У.бр.205/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 25 септември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 став 2 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 20/2007, 14/2009, 20/2009 и 72/2010 и 171/2010).

2. Катица Чоланческа – Раѓеновиќ, Магдалена Генадиева – Димитрова и Томислав Дворник Весановиќ, сите од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точка 1 на ова решение.

3. Според подносителите на иницијативата, со оспорената одредба според која предмет на денационализација не се предмети и објекти од особено културно и историско значење и природни реткости определени со закон, внесена со измените на Законот од 2000 година, граѓаните биле ставени во нерамноправна положба согласно Уставот и законите. Не било јасно од кои причини и од кои виши интереси се ограничувало правото на сопственост, а со тоа и правото на денационализација на поранешните сопственици на кои им бил одземен имот согласно Законот за аграрна реформа и колонизација („Службен лист на ДФЈ“ бр.64/45) без никаков надомест, а се работело за пасишта кои подоцна влегле во рамките на национален парк. Ова затоа што според Законот за заштита на природните реткости од 1973 година, кој бил во важност во времето на донесување на оспорената одредба, национален парк спаѓал во групата општи природни резервати, како природна реткост. Ниту тој закон, ниту сега важечкиот Закон за заштита на природата, ја ограничувале сопственоста во смисла на нејзино стекнување и промет, туку само зборувале за режимот на користење кон кој се должни да се придржуваат сопствениците. Природната реткост можела да биде општествена или приватна сопственост (член 7 од Законот за заштита на природните реткости). На територијата на Република Македонија имало три национални паркови (Маврово, Пелистер и Галичица), кои опфаќале територија од стотици илјади хектари, а во рамките на таа територија егзистирале населени места со население кое се занимавало со разни стопански дејности и ова население за свои потреби поседувало сопственост врз разновиден движен и недвижен имот, со единствено ограничување кое се однесувало на управувањето кое требало да биде во согласност со законот и прописите кои ги донесувала управата на националниот парк.

Со донесување на Уставот на Република Македонија и неговата операционализација со законите со кои започнал и се остварувал процесот на трансформација (приватизација) на општествената сопственост, а особено со донесувањето на Законот за денационализација, на поранешните сопственици и нивните наследници им било признаено правото на сопственост на имот одземен со т.н.присилни прописи кои важеле до 1990 година, односно доколку бил одземен имот подоцна, тоа се сметало дека било во согласност со јавниот интерес. Со донесување на Законот за денационализација, државата ја исполнила својата уставна обврска за признавање на правото на сопственост на поранешните сопственици, денационализацијата била мерка на државата, изразена преку законски акт со која се враќал во сопственост некој претходно одземен имот, односно се враќало правото на сопственост, при што доколку враќањето било невозможно (поради тоа што на тој имот во меѓувреме бил утврден јавен интерес или тој воопшто не можел да се врати поради тоа што престанал да постои), државата обезбедувала надомест.

Со оспорената одредба граѓаните се ставале во нерамноправна положба, едни да имаат право на враќање на сопственоста или право на соодветен надомест, а на други тоа право им било исклучено. Нерамноправноста постоела и во однос на тие граѓани кои во денешно време располагаат со сопственост, точно во рамките на националните паркови кои се сметаат за природна реткост и од кои биле исклучени поранешните сопственици како баратели за враќање на имотот, како и во однос на државата која исто така располага со сопственост, а која ја презела од овие поранешни сопственици без надомест врз основа на присилни прописи кои пак последици сега биле предмет на ревизија. Исто така, Законот за денационализација предвидувал обештетување на сопствениците на добра во општа употреба, поранешните и актуелните прописи за експропријација предвидувале надомест за одземен имот за виши интереси, поради што не постоела ниедна повисока цел или интерес тоа да биде ограничено на сопствениците на природна реткост.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да ја поништи оспорената одредба, со што ќе се овозможела еднаквост на граѓаните пред Законот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 6 став 2 од Законот за денационализација, предмет на денационализација не се предмети и објекти од особено културно и историско значење и природни реткости определени со закон.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според став 2 на истиот член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, според ставот 3, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според став 4 од овој член на Уставот, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста, се гарантира правичен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Уставот на Република Македонија по својата суштина и карактер е граѓански устав. Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, правната заштита на сопственоста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. На овие основи, како едно од основните права на човекот и граѓанинот на кое му припаѓа челното место во сферата на економските права е правото на сопственост. Како индивидуално право, правото на сопственост ја претпоставува приватната сопственост. Содржината на правото на сопственост и неговата гаранција е јасно поставена со член 30 од Уставот. Како од овој член, така и од целината на Уставот, недвосмислено произлегува дека уставниот поредок и општеството што се гради на тие темели, почива и се изградува врз основите на приватната сопственост.

Со донесувањето на Уставот и неговата операционализација со законите со кои започна и се остварува процесот на трансформација (приватизација) на општествената сопственост ( на која се темелеше поранешниот уставно-правен поредок) во други облици на сопственост, главно во приватна сопственост, а особено со донесувањето на Законот за денационализација, на поранешните сопственици и нивните наследници им е признато правото на сопственост. Денационализацијата сфатена како процес на враќањето во сопственост на имот, односно давање надомест за имот одземен во корист на државата, законодавецот го третира во контекст на трансформацијата односно приватизацијата на општествената сопственост, заштитувајќи ги директно или индиректно правата на поранешните сопственици, при што условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање надомест за имот одземен во корист на државата (денационализација) се определени со Законот за денационализација (член 1).

Во оваа смисла, во член 1-а од Законот се пропишува дека се враќа имот, односно се дава надомест за имот на физички лица и на верски храмови, манастири и вакафи одземени по 2 август 1944 година:
1) врз основа на прописите со кои е вршено општо одземање и ограничување на сопственоста;
2) врз основа на прописите за одземање на имот заради остварување на општокорисни цели, како и имот експроприран заради остварување на општо корисни цели, односно општ интерес ако не се исполнети условите за враќање на имотот според одредбите за експропријација и
3) без правна основа.

Според член 9 од овој закон, не cе враќа во сопственост поради постоење на јавен интерес, a cе дава надомест за:
1) имот кој по одземањето според закон станал добро во општа употреба, и тоа: јавни плоштади, улици, сообраќајници, паркови, јавно – сообраќајни површини и други објекти на комунална инфраструктура;
2) имот кој се користи и е во функција за потребите на одбраната и безбедноста на Република Македонија;
3) неизградено градежно земјиште на кое според урбанистичкиот план е предвидена изградба на објекти од точките 1 и 2 на овој член и на други објекти од јавен интерес и
4) имот кој по одземањето се користи за вршење на дејности од јавен интерес утврден со закон.

Според член 6 став 1 од Законот, предмет на денационализација не е имот:
1) одземен според Законот за ревизија на доделување земја на колонистите и аграрните интересенти во Народна Република Македонија и во Автономната Косовско- Метохиска област;
2) одземен по основа на губење државјанство по сила на закон или врз основа на правосилна пресуда и
3) за кој е склучена меѓудржавна спогодба (договор) за обесштетување за одземен имот.

Според оспорениот член 6 став 2 од Законот, предмет на денационализација не се предмети и објекти од особено културно и историско значење и природни реткости определени со закон.

Оспорениот член 6 став 2 од Законот за денационализација станува составен дел на Законот со член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/2000), со кој во член 6 од Законот за денационализација, ставовите 2 и 3 се заменуваат со нов став 2 кој гласи: „Предмет на денационализација не се предмети и објекти од особено културно и историско значење и природни реткости определени со закон.“ Во образложението за донесување на овие законски измени (пред измените, ставовите 2 и 3 гласеле: Предмет на денационализација не е одземено градежно земјиште и експроприран имот а имотно правните односи за овој имот се расправаат во согласност со прописите за градежно земјиште и експропријација. Предмет на денационализација не е земјоделско земјиште и шуми опфатени со арондација, односно комасација, а имотно правните односи се расправаат во согласност со прописите за арондација и комасација на земјоделско земјиште и шуми), нема посебно образложение за потребата од наведената измена, освен констатацијата дека меѓу имотите што не се предмет на денационализација се вброени и културно-историските предмети и објекти и природни реткости определени со закон.

При вака утврден концепт на процесот на денационализација, со иницијативата се поставува прашањето дали има уставна оправданост од процесот на денационализација да бидат исклучени поранешните сопственици или нивните наследници на имот кој бил одземен со присилни прописи во корист на државата, а кој бил или дополнително станал имот- предмети и објекти од особено културно и историско значење и природни реткости определени со закон.

Во одговор на ова правно прашање Судот го имаше во предвид следното:

Според член 1 од Законот за заштита на природните реткости („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр. 41/1973, 42/1976 и 10/1990 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.62/1993) кој бил во важност во време на донесувањето на оспорената одредба од Законот за денационализација, природните реткости се ставаат под заштита според одредбите на овој закон без оглед на тоа дали се општествена сопственост или сопственост на граѓани, здруженија на граѓани, општествено-политички организации и граѓанско-правни лица и дали се регистрирани. Според член 2 на истиот закон, природни реткости во смисла на овој закон се недвижни и движни делови и предмети на живата и неживата природа кои поради своите научни, естетски, здравствени и други вредности, културна, образовно-воспитна и туристичко рекреативна функција, како културни добра, се под посебна заштита на општествената заедница.

И со Законот за заштита на природните реткости („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/1965), кој важел до донесувањето на Законот за заштита на природните реткости од 1973 година, природните реткости предвидени со овој закон се заштитени без оглед дали се во општествена или граѓанска сопственост (член 2).

Според Законот за заштита на природата („Службен весник на Република македонија“ бр. 67/2004), кој сега е во важност, заштитата на природата претставува дејност од јавен интерес (член 2).

Од анализата на овие одредби произлегува дека природните реткости утврдени со закон, можеле и можат да бидат во приватна сопственост на граѓаните, дека секогаш биле ставени под посебна заштита на општествената заедница и дека заштитата на природата претставува дејност од јавен интерес.

Тргнувајќи од напред наведените уставни основи, а имајќи го предвид концептот на денационализација утврден со Законот за денационализација, како и содржината на оспорената одредба од Законот, според Судот, произлегува дека се ставени во нееднаква положба граѓаните на кои им бил одземен имот со присилни прописи во корист на државата и на кои имотот ќе им биде вратен или ќе бидат обештетени според член 9 од Законот, во однос на граѓаните на кои исто така им бил одземен имот во корист на државата, но кои се исклучени од процесот на денационализација според член 6 став 2 од Законот и кои немаат право да бидат обештетени.

Според Судот, уставното начело кое гарантира еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, треба да се примени и во процесот на денационализација кој го признава државата, на начин што правото на денационализација под исти услови ќе им биде признаено на сите поранешни сопственици или нивни наследници кои во законски пропишана постапка ќе докажат дека нивни имот бил одземен во корист на државата и дека постојат услови истиот да им биде вратен или да бидат обештетени.

Исклучувањето од процесот на денационализација на предметите и објектите од особено културно и историско значење и на природните реткости определени со закон, значи исклучување од можноста поранешните сопственици на тој и таков имот да докажат во постапка пропишна со Законот за денационализација дека имаат право на денационализација како и другите граѓани на кои им бил одземен имот во корист на државата, со што тие се доведени во нерамноправна положба во однос на граѓаните на кои им е признаено ова право.

Според Судот, со таквиот селективен опфат на граѓаните на кои им се признава правото на денационализација се повредува уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, поради што основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 6 став 2 од Законот за денационализација со член 9 став 2 од Уставот.

Фактот дека процесот на денационализација се спроведува веќе подолг временски период, не е аргумент кој би одел во прилог на одбрана на уставноста на оспорената одредба. Ова затоа што правната последица од евентуалното отстранување од правниот поредок на една неуставна одредба, како оспорената во случајов, не е да предизвика правна несигурност спрема граѓаните баратели на денационализација, како што се наведува во мислењето на Владата доставено до Уставниот суд како одговор на наводите во иницијативата (акт бр. 41-388/1 од 12.02.2013 година), туку напротив, значи отстранување на повредата на уставноста, овозможување на еднаков третман на граѓаните пред законот и востановување на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.205/2012
25 септември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски