80/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 22 јануари 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 6 став 1, член 9 ставови 5 и 6, член 11, член 12, член 19 став 3 точка 4, член 20 став 3, член 21 став 3 во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 9 став 4 и член 53 став 2 од актот означен во точката 1 на ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилата за снабдување со топлинска енергија наведени во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, членот 6 став 1 од Правилата бил спротивен на повеќе одредби од Законот за облигационите односи (член 4, 7, 12, 16, 20 и 103), бидејќи со него се нарушувала рамноправноста на учесниците во облигационите односи и се наметнувало склучување на договорот, со што се користела монополската положба од страна на снабдувачот. Волјата на потрошувачот при склучувањето на договорот не била слободна и сериозна, туку наметната со присилба, поради што така склучените договори биле рушливи согласно член 103 од Законот за облигационите односи.

Во иницијативата се наведува дека членот 9 ставови 4, 5 и 6 од Правилата (кои предвидуваат задолжување со надоместок за топлинска енергија за неуредно пријавените потрошувачи како и за оние што нема да се одјават) биле спротивни на член 28 од Законот за енергетика и дека оваа материја може да се уредува само со закон, а не со подзаконски акт. Споровите во врска со ова прашање, за кои веќе се воделе судски постапки, можеле да бидат пресудени само врз основа на одредби од закони, а не и подзаконски акти. Од овие причини наведените одредби биле спротивни на член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9 и член 51 од Уставот и со член 28 од Законот за енергетика.

Оспорените одредби од член 11 и 12 од Правилата во кои биле пропишани должности и обврски за потрошувачот биле спротивни на Уставот и на законот, бидејќи обврски можеле да се пропишуваат само со закон, а не со подзаконски акт.

Во врска со член 19 став 3 точка 4 (во кој е регулиран начинот на доставување на сметките-фактурите) во иницијативата се укажува дека станува збор за нејасна и неиздржана норма која создавала правна несигурност, од причина што лицето на кое се однесува сметката немало сознанија дека е извршено доставување на фактурата, а од нејзиното доставување течеле рокови чие што пропуштање доведувало до губење на правата. Подносителот смета дека оваа одредба е спротивна на Законот за општата управна постапка во кој е уреден начинот на доставување на писмената и дека тоа не можело да се уредува на поинаков начин со Правилата. Оспорената одредба, според тоа, била спротивна на член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51 и 96 од Уставот и член 78 став 1 и 2 од Законот за општата управна постапка.

Од истите причини подносителот смета дека и одредбата од член 20 став 3 е спротивна на Уставот, бидејќи фактурата била финансиски документ кој морал лично да се доставува со уредна доставница и не можел потрошувачот да биде задолжуван да ја бара фактурата од снабдувачот-доверителот.

Подносителот смета дека одредбата од член 21 став 3 од Правилата била дискутабилна од уставно-правен аспект од повеќе причини. Со ваквата норма било дозволена да се манипулира со потрошувачите, се дозволувало прекумерно да се пресметува и наплатува, а било несигурно дали повеќе исплатеното ќе му биде вратено на потрошувачот. Со оспорената норма, снабдувачот се појавувал и како суд и како егзекутор кој сам утврдува и сам пресудува, што било невидено во социјална и правна држава. Отстапување од одложното дејство на приговор можело да биде утврдено само со закон и тоа, согласно член 211 од Законот за општата управна постапка, можело да се однесува само за управен акт – решение, а не и за приговор против фактура, поради што наведените одредби биле спротивни и на одредбите од Законот за општата управна постапка.

Задолжувањето со плаќање на исклучените потрошувачи (член 53 став 2 и член 55 став 3 од Правилата) било противуставно, бидејќи Правилата по ранг биле ставени над законите што било спротивно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Тоа било спротивно и на член 8 став 1 од Законот за облигационите односи кој го утврдува принципот на еднаква вредност на заемните давања. Оспорените одредби биле спротивни и на забраната на повратното дејство на законите, член 51 и член 52 ставови 1 и 4 од Уставот, Законот за енергетика и член 8 став 1 и член 199 од Законот за облигационите односи.

Во иницијативата се предлага Судот при одлучувањето, да ги има предвид следниве одлуки на Уставниот суд: У.бр.152/2008, У.бр.119/2006, У.бр.159/2011 и У.бр.104/2012.

Подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за сите оспорени членови од Правилата и истите да ги укине или поништи.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 6 став 1 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2012), снабдувачот и потрошувачот се должни да склучат договор за снабдување со топлинска енергија во согласност со овие Правила.

Во членот 9 ставови 4, 5 и 6 е утврдено дека потрошувачите кои не се пријавиле уредно и благовремено од било која причина кај снабдувачот, а се затекнати дека користат топлинска енергија во грејна сезона, ќе бидат задолжени со надоместок за топлинска енергија за период од една година, а најмалку за период од почетокот на тековната година. Потрошувачите кои не се одјавиле кај снабдувачот ќе бидат задолжувани се додека истото не го сторат. Задолжението со надоместок за топлинска енергија од став 4 и став 5 на овој член се врши по цена која важела во периодот на настанот.

Согласно членот 11 од Правилата, потрошувачот е должен:
1. да ги почитува обврските превземено со Договорот за снабдување со топлинска енергија:
2. со користењето на своите енергетски објекти, уреди или инсталации да не го загрозува животот и здравјето на луѓето;
3. без согласност на снабдувачот да не изврши приклучување на својот објект, уред или инсталација на топлификациониот систем, односно преку своите објекти, уреди или инсталации да не овозможи приклучување на друг потрошувач;
4. да овозможи правилно евидентирање на потрошената топлинска енергија и да не ја користи енергијата без мерни уреди, надвор од мерните руеди или со мерни уреди кои не се договорни и
5. да се придржува кон пропишаните мерки за функционирање на енергетскиот систем во воена и вонредна состојба.

Во членот 12 од Правилата е утврдено дека, потрошувачот покрај должностите утврдени во претходниот член на овие услови, е должен и:
1. да не ја попречува испораката на топлинска енергија на други потрошувачи;
2. по опомена на снабдувачот во определениот рок да ја намали моќноста, односно количеството на потрошувачка на енергија на договорената вредност;
3. во случај на недостиг на енергија да се придржува кон пропишаните мерки за намалување на потрошувачката;
4. да ја плати испорачаната енергија, согласно со овие услови, договорот за снабдување со топлинска енергија и законот;
5. на овластените лица на снабдувачот да им дозволи и овозможи пристап до сите делови на приклучокот, до заштитните и мерните уреди и до енергетските објекти, уреди и инсталации за кои постои сомневање дека се причина за појавените пречки во испораката;
6. да не врши измена на грејнатаа инсталација на објектот без соодветно техничко решение, верификувано од овластено лице;
7. да ја одржува техничката и функционална исправност на грејната инсталација на објектот и грејната инсталација на потрошувачот;
8. да му овозможи слободен пристап на снабдувачот до грејната инсталација на потрошувачот.

Во ставот 2 на овој член е пропишано дека ако потрошувачот на топлинската енергија не се придржува кон должностите утвредни со став 1 од овој член, снабдувачот на топлинска енергија може по претходно предупредување, да го исклучи од понатамошно користење на топлинска енергија.

Членот 19 став 3 предвидува дека сметките – фактурите се доставуваат до потрошувачите на еден од вообичаените начини на достава и тоа:
1. преку пошта;
2. по електронска пошта по претходна согласност со потрошувачот;
3. со предавање на потрошувачот, член на семејството, вработено лице;
4. со оставење во поштенско сандаче, на влезната врата на станот, деловниот простор или друго место определено за прием на поштенски пратки (оспорен став).

Во оспорениот член 20 став 3 од Правилата е утврдено дека доколку потрошувачот од било која причина најкасно до 15-ти во месецот, не добие сметка – фактура за претходниот месец, должен е истата да ја побара од снабдувачот, во спротивно ќе се смета дека фактурата му била навремено доставена.

Членот 21 во оспорените ставови 3 и 4 предвидува дека приговорот не го одлага плаќањето на фактурата. Доколку се заклучи дека приговорот е основан ќе се постапи согласно став 4 од овој член.

Ако се утврди дека испорачаната топлинска енергија не е точно измерена, односно пресметана, снабдувачот е должен да му го вкалкулира на потрошувачот прекумерно пресметаниот и платениот износ во наредниот пресметковен период, освен ако снабдувачот нема побарувања од потрошувачот по било кој друг основ. (став 4)

Според член 53 став 2, исклучените потрошувачи од став 1 на овој член се задолжуваат со плаќање на надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија.

Според член 55 став 2, потрошувачите во колективните стамбени објекти кои се исклучени од системот за дистрибуција на топлинска енергија на барање на снабдувачот, како корисник на просторот кој се затоплува должни се да продолжат да плаќаат според член 53 став 2 од овие правила.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ број 16/2011 и 136/2011), со овој закон се уредуваат:
1) целите на енергетската политика и начинот на нејзината реализација;
2) енергетските дејности и начинот на регулирањето на енергетските дејности;
3) изградбата на енергетските објекти;
4) статусот и надлежноста на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија;
5) пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт и пазарот на топлинска енергија;
6) условите за остварување на енергетска ефикасност и промоција на користењето на обновливите извори на енергија и
7) други прашања од значење за енергетиката.

Регулирањето на прашањата поврзани со вршењето на енергетските дејности определени со овој закон, според член 15 став 1 од Законот, ги врши Регулаторната комисија за енергетика. Според став 2 на истиот член, Регулаторната комисија за енергетика е независна во своето работење и одлучување во рамките на надлежностите утврдени со овој закон.

Според член 28 од овој закон, Регулаторната комисија за енергетика за секој вид енергија и природен гас донесува одделни правила за снабдување со електрична енергија, топлинска енергија и природен гас (став 1). Согласно став 2 на овој член, со правилата од ставот 1 на овој член поблиску се уредуваат општите услови и начинот на снабдување, како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот, потрошувачот на соодветен вид енергија или природен гас и операторот на соодветниот систем, а особено:
1) условите, начинот и рокот на склучување на договорот за продажба на соодветниот вид енергија или природен гас;
2) начинот на пресметка, фактурирање и наплата на испорачаната енергија или природен гас и услугите за користење на преносните, односно дистрибутивните мрежи;
3) условите и начинот на обештетување на потрошувачот во случај на намалена испорака или прекин;
4) потрошувачите на кои не може да им се прекине испораката и начинот на обезбедување на гаранции за намирување на трошоците за потрошената енергија или природен гас од страна на овие корисници;
5) начинот и постапката за промена на снабдувачот по избор на потрошувачот и право на корисникот без надоместок да го промени снабдувачот;
6) квалитетот на испорачаната енергија или природен гас пропишан во соодветните мрежни правила;
7) квалитетот на услугите што ги обезбедува снабдувачот;
8) минималните услови и начин за организациона поставеност и техничка опременост за обезбедување на комуникација со потрошувачите заради обезбедување на пропишаниот квалитет на услугите што ги обезбедува снабдувачот;
9) начинот и постапките за комуникација и размена на информации меѓу снабдувачот и операторите на соодветните системи заради обезбедување на пропишаниот квалитет на енергијата или природниот гас и услугите што ги обезбедуваат операторите;
10) условите и постапката за исклучување на потрошувачите од преносните, односно дистрибутивните системи во случај кога потрошувачите не ги исполнуваат обврските уврдени со закон, пропис и договор;
11) начинот, формата и роковите за поднесување на извештаите кои снабдувачот е должен да ги достави до Регулаторната комисија за енергетика;
12) неопходните информации што снабдувачите се должни да им ги обезбедат на потрошувачите преку соодветните сметки, како и информациите што треба да бидат јавно достапни, а се од интерес за сите потрошувачи и
13) заштитата на потрошувачите.

Тргнувајќи од напред изнесеното, Судот утврди дека право е на законодавецот да основа независни стручни тела и да им пренесува јавни овластувања, во случајов, да основа Регулаторна комисија за енергетика, на која и се пренесени овластувања во сферата на регулирањето на одделни прашања во вршењето на енергетските дејности определени со Законот за енергетика.

Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, врз основа на член 28 од Законот за енергетика, ги донела оспорените Правила за снабдување со топлинска енергија, со кои се уредуваат општите услови и начинот на снабдување со топлинска енергија како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот, потрошувачот на топлинска енергија и операторот на дистрибутивниот систем.

Со оглед дека во Законот за енергетика постои основ за донесување на Правилата кои се оспоруваат, произлегува дека истите се во функција на доразработка и операционализација на одредбите од Законот за енергетика од страна на Регулаторната комисија за енергетика.

Според член 118 став 1 од Законот за енергетика, снабдувачот со топлинска енергија на потрошувачите со кои има склучено договор е должен да обезбеди сигурно, континуирано и квалитетно снабдување со топлинска енергија во согласност со Правилата за снабдување со топлинска енергија, договорите за снабдување склучени со потрошувачите и издадената лиценца.

Според член 120 став 1 од Законот, потрошувачите на топлинска енергија приклучени на системот за дистрибуција во подрачјето на кое е воспоставен систем за топлинска енергија имаат право на слободен избор од кој снабдувач ќе бидат снабдувани. Според став 2 на истиот член, снабдувачот со топлинска енергија, врз основа на отчитувањата на мерните уреди и отчитувањата на уредите за локално распределување од членот 119 став 4 на овој закон, врши фактурирање и наплата на испорачаната топлинска енергија на потрошувачите по цена која се состои од просечната цена на топлинската енергија од членот 116 ставот 7 на овој закон за пресметковниот период определен во согласност со правилникот од членот 113 став 5 на овој закон, тарифата за користење на дистрибутивниот систем и надоместокот за снабдување со топлинска енергија.

Од наведените одредби од Законот за енергетика произлегува дека законодавецот пропишал дека снабдувањето со топлинска енергија се остварува врз основа на склучен договор помеѓу снабдувачот со топлинска енергија и потрошувачот и дека оваа обврска за склучување на договор не произлегува од Правилата за снабдување со топлинска енергија, туку произлегува од Законот.

Законодавецот, исто така, пропишал право на слободен избор на потрошувачот од кој снабдувач ќе бидат снабдувани со топлинска енергија, врз база на склучен договор, што значи и право на потрошувачот да одбие да склучи договор, односно право да се исклучи од дистрибутивниот систем за снабдување со топлинска енергија. Оттука Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека членот 6 став 1 од Правилата бил спротивен на повеќе одредби од Законот за облигационите односи (член 4, 7, 12, 16, 20 и 103 од ЗОО) бидејќи со неа се нарушувала рамноправноста на учесниците во облигационите односи и се наметнувало склучување на договорот. Од наведените одредби од Законот, произлегува дека дали потрошувачот ќе склучи договор со снабдувачот или пак ќе се исклучи од дистрибутивниот систем, зависи крајно од волјата на потрошувачот. Фактот што законот бара задолжително склучување на договор за снабдување на топлинската енергија помеѓу снабдувачот и потрошувачот логично произлегува од таму што се работи за користење на услуга со која непосредно се задоволува потребата на граѓаните за затоплување на домовите која што услуга се остварува континуирано и врз основа на надоместок, што значи се работи за облигационен, односно должничко-доверителски однос кој се остварува врз основа на договор. Инаку, и самиот Закон за облигационите односи во членот 19 предвидува можност за задолжително склучување и задолжителна содржина на договор. Имено, според член 19 став 1 од Законот, ако некој според законот е обврзан да склучи договор, заинтересираното лице може да бара таквиот договор да се склучи без одлагање.

Поради наведените причини, Судот утврди дека не постојат основи за сомневање во уставноста и законитоста на одредбата од членот 6 став 1 од Правилата.

Во врска со оспорените одредби од членот 9 ставови 4, 5 и 6, Уставниот суд со Решение У.бр.125/2012 од 22 мај 2013 година, не повел постапка за оценување на уставноста на членот 9 ставови 2 и 4. Судот во наведеното Решение укажал дека: „неспорно е дека законодавецот утврдил снабдувањето со топлинска енергија да се остварува врз основа на склучен договор помеѓу снабдувачот со топлинска енергија и потрошувачот, што е и разработено со Правилата. Но, со оспорените одредби на член 9 од Правилата, се уредува случајот кога станува збор за злоупотреби на ваквиот начин на снабдување со топлинска енергија од одредени потрошувачи, кои без да склучат договор, неовластено ќе се приклучат на системот за дистрибуција на топлинска енергија и ќе користат топлинска енергија, користејќи ги техничките можности за тоа (што е најчесто случај во објектите за колективно домување во кои е изградена грејна инсталација поврзана со системот за дистрибуција на топлинска енергија и во кои објекти може да постојат потрошувачи кои формално се исклучиле од системот, но кои фактички ја користат топлинската енергија). Во таков случај, основано произлегува дека и овие потрошувачи, исто како и потрошувачите кои склучиле договор, треба да плаќаат за топлотната енергија која ја користат. Со оглед дека станува збор за плаќање на услуга која фактички се користи, произлегува дека корисниците на таа услуга се во потрошувачки однос со снабдувачот, исто како и корисниците што склучиле договор за снабдување со топлинска енергија, поради што Судот оцени дека не може да стане збор за повреда на начелото на владеењето на правото, како што се наведува во иницијативата“.

Наводите во сега поднесената иницијатива дека оспорените ставови 4, 5 и 6 на членот 9 од Правилата биле спротивни на членот 28 од Законот за енергетика, бидејќи оваа материја можела да се уредува само со закон, а не и со подзаконски акт, Судот не ги прифати од причина што во член 28 од Законот е определено дека со Правилата се определуваат општите услови и начинот на снабдување со топлинска енергија како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот, потрошувачот на топлинска енергија и операторот на дистрибутивниот систем. Оттука уредното и благовременото пријавување на потрошувачите, како и нивното одјавување кај снабдувачот (член 9 ставови 4, 5 и 6), несомнено дека претставуваат обврски на потрошувачите кои се операционализирани со Правилата, а врз основа на членот 28 од Законот за енергетика, поради што Судот оцени дека истите не се во спротивност со одредбите од Уставот и од Законот за енергетика на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Од истите причини Судот не го постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорените одредби од членовите 11 и 12 од Правилата со кои се утврдени должностите на потрошувачот, бидејќи и овие одредби претставуваат операционализација на одредбата од членот 28 став 2 точка 2 од Законот за енергетика според кој со Правилата поблиску се уредуваат општите услови и начинот на снабдување со топлинска енергија како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот, потрошувачот на топлинската енергија и операторот на дистрибутивниот систем.

Оспорените одредби од членот 19 став 3 точка 4, член 20 став 3, член 21 ставови 3 и 4, во кои е пропишан начинот на доставување и плаќање на фактурата за испорачаната енергија, како и постапката по приговорот на фактурата, претставуваат операционализација на членот 28 став 2 точка 2 од од Законот за енергетика според кој со правилата поблиску се определува и начинот на пресметка, фактурирање и наплата на испорачаната енергија. Повикувањето во иницијативата на несогласност со одредбите од Законот за општата управна постапка и инсистирањето на подносителот дека станува збор за финансиски документ кој требало да се доставува лично со доставница, за Судот се неприфатливи. Ова од причина што фактурата не претставува управен акт со кој се одлучува за права и обврски на граѓаните, тоа е финансиски документ, (сметка која што доверителот му ја доставува на должникот за испорачаната стока или извршената услуга и во која, во согласност со договорот е наведена цената на стоката или услугата и условите на плаќање) и за него важат вообичаените начини на достава, како што се предвидени во оспорената одредба од членот 19 став 3 точка 4.

Во врска со обврската на потрошувачот самиот да ја побара фактурата од снабдувачот во случај на нејзино недоставување како и обврската истата да ја плати и покрај вложениот приговор односно одредбата дека приговорот не го одлага плаќањето на фактурата (оспорени одредби од член 20 став 3 и член 21 став 3, прва реченица), од досегашната уставно-судска практика по предметот У.бр.69/2007 од 14 ноември 2007 година, произлегува дека тие не можат да се проблематизираат од уставно-правен аспект. Имено, Судот оцени дека истите претставуваат разработка на член 28 од Законот за енергетика, според кој со Правилата се уредуваат особено начинот на пресметка, фактурирање и наплата на испорачаната енергија или природен гас и услугите за користење на преносните, односно дистрибутивните мрежи. Со оспорената одредба според тоа на единствен начин се уредува плаќањето за извршената услуга за снабдување со топлинска енергија кој важи за сите потрошувачи.

Оспорената одредба од членот 21 став 3 од Правилата, според која приговорот не го одлага плаќањето на фактурата не е на штета на граѓаните и не претставува манипулација со потрошувачите, како што смета подносителот на иницијативата, од причина што тоа е во функција на побрза наплата на сметките, при што доколку потрошувачот е оштетен со прекумерно пресметан и платен износ, во одредбата од членот 21 став 4, утврдена е обврска за снабдувачот да му го вкалкулира на потрошувачот прекумерно пресметаниот и платениот износ во наредниот пресметковен период, освен ако снабдувачот нема побарувања од потрошувачот по било кој друг основ.

Неприфатливи за Судот се наводите во иницијативата со кои се оспорува последниот дел од оваа одредба. Ова од причина што со оваа одредба е уредена т.н. еднострана компензација односно пребивање што е познат начин на престанок на облигационо-правните односи, регулиран со Законот за облигационите односи (членови од 325-332). Во членот 325 од наведениот закон е утврдено дека должникот може да го пребие побарувањето што го има спрема својот доверител со она што овој го побарува од него, ако двете побарувања гласат на пари или други заменливи предмети од ист род и ист квалитет и ако двете се стасани. Според тоа уредувањето на случаите на враќање на паричните средства, односно калкулација на прекумерно пресметаниот и платениот износ, претставува разработка на начинот на плаќањето за извршената услуга, при што се водело сметка за општите начела утврдени во Законот за облигационите односи, поради што Судот не го постави прашањето за уставноста и законитоста на оваа одредба од Правилата.

Во однос на одредбата од членот 53 став 2 од Правилата, Уставниот суд на Република Македонија веќе одлучувал и со наведеното Решение У.бр.125/2012 од 22 мај 2013 година, одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста. Судот анализирајќи ја спецификата на колективните објекти за домување и пасивното преземање на топлинската енергија при нејзиното поминување низ вертикалните цевки, укажал дека: „корисникот на топлинска енергија во колективен објект не е во субординарен (подреден) однос со останатите корисници, туку станува збор за меѓусебно поврзана зависност во користењето на топлинската енергија, како и од аспект на трошоците. Имајќи го предвид наведеното, според Судот, неспорно произлегува заклучок дека во колективните објекти за домување, и исклучените потрошувачи од топлинскиот систем објективно користат одредена топлинска енергија поради неможноста тоа да се отстрани, од каде произлегува и основаноста на обврската за истата да платат, пропорционално на потрошената енергија, а не да ја користат на сметка на неисклучените потрошувачи. Тоа значи дека исклучените потрошувачи, со оспорениот член 53 став 2 од Правилата, се задолжуваат да платат за услуга која, поради техничките карактеристики на пренос на топлинска енергија, особено изразени во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред, и покрај исклучувањето од системот, сепак ја плодоуживаат услугата, поради што основано се задолжени да платат за користењето на истата“.

Со предметната иницијатива, покрај оваа одредба се оспорува и одредбата од членот 55 став 3 со кој е предвидена обврска за плаќање на потрошувачите во колективните стамбени објекти кои се исклучени од системот за дистрибуција на топлинска енергија на барање на снабдувачот. Оваа оспорена одредба се однесува на оние потрошувачи кои се исклучени од системот не по нивно барање, туку по барање на снабдувачот а поради неплаќање или постапување спротивно на обврските од договорот.

Независно од тоа што исклучувањето на овие потрошувачи е извршено по барање на снабдувачот, останува констатацијата дека и потрошувачите исклучени на овој начин објективно користат одредена топлинска енергија поради неможноста тоа да се отстрани, од каде произлегува и основаноста на обврската за истата да платат, пропорционално на потрошената енергија, а не да ја користат на сметка на неисклучените потрошувачи. Од истите аргументи наведени во Решението У.бр.125/2012 од 22 мај 2013 година, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на одредбата од членот 55 став 3 од Правилата.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение, во однос на точката 1 и член 9 став 4 од точката 2, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски, а во однос на член 53 став 2, со мнозинство гласови.

У.бр.80/2013
22.01. 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева