Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 25 декември 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлука бр.07-1302/3 од 23 ноември 2012 година за усвојување на измена и дополна на УП за с.Желино, за блок 1а, 1б, 2, 16, 17, 18, 19, 20, 21, 22 и 23 за период од 2010-2020 година во општина Желино, донесена од Советот на општина Желино („Службен гласник на општина Желино“ бр.9 од 27.11.2012 година.
2. Агим Бафќари од с.Палатица-Шемшево до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одлуката означена во точкта 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51 и член 52 став 4 од Уставот.
Имено во оспорената одлука не бил означен деловодниот број на одлуката на која се вршела измена и дополна, односно измената се однесувала на акт кој не бил наведен. Освен тоа, одлуката не била во согласност со член 25 став 4 од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2011-пречистен текст). Ова од причина што, според информацијата добиена врз основа на Законот за пристап до информации од јавен карактер, надлежното министерство немало издадено согласност, а доколку истата била издадена по добивањето на наведената информација, тоа значело дека била издадена по усвојувањето на Планот. Изоставувањето на согласноста го правела Планот имперфектен. Дека постапката не била спроведена доследно и не се почитувал редоследот на дејствијата произлегувало и од временскиот интервал на преземањето на дејствијата.
Соопштението не било објавено на огласната табла, согласно член 24 став 5 од Законот. Бидејќи се работело за голема површина на за која граѓаните имале склучено договори за закуп со Јавното претпријатие за пасишта Скопје-подружница Тетово и имајќи предвид дека изработувањето на Планот било дејност од јавен карактер утврден со закон, подносителот наведува дека не бил сигурен дали наведеното Јавно претпријатие било покането на јавната расправа, односно јавната презентација, согласно членот 29 од Законот или не.
Според подносителот на иницијативата, постапката била нетранспарентна, од кои причини смета дека можеби немало пополнет ниту еден анкетен лист и се прашува како тоа е можно кога станувало збор за огромна површина.
Инаку, Нацрт-Планот не бил лиферуван на официјалната интернет страна на општината, како што било случај и со други информации. Имено, спротивно на членот 17 став 2 од Законот годишната програма за изработка на планот не била објавена во ниту едно јавно гласило, освен во „Службен весник“, а соопштението објавено во пишаните медиуми не ги содржело неопходните содржини, кои биле со Законот определени. Спротивно на членот 17 став 6 од Законот во постапката не било формирано партиципативно тело.
Подносителот на иницијативата поставува прашање зошто градоначалникот имал потреба да брза и при состојба кога согласноста од Министерството за транспорт и врски била побарана на 24 октомври 2011 година, само по 19 работни дена да го донесе оспорениот план и дали во ваков случај ќе се смета дека согласноста е дадена.
Постоела и спротивност со членот 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012), бидејќи непочитувањето на обврските од наведената одредба им нанесувале огромна материјална штета, доколку би дошло до престанување на договорите за закуп, а тие имале инвестирано во помошни објекти-фарми и планирале низа активности за обавување на дејноста.
Врз основа на наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста, а да не се случи оштетување на граѓаните во постапката за отуѓување на земјиштето во државна сопственост да се донесе решение за запирање на извршувањето.
3. Судот на седницата утврди Советот на општина Желино на седницата одржана на 23 ноември 2012 година ја донел оспорената одлука.
Во член 1 од Одлуката е определено дека со одлуката се усвојува измена и дополнување на УП за с.Желино, за блок 1а, 1б, 2, 16, 17, 18, 19, 20, 21, 22 и 23 за период од 2010-2020 година во општина Желино, со техничка документација бр.10-9/10 изработена од ТДПУПП „Урбан План„ Доо Тетово.
Според членот 2 од Одлуката, составен дел на одлуката е техничката документација, која не се објавува, од кои два примерока остануваат и се чуваат во архивата на општината Желино, а еден примерок во Министерството за транспорт и врски-Скопје.
Во членот 3 е определено дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Желино“.
Одлуката е заведена под бр.07-1302/3 од 23 ноември 2012 година.
Исто така, врз основа на доставената и прибавена документација Судот утврди дека:
– Советот на општина Желино со одлука бр.07-558/5 од 18.06.2009 година избрал Комисија за урбанизам и заштита на животната средина, составена од 5 членови, која според општината Желина не е формирана како партиципативно тело, но ги извршува надлежностите од членот 17 став 6 од Законот.
– Програмата за изработка и финансирање на урбанистички планови, во општината Желино за 2010 година е објавена во „Службен гласник на општина Желино“ бр.1 од 28.01.2010 година.
– На барање на општината Желино, министерот за животна средина и просторно планирање донел посебно решение за условите за планирање на просторот заведено под бр.15-8620/4 од 23.11.2010 година.
– Планската програма за изработка на урбанистички планови е изработена од Урбанплан, ДОО-Тетово и е заведена во Општината под бр.08-894/2-1 од 3.02.2010 година.
– Стручната ревизија е изработена од Полог-Про, ДОО Гостивар под бр.0307-73/1 од 20.08.2010 година.
– Урбанплан, ДОО-Тетово во август 2010 година дало одговор на наводите од ревизијата.
– Со решение бр.08-1128/1 од 22 октомври 2009 година градоначалникот на општина Желино формирал трочлена комисија, со овластување за разгледување на урбанистичките планови, која дала мислење дека Нацрт-Деталниот урбанистички план по вградување на забелешките може да преставува основа за продолжување на законската постапка.
– Со Одлука број 07-463/3 од 26.04.2011 година Советот на општина Желино го утврдил Нацрт-планот.
– За организирање на јавната презентација и јавната анкета по Нацрт-планот градоначалникот на општината Желино донел Одлука број 08-894/4 од 3 мај 2011 година и за таа цел е подготвено Соопштение од истиот датум дека ќе се организираат јавна презентација на 11.05.2011 година и јавна анкета во траење од 10 работни дека (од 5.05.2011 до 15.05.2011) во просториите на општината Тетово.
– За одржување на јавната презентација по писмен пат биле известени засегнатите јавни претпријатија, а соопштението за јавна презентација и јавна анкета било објавено во дневните весници „Нова Македонија“ и „Коха“ и неколку радио-телевизиски станици.
– Градоначалникот на општина Желино со решение формирал трочлена комисија, со овластување за изготвување на извештај од спроведената јавна анкета. Решението нема број и датум но е очигледно од неговата содржина дека Комисијата е формирана токму за спроведување на постапка по овој оспорен план.
– Во извештајот за спроведена јавна презентација и јавна анкета бр.08-894/5 од 23.05.2011 година Комисијата констатирала дека на јавната презентација присуствувале преставници од две јавни претпријатија и истите немале забелешки и предлози, а на јавната анкета немало поднесени анкетни листови.
– На 23.05.2011 година Комисијата сочинила Записник од јавната презентација и јавната анкета.
-Дирекцијата за заштита и спасување-Подрачно одделение Тетово по извршениот увид во планската документација дало мислење бр.10-74/2 од 28.03.2012 година со одредени забелешки.
– Министерството за култура во допис бр.17-2538/2 од 28.10.2011 година дало мислење дека усвојувањето на Планот, од аспект на заштита на културното наследство, може да продолжи.
– Министерството за животна средина дало мислење на Предлог-Планот за стратегиската оцена на животната средина бр.08-560/2 од 25.01. 2012 година.
-Во постапката за донесување на планот е прибавено мислење од ЕВН Македонија АД и од ЈКП-водовод и канализација.
-Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја известило општината Желино дека Владата на Република Македонија на 31.07.2012 година донела одлука за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделското во градежно земјиште, која е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2012.
– На 24.10.2012 година со допис бр.08-1204/2 општината Желино од Министерството за транспопрт и врски побарало согласност на планот. Дописот е примен во Министерството истиот ден, односно на 24.10.2012 година.
– Оспорената одлука бр. 07-1302/3 е донесена на 23.11. 2012 година и е објавена во „Службен гласник на општина Желино“ бр.9 од 27.11.2012 година.
– Министерството за транспопрт и врски во допис бр.17-20892/2 од 26.11.2012 година ја известило општината Желино дека не дава согласност на Планот. Овој допис, видно од приемниот печат е примен во општината на 5.12.2012 година, односно осум дена по објавувањето на одлуката.
4. Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007, 151/2007-исправка, 91/2009 и 124/2010, 18/2011, 53/2011 и 144/2012) во чие време на важење е донесена оспорената одлука.
Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека израбо-тувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.
Во членот 5 од Законот е содржано значењето на изразите што се употребуваат во Законот.
Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.
Според членот 7 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.
Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфра-структурата.
Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот содржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури.
Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри.
Според ставот 7 од членот 11 од Законот, деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.
Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон , општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.
Според член 17 став 6 од Законот, за обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичкото планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје. Партиципативното тело се состои од: претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.
Понатаму, согласно член 18 од Законот, изработување на урбанистички планови вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.
Согласно член 19 став 1 од Законот, урбанистичките планови и државната урбанистичка планска документација, локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги, во соодветен размер, согласно со закон. Континуираното ажурирање на геодетските подлоги е обврска на донесувачот на планот кој ги сноси и трошоците за ажурирањето (став 2).
Според членот 21 став 1 од Законот плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.
Во членот 23 од Законот е уредена поконкретно постапката за донесување на генерален урбанистички план (во оваа постапка се оспорува донесен детален урбанистички план).
Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).
Според член 24 став 6 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
Доколку комисијата од ставот 6 на овој член од Законот оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета (член 24 став 9).
Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.
Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.
Во членот 31 став 1 од Законот, помеѓу другото е предвидено дека во постапката за изработување на плановите задолжително се применуваат стандардите и нормативите за уредување на урбанистичкото планирање.
Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Од списите по предметот во текот на претходната постапка се утврди дека во постапката за донесување на конкретната одлука од страна на општината Желино претходело објавување на Програмата за изработка и финансирање на урбанистички планови, во општината Желино за 2010 година во „Службен гласник на општина Желино“ бр.1 од 28.01.2010 година. Оттука, произлегува дека подносителот на иницијативата неосновано тврди дека Програмата не била објавена, од каде членот 17 став 2 од Законот не е повреден.
Од страна на општината Желино беше доставена одлуката бр.07-558/5 од 18.06.2009 година за избор на Комисија за урбанизам и заштита на животната средина, која според општината Желино не е формирана како партиципативно тело, но ги извршува надлежностите од членот 17 став 6 од Законот.
Судот оцени дека оваа околност не ја прави постапката за донесувањето на Планот спротивна на наведената одредба, бидејќи Уставниот суд на Република Македонија при оцената на уставноста и законитоста на плановите, ја цени законитоста на постапката во која тие се донесуваат, односно фазите и другите дејствија преземени во рамките на таа постапка, а не и претходните работи и работни задачи како тековни надлежности на субјектите од локалната самоуправа. Оттука прашањата по однос на партиципативно тело кое ќе ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица за идни потреби и целисходности од пристапување или непристапување кон донесување на планови или нивни измени и дополнувања, и кое партиципативно тело ќе ги следи состојбите во планирањето преку давање на иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје е политика на делување на локалната самоуправа во рамките на Законот за просторното и урбанистичко планирање и тоа не е директно поврзано со постапката во која плановите се донесуваат или менуваат, конкретно и на предметната во која е донесен оспорениот план. Вакво гледиште Уставниот суд на Република Македонија изразил и во поновата уставно-судска практика по предметите У.бр.101/2012 и У.бр.12/2013.
Исто така, согласно, член 17 став 6 од Законот, бројот на претставниците во партиципативното тело се утврдува со статутот на општината, што упатува на заклучок дека формирањето на ова тело и постапката за планирање не мора временски да се совпаднат.
Од приложената документација произлегува дека во текот на постапката биле спроведени и јавна презентација и јавна анкета. Притоа во членот 24 од Законот не е определено дека заинте-ресираните субјекти посебно се покануваат на јавната презентација, туку дека соопштението се објавува во јавните гласила, што во овој случај е сторено. Тоа што ЈП за пасишта не присуствувало на јавната презентација е пропуст на ова претпријатие, а не на општината Желино. Исто така, во членот 24 ставови 5 и 10 од Законот не е предвидена обврска за објавување на соопштението за организирање на јавна анкета и јавна презентација на јавна табла, како што посочува подносителот на иницијативата, туку органите на општината го определуваат времето и местото каде ќе биде истакнато и објавено соопштението и каде ќе се врши јавната презентација и јавната анкета.
Фактот што на јавната анкета не се појавил ниту еден заинтересиран субјект не го покренува прашањето за согласност со членот 24 од Законот, бидејќи во оваа одредба, но и во Законот како целина не е предвиден цензус според која спроведената јавна анкета ќе се смета за успешно спроведена.
Исто така, општината Желино правилно постапила кога сметала дека согласноста од Министерството за транспорт и врски на конкретниот План е издадена, бидејќи Министерството во рок од 15 дена од поднесеното барање не одговорило, во кој случај се смета дека согласноста е издадена. Поточно, видно од приемниот печат на Министерството е дека барањето е примено на 24.10.2012 година, рокот од 15 дена истекол на 8.11.2012 година. Во таков случај општината Желино не го повредила членот 25 став 4 од Законот кога оспорената одлука ја донела на 23.11.2012 година, бидејќи според законските рокови истата можела да биде донесена на секој датум после 9.11.2012 година (истек на 15 дена). Тоа што Министерството дополнително на 26.11.2012 година во дописот бр.17-20892/2 ја известило општината Желино дека не дава согласност на Планот, кој пак допис е примен во општината Желино на 5.12.2012 година не ја доведува во прашање согласноста на Одлуката со наведената одредба од горе наведените причини.
Според Судот неосновани се и наводите за повреда на членот 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012). Имено, со оваа одредба се менува членот 49 од основниот текст на Законот и се определува: „Доколку при изработка на урбанистичко планската документација, односно проект за инфраструктура предвидени согласно со Законот за просторно и урба
нистичко планирање се зафаќаат нови земјоделски површини, надлежниот орган за одобрување на планската програма за урбанистички план, државна и локална урбанистичко планска документација, односно за одобрување на проектот за инфраструктура, пред одобрување на истите, до Министерството поднесува барање за согласност за трајна пренамена на земјоделско земјиште во градежно“.
Имено, по однос на предметното земјиште, на барање на општината Желино, Владата на Република Македонија на 31.07.2012 година (додека траела постапката за планирање) донела одлука за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделското во градежно земјиште, која е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2012 од каде нема повреда на наведената законска одредба.
Според Судот тоа што во изреката на оспорената одлука не е означено со деловоден број која одлука се менува и дополнува е недостаток од деловоден карактер, а не е недостаток на споведената постапка, кој, не може да ја доведе под сомнение законитоста на спроведената постапка како целина.
Од изнесената правна и фактичка состојба Судот утврди дека оспорената Одлука е донесена согласно предвидената постапка, од каде истата е во согласнот со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање кои ја уредуваат постапката за донесување на детални урбанистички планови, како и со членот 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012).
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.23/2013
25 декември 2013 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева