својата работа.
Начинот на одржување на седницата на Собранието на Република Македонија е регулиран во Глава V од Деловникот, со наслов: „Седница на Собранието“, во кој во член 79,кој е содржан во точка 4 со поднаслов: „Тек на седницата“, поместен е членот 79 од Деловникот, во кој е предвидено дека Собранието не може да расправа по прашања за кои матичното работно тело и законодавно-правната комисија не зазеле став, ако со овој деловник поинаку не е уредено.
Членот 131 од Деловникот на Собранието на Република Македонија е поместен во Глава VIII со наслов: „Работни тела на Собранието“ и според кој за седниците на работното тело се води записник. Во записникот се внесуваат имињата на присутните и отсутните членови на работното тело и имињата на други учесници на седницата, усните и писмените предлози, ставовите на работното тело, резултатите на секое гласање, секое издвоено мислење, како и известителите кои ги определило работното тело. Записникот усвоен од седницата на работното тело го потпишуваат претседателот и секретарот на работното тело.
Постапката за донесување на законите и другите акти е регулирана и децидно утврдена во Глава IX од Деловникот на Собранието на Република Македонија, со наслов: „Донесување на закони и други акти“ (член 132 – 192).
Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдени во член 110 од Уставот, според која Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, а по анализа на напред наведените уставни и деловнички одредби, Судот оцени дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за тоа дали оспорениот Буџет на Република Македонија бил донесен во постапка спротивна на одредбите на Деловникот на Собранието на Република Македонија. Имено, според Судот, за оценка на уставноста и законитоста на Буџетот, од аспект на постапката за негово донесување, според Судот од значење е дали истиот е донесен од страна на надлежен орган утврден со Устав. Во оваа смисла, фактот што предлог-буџетот, доставен од Комисијата за финансирање и буџет, бил ставен на дневен ред на Собранието на Република Македонија, по кој била одржана расправа, по кое е усвоен Буџетот на Република Македонија за 2013 година и Законот за извршување на тој Буџет, значи дека оспорениот буџет бил предложен и донесен од надлежен орган.
Уставната норма на член 110 од Уставот, децидно упатува на констатација дека истата не ги опфаќа примената на законите и другите прописи и активностите и дејствијата на субјектите во правото за начинот на извршувањето и примената на законите и другите прописи. Со иницијативата, всушност, се оспорува уставноста и законитоста на Буџетот на Република Македонија, но не и Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2013 година. Оттука, јасно произлегува дека Уставниот суд е надлежен само да цени дали истиот е донесен од страна на надлежен орган утврдени во Устав, што во текот на претходната постапка, како и од одговорот доставен од Министерството за финансии јасно произлегува дека во утврдените законски рокови го подготвил Предлог Буџетот на Република Македонија за 2013 година и истиот го доставил на усвојување до Владата на Република Македонија. Владата на Република Македонија пред истекот на законски утврдениот рок, на 94-та седница одржана на 2.11.2012 година, го усвоила Предлог Буџетот на Република Македонија и заклучила истиот да се достави до Собранието на Република Македонија за разгледување и донесување .
Дополнетиот Предлог Буџет на Република Македонија за 2013 година со прифатените амандмани од Владата на Република Македонија бил усвоен на седница на Владата на Република Македонија одржана на 23.12.2012 година и доставен до Собранието на Република Македонија на 24.12.2012 година. Буџетот на Република Македонија за 2013 година бил донесен на седница на Собранието на Република Македонија која се одржа на 24.12.2012 година.
Меѓудругото, во конкретниов случај според Судот исполнети се и условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот, односно постојат процесни пречки за постапување по иницијативата.Прашањето за уставната основаност на оспорениот акт неможе да отвори уставно-судска анализа и од аспект на темпоралниот карактер на истиот. Оспорениот буџет се однесува на периодот за 2013 година, што значи дека со истекот на наведената календарска година се исцрпува содржината и дејството на оспорениот акт, и со тоа истиот е надвор од правниот поредок, кои елементи чинат состојба на постоење на процесни пречки за постапување по иницијативата.
Според Судот, во конкретнава правна ситуација се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата поради уставна ненадлежност и поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.20/2013
29 јануари 2014 година
СКОПЈЕ
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева