Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 18 декември 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот со Тарифата за користење авторски музички дела, донесен од Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права на 3 ноември 2011 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.154/2011).
2. „Македонски Телеком“ АД Скопје, „Близу Медиа енд Броудбенд“ ДООЕЛ Скопје и „Оне“ ДОО Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот со Тарифата означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, Здружението за заштита на авторските музички права имало обврски, пред донесувањето, Тарифата да ја достави до поединечните корисници на авторските музички дела и здруженијата на тие корисници односно коморите на тие корисници, да побара мислење и да прибави мислење за Тарифата од наведените субјекти. Таквите обврски на ЗАМП произлегувале од член 132 став 2 на Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 140/2010-исп. и 51/2011), а посебно од член 140 став 1 на означениот закон, како и од член 40 на Статутот на ЗАМП.
Но, ЗАМП, пред донесувањето на Тарифата, не ја доставил предлог-Тарифата, не побарал и не прибавил мислење од трите подносители на иницијативата, иако тие биле поединечни корисници на авторските музички дела (не биле членки на ниедно здружение или комора на корисници на авторски музички дела), потоа биле најголеми оператори на пазарот на електронски комуникации и, конечно, Тарифата се рефлектирала, покрај на трите подносители на иницијативата, и на граѓаните-крајни корисници на услугите на наведените три кабелски оператори. Инаку, стриктното почитување на законски пропишаната процедура за донесување на Тарифата било особено значајно со оглед дека ЗАМП, според позитивните законски прописи во Република Македонија, имал ексклузивни овластувања во определувањето на надоместоците за користење на авторски музички дела, со што на директен начин влијаел на голем број на граѓани и правни субјекти во Република Македонија, и неговата фактичка монополска положба по прашањето на определувањето на надоместоците за користење на авторски музички дела не подлегнувала под ригорозна контрола од надлежните државни органи, како на пример на добивање одобрение пред влегување во сила, каква што била регулативата и практиката во други држави.
При такво незаконито донесување на Тарифата, оспорениот акт не бил во согласност ни со член 8 став 1 алинеите 3 и 7, и со членовите 51 и 55 од Уставот.
3.Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник и Тарифата биле донесени во следната постапка:
-на 5 јули 2011 година Собранието на ЗАМП донело Одлука, бр.304-1-0201, со која го усвоило нацрт предлог-Правилникот со Тарифа за користење авторски музички дела;
-на 1 септември 2011 година Собранието на ЗАМП донело Одлука, бр.352-1-0201, со која го усвоило предлог-Правилникот со Тарифата за користење авторски музички дела и ја задолжило Стручната служба на ЗАМП да го достави предлог-Правилникот со Тарифата до специфичните корисници и здруженијата на корисници односно нивните комори, заради добивање нивно мислење, како и стручната служба да го објавела предлог-Правилникот со Тарифата на интернет-страната на ЗАМП;
-на 2 септември 2011 година Стручната служба на ЗАМП го доставила предлог-Правилникот со Тарифата до: а) СИЗ МК НЕТ (Здружение на кабелски оператори), б) Стопанска комора на Република Македонија (Здружение за угостителство и туризам), в) Стопанска комора на Република Македонија (Здружение за продукција, маркетинг и медиумите), г) Сојуз на стопанските комори, д) Стопанска интересна заедница на вршители на радиодифузна дејност-АПЕММ и до ѓ) Јавното претпријатие МРТ;
-на 2 септември 2011 година Стручната служба на ЗАМП го објавила предлог-Правилникот со Тарифата на интернет-страната на ЗАМП со следниот јавен повик: „Се известуваат и повикуваат сите корисници и други заинтересирани субјекти дека согласно ЗАПСП и Статутот на ЗАМП имаат право во рок од 30 дена од денот на објавувањето, до ЗАМП да достават ПИСМЕНИ мислења по предлог-Правилникот со Тарифа за користење авторски музички дела“;
-во законски определениот рок од 30 дена, до ЗАМП било доставено само едно писмено мислење и предлог од страна на ЈП МТВ, заведено во архивата на ЗАМП на 3 октомври 2011 година;
-на 10 октомври 2011 година Собранието на ЗАМП расправало во врска со писменото мислење и предлог на ЈП МТВ и не го прифатило, за што доставило одговор до ЈП МТВ на 12 октомври 2011 година и, истиот ден, се обратило со барање на мислење од Комисијата за посредување во авторското право и сродните права формирана од Министерството за култура;
-на 1 ноември 2011 година наведената комисија на Министерството за култура доставило мислење до ЗАМП, во врска со мислењето на ЈП МТВ, во кое навело дека определбите на ЗАМП изразени во Правилникот со Тарифата биле во согласност со членовите 138 и 139 од Законот за авторското право и сродните права;
-на 3 ноември 2011 година Собранието на ЗАМП донело одлука, бр.458-1-0201, со која го усвоило и донело Правилникот со Тарифата;
-на 4 ноември 2011 година Правилникот со Тарифата е објавен во „Службен весник на Република Македонија“.
Судот, исто така, утврди дека со Решение У бр.153/2012 од 26 јуни 2013 година, се произнел, меѓу другото, и за постапката на донесувањето на Правилникот со Тарифата, така што одлучил дека постапката за донесување на наведениот акт не спаѓа во надлежност на Уставниот суд.
4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Од изнесените уставни одредби, во врска со конкретниот предмет, произлегува дека Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите со Уставот и законите. Од изнесената одредба на Деловникот на Уставниот суд, пак, произлегува дека во ситуација кога Судот веќе одлучувал за истата работа и кога нема основи за поинакво одлучување, Судот ќе ја отфрли иницијативата.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај Судот веќе се произнел за прашањето на постапката на донесувањето на Правилникот со Тарифата, а сега нема основи за поинакво одлучување од изнесеното, Судот оцени дека се исполнети процесно-правните претпоставки определени во член 28 алинеја 2 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.
5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У бр.27/2012
18 декември 2013 г.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева