24/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 6 ноември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 72 став 2, членот 73 и членот 74 ставови 1 и 2 од од Законот за социјалната заштита (“Службен весник на Република Македонија” број 79/2009, 36/2011, 51/2011, 166/2012 и 15/2013).

2. Републичкиот центар за подршка на лица со интелектуална попреченост “ПОРАКА” – Скопје, Фондацијата отворено општество-Македонија-Скопје, Ромската организација за мултикултурна афирмација РОМА С.О.С.-Прилеп, Здружението за еманципација, солидарностност и еднаквост на жените на Република Македонија-Скопје, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување “ХЕРА”-Скопје, Коалицијата сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници-Скопје, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија-Скопје и “ХОПС”-Опции за здрав живот-Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорените законски одредби биле спротивни со членот 8 став 1 алинеите 1, 3, 8 и 11, членот 9, членот 34, членот 35 и членот 51 од Уставот на Република Македонија, членовите 3 и 5 став 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, членот 28 и Преамбулата од Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, членот 14 и Протокол број 12 од Европската конвенција за човековите права и нејзините протоколи, како и со други меѓународни документи ратификувани од страна на Република Македонија.

Според подносителите на иницијативата, Уставот ја гарантирал социјалната заштита, социјалната сигурност и социјалното осигурување, како право кое важело за секого, секогаш и секаде, а тие гаранции значеле дека овие права се сеопфатни, достапни и ефективни за своите граѓани под еднакви услови и без било каков дискриминаторски основ, а со вака уредените оспорени законски решенија лицата со ментални пречки во развојот, а особено лицата со умерена интелектуална попреченост, се ставале во нееднаква положба во однос со другите лица со потешка попреченост. Пропишаните права од Уставот, се стеснувале со Законот за социјалната заштита, на начин што Законот со оспорените одредби, предвидел ограничување и делење на пречките во менталниот развој по вид, односно остварувањето на правото на помош и нега од друго лице го условил со обемот на потребата од помош и нега од друго лице, што било противуставно бидејќи таквата делба се имплицирала во финансиската состојба на лицата со умерени пречки во менталниот развој.

Подносителите на иницијативата сметаат дека паричниот надоместок за помош и нега од друго лице, требало да биде достапен во подеднаков износ за сите лица над 26 годишна возраст, без разлика на обемот на потребата за помош и нега од друго лице, односно без разлика дали се работи за лица со умерени, тешки или длабоки пречки во менталниот развој. На тој начин спрема сите лица би се постапувало со ист аршин и третман. Имено оспорените законски решенија требало да бидат уредени како што било уредено во Законот за заштита на децата каде при обезбедувањето на определени права, средства и облици за заштита на децата, се тргнувало од почитување на неколку принципи меѓу кои и исклучувањето на каква било форма на дискриминација.

Предвидениот посебен додаток со Законот за заштита на децата, како едно од правата за заштита на децата, бил предвиден за дете, односно за секое лице до наполнети 18 години живот, како и лица со пречки во телесниот и менталниот развој до наполнети 26 години живот. Според наведениот закон за лицата до 26-годишна возраст се обезбедувал посебен додаток и тоа за сите деца со пречки во развојот во кои пречки законодавецот ги вклучил умерената, тешката и длабоката ментална попреченост, без притоа да прави категоризација во однос на попреченоста. Обезбедувањето на ваквата помош за лицата со пречки во менталниот развој по 26-годишната возраст продолжувала согласно оспорените законски одредби од Законот за социјалната заштита преку обезбедувањето на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице, меѓутоа тоа било спротивно со членот 25 од Законот за заштита на децата бидејќи не се следела линијата на заштита на децата со ист третман кон сите деца, односно лица со пречки во менталниот развој, туку Законот правел делба преку обемот на потребата за помош и нега од друго лице, а со тоа се правел нееднаков третман кон сите лица.

Според подносителите на иницијативата, неспорно било дека законодавецот имал уставно право со закон да ги регулира условите под кои ќе се остварува правото на социјална заштита, но тие услови требало да имаат легитимна цел (објективно оправдана) што според Законот за спречување и заштита од дискриминација, легитимна цел е цел која не е спротивна на Уставот и на одредбите на меѓународните договори, а којашто соодвествува со реалните потреби, како и легитимен интерес, кој според истиот закон, претставувал оправдување за интересот и активно вклучување на одредено лице во преземањето конкретни активности, заради своја сопствена засегнатост од последиците на тие активности, заради поширок однапред пројавен интерес за одредени општествени случувања, односно заради предвидено овластување со закон за занимање со определени активности.

Со оглед дека обемот на потребата од помош и нега од друго лице се земал како услов и основ за уживање на правото, на тој начин се вршел нееднаков третман и делење меѓу лицата со пречки во менталниот развој, па оттука со оспорените законски решенија лицата со тешки и длабоки пречки во менталниот развој се ставале во групата за остварување на правото на помош и нега од друго лице во потреба од поголем обем, а лицата со умерени пречки во менталниот развој се ставале во групата од помал обем.

Од наведените причини, оспорените законски решенија требало да се поништат како дискриминаторски поставени одредби, така што паричниот надоместок за помош и нега од друго лице да биде достапен за лица над 26 годишна возраст со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој и тоа без разлика на обемот на потребата за помош и нега од друго лице, со што би дошло до постапување со ист третман, по ист аршин кон сите лица со пречки во менталниот развој.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 72 став 2 од Законот определува дека висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице се утврдува во зависност од обемот на потребата за помош и нега од друго лице.

Судот, утврди и дека со оспорениот член 73 од Законот е определено дека потреба од помош и нега од друго лице во поголем обем има лице со тешки и длабоки пречки во менталниот развој, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, поради што не може само да ги задоволува основните животни потреби, не може ниту со помош на ортопедски помагала самостојно да се движи во станот или надвор од станот, самостојно да се храни, облекува, да ја одржува личната хигиена, ниту да ги врши основните физиолошки потреби (став 1), дека потреба од помош и нега од друго лице во помал обем има лице со умерени пречки во менталниот развој и лице кое поради трајни промени во здравствената состојба не може без помош од друго лице во потполност да ги задоволува основните животни потреби (став 2), како и дека потреба од помош и нега од друго лице од ставовите 1 и 2 на овој член, има и лице кое поради привремени промени во здравствената состојба без помош на ортопедски помагала не може да ги задоволи основните животни потреби (став 3).

Судот, исто така утврди дека со оспорениот член 74 ставови 1 и 2 од Законот е опеделно дека висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице во поголем обем изнесува 4.185 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година (став 1), а висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице во помал обем изнесува 3.702 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година (став 2).

4. Спoред членот 8 став 1 алинеите 1, 3, 8 и 11 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор.

Со членот 35 од Уставот е опеделено дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани. Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од содржината на наведените уставни одредби произлегува дека Републиката им го обезбедува правото на граѓаните на социјална сигурност условувајќи ова право да биде утврдено со закон и колективен договор; Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните повикувајќи се на начелото на социјална праведност кое, како такво, без поблиско определување за негово реализирање, е предвидено во членот 8 став 1 алинеја 8, како една од темелните вредности на Уставот; Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани како поединци; Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Имајќи го предвид изнесеното, во остварувањето на економските и социјалните права на граѓаните, Уставот употребува различна теминологија: “гарантира”, “се грижи” и “обезбедува” и дека сите овие термини имаат различен интензитет во остварувањето на економските и социјалните права на граѓаните.

Во оваа констелација на односи, Уставот упатува, прашањата од областа на социјалната сигурност на граѓаните да се уредат со закон.

Врз таа основа е донесен и Законот за социјална заштита (“Службен весник на Република Македонија” број 79/2009, 36/2011, 51/2011, 166/2012 и 15/2013).

Со Законот за социјалната заштита (“Службен весник на Република Македонија” број 79/2009, 36/2011, 51/2011, 166/2012 и 15/2013) се уредуваат системот и организацијата на социјалната заштита, правата од социјалната заштита, финансирањето и постапката на остварување на правата од социјалната заштита (член 1).

Според членот 2 од Законот социјалната заштита е систем на мерки, активности и политики за спречување и надминување на основните социјални ризици на кои е изложен граѓанинот во текот на животот, за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост и за јакнење на неговиот капацитет за сопствена заштита (став 1). Под социјален ризик, во смисла на овој закон, се подразбира: ризици по здравјето (болест, повреда и инвалидност); ризици на старост и стареење; ризици на еднородителско семејство; ризици од невработеност, губење на приход за издржување врз основа на работа и слично; ризици од сиромаштија и ризици од друг вид на социјална исклученост (став 2).

Согласно членот 3 став 1 од Законот, Републиката се грижи за социјалната заштита на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, а според ставот 2 од наведениот член од Законот Републиката го воспоставува системот на социјалната заштита и го овозможува неговото функционирање, обезбедува услови и мерки за вршење на социјално – заштитната дејност и развива форми на самопомош.

Со овој закон, законодавецот ги предвидува Републиката, општината, градот Скопје и општините во градот Скопје како основни носители на социјалната заштита на граѓаните во рамките на нивните надлежности, а во согласност со овој закон (член 3 став 3 од Законот).

Според член 5 од Законот, дејноста од социјална заштита е од јавен интерес.

Во Глава II од Законот, со наслов: „Услуги и мерки од социјална заштита“, е содржана точката 4 со поднаслов: „Право на парична помош од социјална заштита“.

Како мерки од социјална заштита, со членот 44 од Законот, содржан во погоре наведениот дел од Законот, се пропишани права на парична помош од социјална заштита и тоа:

-социјална парична помош;
-постојана парична помош;
-парична помош на лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа;
-парична помош на мајка која родила четврто дете;
-паричен надоместок за помош и нега од друго лице;
-еднократна парична помош и помош во натура;
-надоместок на плата за скратено работно време поради нега на дете со телесни или ментални пречки во развојот;
-парична помош за социјално домување и
-право на здравствена заштита.

Со членот 72 став 1 од Законот е определено дека право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице има лице над 26-годишна возраст, со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, на кое му е неопходна помош и нега од друго лице заради тоа што не може само да ги задоволува основните животни потреби, доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи.

Според оспорениот став 2 од членот 72 од Законот висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице се утврдува во зависност од обемот на потребата за помош и нега од друго лице.

Со оспорениот член 73 од Законот е определено дека:

Потреба од помош и нега од друго лице во поголем обем има лице со тешки и длабоки пречки во менталниот развој, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, поради што не може само да ги задоволува основните животни потреби, не може ниту со помош на ортопедски помагала самостојно да се движи во станот или надвор од станот, самостојно да се храни, облекува, да ја одржува личната хигиена, ниту да ги врши основните физиолошки потреби (став 1).

Потреба од помош и нега од друго лице во помал обем има лице со умерени пречки во менталниот развој и лице кое поради трајни промени во здравствената состојба не може без помош од друго лице во потполност да ги задоволува основните животни потреби (став 2).

Потреба од помош и нега од друго лице од ставовите 1 и 2 на овој член, има и лице кое поради привремени промени во здравствената состојба без помош на ортопедски помагала не може да ги задоволи основните животни потреби (став 3).

Според оспорениот член 74 ставови 1 и 2 од Законот висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице во поголем обем изнесува 4.185 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година (став 1), а висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице во помал обем изнесува 3.702 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година (став 2).

Според членот 75 став 1 од Законот потребата за помош и нега од друго лице со наод, оцена и мислење, ја утврдува стручна комисија која може да биде при јавна установа која во рамките на својата дејност третира проблеми од областа на психофизичкиот развој на лица со одреден вид на попреченост или во друго правно лице, а според ставот 2 од наведениот член од Законот, право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, по исклучок од ставот 1 на овој член, има лице над 26 години возраст со тешки и длабоки пречки во менталниот развој, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, како и потполно слепо лице чиј вид и степен на попреченост е утврдена со наод, оцена и мислење на стручен орган, издаден во постапка согласно со општиот акт од членот 203 ставови 2 и 3 на овој закон и решение на центарот за социјална работа.

Од содржината на погоре цитираните законски одредби, вклучително и оспорените со иницијативата, произлегува дека Законот за социјална заштита ги решава прашањата сврзани со правото на социјалната сигурност на граѓаните и нивната социјална заштита, го решава правото на помош на немоќните и неспособните за работа граѓани и им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот. Социјалната праведност во системот на социјалната заштита, се остварува преку преземање на мерки за вклучување на најзагрозените и најсиромашните категории на граѓани, согласно со Законот утврдените услови за остварување и користење на правата од социјалната заштита, на кој начин се овозможува граѓаните да имаат право на социјална заштита согласно со закон и начелото на социјална праведност.

Од содржината на членот 72 став 1 од Законот произлегува дека законодавецот, уредил право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице за лице над 26-годишна возраст, со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, на кое му е неопходна помош и нега од друго лице заради тоа што не може само да ги задоволува основните животни потреби, доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи.

Од наведената законска одредба произлегува и дека законодавецот го уредил и опфатот на категоријата на лица кои можат да бидат корисници на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице и тој опфат се однесува за лица со различен вид и степен на ментална или телесна попреченост.

Со оспорениот став 2 од членот 72 од Законот е уредено дека висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице се утврдува во зависност од обемот на потребата за помош и нега од друго лице.

Од анализата на оваа оспорена законска одредба произлегува дека законодавецот при уредувањето на оспорениот став 2 од членот 72 од Законот, односно при утврдувањето на висината на правото на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице ги земал во предвид наведените околности, односно околноста дека оваа категорија на граѓани имаат потреба за помош и нега од друго лице во поголем или помал обем, во зависност од видот и степенот на менталната или телесната попреченост, односно во зависност од функционалноста и способноста на лицето за задоволување на основните животни и физиолошки потреби.

Следствено на погоре наведеното законодавецот го уредил оспорениот член 73 од Законот со кој законодавецот јасно и прецизно ја дефинирал потребата од помош и нега од друго лице во поголем или помал обем.

Имено според ставот 1 од овој оспорен член, потреба од помош и нега од друго лице во поголем обем има лице со тешки и длабоки пречки во менталниот развој, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, поради што не може само да ги задоволува основните животни потреби, не може ниту со помош на ортопедски помагала самостојно да се движи во станот или надвор од станот, самостојно да се храни, облекува, да ја одржува личната хигиена, ниту да ги врши основните физиолошки потреби.

Понатаму со ставот 2 од оспорениот член 73 од Законот, законодавецот уредил дека потреба од помош и нега од друго лице во помал обем има лице со умерени пречки во менталниот развој и лице кое поради трајни промени во здравствената состојба не може без помош од друго лице во потполност да ги задоволува основните животни потреби.

Исто така со ставот 3 од оспорениот член 73 од Законот е уредено дека потреба од помош и нега од друго лице од ставовите 1 и 2 на овој член, има и лице кое поради привремени промени во здравствената состојба без помош на ортопедски помагала не може да ги задоволи основните животни потреби.

Од анализата на оспорениот член 73 од Законот, произлегува дека висината на правото на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице е детерминирана во зависност од обемот на таа потреба, која потреба согласно членот 75 од Законот ја утврдува стручна комисија врз основа на наод, оцена и мислење за видот и степенот на попреченоста или со наод, оцена и мислење на стручен орган во соодветна постапка за утврдување на видот и степенот на попреченоста на лицата во менталниот или телесниот развој за што Центарот донесува решение.

Следствено на погоре наведеното, во зависност од обемот на потребата за помош и нега од друго лице, односно во зависност дали станува збор за потреба од помош и нега од друго лице во поголем или помал обем, законодавецот со оспорениот член 74 ставови 1 и 2 од Законот, ги утврдил и висините на паричните надоместоци за помош и нега од друго лице.

Со иницијативата се оспоруваат одредбите од членовите 72 став 2, 73 и 74 ставови 1 и 2 од Законот за социјалната заштита како дискриминаторски одредби кои ги ставале граѓаните во нееднаква положба пред Уставот и законите. Конкретно, со иницијативата се оспоруваат наведените законски одредби од аспект на критериумите (обемот на потребата за помош и нега од друго лице) за определување на висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице, што според подносителите на иницијативата не требало таа да биде уредена во зависност од обемот на потребата за помош и нега од друго лице и независно од видот и степенот на менталната или телесната попреченост, туку независно од таа потреба и во еднаков износ за сите лица над 26 годишна возраст кои имаат потреба од помош и нега од друго лице.

Судот оцени дека ваквите наводи се неосновани, поради следното:

Во конкретниот случај, со уредените оспорени законски решенија е овозможено граѓаните да имаат право на социјална заштита согласно со начелото на социјална праведност и начелото на владеењето на правото, а не како што се тврди со иницијативата дека со така уредените оспорени законски одредби се вршела дискриминација на граѓаните со помал обем на попреченост во однос на граѓаните со поголем обем на попреченост. Имено, Република Македонија како потписник на повеќе меѓународни документи кои ги третираат правата од социјалната заштита, конкретно со ратификацијата на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, со која рамноправноста и недискриминацијата се фундаментални принципи на заштитата на човековите права, се обврза на усвојување и прифаќање на тие принципи вклучително и преамбулата, целта, општите начела и обврски.

Конвенцијата налага обврска за земјата која го ратификувала овој документ да интервенира во националното законодавство на начин да се обезбедат општите граници за еднаквост и заштита од дискриминација по основ на инвалидност, кои што се однесуваат на сите сфери во кои што може да се појави инвалидитет. Меѓутоа Конвенцијата не предвидува определен модел на конкретни законски решенија кои што треба да се следат за постигнување на правната еднаквост на лицата со инвалидност, туку е препуштено на државите потписнички да го определат посебниот пристап кон нормирањето на оваа област на заштита. Така со Законот за социјалната заштита се обезбедува посебната заштита на лицата кои се наоѓаат во социјален ризик по здравјето (болест, повреда и инвалидност). Во оваа насока, покрај услугите од областа на социјалната заштита кои опфаќаат право на организирано живеење со подршка, сместување во згрижувачко семејство, мал групен дом, право на оспособување за работно-производна активност и право на згрижување во установи за институционална или вонинституционална социјална заштита, на оваа категорија на граѓани им е овозможено и остварување на права на парична помош од социјална заштита и тоа постојана парична помош, еднократна парична помош, додаток за слепило и мобилност, како и паричен надоместок за помош и нега од друго лице. Наведените права на парична помош од социјална заштита меѓусебно не се исклучуваат и се остваруваат без оглед односно независно од материјалната состојба на корисникот, освен при остварувањето на правото на постојана парична помош кое го остваруваат лица кои се материјално необезбедени и неспособни за работа.

По однос на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице, посебно, Судот се осврна на прашањето дали со така определените висини на паричен надоместок за помош и нега од друго лице за лицата кои ги исполнуваат критериумите предвидени за тоа, а кои законодавецот ги определил во зависност од обемот на потребата за помош и нега од друго лице, односно во зависност од видот и степенот на менталната или телесната попреченост, конкретно дали со оспорените законски решенија се врши дискриминација на лицата со умерени пречки во менталниот развој кои се ставале во групата од помал обем во однос на лицата со тешки и длабоки пречки во менталниот развој кои се ставале во групата за остварување на правото на помош и нега од друго лице во потреба од поголем обем.

Според Судот, со така уредените законски решенија не се доведува во прашање еднаквоста на граѓанатие пред Уставот и законите туку напротив се обезбедува начелото на владеењето на правото и социјалната праведност која се остварува преку утврдување на обемот на потребата за помош и нега од друго лице што го утврдува стручна комисија за таа цел која преку наод оцена и мислење го определува степенот и видот на телесната и ментална попреченост на одредено лице, односно дали станува збор за потреба од помош и нега од друго лице во поголем обем или помал обем.

Условувањето на користењето на ова право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице со возраста и со обемот на потребата за помош и нега од друго лице за задоволување на основните животни потреби на лице со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот или физичкиот развој, кое подеднакво важи за сите корисници на ова право, според Судот е во рамките на уставното овластување на законодавецот да го определува нивото на социјалната сигурност на граѓаните и да ги определува правата од социјалното осигурување и нивниот обем, во согласност со општествено-економските услови во Републиката, при што е обврзан граѓаните да бидат ставени во иста положба при остварувањето на правото, што според Судот тоа е испочитувано во овој случај. Законодавецот правата од сферата на социјалната заштита, согласно со начелото на социјална праведност, ги димензионирал во согласност со општествено-економските услови во државата, што остава простор за измена на постојните права и условите за нивно користење, но и можност за утврдување на нови права, кои се во насока на подобрување на заштитата на инвалидните лица и условите за нивно вклучување во општествениот живот, а не во насока на ограничување на нивните права, како што се наведува во иницијативата.

Оттука, според Судот, определувањето на висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице во зависност од обемот на потребата од таква помош, не значи дискриминација на граѓаните со помал инвалидитет во однос на граѓаните со поголем инвалидитет за кои со оспорените одредби е определена поголема висина на паричен надоместок, бидејќи од уставно-правен аспект од значење е дека висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице, законодавецот пропишал да се однесува под исти услови на сите лица кои се наоѓаат во иста здравствена, односно фактичка и правна положба (иста категорија на лица според обемот на потребата за помош и нега од друго лице-утврдена од надлежен орган-стручна комисија за таа цел), без оглед на потеклото на инвалидитетот или идентитетот на лицето со инвалидност, односно независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, на што Република Македонија се обврзала со ратификацијата на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност (“Службен весник на Република Македонија” број 172/2011) и што е во согласност со Уставот.

Наводите од иницијативата, дека висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице, требало да биде определен во еднаква висина за сите лица над 26 годишна возраст без оглед на нивната условеност со степенот на менталната и телесната попреченост и независно од обемот на таа потреба, во оваа насока всушност значи и барање за уредување оспорените одредби на друг начин, односно барање Уставниот суд во улога на законодавец, да нормира односи во сферата на социјалната заштита, што не е во негова надлежност.

По однос наводите од иницијативата дека оспорените одредби од Законот не биле согласни и со одделни одредби од меѓународни договори (член 14 од Конвенцијата за заштита на правата на човекот и основните слободи и член 28 од Конвенцијата за правата на лица со инвалидност и Факултативниот протокол кон Конвенцијата за правата на лица со инвалидност) кои се ратификувани во согласност со Уставот, со што станале дел од внатрешниот поредок и не можат да се менуваат со закон (член 118 од Уставот), тие наводи се сведуваат на барање за оцена на оспорените законски одредби и од аспект на нивната согласност со наведените одредби од меѓународните акти, меѓутоа тоа излегува надвор од уставно утврдените рамки на надлежности на Уставниот суд, имајќи го предвид уредувањето со членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, според кои Уставниот суд одлучува исклучиво за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите, но, не и за согласноста на законите со меѓународните акти.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од член 72 став 2, член 73 и член 74 ставови 1 и 2 со одредбите од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. бр.24/2013
6 ноември 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева