61/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 11 септември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на

– уставноста на членот 42 од Законот за извршување на санкциите (“Службен весник на Република Македонија” број 2/2006 и 57/2010) и

– уставноста и законитоста на Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи, број 01-4692/1 од 6 декември 2011 година, донесен од министерот за правда (“Службен весник на Република Македонија” број 173/2011), во целина и посебно на членот 3 алинеја 9 во делот: “дали против осуденото лице се води друга постапка” и Правилникот за начинот на користење на погодности на осудени лица, број 01-4691/1 од 6 декември 2011 година, донесен од министерот за правда. (“Службен весник на Република Македонија” број 173/2011), во целина.

2. Никола Тодоровски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точката 1 алинеја 1 од ова решение, како и за оценување на уставност и законитост на одредба и на актите во целина, означени во точката 1 алинеја 2 од решението.

Со иницијативата, подносителот, по цитирање на оспорениот член 42 од Законот, членовите 1-3 од оспорениот Правилник за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи, наведува дека со оспорените акти на осудените лица им се повредувале правата загарантирани со Уставот.

Подносителот на иницијативата наведува дека Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи го оспорува во описот на класификацијата на осудените лица, конкретно членот 3 алинеја 9 од Правилникот, затоа што изготвувачот при класификацијата на осудените лица го ценел степенот на ризик, односно се водел од фактот дали против истите лица била водена друга постапка. Подносителот на иницијативата заклучува дека на лицата кои биле осудени на ниски казни, односно за полесни дела, поради оваа околност се доведувало да им бидат ускратени правата за уживање на погодности доколку против нив се водела и друга постапка, додека осудени лица кои издржувале повеќе годишни казни за потешки дела, а за кои не се водела друга постапка против нив, можеле да ги уживаат сите или скоро сите права пропишани со Правилникот.
На тој начин поради таквата класификација, осудените лица дополнително се казнувале, односно не се водело сметка за презумпцијата на невиност. Оттука, според подносителот на иницијативата законодавецот и министерот како доносител на оспорените акти, морале да бидат попрецизни во донесувањето на истите.

Во иницијативата понатаму се цитираат одредби од членовите 8 став 1 алинеите 1 и 3, 9, 13 став 1, 14 став 1 и 51 став 1 од Уставот и се бара поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 42 од Законот и двата правилника, како и времена мерка.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 42 од Законот уредува дека при распоредувањето, класификацијата и разместувањето на осудените лица, мора да се има предвид видот и природата на кривичното дело и степенот на кривичната одговорност (став 1). Министерот за правда со општ акт поблиску ги определува распоредувањето, класификацијата и разместувањето на осудените лица (став 2). Министерот за правда со општ акт ги определува видовите и начините на третман на осудените лица (став 3).

Судот, исто така утврди дека министерот за правда врз основа на член 42 став 2 од Законот за извршување на санкциите (“Службен весник на Република Македонија” број 2/2006 и 57/2010), донел Правилник за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи, број 01-4692/1 од 6 декември 2011 година, (“Службен весник на Република Македонија” број 173/2011) и врз основа на член 153-б став 4 од Законот за извршување на санкциите (”Службен весник на Република Македонија” бр.2/06 и 57/10), донел Правилник за начинот на користење на погодности на осудени лица, број 01-4691/1 од 6 декември 2011 година, (“Службен весник на Република Македонија” број 173/2011).

4. Според членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорената одредба од членот 42 од Законот, уредува дека при распоредувањето, класификацијата и разместувањето на осудените лица, мора да се има предвид видот и природата на кривичното дело и степенот на кривичната одговорност (став 1), дека министерот за правда со општ акт поблиску ги определува распоредувањето, класификацијата и разместувањето на осудените лица (став 2) и дека министерот за правда со општ акт ги определува видовите и начините на третман на осудените лица (став 3).

Со оспорениот Правилник за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи, се пропишува распоредувањето, класификацијата и разместувањето на осудените лица во казнено-поправните установи, а со оспорениот Правилник за начинот на користење на погодности на осудени лица, се пропишува начинот на користење на погодностите на осудени лица.

Со иницијативата не се дадени аргументи и образложени причини за оспорување на законската одредба и правилниците во целина, односно нема наводи во што се состои противуставноста на така уредената содржина на законската одредба со одредбите на Уставот, односно во што се состои противуставноста и противзаконитоста на содржината на одредбите од оспорените правилници во целина со одредбите на Уставот и Законот.

Подносителот на иницијативата, иако оспорува член од Законот и два правилника во целина, од содржината на иницијативата произлегува дека предмет на негово оспорување е членот 3 од Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи, но и тука ја оспорува само алинејата 9 од наведениот член и тоа во делот: “околноста дали против осуденото лице се води друга постапка”.

По однос на оваа одредба од Правилникот, Судот веќе се произнел со Решение У.бр. 26/2012 од 10 октомври 2012 година, кога одлучувал за уставноста и законитоста на членовите 3, 6, 7 и 8 од Правилникот распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи („Службен весник на Република Македонија“ број 173/2011) донесен од министерот за правда.

Според ставот на Судот изразен во овој предмет, класификацијата на осудените лица во казнено поправни установи почива на објективни (вид на кривично дело, должина на казната и видот на казнената евиденција) и субјективни критериуми кои почиваат на карактеристики на личноста на деликвентот од што зависи флексибилноста во примената на методи на третман и постојано преструктуирање на групите што е битна претпоставка за остварување на ресоцијализацијата.

Оттука, според Судот предвидениот услов во Правилникот осуденото лице на казна затвор да биде распореден во определена група во затворени, полуотворени и отворени установи, ако против него не се води друга постапка или не му е изречена друга казна затвор, резултира од карактерот на осуденото лице односно од субјективните елементи на осуденото лице, и со предвидениот услов не се доведува во прашање остварување на права на осудени како што потенцирал подносителот на иницијативата, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Правилникот со Уставот и со законите.

Со оглед дека со иницијативата не се изнесени аргументи и образложени причини за уставно проблематизирање на членот од Законот и правилниците во целина, како и со оглед дека Судот веќе се произнел по однос уставноста и законитоста на членот 3 алинеја 9 од Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи, Судот оцени дека во конкретниот случај, исполнети се условите од членот 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

5. Поради наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.61/2013
11 септември 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски