Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 декември 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на „Техно-интерекспорт“ Душко ДООЕЛ од Скопје – Скопје за заштита на слободите и правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
2. „Техно-интерекспорт“ Душко ДООЕЛ – Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот, кои му биле повредени со Решение на Основниот суд Скопје II – Скопје 15ТС-494/13 од 18 септември 2013 година.
Подносителот на барањето наведува дека со Решение на Основниот суд Скопје II – Скопје 15ТС-494/13 од 18 септември 2013 година на истиот му биле повредени слободите и правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот и со наведеното Решение, подносителот на барањето бил жртва на дискриминација со катастрофално штетни последици.
Имено, според подносителот на барањето, Решението на Основниот суд Скопје II – Скопје било донесено како последица на измените на одредбите на Законот за парничната постапка со кои измени наместо покренатата постапка по тужба да мирува додека се плати судска такса, со измените на Законот за парничната постапка се сметала тужбата за повлечена, поради што тужителот го губел правото на побарување.
3. Судот на седницата утврди дека тужителот „Техно-Интерекспорт“ Душко ДООЕЛ Скопје од Скопје против тужениот Република Македонија на ден 20.08.2013 година поднел тужба за надомест на материјална штета, но при поднесување на тужбата, таксата за тужба не била платена.
Од наведената причина, во смисла на одредбите од Законот за парничната постапка – член 146 став 3 – Скопје,Основниот суд Скопје II Скопје на ден 18.09.2013 година донел Решение со кое тужбата на тужителот „Техно – Интерекспорт“ Душко ДООЕЛ – Скопје од Скопје поднесена против тужената Република Македонија за надомест на материјална штета, вредност на спорот 7.291.650,00 денари, ја смета за повлечена.
Дискриминацијата била евидентна со фактот што ова исто правило не го применувал судот кога граѓанинот како физичко лице ќе се најде во таква ситуација.
4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Поради личниот карактер на заштитата на слободи и права до Уставниот суд барање се поднесува лично или преку полномошник.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување на иницијативата.
Тргнувајќи од анализата на наведените уставни и деловнички одредби како и од приложената документација, според Судот, неоспорно произлегува дека барањето за заштита на слободи и права во конкретниов случај е поднесено од правно лице “Техно-интерекспорт” Душко ДООЕЛ – Скопје, што е во спротивност со член 51 од Деловникот. Имено, во смисла на наведениот член од Деловникот само физичко лице, односно граѓанин, може да поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, поради што, од овој аспект, барањето е недопуштено.
Oд уставно утврдените надлежности на Уставниот суд во делот на заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот, а имајќи го предвид наведеното барање , неспорно Судот утврди дека правното лице “Техно-интерекспорт” Душко ДООЕЛ Скопје не може да се јави како подносител на барање поради што при постоење на процесни пречки за одлучување по барањето, а во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот, Судот го отфрли барањето.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.157/2013
25 декември 2013 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева