У.бр.132/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македопнија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 10 јули 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за адвокатски маркички („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2012) во целина, и посебно на член 1, член 2 ставовите 1 и 2, член 6 став 5 во делот

2. Драган Атанасовски-адвокат од Битола, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во врска со целината на Законот, подносителот на иницијативата наведува дека Законот, така како што бил поставен (се однесувал само на адвокатите поединци, а не и на адвокатските друштва; адвокатските маркички се ставале на секоја исправа или поднесок, а не само на одделни; …), бил неприменлив, немало да ја постигне целта и би предизвикувал штета на адвокатите поединци и на нивните странки, со оглед дека адвокатите поединци не наплатувале надоместок за одделни поднесоци (на пример, достава на адресни податоци за сведоци, достава на писмени докази и слично), ниту пак судовите досудувале трошоци за таквите поднесоци повикувајќи се на член 149 од Законот за парничната постапка, па тие трошоци паѓале на товар на адвокатите поединци или на странките. Покрај тоа, кога ќе се платела адвокатска маркичка при поднесување на тужба, а во текот на постапката настанела промена на вредноста на тужбеното барање, судовите пресудувале по намалениот износ на тужбеното барање, па повисокиот износ платен при поднесувањето на тужбата не се враќал и бил на товар на адвокатот поединец или на странката. Поради тоа, како и од други практични причини, Законот како целина не обезбедувал еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и определувал некој да плаќа повеќе данок, некој помалку, а трети воопшто да не плаќале персонален данок, па Законот не бил во согласност со член 33 и член 55 став 2 од Уставот, како и со член 149 од Законот за парничната постапка.

Во однос на член 1 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека воведувањето на адвокатските маркички само за адвокатите поединци, во ситуација кога со член 6 ставовите 1 и 2 од Законот за адвокатура, како и со одредбите од Законот за парничната постапка, Законот за кривичната постапка и Законот за општата управна постапка, а и со одредбите од Законот за персонален данок од доход, Законот за додадена вредност, Законот за здравствено осигурување и Законот за пензиското и инвалидското осигурување, нема разлика меѓу адвокатите поединци, од една страна, и адвокатските друштва, од друга страна, во врска со плаќање на даноците и придонесите, односно адвокатот поединец и адвокатското друштво во секој поглед биле идентични во врска со нивните права и обврски околу даноците и придонесите, произлегувало дека оспорената законска одредба ги ставала адвокатите поединци во понеповолна и нееднаква положба отколку адвокатските друштва, па таквата законска одредба не била во согласност со член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот.

Во врска со член 2 став 1 и член 9 став 4 од Законот, во иницијативата се наведува дека тие законски одредби определувале адвокатските маркички да претставуваат инструмент за аконтативно плаќање на персонален данок од доход за оние приходи на адвокатите кои ги остваруваат во готово. Но, со оглед дека одредбите од Законот за персонален данок од доход (членовите 33 и 103) не го исклучувале адвокатот поединец, после донесувањето на Законот за адвокатските маркички, од постапката за годишно плаќање на персонален данок од доход, според подносителот на иницијативата тоа значело адвокатите поединци два пати да плаќаат аконтација на персонален данок од доход (еднаш при купување на адвокатска маркичка, а втор пат при годишно плаќање на персоналниот данок од доход), па тоа не било во согласност со членовите 33 и 55 од Уставот.

Во однос на член 2 став 2 и член 7 став 2од Законот, во иницијативата се наведува дека предвидувањето во тие законски одредби договорот меѓу адвокатот и странката да морал да биде склучен во писмена форма, како и таквиот договор да морал да се приложи кон секоја исправа или поднесок, претставувало повреда на членовите 59, 805-826 од Законот за облигационите односи со оглед дека таквиот договор меѓу адвокатот и странката всушност бил договор за налог кој не морал да се склучи во писмена форма, а од друга страна приложувањето на договорот кон секоја исправа или поднесок значело повреда на начелото на тајност кое било загарантирано со самата природа на адвокатската дејност како самостојна и независна јавна служба и кое начело било разработено во член 3-а ставовите 2 и 3 од Законот за адвокатура. Во таква ситуација, како и со оглед дека такви обврски немале адвокатските друштва, произлегувало дека адвокатите поединци биле доведени во нееднаква положба, поради што наведените законски одредби не биле во согласност со член 55 од Уставот и со означените одредби од Законот за облигационите односи.

Во врска со член 6 став 5 во делот: „ и висината на надоместокот за адвокатските маркички“ од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека висината на даноците можела да се определува само со закон односно дека таа материја е во надлежност на Собранието на Република Македонија врз основа на член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот и не можела да биде делокруг на министерот за финансии, кој припаѓал на извршната власт и на Владата на Република Македонија, па според член 88 од Уставот можел само да ги извршува законите. Поради тоа, оспорената законска одредба не била во согласност со наведените уставни одредби.

Членот 7 став 3 од Законот се оспорува затоа што со него се определувало отфрлање на писмената и поднесоците како неуредни доколку на нив немало адвокатски маркички или бил уплатен помал износ отколку износот определен со тарифата или доколку воопшто немало ставена адвокатска маркичка, со што оспорената законска одредба уредувала правила на судската постапка кои веќе биле уредени со Законот за парничната постапка, Законот за кривичната постапка, Законот за општата управна постапка и Законот за даночната постапка. Така, според член 98 став 7 од Законот за парничната постапка се определувало дека секој поднесок од адвокат, а тоа значело и адвокат поединец и адвокатско друштво, да мораат да достават адвокатска маркичка, па членот 7 ставот 3 од Законот за адвокатските маркички ја менувал таквата законска одредба определувајќи дека само адвокат поединец мора да стави адвокатска маркичка, со што адвокатите поединци повторно биле доведени во нееднаква положба спрема адвокатските друштва, а тоа не било во согласност со член 55 од Уставот и со наведениот член од Законот за парничната постапка.

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека Законот во целина, како и одделно наведените законски одредби, не се во согласност со означените уставни и законски одредби. Истовремено, се предлага изрекување на привремена мерка заради спречување да настанат штетни последици.

3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од Законот се определува дека со Законот „се уредува воведување и користење на адвокатски маркички од страна на адвокатите поединци.“

Во член 2 од Законот се утврдува дека „адвокатската маркичка е инструмент за аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход за оние приходи кои адвокатите поединци ги остваруваат во готово во случаите кога наградата за дадената правна помош гласи на минималните износи утврдени со Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите (во натамошниот текст: тарифата)“ (став 1); „При плаќање на наградата над минималните износи утврдени со тарифата, зголемување на наградата, како и при плаќање на трошоците согласно со тарифата, адвокатите се должни да состават писмен договор со корисникот на правната помош врз основа на кој плаќањето е задолжително да се врши преку носител на платен промет“ (став 2).

Во член 6 од Законот се пропишува дека „адвокатските маркички се издаваат на адвокатот лично“ (став 1); „За печатење, издавање, транспортирање и чување на адвокатските маркички се плаќа надоместок кој е на товар на адвокатот“ (став 3); „Висината на надоместокот од ставот 3 на овој член се утврдува според реалните трошоци направени за печатење, издавање, транспортирање и чување на адвокатските маркички“ (став 4). Во однос на член 6 ставовите 3 и 4 од Законот, Судот утврди дека тие одредби се укинати со Одлука У бр.166/2012, донесена од Уставниот суд на Република Македонија на 24 април 2013 година. Во оспорениот став 5 се определува дека „формата и содржината, вредноста, начинот на издавање, подигање, повлекување од употреба и висината на надоместокот за адвокатските маркички, ги пропишува министерот за финансии.“

Според член 7 од Законот, „адвокатот е должен адвокатската маркичка да ја приложи кон секоја исправа или поднесок за кој согласно со тарифата е предвидена награда која гласи на износите од членот 2 став 1 од овој закон“ (став 1); „адвокатот е должен писмениот договор од членот 2 став 2 од овој закон да го приложи како прилог кон секоја исправа или поднесок на кој не е ставена адвокатска маркичка, доколку плаќањето на наградата е над минималните износи предвидени со тарифата, односно каде што плаќањето се врши преку носител на платен промет“ (став 2); „исправата или поднесокот кој е составен од адвокат кој не содржи адвокатска маркичка, содржи адвокатска маркичка во помал износ од оној што е определен со тарифата или не содржи писмен договор во прилог согласно со ставот 2 на овој член, се сметаат за неуредни и ќе бидат отфрлени од страна на примателот“ (став 3). Во однос на ставот 2 на член 7, во делот: „кон секоја исправа или поднесок“, како и во однос на целината на ставот 3 од член 7 на Законот, Судот исто така утврди дека тие одредби се укинати со Одлуката У бр.166/2012, донесена од Уставниот суд на Република Македонија на 24 април 2013 година.

Во член 9 став 4 од Законот е определено дека „употребените адвокатски маркички се сметаат за аконтација на персоналниот данок на доход за календарската година во која се употребени.“

Судот, понатаму, утврди дека на 31 мај 2013 година Собранието на Република Македонија донесе Закон за престанување на важењето на Законот за адвокатски маркички („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2013). Во член 1 од наведениот закон се определува дека „со овој закон престанува да важи Законот за адвокатски маркички („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2012)“, а во член 2 се пропишува дека „овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија.“ Законот е објавен на 5 јуни 2013 година.

Според тоа, Судот утврди дека оспорениот Закон за адвокатски маркички („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2012) и неговите одделно оспорени одредби престанаа да важат на 13 јуни 2013 година со влегувањето во сила на Законот за престанување на важењето на Законот за адвокатски маркички („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2013).

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, со влегувањето во сила на Законот за престанување на важењето на Законот за адвокатски маркички („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2013) на 13 јуни 2013 година, Судот утврди дека престана да важи оспорениот Закон за адвокатски маркички („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2012) и неговите одделно оспорени одредби и дека тие веќе не се дел од правниот поредок на Република Македонија.

Со оглед на тоа што оспорениот закон и неговите одделно оспорени одредби престанаа да важат и не се веќе дел од правниот поредок, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата, поради што оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.132/2012
10 јули 2013 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски