124/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 декември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 53 став 2 алинеја 6 од Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на РМ“ бр.92/2007, 136/2011, 23/2013 и 25/2013).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата членовите на прекршочната комисија имале колективна, а не индивидуална одговорност во водењето на прекршочните постапки и во одлучувањето, па оттука во управниот спор против решенијата на прекршочната комисија со кои се изрекува прекршочна санкција, со одлука на надлежниот суд, можело во оценката за неправилности и во водената прекршочна постапка или незаконитоста на решението на комисијата, да се исклучи можноста поединечно, член на прекршочната комисија да биде разрешен поради водењето на прекршочната постапка во рамките на вршењето на надлежноста на комисијата.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорената одредба била непрецизна и нејасна, од причина што од истата не можело да се утврди кој орган ја донесува правосилната одлука со која се утврдувало дека биле прекршени прописите за водење на прекршочната постапка.

Поради наведените причини, според иницијативата оспорената одредба на член 53 став 2 алинеја 6 од Законот, не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 53 став 2 алинеја 6 од Законот за безбедност и здравје при работа член на прекршочната комисија може да се разреши ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочна постапка со правосилна одлука.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија, како составен дел на овој уставен принцип.

Согласно Амандман XX од Уставот на Република Македонија за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Во член 51 став 1 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 49 став 1 од Законот за организација и работа на органите на дrжавната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011) ministerot go pretstavuva ministerstvoto и obezbeduva zakonito и efikasno vrшење на работите и задачите, донесува прописи и други акти за кои е овластен и презема други мерки од надлежност на министерството во согласност со закон, одлучува за правата, должностите и одговорностите на државните службеници и други лица вработени во министерството кои немаат статус на државни служbеници, доколку со закон не е поинаку определено.
Законот за безбедност и здравје при работа ги уредува мерките за безбедност и здравје при работа, обврските на работодавачот и правата и обврските на вработените од областа на безбедноста и здравјето при работа, како и превентивните мерки против професионалните ризици, отстранувањето на ризичните фактори за несреќа, информирање, консултирање, обука на работниците и нивните претставници и нивно учество во планирањето и преземањето на мерки за безбедност и здравје при работа (член 1).

Во Глава VIII се содржани одредбите од член 52 до 59 во која се уредуваат прашањата во врска со прекршоците.

Во член 52 од Законот, во кој се разработува поимот на прекршочен орган , се предвидува дека:

(1) За прекршоците предвидени во членовите 56 и 57 од овој закон, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот.

(2) Прекршочната постапка од ставот 1 на овој член пред прекршочниот орган ја води Комисијата за одлучување по прекршок формирана од страна на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот.

(3) Прекршочната комисија е составена од овластени службени лица вработени во органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот од кои еден ја врши функцијата на Претседател на Прекршочната комисија.

(4)Прекршочната комисија е составена од три члена од кои:

– двајца дипломирани правници, од кои еден со положен правосуден испит со пет години работно искуство во својата област;
– еден член со висока стручна подготовка од областа на техничките науки, со пет години работно искуство во својата област.

(5) Прекршочната комисија се избира за времетраење од три години со право на реизбор на членовите.

(6) За претседател на Прекршочната комисија може да биде избран само дипломиран правник.

(7) Прекршочната комисија за прекршочниот орган одлучува по прекршоците утврдени во овој или друг закон и изрекува прекршочни санкции утврдени со овој закон, Законот за прекршоците и/или со друг закон.

(8) Покрај членовите на прекршочната комисија, министерот кој раководи со органот надлежен за работите од областа на трудот , може да определи секретар на Прекршочната комисија кој врши административни работи за комисијата и заменици членови кои по исклучок учествуваат во работата на Прекршочната комисија во случај на отсуство на некој од членовите.

(9) Прекршочната комисија донесува деловодник за својата работа.

(10) Против решението на Прекршочната комисија со кое се изрекува прекршочна санкција може да се поднесе жалба за поведување на управен спор пред надлежниот суд.

Со оспорениот член 53 од Законот,кој е содржан во потточката со наслов:”Работа на прекршочната комисија” се предвидува дека:

(1) Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот може да формира повеќе прекршочни комисии кои ќе бидат надлежни за водење на прекршочна постапка за прекршоци за одделни области и/или за одделни подрачја од Република Македонија.
(2) Член на Прекршочната комисија може да се разреши:
– со истекот на времето за кое е именуван за член,
– по негово барање,
– со исполнување на условите за старосна пензија согласно со закон,
– ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело,
– ако му се утврди трајна неспособност,
– ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочна постапка со правосилна одлука,
– ако не ги исполнува обврските кои произлегуваат од работењето во Прекршочната комисија и
– ако не пријавил постоење на конфликт на интереси за случај за кој решава Прекршочната комисија.

(3) Предлог за разрешување на член на комисија за случаите од ставот (2) алинеи 3 до 8 на овој член поднесува претседателот на Прекршочната комисија до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот.
(4) Прекршочната комисија има право да изведува докази и собира податоци кои се неопходни за утврдување на прекршокот, како и да врши други работи и презема дејствија утврдени со овој закон, Законот за прекршоците и/или со друг закон.
(5) Членовите на Прекршочната комисија се самостојни и независни во работата на Прекршочната комисија и одлучуваат врз основа на своето стручно знаење и самостојно убедување.
(6) Прекршочната комисија работи во совет, а одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови.
(7) Прекршочниот орган води единствена евиденција на прекршоците, изречените санкции и донесените одлуки на начин пропишан од министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот по претходно мислење на министерот кој раководи со органот надлежен за работите од областа на правдата.
(8) Членовите на Прекршочната комисија имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работата од областа на трудот која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работата на членовите и сложеноста на прекршоците.

Од анализата на уставните норми и целината на Законот,а во корелација со наводите во иницијативата, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот, односно членот 53 став 2 алинеја 6, не е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Ова, од причина што, според Судот, во конкретнава ситуација не може да се исклучи постоењето на можноста членовите на прекршочната комисија во меѓусебен договор на некои од членовите (бидејќи Комисијата работи во совет од тројца членови и одлучува со мнозинство на гласови од вкупниот број на гласови), свесно да направат повреда на прописите за водење на прекршочната постапка заради остварување на некаков поединечен или заемен интерес со повреда на законот, а кој би се докажал во една законска легитимна постапка што ќе заврши со правосилна одлука.

По однос на наводите во иницијативата дека оспорената одредба не е јасна и прецизна, бидејќи не можело да се утврди за каква одлука се работи, односно кој ја донесува истата, поради што ваквата норма не може да најде примена во правниот поредок на Република Македонија, со што се доведувало во прашање примената на една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според Судот, истите се неосновани. Ова од причина што од содржината на Амандманот XX од Уставот на Република Македонија, како и од целината на Законот и на самата оспорена одредба јасно и недвосмислено произлегува дека во конкретниов случај станува збор за правосилна одлука, која ја донесува надлежен орган одлучувајќи за прекршувањето на прописите за водење на прекршочната постапка сторено од страна на член на Прекршочната комисија. Имено, токму со ова законско решение се почитува заштита под услови и постапка уредена со закон која се гарантира со наведениот уставен амандман.

Со членот 53 став 2 алинеја 6 од Законот за безбедност и здравје при работа се дава можност,односно дискреционо право на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот,кој всушност и го избрал, да може да го разреши членот ,односно членовите на прекршочната комисија, без да ја разреши целата комисија, ако направат злоупотреба на своите овластувања и позиција како членови на прекршочната комисија и предизвикаат повреда во водењето на прекршочната постапка со донесување на незаконска одлука која понатаму може да предизвика штета, што е во рамките на неговите надлежности , а во смисла на член 49 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Имено, позицијата на членовите на прекршочната комисија уредена со закон како самостојни и независни во работата и работата во совет со можност да донесуваaт одлуки со мнозинство гласови од вкупниот број на членови, дава можност член на на прекршочната комисија заради некаков интерес да може да стори повреда на прекршочната постапка и да одлучува во донесување на незаконска одлука или од небрежност да направи повреда на прекршочната постапка, а со тоа да се донесе незаконска одлука која може да предизвика штета.

Во таа смисла, со членот 53 став 2 алинеја 6 од Законот за безбедност и здравје при работа се дава можност на надлежниот орган,односно министерот да може да делува кога има злоупотреба на овластувањата во работата на членот,односно членовите на прекршочната комисија, која злоупотреба со правосилна судска одлука е утврдена, без при тоа да ја разреши целата комисија се со цел да го заштити законското работење на најмалку еден член и истовремено да овозможи непречено вршење на задачата што ја има оваа Комисија согласно одредбите од Законот за здравје и безбедност при работа.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.124/2013
18 декември 2013 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева