У.бр.168/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 25 септември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 193 став 1 од Законот за Кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија„ бр.150/2010, 51/2011 и 100/2012).

2. Павле Трајанов од Скопје, во својство на претседател на Демократскиот сојуз, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 193 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата го цитира оспорениот член 193 од Законот и наведува дека одредбата не била во согласност со членот 26 од Уставот, во кој експлицитно се гарантирало правото на неповредливост на домот и се предвидувало кога тоа право можело да биде ограничено.

3. Судот на седницата утврди дека Оспорениот член 193 од Законот е со наслов: „ Влегување во дом врз основа на согласност или наредба за приведување“

Според оспорениот член 193 став 1 од Законот, без наредба за претрес може да се влезе во дом:
– ако држателот на домот се согласува со тоа,
– ако таму се наоѓа лице кое по наредба на суд треба да се притвори или присилно да се доведе,
– поради лишување од слобода на сторител кој е затечен при извршување на кривично дело кое се гони по службена должност или
– на место каде што е извршено кривично дело заради вршење увид.

Според ставот 2 од членот 193 од Законот, во случаите од ставот 1 на овој член нема да се состави записник, туку на држателот на домот веднаш ќе му се издаде потврда, во која ќе се назначи причината за влегувањето во домот и сите забелешки на држателот. Ако во домот е извршен и претрес тогаш ќе се состави записник во согласност со членот 192 од овој закон кој мора да ги содржи причините за претрес без наредба.

Според ставот 3 од членот 193 од Законот, кога е извршен претрес без наредба за претрес, извршителот на претресот мора веднаш да го извести јавниот обвинител.

4. Според член 26 од Уставот се гарантира неповредливоста на домот. Правото на неповредливост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривично дело или заштита на здравјето на луѓето.

Поаѓајќи од значењето на домот како услов за живот и работа на човекот, неповредливоста на домот Уставот ја гарантира на начин што може да биде ограничена само со одлука на суд и тоа во случај кога е во прашање откривање и спречување на кривично дело или заштита на здравјето.

Од анализата на наводите изнесени во иницијативата Судот утврди дека предмет на оспорување не е целината на членот 193 од Законот за кривичната постапка, туку само ставот 1 од оваа одредба, кој дел беше предмет на оцена од страна на Уставниот суд.

Членот 193 од Законот, во кој е содржан оспорениот став 1, е со наслов: „Влегување во дом врз основа на согласност или наредба за приведување“. Според содржината на оспорената одредба без наредба за претрес може да се влезе во дом во четири различни ситуации и тоа:

– ако држателот на домот се согласува со тоа,
– ако таму се наоѓа лице кое по наредба на суд треба да се притвори или присилно да се доведе,
– поради лишување од слобода на сторител кој е затечен при извршување на кривично дело кое се гони по службена должност или
– на место каде што е извршено кривично дело заради вршење увид.

Од анализата на останатите одредби од Законот за кривичната постапка произлегува дека претресот вообичаено се извршува врз основа на писмено барање за претрес (член 186 од ЗКП) или усно барање за претрес (кога постои опасност од одлагање-член 187 од ЗКП), но во двата случаи постои писмена трага од прифатеното и одобрено процесно дејствие од страна на судијата на претходната постапка. Имено, за првиот случај судијата на претходната постапка издава наредба во писмена форма, а во вториот случај по добиеното известување по телефон, радиоврска или друго средство за електронска комуникација судијата го забележува разговорот во записник, го потпишува, сочинува заверен препис на записникот и ги предава двата примерока (оригинален записник и препис) на судот во рок од 24 часа од издавањето на наредбата. Според тоа, во двата случаи (по повод писмено и по повод усно барање за претрес) постои наредба на судот и тоа во писмена форма за превземање на процесното дејствие претрес на дом, секако заради откривање или спречување на кривично дело.

За разлика од наведеното кај оспорениот став 1 од членот 193 од Законот отсуствува писмената наредба или одлука од суд врз основа на која може да биде ограничена неповредливоста на домот согласно членот 26 од Уставот, од каде пред судот се постави прашањето дали во предвидените четири ситуации доаѓа до повреда на уставно гарантираната неповредливост на домот или не.

Според член 22 точка 17 од Законот под поимот претрес се подразбира детално истражување на лице, средство за превоз или дом под услови определени со закон.

По однос на првата ситуација (член 193 став 1 алинеја 1) во која е предвидено вршење на претрес на дом кога држателот на домот се согласува со тоа Судот оцени дека не се повредува членот 26 од Уставот. Ова од причина што влегувањето во домот, односно нарушувањето на приватноста на граѓанинот настанува по негова согласност. Притоа, за вака извршениот претрес се составува записник во согласност со членот 192 од Законот, кој, меѓу другото, мора да ги содржи причините за претрес без наредба и потпис на лицето кај кое е вршен претресот.

Во втората ситуација (член 193 став 1 алинеја 2) влегувањето во домот се врши заради приведување на лице кое, по наредба на суд, треба да се притвори или присилно да се доведе, односно правосудната полиција во овој случај постапува по наредба на судот за приведување, која пак наредба ги содржи истите податоци како и наредбата за претрес на дом. Акцентот е ставен на приведувањето на лицето, а не на претресот на домот. Воедно, наредбата за приведување ја содржи во себе и наредба за претрес, во случај приведувањето да треба да се спроведе во домот на лицето на кое се однесува. Оттаму и во оваа правна ситуација Судот оцени дека членот 26 од Уставот не се повредува.

Во членот 193 став 1 алинеја 3 од Законот е предвидено влегување во домот без наредба на суд за вршење на претрес кога тоа е потребно заради лишување од слобода на сторител кој е затечен при извршување на кривично дело кое се гони по службена должност. Според оцена на Судот вака предвидената можност за навлегување во приватноста на домот не доведува до повреда на членот 26 од Уставот од причина што се работи за инцидентна ситуација кога правосудната полиција затекнува вршител на кривично дело кое се гони по службена должност во својот или туѓ дом inflagranti и кога заради преземањето на дејствието и опасноста сторителот да побегне на органите на прогонот не е возможно истовремено да се бара наредба од суд за преземање на дејствие-претрес на дом.

Со определбата на законодавецот од членот 193 став 4 од Законот без наредба за претрес да може да се влезе во дом заради вршење увид на место каде што е извршено кривично дело, исто така не се повредува уставната одредба на која се повикува подносителот на иницијативата.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека член 193 став 1 од Законот за кривичната постапка е во согласност со членот 26 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.168/2012
25 септември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Издвоено мислење по предметот У.бр.168/2012