У.бр.75/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 6 ноември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Стевче Станковски, Ничо Ефтинџиоски, Пецо Јошевски, Вангел Ушлиновски и Владимир Тодоров, сите од Битола, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, кои сметаат дека им´ се повредени со Пресудата РОЖ бр. 153/13 од 02.04.2013 година на Апелациониот суд во Битола.

2. Стевче Станковски, Ничо Ефтинџиоски, Пецо Јошевски, Вангел Ушлиновски и Владимир Тодоров, сите од Битола, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Во барањето се наведува дека со Пресуда РОЖ бр. 153/13 од 02.04.2013, година, Апелациониот суд во Битола, ги повредил загарантираните права на работниците утврдени со Уставот и законите, на начин што по повод поднесена жалба против Пресудата на Основниот суд во Битола РО.бр. 318/12 од 11.01.2013 година, а во врска со правната работа по тужба од барателите, против тужената Општина Битола од Битола, за парично побарување од работен однос, Апелациониот суд ја преиначил првостепената пресуда и пресудил во корист на тужената страна.

Барателите сметаат дека со погоре наведената судска одлука, второстепениот суд сторил повреда на уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, односно истите се дискриминирани во остварувањето на своите права заштитени со Уставот на Република Македонија, бидејќи работодавецот на работниците кои не доставиле тужби им ги исплатиле додатоците, а на тие кои тужеле не им ги исплатиле и со тоа тужителите биле дискриминирани во остварувањето на своите права.

Со така донесената второстепена одлука, барателите сметаат дека се повредувал членот 32 од Уставот на Република Македонија, членовите 106 и 117 став 4 од Законот за работните односи и Колективниот договор во кој биле предвидени додатоците за прекувремена работа и работа за празник, односно барателите биле дискриминирани во остварувањето на своите права заштитени со Уставот. Според наводите од барањето работодавецот не постапил согласно Уставот и законот, не им ги исплаќал додатоците, а второстепениот суд застанал во одбрана на работодавецот и го одобрил прекршувањето на Уставот и законот.

Од наведените причини, со барањето се бара Уставниот суд да донесе одлука со која ќе се утврди дека Апелациониот суд во Битола ги прекршил основните права на човекот и граѓанинот загарантирани со Уставот, да ја поништи второстепената пресуда, и предметот да го врати на повторно одлучување.

3. Од увидот во доставената и прибавена документација произлегува дека барателите се во работен однос во Притивпожарна единица на Општина Битола.

Пред Основниот суд во Битола, барателите водела спор против Општина Битола за надоместоци од работен однос, при што со Пресуда РО-104/12 од 04.10.2012 година, првостепениот суд го уважил нивното тужбено барање. По повод поднесена жалба од тужената Општина Битола, Апелациониот суд во Битола со Пресуда РОЖ.бр. 623/12 од 20.11.2012 година, ја уважил жалбата од тужената страна, првостепената пресуда ја укинал, а предметот го вратил пред првостепениот суд на повторно судење со дадени напатствија на првостепениот суд при повторното судење правилно и целосно да ја утврди фактичката состојба со претходно изведување на доказите со примена на правилата на товарот на докажувањето, па со правилна примена на материјалното право да донесе правилна и законита одлука.

При повторното судење првостепениот суд со Пресуда РО-318/12 од 11.01.2013 година, делумно го уважил тужбеното барање од тужителите.

Тужителите незадоволни од одбивателниот дел од првостепената пресуда, вложиле жалба до Апелациониот суд во Битола, а жалба била вложена и од страна на тужената Општина Битола.

Постапувајќи по вложените жалби од странките, Апелациониот суд во Битола, жалбата од тужителите ја одбил како неоснована и ја потврдил првостепената пресуда во одбивателниот дел, а жалбата од тужената страна против пресудата во уважениот дел од првостепената пресуда, ја уважил и пресудата во делот на уваженото тужбено барање го преиначил на начин што го одбил туженото барање од тужителите како неосновано.

Во жалбената постапка, второстепениот суд нашол дека жалбата од тужениот е основана, бидејќи во конкретниот случај не бил испочитуван членот 235 од Законот за парничната постапка, односно дека тужителите не доставиле доказ вештачење согласно наведениот член од Законот, туку таквиот доказ го доставиле подоцна на што приговарала тужената страна дека таквиот доказ судот не можел да го прифати. По оцена на второстепниот суд, уважениот дел од првостепената пресуда не било основано бидејќи првостепениот суд не можел и не поседувал соодветно стручно знаење да врши оценка и анализа на приложени докази-прегледи на часови по однос додатоци и надоместоци за предметниот период, туку дека фактите и околностите по однос тужбеното барање, можело да се утврди само од стручно вешто лице од соодветна област преку давање на наод и мислење за тие факти и околности, кој наод и мислење од вешто лице, согласно членот 235 од Законот за парничната постапка, тужителите требало да го достават со тужбата.

Од наведените причини, второстепениот суд оценил дека тужбеното барање на тужителите по основ на бонус за прекувремена работа не било основано, односно истото не било докажано со веродостојни докази, поради што со Пресуда РОЖ.бр. 153/13 од 02.04.2013 година, ја уважил жалбата од тужената страна и ја преиначил првостепената пресуда во делот на уваженото тужбенот барање, на начин што истото го одбил како неосновано, односно како недокажано.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Подносителите во барањето наведуваат дека во работен спор кој се водел пред Основниот суд во Битола, односно во жалбена постапка пред Апелациониот суд во Битола, второстепениот суд одлучувајќи по жалбата на тужениот, ја преиначил првостепената одлука во делот на уваженото тужбено барање, на начин што го одбил нивното тужбено барање за надоместоци од работен однос.

Според барателите, Апелациониот суд во Битола, со така донесената пресуда РОЖ.бр.153/13 од 02.04.2013, ги повредил загарантираните права на работниците утврдени со Уставот, законот и колективните договори и го повредил принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законот, односно барателите биле дискриминирани во остварувањето на своите права заштитени со Уставот, на начин што второстепениот суд ја преиначил првостепената одлука и пресудил во корист на тужената страна, со задолжување за барателите да му ѓи надоместат на тужениот и трошоците по постапката. Со оглед дека барателите не успеале во судскиот спор за парично побарување од работен однос, сметаат дека со тоа е повреден уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, поради што бараат заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Тргнувајќи од податоците кои треба да бидат содржани во барањето за заштита на слободи и права, а согласно цитираната одредба од членот 52 од Деловникот на Уставниот суд, во конкретниот случај Судот утврди дека не се исполнети процесните претпоставки за впуштање на овој суд во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободи и права.

Вo барањето, подносителите, како акт со кој сметаат дека се повредени нивните слободи и права, посочуваат одлука на Апелациониот суд во Битола, односно Пресуда РОЖ бр. 153/13 од 02.04.2013 година година. Наведениот акт претставува акт на надлежен суд донесен во конкретна постапка за работен спор помеѓу две страни, со правна завршница од која барателите останале незадоволни, бидејќи второстепениот суд ја преиначил првостепената одлука во корист на тужената страна, бидејќи уважениот дел од првостепената одлука не се засновал на веродостојни докази.

Барателите со барањето општо се повикуваат на заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, со кој член децидно се определени слободите и правата кои ги штити Уставниот суд на Република Македонија, односно тоа се слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Со барањето не е посочено на која слобода и право се однесува бараната заштита од членот 110 алинеја 3 од Уставот, ниту пак се посочува по кој основ (пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност) барателите се дискриминирани во остварувањето на своите права пред Уставот и законите.

Во конкретниот случај барателите причините за поднесување на барањето за заштита на слободи и права, ги темелат на незадоволство од неуспех во спорот, а не на релевантни факти и докази дека таквото одлучување на надлежниот суд било исклучиво заради дискриминаторски однос на судот спрема барателите, односно дека половата, расната, верската, националната, социјалната или политичката припадност на барателите, била единствена причина од која судот се раководел при формирањето на правното мислење при одлучувањето. Во случајов одлуката на второстепениот суд на која барателите се повикуваат како акт со кој се повредени нивните слободи и права и како акт за нивна дискриминација, е епилог на водена судска постапка од страна на надлежен суд, по конкретно барање во конкретна постапка, со правна завршница на основа на приложени факти и докази за предметот на спорот.

Повикувањето на дискриминација по било кој основ од членот 110 алинеја 3 од Уставот, потребно е да биде поткрепено со правно издржани претпоставки, односно со правно издржани релевантни факти и докази, кои би пружиле доволна основа и причина, овој суд да се впушти во анализа по однос на прашањето дали одлуката на Апелациониот суд во Битола е резултат на правно засновани релевантни факти и докази во постапувањето и одлучувањето по правната работа од барателите, односно како резултат од правна завршница од законито спроведена постапка или пак одлуката евентуално била резултат од нееднаков и различен третман на именуваниот суд спрема граѓаните, во конкретниот случај барателите заради нивната полова, расна, верска, национална, социјална или политичка припадност.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, во отсуство на издржани релевантни факти и докази за повреда на кое и да било заштитено со Уставот слобода и право на човекот и граѓанинот и сторена дискриминација по кој и да било основ од членот 110 алинеја 3 од Уставот, барањето за заштита на слободи и права, во конкретниот случај се сведува на барање за преиспитување на одлука на надлежен судски орган. Меѓутоа тоа излегува надвор од уставно утврдените рамки на надлежност на овој суд, па оттука Уставниот суд нема надлеженост во смисла на арбитер од аспект на повисок инстанционен суд да одлучува за законитоста на конкретни акти на надлежни органи.

6. Поради изнесеното, во отсуство процесните претпоставки од членовите 51 и 52 од Деловникот на Уставниот суд за мериторно одлучување по барањето, согласно цитираните уставни и деловнички одредби, Судот оцени дека во конкретниот случај настапени се условите за отфрлање на барањето поради што одлучи како во точкaта 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.75/2013
6 ноември 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева