У.бр.69/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 септември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 241 став 5 точка 6, член 295 став 4 точка 2 и член 298 став 1 точка 4 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на РМ“ бр.43/2012, 145/2012 и 87/2013).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 60 став 3 точка 1, член 96 став 8, член 218 став 3, член 223 став 4 и член 231 став 8 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот за здравствеена заштита, децидно означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот член 60 став 3 алинеја 1 од Законот не бил во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од причина што во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, се предвидува дека се запира исплатата на пензијата на корисникот на пензија додека е во работен однос или врши самостојна дејност, а не да не е корисник на правото на пензија.

Оспорениот член 96 став 8 од Законот, според подносителот на иницијативата не бил во согласност со Уставот од причина што недопуштено е по сила на закон да се создаваат обврски за субјектите – задолжително да организираат здравствен пункт со организациона единица со обезбеден дефабрилатор и најмалку пет обучени лица за ракување со дефибрилатор, а сето тоа да биде на товар на субјектите, а не на Фондот.

Подносителот на иницијативата го оспорува и член 218 став 3 од Законот за здравствена заштита, наведувајќи дека истата е во спротивност со член 32 став 5 од Уставот според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, но не и со општ акт на здравствената установа, како предвидува оспорениот член.

Според иницијативата, членот 231 став 8 од Законот не е во согласност со Уставот од причина што законодавецот не ги предвидел и утврдил критериумите, односно рамката врз основа на која министерот за здравство би ја определувале висината на најнискиот износ за надоместок за концесија.

Оспорениот член 241 став 5 алинеја 6 од Законот, според иницијативата, создавала правна несигурност, од причина што воопшто не е јасно и децидно определено спротивно на кој закон треба да работи директорот на Агенцијата за да биде разрешен.

Членовите 295 став 4 алинеја 2 и 298 став 1 точка 4 од Законот, според подносителот на иницијативата, не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 50, член 51 и алинејата 21 од Уставот, од причина што не постоела правна можност на правно лице да му се изрече јавна опомена, а истовремено било нејасно кога се објавува решението на WEB страната пред конечноста или откако истото ќе стане конечно.

4. Судот на седницата утврди дека според член 60 став 3 алинеја 1 од Законот одговорниот носител на дејноста од ставот 1 алинеја 2 на овој член мора да го исполнува меѓу другото и условот да не е корисник на право на пензија.

Во член 96 став 8 од Законот е предвидено дека „Здравствените услуги укажани во здравствените пунктови не се на товар на Фондот“.

Според член 218 став 3 од истиот Закон „Најдолгото прифатливо време за доаѓање на работното место во случај на ангажиран повик (готовност) со општ акт го определува здравствената установа“.

Според член 223 став 4 од Законот „Здравствената услуга извршена преку дополнителна дејност е целосно на товар на пациентот како осигурени и не осигурено лице. Пациентот како осигурено лице нема право да бара надоместок на трошоците за здравствената услуга иѕвршена како дополнителна дејност од Фондот“.

Според член 231 став 8 од Законот „Најнискиот износ за надоместок за лиценца, во зависност од географското подрачје во кое ќе се врши здравствената дејност го пропишува министерот за здравство“.

Согласно член 241 став 5 алинеја 6 од Законот „Владата го разрешува директорот на Агенцијата ако работи спротивно на закон“.

Според член 295 став 4 алинеја 2 „Ако при надзорот над законитоста кај здравствената установа се утврдат недостатоци, односно неправилности министерот за здравство донесува решение за изрекување јавна опомена на здравствената установа, кое се објавува на WEB страницата на Министерството за здравство“.

Согласно член 298 став 1 точка 4 од Законот „По разгледувањето на извештајот од членот 297, како и евентуално поднесениот приговор од членот 297 став 3 од овој закон министерот за здравство донесува решение за изрекување јавна опомена на установата која се објавува на WEB страницата на Министерството за здравство“.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 32 ставови 1 и 2 од Уставот, кој е поместен во Главата II од Уставот, со наслов „Основни слободи и права на човекот и граѓанинот“, и точка 2 со поднаслов: „Економски, социјални и културни права“, се предвидува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјалната обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Законот за здравствена заштита ги уредува прашањата кои се однесуваат на системот на организацијата на здравствената заштита и вршењето на здравствената дејност, загарантираните права и утврдените потреби и интереси на државата во обезбедувањето на здравствената заштита, здравствените установи, вработувањето, правата и должностите, одговорноста, евалуацијата, престанокот на вработувањето, заштитата и одлучување за правата и обврските на здравствените работници и здравствените соработници, квалитетот и сигурноста во здравствената дејност, коморите и стручните здруженија, рекламирањето и огласувањето на здравствената дејност, вршењето на здравствената дејност во вонредни услови и надзорот над вршењето на здравствената дејност (член 1).

Оспорениот член 60 од Законот е поместен во Главата IV со наслов: „Здравствени установи“.

Во член 57 од Законот е предвидено дека здравствена установа може да се основа како јавна и приватна. Јавна здравствена установа може да основа Владата. Приватна здравствена установа може да основаат домашни и странски, правни и физички лица.

Условите за основање, почнување со работа, вршење здравствена дејност и проширување на дејноста на здравствена установа се децидно определени во членот 60 од Законот.

Така, во член 60 став 1 точка 2 од Законот се предвидува дека здравствена установа може да се основа, да почне со работа, да врши здравствена дејност и да ја прошири дејноста, како и , меѓу другото, да е исполнет условот да има во работен однос на неопределено време со полно работно време одговорен носител на здравствената дејност за вршење на определен вид здравствени услуги во зависност од видот на здравствената дејност, односно специјалност.

Според член 15 точка 23 од Законот, одговорен во установата е здравствен работник кој во здравствената установа е одговорен за стручно вршење на здравствените услуги за соодветниот вид на здравствена дејност, односно специјалност.

Според оспорениот член 60 став 3 точка 1 од Законот, одговорниот носител на дејноста од ставот (1) алинеја 2 на овој член мора да не е корисник на право на пензија.

Од анализата на цитираните уставни и законски одредби vis a vis наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани, од следниве причини.

Тргнувајќи од Законот за пензиско и инвалидско осигурување (член 154) како lex generalis, произлегува дека на корисник на пензија, додека е во работен однос или додека врши самостојна дејност во Република Македонија или странство, му се запира исплатата на пензијата.

Имајќи го во вид значењето на поимот „одговорен носител на здравствената дејност во установата“, кој е одговорен за стручното вршење на здравствените услуги, според Судот дека условот определен во оспорениот член истиот да не биде корисник на право на пензија, не е во спротивност со уставните норми на кои се упатува во иницијативата.

Со определувањето на условот одговорност носител на дејноста да не е корисник на правото на пензија, според Судот мислење, на истиот не му се ограничува, односно одзема правото на пензија, како што смета иницијаторот, туку напротив истата терминологија значи дека на одговорниот носител само му се става во мирување, односно само на определено време (додека ја врши таа дејност) му се прекинува правото на користење на пензијата, што значи дека истата има времен карактер и не значи дека со овој услов му се одзема правото на користење на пензијата. Имено, „по завршувањето на вршењето на “функцијата“ одговорен носител на дејноста истиот ќе може повторно да го користи правото на пензија, во смисла на одредбите од Законот за пензиското и инвалидско осигурување.

Во Главата V од Законот, со наслов: „Други правни лица кои вршат здравствена дејност“ е содржан оспорениот член 96.

Според член 96 од Законот:

(1) Установите кои вршат научноистражувачка и образовна дејност во областа на медицината, стоматологијата и фармацијата можат да вршат здравствена дејност ако ги исполнуваат условите за вршење на одредена здравствена дејност.
(2) Установите од областа на социјалната заштита, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови можат да спроведуваат одредени мерки од здравствената дејност на примарно ниво за лицата сместениво нив.
(3) Државните органи, правосудните органи, како и трговските друшттва кои имаат повеќе од 100 вработени, задолжително организираат здравствен пункт како внатрешна организациона единица.
(4) Хотелите со капацитет над 100 легла задолжително организираат здравствен пункт како внатрешна организациона единица.
(5) Единиците на локалната самоуправа задолжително организираат здравствени пунктови со обезбеден дефибрилатор и најмалку пет обучени лица за ракување со дефибрилатор, најмалку на една локација на подрачјето на единицата на локалната самоуправа.
(6) Локацијата на здравствените пунктови од ставот (5) на овој член ја определува министерот за здравство.
(7) Во здравствените пунктови од ставовите (3), (4) и (5) на овој член се укажува медицинска помош на лица кои се наоѓаат во животно загрозувачка состојба се до нивното итно префрлување до соодветна здравствена установа и истите ги исполнуваат условите во поглед на простор, опрема и кадар, пропишани од страна на министерот за здравство.
(8) Здравствените услуги укажани во здравствените пунктови не се на товар на Фондот.

Оспорениот став 8 на членот 96 од Законот предвидува дека здравствените услуги укажани во здравствените пунктови не се на товар на Фондот.

Од анализата на целината на Законот, оспорениот член 96, во корелација со содржината на уставните норми од член 8 став 1 алинеја 3 и 8, член 34, член 35 и член 39 од Уставот, јасно произлегува дека со одредбите од петнаесета глава (во која е содржан оспорениот член) се уредуваат прашањата поврзани со определени работи од здравствената дејност од страна на други правни лица. На тој начин се јавува како неопходна потребата за организирање на здравствени пунктови со обезбеден дефибрилатор и најмалку пет обучени, едуцирани лица за ракување со истиот.

Според Судот, токму ваквата законска определеност е во функција на член 39 од Уставот на Република Македонија, каде се предвидува дека на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита и граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Во реализација на наведената уставна гаранција и обврска, законодавецот ја утврдува обврската на другите правни лица да организираат здравствени пунктови, се со цел заштита на здравјето, како сопственото, така и здравјето на другите,односно на вработените во тие правни лица, поради што нужно се јавува и потребата од укажување на итна медицинска помош на лицата кои се наоѓаат во животно загрозувачка состојба се до нивното префрлање до соодветните здравствени установи.Фактот што трошоците во врска со преземените дејствија во здравствените пунктови не паѓаат на товар на Фондот,туку на субјектите, не е во несогласност со Уставот, ниту пак во спротивност со ставот на Уставниот суд изразен во своите одлуки У.бр.45/2006 од 11.07.2007 година и У.бр.109/2009 од 27.01/2010 година, кога би се имала во вид категоризацијата на здравствените услуги, односно просторот, опремата и кадарот кои ги врши истите.

Оттука, според Судот, неосновани се укажувањата дека државата нешто налага по сила на закон, поради што неоправдано е здравствените услуги да паднат на товар на субјектите, на кои им се наметнува со сила. Имено, државата тоа не го налага со сила туку истото е со цел за заштита на здравјето на луѓето и е поставено за евентуална потреба во случај на итно реагирање, што е во смисла на член 39 од Уставот на Република Македонија.

Во оваа насока, се и дадените аргументи и по однос на оспорениот член 223 став 4 од Законот, според кој здравствената услуга извршена преку дополнителна дејност е целосно на товар на пациентот како осигурено и не осигурено лице. Пациентот како осигурено лице нема право да бара надоместок на трошоците за здравствената услуга извршена како дополнителна дејност од Фондот.

Според член 222 од Законот:

(1) Здравствените работници – специјалисти вработени во здравствена установа кои вршат специјалистичко-консултативна и болничка здравствена дејност со над две години работно искуство во специјалноста можат да укажуваат здравствени услуги како дополнителна работа најмногу осум часа неделно, после редовното работно време, согласно со лиценцата за работа во установа каде што е вработен или во друга здравствена установа која е регистрирана за истата дејност.
(2) Здравствените работници од ставот (1) на овој член, кога имаат намалена работна успешност, немаат право да укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност.
(3) Ценовникот и начинот на вршењето на дополнителната дејност го пропишува министерот за здравство.
(4) Цената на здравствената услуга извршена преку дополнителната дејност е составена од две компоненти и тоа надоместок за трошоците на здравствената установа и надоместокот за тимот, односно здравствениот работник.
(5) Надоместоците од ставот (4) на овој член се уплаќаат на посебна (наменска) сметка на здравствената установа за дополнителна дејност.
(6) Здравствените работници од ставот (1) на овој член склучуваат договор за укажување на здравствена услуга како дополнителна работа со здравствената установа.

Имено, во смисла на Законот за здравствено осигурување, од Фондот се врши плаќање за здравствени услуги опфатени само со задолжително осигурување на осигурениците. Во финансирањето на здравствената заштита осигурените лица (како и неосигурените) учествуваат и со лични средства при користењето на здравствените услуги, а пред се во зависност од нивоата на здравствената заштита, како и условите за вршење на дејноста, како што е условот за дополнителната дејност предвиден во оспорениот став 2 на членот 223 од Законот.

Оспорениот член 218 од Законот е поместен во Глава VIII со наслов: „Организирање на работата во здравствените установи во мрежата“.

Според член 211 од Законот:

(1) Здравствените установи во мрежата се должни да обезбедат непрекинато вршење здравствена дејјност, организирана со работа во една, две, три или повеќе смени, со двократно работно време, со поместување на работното време, со приправност или со дежурство, во согласност со потребите на населението и облиците на укажување на здравствените услуги.
(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, здравствените установи на примарно ниво можат да организираат вршење на здравствената дејност најмногу и во други две населени места во кои живеат помалку од 1.000 жители и најмалку два пати неделно, ако ги исполнат условите од членот 60 став (1) точка 3 од овој закон.
(3) Заради подобра организираност и поголема искористеност на просторот и опремата за работа, како и заради подобра организираност на вршењето на здравствената дејност, работното време се организира во смени на начин уреден со прописите од областа на работните односи.
(4) Здравствениот работник не смее да го напушти работното место и по поминувањето на неговото работно време додека не биде заменет, ако тоа би значело опасност за здравјето на пациентите.
(5) Непрекинатото вршење на здравствената дејност се обезбедува со дежурство само по исклучок доколку на друг начин не може да се обезбеди непрекинатото вршење на здравствената дејност.
(6) Во случај на потреба за обезбедување непрекинато вршење на здравствена дејност со работа со дежурство, здравствената установа во мрежата е должна да обезбеди согласност од Министерството за здравство, а во случај кога обезбедувањето непрекинато вршење на здравствена дејност не е обезбедено со работа со дежурство, а ќе се појави потреба од дежурство, здравствената установа во мрежата е должна претходно да го извести Министерството за здравство за причините и времетраењето на таквата потреба.

Во член 218 од Законот се предвидува дека:

(1) Готовноста е облик на работа кога здравствениот работник, односно здравствениот соработник не мора да биде присутен во здравствената установа, но е должен да биде достапен по телефон или со посредство на други телекомуникациски средства, за да може да се обезбеди евидентирано советување и кога е потребно доаѓање на работното место, заради укажување на итна и неодложна медицинска интервенција.
(2) Часовите на готовност не се сметаат како часови во работно време, освен часовите за ангажиран повик.
(3) Најдолгото прифатливо време за доаѓање на работното место во случај на ангажиран повик (готовност) со општ акт го определува здравствената установа.

Подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба на членот 218 став 3 од Законот, која дава право на здравствената установа со општ акт да го определува најдолгото прифатливо време за доаѓање на работното место во случај на ангажиран повик (готовност) бил во спротивност со член 32 став 5 од Уставот, според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, а не со општ акт на здравствената установа. Исто така, подносителот смета дека оспорената одредба го регулира само доаѓањето, но не и враќањето од работното место што истата е штетна за субјектите на кои се однесува оваа одредба.

Од анализата на одредбите од целата Глава VIII во која меѓу другите е содржан и оспорениот член 218 став 3, неспорно произлегува дека истите ја уредуваат организацијата на работата во мрежата која се манифестира со должност за непрекинато вршење на здравствената дејност, начин на организација на работата и спроведувањето на непрекинато вршење на здравствената дејност, дневен и неделен одмор за здравствените работници и соработници, нивното дежурство, приправност, плата, дополнителна дејност, услови за вршење на дополнителна дејност и должност за укажување на континуирана медицинска помош во текот на 24 часа.

Системот на јавното здравје во рамките на здравствениот сектор, односно превентивната здравствена заштита е организиран преку мрежата на јавни здравствени установи. Мрежата на здравствени установи, во смисла на член 15 точка 19 од Законот, е определување на потребниот број здравствени установи и видовите на здравствената дејност, односно специјалност кои се обезбедуваат во определени географски подрачја според местото на живеење на корисниците на здравствената заштита, кои треба да се обезбедат во согласност со потребите за здравствената заштита на населението на територијата на Република Македонија. Оттука, делта на законодавецот е создавање на услови за достапност на здравствените установи заради воспоставување континуирана здравствена заштита на населението.

Имајќи го во вид карактерот на услугата кој го третира членот 218 од Законот – укажување на итна и неодложна медицинска интервенција изразена преку готовноста како облик на работа што е карактеристичен за здравствените работници, сметаме дека е сосема оправдано, па дури и целисходно најдолгото прифатливо време за доаѓање на работа во случај на ангажиран повик да се регулира со интерен општ акт на здравствената установа.

Што се однесува до околноста на која се укажува во иницијативата, дека оспорената одредба на член 218 став 3 е неприменлива и штетна за субјектите, е неоснована од причина што е сосема невозможно да се определи времето на враќање од работното место, кога би се имале во вид непредвидливоста на времетраењето на нужно преземената итна медицинска интервенција.

Во Главата IX од Законот, со наслов: „Лиценци за вршење на здравствена дејност, во мрежата на здравствени установи” е поместен и членот 231, кој според иницијативата, не ги содржи критериумите врз основа на кои министерот за здравство го утврдува најнискиот износ за надоместок за лиценца, поради што истиот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот.

Постапката за доделување на лиценцата ја води Министерството за здравство и истата децидно е регулирана во член 229 од Законот.

Во член 229 од Законот е предвидено дека:

(1) Постапката за доделување на лиценца ја води Министерството за здравство.
(2) Постапката за доделување на секоја нова одделна лиценца започнуванајмалку три месеци пред истекот на периодот за кој е доделена постојната лиценца.
(3) За започнување на постапка за доделување на лиценца, Министерството за здравство донесува одлука за започнување на постапката за доделување на лиценца.
(4) Одлуката за започнување на постапката за доделување на лиценца од ставот(3) на овој член особено содржи:
– образложение за оправданоста за доделување на лиценца,
– назначување на нејзините цели,
– предмет на лиценцата и основни услови за доделување на лиценца,
– видот на постапката за доделување на лиценца,
– пресметувањето на висината на износот и начинот на плаќање на надоместокот за лиценца,
– начинот и рокот во кој ќе биде спроведена постапката за доделување на лиценца и
– висината на надоместокот за издавање на тендерската документација.
(5) “Отворен повик” е постапка за доделување на лиценца во која сите
заинтересирани лица кои подигнале тендерска документација можат да поднесат
понуди за склучување на договор за лиценца.
(6) Минималниот број на способни понудувачи треба да биде најмалку еден.
(7) Постапката за доделување на лиценца ја подготвува, организира и
спроведува комисија за спроведување на постапката за доделување на лиценца (во натамошниот текст: комисијата), формирана од страна на министерот за здравство.
(8) Комисијата од ставот (1) на овој член се состои од претседател, заменик-претседател и најмалку три члена и нивни заменици.
(9) За член на комисијата се именуваат лица од редот на вработените во министерството за здравство и експерти од соодветната област за која се дава лиценцата.
(10) Членови на комисијата не можат да бидат лица кои:
– се во брачна врска, роднинска врска до второ колено или се поврзани со посвојување или старателство со понудувачот или кандидатот, со неговиот законски полномошник, а во случаите кога понудувачот или кандидат е правно лице и со членови на неговите управни, надзорни или други органи и раководни тела,

– во текот на последните три години биле вработени или биле членови на органите на управување на кандидатот или
– се во друг законски или фактички однос со кандидатот.
11) Комисијата работи во полн состав и одлуките ги донесува со мнозинство
гласови на членовите.
(12) Комисијата:
– ја подготвува тендерската документација,
– го објавува јавниот повик,
– го организира приемот на пријавите и понудите,
– дава појаснувања и доставува дополнителни информации и документи,
– ги разгледува и оценува понудите и врши рангирање на кандидатите со предлог за прворангираниот да биде избран за носител на лиценца,
– поднесува предлог за прекинување на постапката и
– врши други работи потребни за спроведување на постапката.
(13) За извршените дејства во постапката комисијата ги известува сите понудувачи и кандидати.
(14) Комисијата е должна да ја подготви тендерската документација во рокот определен со одлуката за започнување на постапката за доделување на лиценца, по претходно прибавена согласност од министерот за здравство.
(15) Комисијата може изготвувањето на тендерската документација да го довери на научна или стручна организација или на експерти од соодветната област.
(16) Во зависност од природата на лиценцата, тендерската документација особено ги содржи следниве елементи:
– поканата за поднесување на понуда со инструкција ,
– условите на коишто мора да одговара, вклучувајќи ги и техничките
спецификации,
– критериумите за оцена на понудите,
– инструкцијата за понудувачите за подготовка на понудата,
– периодот за кој се издава лиценцата,
– нацртот на текстот на договорот за лиценца и
– други барања во зависност од предметот на лиценцата.
(17) Кон тендерската документација за учество во постапката се доставува и копија од одлуката за започнување на постапката за доделување на лиценца,како и нацрт на договорот за лиценца.
(18) Со договорот за лиценца се уредуваат меѓусебните права и обврска за доделената лиценца меѓу Министерството за здравство и носителот на лиценца.
(19) Договорот за лиценца кој се склучува со здравствена установа на која и е доделена лиценцата задолжително содржи одредби за:
– видот на здравствена дејност која ќе се врши врз основа на лиценца,
– почетокот на користењето на лиценцата,
– давањето на лиценцата за период до 35 години,
– надоместокот за лиценцата,
– просторот и опремата за вршење на здравствената дејност,
– податоците за лицата со кои носителот на лиценца ќе работи во тим и
– одредби за обврската носителот на лиценца да побара претходна согласност од Министерството за здравство за секоја промена која се однесува на содржината на договорот за лиценца, а особено на промената на лицето со кое носителот на лиценца ќе работи во тимот и промена на просторот во кој носителот на лиценца ќе ја врши дејноста.
(20) Договорот за лиценца кој се склучува со здравствената установа на која и е доделена лиценцата задолжително ги содржи одредбите од ставот (19) алинеи 1, 2, 3, 4, 5 и 7 на овој член.
(21) Комисијата може да определи дека податоците или дел од податоците содржани во тендерската документација се сметаат за службена тајна. Во таков случај учесниците во постапката се должни да поднесат изјава, приложена кон документацијата со која се обврзуваат дека нема да ги објавуваат податоците кои се сметаат за службена тајна.
(22) Министерот за здравство ја одобрува тендерската документација.

Постапката за давање на лиценца е регулирана во член 230 од Законот, според кој:

(1) Комисијата е должна на заинтересираните кандидати да им овозможи да подигнат тендерска документација непосредно по датумот на објавувањето на јавниот повик.
(2) Министерството за здравство од понудувачите и кандидатите може да наплати надоместок за издавање на тендерската документација.
(3) Висината на надоместокот од ставот (2) на овој член се пресметува врз основа на реално утврдените трошоци извршени за активностите потребни за нејзино изготвување.
(4) Министерството за здравство може да врши изменување и дополнување на тендерската документација, под услов истите да се достапни на заинтересираните кандидати најдоцна шест дена пред истекот на рокот за поднесување на понуди или барања за учество.
(5) По одобрувањето на тендерската документација, комисијата го објавува јавниот повик за доставување на понуди за доделување на лиценца во “Службен весник на Република Македонија”.
(6) Јавниот повик од ставот (5) на овој член, особено содржи:
– образложение за оправданоста за доделување на лиценца,
– назначување на нејзините цели,
– предмет на лиценцата и основни услови за доделување на лиценца,
– видот на постапката за доделување на лиценца,
– пресметувањето на висината на износот и начинот на плаќање на надоместокот за лиценца,
– начинот и рокот во кој ќе биде спроведена постапката за доделување на лиценца и
– висината на надоместокот за издавање на тендерската документација.
(7) Роковите за поднесување на понудите и барањето за учество соодветно се објавуваат и се утврдуваат во зависност од сложеноста на постапката за доделување на лиценцата и рационално потребното време за подготовка на понудата, но нема да бидат пократки од роковите утврдени со овој закон.
(8) Временските рокови можат да се продолжат од страна на Министерството за здравство во секое време пред истекување на самиот рок, под услов за тоа навремено да ги информира понудувачите и кандидатите.
(9) Роковите се продолжуваат доколку тендерската документација не била доставена навреме до сите понудувачи или кандидати, извршено е изменување и дополнување на јавниот повик и/или тендерската документација, како и во други случаи за кои концедентот заради објективни околности ќе утврди оправданост за продолжување на роковите.
(10) Роковите започнуваат да течат од датумот на испраќање на повикот за објавување.
(11) Доколку со овој закон поинаку не е уредено, поднесувањето на понуди и барање за учество:
а) при отворен повик не може да биде во рок пократок од 26 дена од денот на испраќањето на повикот за објавување .
(12) Понудата и барањето за учество се доставува на начин и во форма утврдени со јавниот повик.
(13) Право да доставуваат понуди и барање за учество имаат лица кои ја подигнале тендерската документација.
(14) Понудувачот, односно кандидатот може да поднесе само една понуда, односно барање за учество.
(15) Учеството во постапката за доставување на понуди може да биде условено со давање гаранција од понудувачот во вид на депонирани средства или банкарска гаранција која не може да биде помала од 3% од проценетата вредност на лиценцата.
(16) Доколку понудувачот гаранцијата ја дава во вид на депонирани средства, истите ги уплатува на соодветна сметка во рамките на трезорската сметка.
(17) Министерството за здравство е должен да им го врати депонираниот износ, односно гаранцијата на сите понудувачи кои учествувале во постапката за доделување на лиценца, освен на прворангираниот и второрангираниот понудувач, најдоцна седум дена од денот на донесувањето на одлуката за избор на носител на лиценца, односно најповолен понудувач. На прворангираниот и второрангираниот понудувач Министерството за здравство е должен
депонираниот износ, односно гаранцијата да им го врати во рок од 14 дена од денот на склучувањето на договорот за лиценца.
(18) Гаранцијата од ставот (17) на овој член ќе биде наплатена во корист на Министерството за здравство, ако:
– понудувачот ја повлече понудата по завршување на рокот за доставување на понуди,
-прворангираниот, односно второрангираниот понудувач одбие да го склучи договорот за лиценца и
– најповолниот понудувач не исполни одредени услови за враќање на гаранцијата за учество во постапката предвидени во тендерската документација.
(19) По истекот на рокот за доставување на понуди, комисијата јавно ги отвора понудите во присуство на овластени претставници на понудувачите на место и во време определено со јавниот повик.
(20) Јавното отворање на понудите се врши на начин определен во јавниот повик.
(21) За јавното отворање на понудите комисијата составува записник.
(22) Комисијата утврдува листа на кандидатите врз основа на нивната лична состојба, нивната способност за вршење професионална дејност, економската и финансиската состојба, како и техничката и професионалната способност.
(23) Комисијата врши евалуација на понудите само на оние понудувачи кои се селектирани за подобни.
(24) Комисијата за извршената евалуација објавува извештај и ги известува за резултатите од постапката за избор на сите понудувачи.
(25) Министерството за здравство задолжително ќе го исклучи кандидатот илипонудувачот – правно лице или член на негов орган на управување или надзорен орган, кои со правосилна судска одлука се осудени за следниве кривични дела:
1) корупција;
2) измама и
3) перење на пари.
(26) Министерството за здравство задолжително ќе го исклучи кандидатот или понудувачот и кога:
– над него е отворена постапка на стечај или ликвидација,
– му е изречена казна за кривично дело или прекршочна санкција забрана за вршење на дејност,
– не ги исполнил обврските за плаќање на даноци, придонеси и други јавни давачки во согласност со прописите на државата во која е основан и
– не доставил потполна тендерска документација.
(27) Министерството за здравство може од понудувачите и кандидатите да бара да го докажат своето членство или вклученост во професионална асоцијација или организација евидентирана во соодветен регистар или да обезбедат посебна изјава или референца со која ќе го докажат нивното право и способност за вршење професионална дејност.
(28) Министерството за здравство од понудувачите или од кандидатите u може да бара доказ за нивната техничка и професионална способност да го извршуваат предметот на лиценцата.
(29) Критериум врз основа на кој Министерството за здравство ќе го заснова
изборот на најдобра понуда е финансиски најповолна понуда или економски најповолна понуда.
(30) Економски најповолната понуда се евалуира врз основа на критериумите поврзани со изведбените и функционалните барања кои вклучуваат квалитет, цена на работите и услугите, тековни трошоци, економска исплатливост во однос на трошоците.
(31) Методологијата за изразување на критериумите во бодови ја донесува министерот за здравство.
(32) Комисијата за секоја постапка за доделување на лиценца изготвува писмен извештај за евалуација.

(33) Извештајот за евалуација и предлогот на одлуката за избор на најповолна понуда се потпишува од страна на претседателот и членовите на комисијата и се доставува до министерот за здравство.

Членот 231 од Законот, конечно, го дефинира самиот чин на давање на лиценца. Оттука, ставот 8 на членот 231 од Законот, не може да се каже дека го содржи најнискиот износ за надоместок на лиценца, без притоа да се утврдени критериуми и мерила врз основа на кои министерот ќе го определи тој износ, од причина што од целината на одредбите содржани во Главата IX од Законот неспорно произлегува присуството на критериуми кои се од влијание за определување на висината за надоместок за лиценца, во кое меѓу другото, е и влијанието на географското подрачје во кое ќе се врши конкретната здравствена дејност. Од овие причини, неприфатливи се тврдењата во иницијативата за непостоење на критериуми и мерила за утврдување на висината на износот за надоместок за лиценца, а пак, уставно-судската практика на која упатува иницијативата е несоодветна.

Главата X од Законот со наслов: „Квалитет на здравствената заштита и акредитација“ ги содржи одредбите од Законот за здравствена заштита, кои ги уредуваат квалитетот на здравствената заштита и акредитацијата преку следење и унапредување на квалитетот на здравствената заштита преку следење и унапредување на квалитетот на здравствената заштита, акредитацијата преку воспоставување на Агенција за квалитет и стручни тела, како што се здравствен совет, координативно тело и стручни комисии за одредени стручни прашања.

Во членот 240 од Законот, кој е содржан во точката 3. од Глава X од Законот, со наслов: „Акредитација“ и поднаслов: „Определување на акредитацијата“, се предвидува дека акредитацијата, во смисла на овој закон е постапка на оценување на квалитетот на работата на здравствените установи, врз основа на примена на оптимално ниво на утврдени стандарди на работата на здравствената установа во одредена област од здравствената дејност, односно гранка на медицината, стоматологијата односно фармацијата.

Оспорениот член 241 од Законот ја дефинира дејноста на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи.

Така, според член 241 од Законот:

(1) За вршење на управни, стручни и развојни работи на акредитација на работата на здравствените установи се формира Агенција за квалитет и акредитација на здравствените установи (во натамошниот текст: Агенцијата), како самостоен орган на државната управа.
(2) Агенцијата има својство на правно лице.
(3) Со Агенцијата раководи директор, кој го именува и разрешува Владата.
(4) За директор на Агенцијата се именува лице кое покрај општите услови треба да ги исполнува и следниве посебни услови:
– да има завршено медицински, стоматолошки или фармацевтски факултет,
– да има најмалку пет години работно искуство во областа на здравствената
заштита и
– активно да познава најмалку еден од светските јазици.
(5) Владата го разрешува директорот на Агенцијата :
– на негово барање,
– ако настане некоја од причините, поради кои според прописите за работни односи, му престанува работниот однос по сила на закон,
– ако не постапува според закон и општите акти на Агенцијата,
– ако со својата несовесна и неправилна работа предизвика штета на Агенцијата,
– ако ги занемарува или не ги извршува своите обврски и поради тоа настанат или би можеле да настанат потешки нарушувања во извршување на дејноста на Агенцијата и
– ако работи спротивно на закон.
(6) Средства за работа на Агенцијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, од сопствени приходи и од други извори во согласност со овој закон или друг закон.

Подносителот на иницијативата смета дека ставот 5 точка 6 на членот 241 од Законот, бил неодреден термин, бидејќи не се знае за кој закон станува збор, а дотолку повеќе што веќе овој услов за разрешување на директорот на Агенцијата е предвиден во точката 3 од ставот 5 на истиот член од Законот, според кој Владата ќе го разреши директорот на Агенцијата ако не постапува според закон и општите акти на Агенцијата.

Од анализата на наведената законска регулатива, а во корелација со наводите во иницијативата, сметаме дека во однос на конкретната точка од оспорениот член 241 од Законот, основано може да се постави прашањето за согласноста на истата со една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Ова од причина што основано се укажува во иницијативата дека оспорениот дел на членот 241 од Законот не е јасен и прецизен, што доведува до правна несигурност на граѓаните на Република Македонија, а дотолку повеќе што, истата е само повторување на условот кој веќе е јасно и децидно детерминиран во точката 3 на ставот 5 од членот 241 од Законот.

Оспорените членови 295 и 298 од Законот, се содржани во Главата XVI од Законот, со наслов: „Надзор“.

Во член 294 од Законот, кој го детерминира определувањето на надзорот, се предвидува дека:

(1) За обезбедување на примената на овој закон и прописите донесени врз основа на него, како и за обезбедување на квалитетот и безбедноста при укажувањето
на здравствената заштита во вршењето на здравствената дејност, се врши:
1) надзор над законитоста на работата;
2) надзор над стручната работа;
3) внатрешен надзор над стручната работа и
4) инспекциски надзор.
(2) Здравствената установа и другите установи кои вршат здравствена дејност се должни да овозможат непречено вршење на надзорот од ставот (1) на овој член и да дадат потребна помош, податоци, документација и известувања кои се потребни за вршење на надзорот.

Надзор над законитоста на работата е регулиран во член 295 од Законот каде се предвидува дека:

(1) Надзор над законитоста на работата на здравствените установи врши Министерството за здравство.
(2) Министерството за здравство го врши надзорот над законитоста на работата на здравствените установи како редовен надзор во согласност со годишната програма и по потреба или на предлог на Фондот, соодветната комора, државен орган, здружение и граѓанин.
(3) Надзорот над законитоста на работата на здравствените установи од ставот(1) на овој член, Министерството за здравство го врши преку комисија именувана од министерот за здравство.
(4) Ако при надзорот над законитоста кај здравствената установа се утврдат недостатоци, односно неправилности министерот за здравство донесува решение за:
– определување мерки за отстранување на недостатоците, односно
неправилностите и рокови за нивно спроведување и
– изрекување јавна опомена на здравствената установа, кое се објавува на веб страницата на Министерството за здравство.
(5) Трошоците за надзорот над законитоста при кои ќе се утврдат недостатоци,односно неправилности паѓаат на товар на здравствената установа кај која биле утврдени недостатоците, односно неправилностите.

Според член 296 од Законот:

(1) Надзор над стручната работа на здравствените установи и другите установи кои вршат здравствена дејност и на здравствените работници и соработници се врши заради контрола над стручната работа, спроведување на стручните упатства, оцена на стручната работа, како и процена на условите и начинот на укажување на здравствената заштита.
(2) Надзорот од ставот (1) на овој член го вршат Лекарската, Стоматолошката,односно Фармацевтската комора.
(3) Надзорот од ставот (1) на овој член се врши како редовен стручен надзор и како стручен надзор по потреба.
(4) Редовниот стручен надзор се врши согласно со годишниот план од членот 261 став (2) од овој закон.
(5) Надзор над стручната работа по потреба се врши на барање на пациент, член на неговото семејство и државен орган.
(6) Министерот за здравство по потреба може да формира комисија за вршење на надзор на стручната работа на здравствените установи и другите установи кои вршат здравствена дејност и на здравствените работници и соработници.

Во член 297 од истиот закон се предвидува дека:

(1) Надлежната комора, во рок од осум дена од денот на завршувањето на надзорот над стручната работа, доставува извештај за надзорот до министерот за здравство и до установата во која е извршен надзорот.
(2) Извештајот задолжително ги содржи следниве елементи:
– констатираната состојба,
– евентуалните недостатоци, неправилности или пропусти во вршењето на стручната работа, а особено во однос на спроведувањето на стручните упатства и условите и начинот на укажување на здравствената заштита,
– стручно мислење за состојбата во установата и настанатите или можните последици по здравјето на луѓето и
– предлог за определување мерки за отстранување на недостатоците,
неправилностите или пропустите и рокови за нивно спроведување.
(3) Установата во која е извршен надзорот, односно здравствените работници и соработници кои биле опфатени со надзорот можат да поднесат приговор на извештајот од извршениот надзор до министерот за здравство во рок од три дена од денот на приемот на извештајот во установата.
(4) По исклучок од ставот (1) на овој член, ако надлежната комора констатира непосредна опасност по животот и здравјето на граѓаните, го известува министерот за здравство најдоцна во рок од 24 часа и му предлага преземање соодветни мерки.

Начинот на одлучување на министерот за здравство по извештајот за извршен стручен надзор, е регулиран во членот 298 од Законот.

Така, во член 298 од овој закон е предвидено дека:

(1) По разгледувањето на извештајот од членот 297, како и евентуално поднесениот приговор од членот 297 став (3) од овој закон министерот за здравство донесува решение за:
1) привремена забрана за целосно или делумно вршење на одреден вид на здравствена дејност;
2) привремена забрана за целосна или делумна работа на организациона единица на установата;
3) привремена забрана за работа на здравствената установа и
4) изрекување јавна опомена на установата која се објавува на веб страницата на Министерството за здравство.
(2) По разгледувањето на извештајот од членот 297, како и евентуално поднесениот приговор од членот 297 став (3) од овој закон, министерот за здравство може:
1) да предложи до надлежната комора да поведе постапка за одземање на лиценцата за работа на здравствен работник;

2) да предложи до здравствената установа да спроведе постапка за преместување на друго работно место и/или за упатување на дополнително стручно усовршување, односно доделување ментор за здравствениот работник за кој ќе се утврди недоволна обученост (стручност) и за преземените активности да ја извести надлежната комора и
3) да иницира вршење на инспекциски надзор од надлежен орган.
(3) Привремената забрана за работа од ставот (1) точки 1, 2 и 3 на овој член трае додека не се отстранат причините заради кои е изречена забраната.

Анализирајќи ги наведените одредби на член 295 став 4 точка 2 и член 298 став 1 точка 4 од Законот, од аспект на наводите во иницијативата, а во корелација на одредбите на Уставот на Република Македонија на кои се повикува подносителот во иницијативата, Судот оцени дека истите основано може да се доведат под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според Судот, основано во иницијативата се укажува дека предметните две одредби се сосема дискутабилни од уставно-правен аспект, од причина што правната теорија и регулатива не познава можност на правно лице да му биде изречена јавна опомена, од што произлегува дека само на физичко лице може да му биде изречена јавна опомена, а не и на правно лице, како што е сторено во конкретниов случај.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Решението под точка 2 е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.69/2012
11 септември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски