68/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 11 септември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 228 став 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 98/2012, 166/2012 и 15/2013).

2. Ќерим Абази, Иса Реџепи, Ајрула Мерсини, Исмаил Алију, Енвер Илази, Насир Бајрами, Селаедин Вишка, Душка Смилкоска и Хасим Хамити, сите од Гостивар, преку полномошникот Ружа Томеска адвокат од Гостивар, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата ставот 3 од членот 228 од Законот, се оспорува бидејќи во случајот се работело за наставници во основно образование, а согласно член 38 од Законот за основно образование учебната година во основното училиште, по правило започнува на 1 септември, а завршува на 31 август наредната година.

Подносителите на иницијативата, според годината на раѓањето, со условите за старосна пензија се стекнале во различни периоди од годината, но поради таквата воспитно образовна работа, односно за да немало прекин во воспитно-образовниот процес, тие барањето за остварување на право на старосна пензија го поднеле на ден 01.09.2012 година, но со промената на коефициентот, подносителите на иницијативата се довеле во нерамноправна положба со оние кои заминале во пензија пред донесувањето на Законот, па на таков начин наведуваат дека биле оштетени, иако претходно ги исполниле условите за старосна пензија. Од друга страна во временскиот период од 05.07 до 15.08 во тековната година, сите наставници се наоѓале на користење на годишен одмор и воопшто не биле известени дека ќе следувала промена на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, како би можеле да поднесат барање за остварување на старосната пензија по стариот закон, а не по новиот со кои биле оштетени поради намалување на коефициентот.

Од наведените причини се оспорува одредбата од Законот како несогласна со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, со наводи дека оспорената законска одредба не била доволно прецизна, оставала можност за различно разбирање, на начин што можела да се применува и поинаку, со што се создавала правна несигурност, а со тоа се повредувала темелната вредност на уставниот поредок-владеењето на правото, а при таква состојба оспорената одредба од Законот, не била во согласност и со членот 52 став 4 од Уставот, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 228 став 3 од Законот определува дека за осигурениците од ставот (1) на овој член кои биле опфатени во првиот пензиски столб до 1 септември 2001 година и кои не избрале да се вклучат во вториот пензиски столб и кои имаат исполнето пензиски стаж помалку од 15 години старосната пензија се утврдува од пензиската основица во проценти кои за секоја година исполент пензиски стаж до 1 септември 2001 година изнесуваат 2,33% (маж), односно 2,60% (жена), а за пензиски стаж пократок од една година, а најмалку шест месеци изнесува 1,165% (маж), односо 1,30% (жена) од пензиската основица. За секоја натамошна година пензиски стаж исполнет по 1 септември 2001 година, а до 31 декември 2012 година, пензијата се пресметува во висина од 1,80% (маж), односно 2,05% (жена), а за пензиски стаж пократок од една година, а најмалку шест месеци изнесува 0,90% (маж), односно 1,025% (жена) од пензиската основица.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува членот 228 став 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување со наводи дека подносителите на иницијативата стекнале право на старосна пензија пред донесувањето на новиот закон, меѓутоа постапката за остварување на правото на старосна пензија ја започнале по влегувањето во сила на новиот закон, а не пред тоа, но доколку биле известени дека ќе следувала промена на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, би можеле да поднесат барање за остварување на старосната пензија по стариот закон, а не по новиот со кои биле оштетени поради намалување на коефициентот.

Имајќи предвид дека иницијативата не содржи аргументи и образложени причини по однос несогласноста на така уредената содржина на одредбата од Законот со одредбите од Уставот, односно со оглед дека изнесените наводи не даваат основа за мериторно одлучување по барњето од иницијативата, Судот оцени дека во конкретниот случај настапени се условите од членот 28 алинеја 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

5. Поради наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.68/2013
11 септември 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски