У.бр.43/2013-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржанa на 4 декември 2013 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 137 ставовите 3 и 4 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/2007, 90/2009, 67/2010 и 26/2013).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Александар Михајловски адвокат од Скопје со Решение У.бр.43/2013 од 26 јуни 2013 поведе постапка за оценување на уставноста на член 137 ставовите 3 и 4 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинете 3,6 и 7 и член 30 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во член 137 став 1 поместен во делот „ограничување на права од акции“ е пр едвидено дека „За акциите стекнати спротивно на член 59 од овој закон и акциите за кои е повлечена издадената согласност, согласно со членот 153 од овој закон гувернерот донесува решение со кое утврдува дека на акционерот кој ги стекнал тие акции не му носат право на глас.

Во ставот 2 на член 137 е предвидено дека „На акционерот кој стекнал акции спротивно на членот 59 од овој закон и на акционерот на кој му е повлечена издадената согласност според членот 153 од овој Закон гувернерот му наложува да ги отуѓи акциите во определен рок, кој не може да биде подолг од 180 дена, освен во случаи од членот 59 став 2 на овој закон кога гувернерот може да определи подолг рок.

Во став 3 на член 137 од Законот е предвидено дека „Ако акционерот од ставот 2 на овој член не ги отуѓи акциите во определениот рок, гувернерот во рок од осум дена од истекот на определениот рок донесува решение со кое утврдува дека тие акции, покрај правото на глас, на акционерот не му носат и право н исплата на дивиденда и ќе спроведе продажба на акциите во име на акционерот од ставот 2 на овој член
.
Според став 4 на член 137 од Законот „Доколку во периодот по донесувањето на решението од ставот 3 на овој член до продажбата на акциите банката исплатила дивиденда на останатите акционери, дивидендата за акционерот за кој со решението од ставот 3 на овој член е утврдено дека нема право на исплата на дивиденда, се распределува во општата резерва на банката“.

5. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 6 од Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според став 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Согласно став 4 на истиот член, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во членот 6 од Законот за Народната банка на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2010 и 123/2012) е определено дека основна цел на Народната банка е постигнување и одржување на ценовната стабилност, да придонесува кон одржување на стабилен конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем.

Народната банка ја поддржува општата економска политика без да го загрози остварувањето на целта утврдена во став 1 на наведениот член и во согласност со принципот на отворена пазарна економија со слободна конкуренција.

Според член 7 став 1 точка 9 од наведениот закон за остварување на целта од членот 7 на овој закон, Народната банка покрај другото, регулира издава дозволи и врши супервизија на банки, штедилници, друштва за издавање на електронски пари и други финансиски институции на начин утврден со овој или друг закон.

Според член 8 од Законот, стабилноста на банкарскиот систем и мерки што се преземаат заради постигнување и одржување на неговата стабилност се од јавен интерес.

Според член 48 став 1 точка 5 од Законот за Народната банка е предвидено дека гувернерот на Народната банка покрај другите овластувања и задачи, одлучува за издавање на дозволи и согласности на финансиските институции и ги одзема издадените дозволи и согласност, во согласност со закон.

Со Законот за банките се уредува основањето, работењето, супервизијата и престанокот на работењето на банките и на филијалите на странски банки во Република Македонија, како и отворањето и работењето на филијали на банки од земји членки на Европската унија (член 1).

Согласно член 2 од овој закон, каде се утврдува значењето на одделни изрази употребени во овој закон, “банка” е правно лице со дозвола од гувернерот на Народната банка на Република Македонија основано согласно со одредбите од овој закон, чија основна дејност е прибирање депозити и други повратни извори на средства од јавноста и одобрување на кредити во свое име и за своја сметка (точка 1).

Согласно член 12 од истиот закон, банка се основа како акционерско друштво со седиште во Република Македонија.

Според член 16 од истиот закон, гувернерот издава дозвола за основање и работење на банка.

Согласно член 131 став 1 од овој закон, гувернерот презема мерки и определува рокови за нивно спроведување, доколку банката, банкарската група, акционерите или органите на банката не ги почитуваат прописите со кои е уредено работењето на банките или нивните интерни процедури. Според ставот 2 на овој член, мерките што ги презема гувернерот се: 1) редовни мерки; 2) дополнителни мерки; 3) воведување администрација; 4) повлекување на согласност и 5) одземање на дозвола.

Редовните мерки, согласно член 132 од овој закон, гувернерот ги презема кога банката или банкарската група не ги почитува прописите со кои е уредено работењето на банките.

Дополнителните мерки, согласно член 133 од истиот закон, гувернерот ги презема спрема банка или акционер на банка кога сериозно ги прекршуваат прописите на банката. Дополнителни мерки кои ги презема гувернерот со решение се:
1) овластува лица за непосредно следење на работата на банката или на банкарскиот систем.
2) на банката и/или акционерот наложува да:
– ги ревидира интерните процедури и политика,
– ги намали трошоците на работење,
– достигне соодветно ниво на резерви,
– смени лице со посебни права и одговорности,
– изврши дополнителна ревизија од страна на друштво за ревизија, различно од друштвото за ревизија ангажирано од банката, во обем и под услови дефинирани од гувернерот и на трошок на банката,
– постигне и одржува повисок износ на сопствени средства и/или повисока стапка на адекватност на капиталот од пропишаните во согласност со овој закон,
-постигне или одржува построги супревизорски стандарди утврдени во членовите 70, 71, 72, 73 и 74 на овој закон,
– подготви и спроведе план за подобрување на состојбата на банката, доколку банката е поткапитализирана и
– ја докапитализира банката и
3) забранува, ограничува или наложува посебни услови за:
– исплата на дивиденда,
– остварување на правата од акции,
– исплати на членовите на органите на управување,
– изложување кон поврзани лица, освен ако тие се покриени со залог на хартии од вредност издадени, или гарантирани од страна на Република Македонија или Европската унија, кои се чуваат од страна на независно трето лице – депозитна институција и чијашто пазарна вредност во секое време надминува 125% од износот на кредитот, или друг облик на изложеност,
– трансакции со други лица од банкарската група или поврзани лица со банката,
– изложување спрема лице за кое согласно со методологијата на Народната банка се врши исправка на вредност или се издвојува посебна резерва од најмалку 20%,
– пролонгирање на одобрени кредити,
– вршење на сите или одредени финансиски активности,
– отворање делови на банка,
– учество на девизен пазар,
– стекнување на капитални делови во други правни лица и
– отпочнување со нови финансиски активности.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на одредбите од Законот за Народната банка како и содржината на оспорените одредби прозлегува дека во случаите кога акционерот ги стекнал акциите спротивно на одредбите од Законот за банки ( член 59), кои се таксативно утврдени и акциите за кои е повлечена издадената согласност, гувернерот носи решение со кое на тој акционер, акциите не му носат право на глас, и ќе определи рок во кој акционерот е должен да ги продаде акциите. Доколку во предвидениот рок акционерот не ги продаде акциите, а банката исплатила дивиденда на другите акционери, дивидендата за акционерот за кој со решение е утврдено дека нема право на исплата на дивиденда, тие средства се распоредуваат во општата резерва на банката.

Имајќи го предвид наведеното,Судот оцени дека со наведените одредби на гувернерот на Народната банка на Република Македонија му се дадени прешироки овластувања при преземање на дополнителни мерки кои мерки се преземаат во исклучителни ситуации спрема акционерите во банка. Тоа значи дека во конкретниов случај гувернерот располага со туѓи акции во смисла на тоа што ако акционерот не ги продаде акциите во определениот рок, по налог на гувернерот истите се продаваат на берза, а средствата одат во резервниот фонд на банката. Со ваквиот начин на уредување на ова прашање Гувернерот се става над органите на управување во банките кои одлучуваат за овие прашања, поради што со вака дадените прешироки овластување се доведува во прашање уставно гарантираното право на сопственост утврдено во Уставот
.
Со оглед на наведеното,Судот оцени дека наводите во иницијативата дека со законското решение од член 137 ставовите 3 и 4 од Законот се ограничувало правато на сопственост без да се утврди јавен интерес и без да се даде соодветен паричен надоместок, биле спротивни на член 8 став 1 алинеите 3, 6 и 7, член 30 ставовите 3 и 4 како и член 58 од Уставот се основани.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука..

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати,Бранко Наумоски д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр. 43/2013
4 декември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.43/2013