У.бр.55/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 4 декември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на на член 18 став 2 алинеја 7 од Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2004, 5/2007, 8/2007, 5/2008 и 23/2013).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“

3. Горан Зафировски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 18 став 2 алинеа 7 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата имајќи ја предвид содржината на член 1 став 1 од Законот за лична карта и член 23 став 1 од Законот за државјанство смета дека законодавецот немал основ да ја пропише оспорената законска норма од причини што во одредбата од член 20 од Уставот не е предвидена можност да се предвиди условот според кој со барањето за запишување на политичка партија во судскиот регистар основачите да поднесуваат оргинал или фотокопии од уверенијата за државјанство заверени кај нотар.

Според подносителот со оспорената законска одредба, противуставно се ограничувале слободите и правата на човекот и граѓанинот што не е во согласност со член 54 став 1 од Уставот. Ова затоа што граѓаните кои сакаат да основаат политички партии мораат и парично да бидат оптоварени со издатоци околу обезбедувањето на уверение за државјанство или околу заверката кај нотар, од кои причини не можат или многу тешко се собираат над 1000 основач.

Со оглед на наведеното со оспорената законска одредба се повредувале одредбите од член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 5, член 9, член 20 став 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 18 став 1 од Законот политичката партија е должна во рок од 30 дена од денот на одржувањето на основачкото собрание да поднесе барање за запишување во судскиот регистар. Со барањето за запишување на политичката партија во судскиот регистар, покрај другото, во оспорениот став 2 точка 7 е предвидено да се поднесат „оригинални или фотокопии од уверенијата за државјанство на основачите заверени кај нотар“ (оспорен дел).

5. Според член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Според ставот 2 на овој член, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Слободата на политичко здружување како основно право се остварува непосредно врз основа на Уставот, при што без сомнение, во рамките на општото уставно овластување на Собранието да донесува закони, е содржано овластувањето со закон да ги уреди прашањата кои се релевантни за остварување на оваа слобода.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според ставот 3 на истиот член од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата ,Судот смета дека предвидувањето на обврската на основачите да достават уверение за државјанство или фотокопие на уверението заверено кај нотар нема за цел да ја ограничи слободата на здружувањето и одвраќање и обесхрабрување на граѓаните да се јават како основачи на партија туку проверување на веродостојноста на изјавите дека политичка партија основаат граѓани на Република Македонија, што подразбира државјани на Република Македонија кои имаат државјанство стекнато согласно Законот за државјанство.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не постојат основи за изразување на сомнение дека оспорениот член не е во согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од pretsedatelot na Sudot, Elena Goшevа и sudiite: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаиl Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, Бранко Nаумоски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.55/2013
4 декември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.55/2013