Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 10 јули 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување Урбанистички план вон населено место за ГП 1 во блок 4.3 на КП 2617/1 и КП 2618/1 КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) Општина Охрид 2011-2021, број 07-5169/3 од 28.11.2012 година, донесена од Советот на Општина Охрид, објавена во “Службен гласник на Општина Охрид”, број 12/2012 од 30.11.2012 година.
2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа решение.
3. Државниот инспекторат за локална самоуправа при Министерството за локална самоуправа-Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одлука не била законита бидејќи доносителот на оспорениот акт немал согласност од Министерството за транспорт и врски дека постапката за изработување на предлог-планот е спроведена согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Државниот инспекторат за локална самоуправа, вршејќи надзор по службена должност над законитоста на прописите донесени од Советот на Општина Охрид, од фактите кои ги утврдил при извршениот вонреден надзор на ден 25.12.2012 година, утврдил дека оспорената одлука не е законита и врз основа на член 23 став од Законот за државниот инспекторат за локална самоуправа, со Решение број 17-94/1 од 09.01.2013 година, ја запрел примената на донесената Одлука и поднел иницијатива пред Уставниот суд за оценување на законитоста на истата.
4. Судот, на седницата утврди дека Советот на Општина Охрид, врз основа на член 11, 22 и 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” број 60/11-наведен е пречистениот текст на Законот) и член 18 од Статутот на Општината Охрид (“Службен гласник на Општина Охрид” број 8/07), на седницата одржана на 28.11.2012 година, донел Одлука за донесување Урбанистички план за вон населено место за ГП 1 во Блок 4.3 на КП 2617/1 и КП 2618/1 КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) Општина Охрид 2011-2021.
Во членот 1 од Одлуката е определено дека со истата се донесува предметниот Урбанистички план.
Во членот 2 од Одлуката е определено дека:
Со овој урбанистички план се опфаќа простор со површина од 0,47 ха.
Просторот на планскиот опфат по Урбанистички план вон населено место за ГП 1 во Блок 4.3 на КП 2617/1 и КП 2618/1 КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) Општина Охрид 2011-2021 е опфат на границите:
Улица “СО 1”, ул. “Ст 1”, ул. “Пе 1” и соседните кп 2617/2, кп 2617/4, кп 2610/1, кп 2617/3 и кп 2618/3.
Со членот 3 од Одлуката е определено дека предметниот Урбанистички план вон населено место, изработен од “УРБАН” ДОО ОХРИД со технички број 12/11 содржи:
-планиран развој-текстуален дел и графички прилог;
-докуменатациона основа со текстуален дел и графички прилози.
Според членот 4 од Одлуката, предметниот Урбанистички план, се наведени составните делови на Одлуката и тоа: Текстуален дел, се заверува со потпис и печат на претседателот на Советот на Општина Охрид.
Со членот 5 од Одлуката, е определено дека предметниот Урбанистички план се чува, следи и реализира во Секторот за урбанизам, заштита на животна средина и комунален развој.
Со членот 6 од Одлуката, е предвидено дека истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Охрид”.
Одлуката е донесена под број 07-5169/3 од 28.11.2012 година, објавен во “Службен гласник на Општина Охрид”, број 12/2012.
5. Согласно членот 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/10, 18/11, 53/2011 и 144/2012).
Постапката за донесувањето на оспорената Одлука отпочнала по влегувањето во сила на актуелниот Закон за просторно и урбанистичко планирање од 2005 година, па оттука анализата на правната и фактичката состојба се врши во однос на одредбите од Законот од 2005 година со неговите измени и дополнувања заклучно со последната измена и доплонување на Законот од 2011 година, односно според одредбите од Законот што важел во време на донесувањето на предметниот урбанистичкиот план вон населено место.
Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во глава II од Законот за просторно и урбанистичко планирање како “Планирање на просторот”, во која се содржани членовите од 7-48 од Законот.
Co член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови во кои спаѓа Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.
Според членот 13 од Законот, урбанистички план вон населено место се донесува по потреба за плански опфат, за подрачја на општините кои не се опфатени со генералните урбанистички планови и со урбанистичките планови за село. Со овој план се уредува намената и начинот на користење на просторот, како и условите за градење на комплекси и градби вон од градовите и другите населени места (став 1).
Урбанистички план од ставот 1 на овој член содржи текстуален дел и графички прикази на планските решенија, како и нумерички дел со билансни показатели за планираните површини и градби според намената и за инфраструктурата (став 2).
Графичките прикази од ставот 2 на овој член содржат: граница на планскиот опфат и намена и начин на користење на просторот, а за комплекси и градби треба да содржат намена на земјиштето и градбите, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбите изразена во метри до венец, планско решение на примарната и секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите примарни и секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури (став 3).
Текстуалниот дел од ставот 2 на овој член содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба за поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури, други параметри за спроведување на планот, стратешка процена на влијанието врз животната средина, мерки за заштита на културното наследство, природата и животната средина, мерки за заштита од разурнувања и друго (став 4).
Нумеричкиот дел од ставот 2 на овој член содржи: податоци за површините на градежни парцели, планираните површини за градење, максималната висина на градбите изразена во метри до венец, податоци за инфраструктурните водови и градби и друго (став 5).
Урбанистичкиот план вон населено место се донесува врз основа на издадени услови за планирање на просторот согласно со закон (став 6).
Податоците за постојната состојба, можностите за просторниот развој и програмските проекции за просторниот развој претставуваат документациона основа на урбанистичкиот план вон населено место, која е прилог на планот (став 7).
Урбанистичкиот план вон населено место во чијшто плански опфат постојат споменици, споменички целини, културни предели и други заштитени добра со статус на културно наследство, треба да содржат детални параметри за заштита на културното наследство (став 8).
Според членот 13-а од Законот, со урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4 на овој закон предмет на планирање може да биде и една градежна парцела, а може да се врши и нивно изменување и дополнување во рамките на една градежна парцела, доколку постои изградена сообраќајна секундарна инфраструктура, а според ставот 2 од наведениот член од Законот, во случаите од ставот 1 на овој член, урбанистичките планови се донесуваат во постапка утврдена во членот 24 од овој закон, а јавната анкета трае од најмалку пет до најмногу десет работни дена.
Cо членот 17 од Законот е уредено:
(1) За изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и градот Скопје донесуваат годишна програма. Во годишната програма општините и градот Скопје можат да утврдат одредени планови заради економски развој на општината, да се донесат во постапка, пропишана во членот 24-а ставови (2), (3) и (4) на овој закон.
(2) Програмата од ставот (1) на овој член, општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.
(3) Изработката на плановите од програмата од ставот (1) на овој член, се финансира од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје.
(4) Градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во градот Скопје формираат Комисија составена најмалку од три члена од кои еден архитект со овластување за изработка на урбанистичките планови и две стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, која дава мислење на нацрт плановите од членот 7 точка 2 на овој закон и дава предлог до градоначалникот за одобрување на локална урбанистичка планска документација. Градоначалникот на градот Скопје формира Комисија составена најмалку од пет члена од кои двајца архитекти со овластување за изработка на урбанистичките планови и три стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, која дава мислење на нацртот на Генералниот урбанистички план на градот Скопје. Во комисијата формирана од градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во градот Скопје е потребно најмалку еден член да не е лице вработено во општинската администрација, а во комисијата формирана од градоначалникот на градот Скопје најмалку два члена да не се лица вработени во администрацијата на градот Скопје.
(5) Заради ефикасно спроведување на политиката на планирање и уредување на просторот, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје се должни да обезбедат стручно следење на спроведувањето на плановите и да извршат согледување за степенот на реализација на плановите, заради подготвување на Програма за изработка на урбанистички планови.
(6) За обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичкото планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје. Партиципативното тело се состои од: претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.
(7) Изработката на плановите од програмата од ставот (1) на овој член можат да ја финансираат и заинтересирани правни и физички лица чиишто програмски барања и подрачја на интерес се прифатливи за општината и градот Скопје.
Со членот 21 од Законот е определено:
(1) На нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
(2) Стручна ревизија на планот од членот 7 точка 1 на овој закон, врши стручна комисија што ја формира министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за работите од областа на просторното планирање и се состои од најмалку три члена од стручно-научни институции, истакнати научни и стручни работници од областа на просторното и урбанистичко планирање и од други области суштествени за изработка на планската документација.
(3) Стручна ревизија на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон финансирани од Буџетот на Република Македонија, и на државната урбанистичка планска документација врши стручна комисија што ја формира министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Стручната комисија се состои од најмалку три члена, од кои најмалку двајца се со овластување за носител на изработка на урбанистички планови.
(4) Стручна ревизија на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општините и буџетот на градот Скопје и на локалната урбанистичка планска документација, врши овластено правно лице од членот 18 став (1) на овој закон, определено од градоначалникот на општината или градоначалникот на градот Скопје.
(5) Забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.
(6) Стручна ревизија не може да врши изработувачот на планот на кој се врши ревизија.
(7) Доколку изработувачот и донесувачот на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон, на државната и локалната урбанистичка планска документација и на проектот за инфраструктура, не ги прибават потребните податоци и информации согласно со членот 29 од овој закон, на истите не може да се врши стручна ревизија.
Во членот 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.
Со членот 24 на овој закон е определено:
(1) По нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета.
(2) Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот (1) на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од членот 17 став (4) на овој закон.
(3) За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај.
(4) За организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од членот 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од членот 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од членот 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение.
(5) Јавната презентација и јавната анкета од ставот (1) на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа.
(6) Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.
(7) Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот (1) на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.
(8) Извештајот од ставот (6) на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.
(9) Врз основа на извештајот, комисијата од ставот (6) на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
(10) Доколку комисијата од став (7) на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.
(11) Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.
Согласно член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од комисијата од членот 17 став (4) на овој закон, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Според ставот 2 на овој член од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог план согласност дава органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека постапката за изработување на предлог планот е спроведена согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Според ставот 3 од истиот член од Законот, согласноста од ставот (2) на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на донесувачот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на согласноста не одговори во наведениот рок, ќе се смета дека согласноста е издадена.
Во ставот 4 на членот 25 од овој Закон, се предвидува дека по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.
Според ставот 5 од погоре наведениот член од Законот, градоначалникот на општината е должен најдоцна 15 дена по добивање на согласноста од ставот (2) на овој член да го достави предлогот на планот до Советот на општината, а советот е должен во рок од 15 дена од приемот на предлогот на планот да го стави на седница и да одлучи по истиот.
Според членот 26 став 5 од Законот, Советите на општините со седиште во град донесуваат: генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.
Со членот 28 став 5 од Законот е определено дека “измени и дополнувања на плановите и делови од плановите од членот 7 на овој закон се вршат по истата постапка пропишана за нивно донесување”.
Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Во конкретниот случај, Советот на Општина Охрид, ја донел оспорената одлука, а во постапката за нејзино донесување ги презел следните дејствија:
-Програма за изработка на урбанистички планови за Општина Охрид во 2011 година, број 07-3360/4-1 од 29.12.2010 година и Одлука за усвојување на Програмата, број 07-3360/4 од 29.12.2010, донесени од Советот на Општина Охрид;
Од увидот во оваа Програма произлегува дека предметниот Урбанистички план вон населено место за ГП 1 во Блок 4.3 на КП 2617/1 и КП 2618/1 КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) со П=0,47 ха, во Програмата не е наведен, што значи не е предвиден за изработка. Во точка 43 од Програмата, наведен е Урбанистички план вон населено место за Блок 4.3 дел од Туристички комплекс Св.Стефан, со П=9,35 ха, но тоа не е планот што се оспорува. Планскиот опфат утврден со планот што се оспорува е само дел од Блокот 4.3.
-Програма за изработка на урбанистички планови за Општина Охрид во 2012 година, број 07-4280/10-1 од 27.12.2011 година и Одлука за усвојување на Програмата, број 07-4280/10 од 27.12.2011, донесени од Советот на Општина Охрид;
Од увидот и во оваа Програма произлегува дека предметниот Урбанистички план вон населено место за ГП 1 во Блок 4.3 на КП 2617/1 и КП 2618/1 КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) со П=0,47 ха, и во оваа Програма не е наведен, што значи не е предвиден за изработка. Во точка 36 од Програмата, стои Урбанистички план вон населено место за Блок 4.3 дел од Туристички комплекс Св.Стефан, со П=9,35 ха, но тоа не е планот што се оспорува.
-Планска програма за изработка на Урбанистички план вон населено место за ГП 1 во Блок 4.3 на КП 2617/1 и КП 2618/1 КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) Општина Охрид 2011-2016, број 09-1178/6 од 14.07.2011 година, изработена од “УРБАН” доо-Охрид, друштво за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг;
-Решение за формирање на Комисија за разгледување на Планската програма за Урбанистичкиот план вон населено место, формирана од градоначалникот на Општина Охрид, број 09-1178/7 од 14.07.2011 година,;
-Мислење од Комисијата за Планската програма за изработка на предметниот урбанистички план, број 09-1178/7-1 од 19.07.2011 година;
Во Мислењето, во делот: Забелешка-Констатација, Комисијата дала забелешка дека веќе во тек била постапка за донесување на Урбанистички план вон населено место (УПВНМ) каде биле опфатени и КП 2617/1 и КП 2618/1.
-Одговор на мислење од “УРБАН” доо-Охрид на Комисијата по планската програма, како изработувач на предметниот урбанистички план, техн.бр. 12/2011 од јули 2011;
Во одговорот е наведено дека “УРБАН” доо-Охрид е изработувач на УПВНМ за УБ 4.3 дел од Туристички комплекс Св.Стефан, К.О. Коњско, Општина Охрид 2010-2020 (изменување и дополнување), но и истовремено е изработувач на УПВНМ за ГП 1 во УБ 4.3 на кп 2617/1 и кп 2618/1 КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан), 2011-2021 Општина Охрид. Наведено е и дека опфатот за кој се изработува УПВНМ за ГП 1 во УБ 4.3 на кп 2617/1 и кп 2618/1 КО Коњско е содржан и во задачата на УПВНМ за УБ 4.3 дел од Туристички комплекс Св.Стефан, К.О. Коњско, Општина Охрид 2010-2020 (изменување и дополнување), чија изработка бил во подолг застој.
-Извештај за извршена Стручна ревизија од ДОО “ПЛАНЕР”- инженеринг-Струга, број 03-25 од 10.07.2011 година, на Урбанистички план во населено место за ГП 1 во Блок 4.3 на КП 2617/1 и КП 2618/1 КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) Општина Охрид, нацрт план 2010-2020;
-Одговор од “УРБАН” доо-Охрид на Стручната ревизија на предметниот урбанистички план, од август 2011;
-Одговор на мислење од “УРБАН” доо-Охрид од август 2011, на Комисијата за давање на мислење на Нацрт Урбанистичкиот план вон населено место;
-Решение за формирање Комисија број 09-1178/9 од 08.08.2011 година, за разгледување на УПВНМ за ГП 1 во Блок 4.3 на КП 2617/1 и КП 2618/1 КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) Општина Охрид 2011-2016, нацрт план со тех.бр. 12/2011 од мај 2011 година, изработен од “УРБАН” доо-Охрид;
-Мислење за урбанистички план вон населено место, број 09-1178/11 од 23.08.2011 година, од Комисијата формирана со Решение број 09-1178/9 од 08.08.2011 година;
-Известување од Министерството за животна средина и просторно планирање до Друштво за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг “УРБАН” доо-Охрид, број 11-6996/2 од 01.09.2011 година. Во известувањето е забележано дека просторот кој што е предмет на изработка со предметниот план е простор чијашто западна граница на планскиот опфат се поклопува со линијата на заштитната крајбрежна зона на Охридското езеро, коешто со Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро (“Службен весник на Република Македонија” број 45/1977, 8/1980, 51/1988, 10/1990 и 62/1993), е прогласено за заштитено подрачје од категоријата Споменик на природата. Поради поклопувањето се бара преиспитување на планот.
-Одлука број 07-3860/11 од 02.12.2011 година, за утврдување Нацрт Урбанистички план во населено место за ГП 1 во Блок 4.3 на КП 2617/1 и КП 2618/1 и други КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) Општина Охрид 2011-2021, во која помеѓу другото се наведува дека градоначалникот ќе организира јавна презентација и јавна анкета по Нацрт Урбанистичкиот план вон населено место, која јавна анкета ќе трае од најмалку 10 работни денови. Одлуката е објавена во “Службен гласник на Општина Охрид” број 12 од 07.12.2011 година.
-Решение за организирање на Јавна анкета и Јавна презентација за УПВНМ за ГП 1 во Блок 4.3 на КП 2617/1 и КП 2618/1 и др. КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) Општина Охрид 2011-2021, број 09-1178/15 од 09.12.2011 година, во кое е наведено дека јавната анкета и јавната презентација за Нацрт-планот, ќе трае од 12.12.2011 година зклаучно со 20.12.2011 година (7 работни дена);
-Соопштение за организирање на Јавна анкета и Јавна презентација за УПВНМ за ГП 1 во Блок 4.3 на КП 2617/1 и КП 2618/1 и др. КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) Општина Охрид 2011-2021, број 09-1178/16 од 09.12.2011 година, во кое помеѓу другото се наведува дека јавната анкета и јавната презентација ќе трае од 12.12.2011 година заклучно со 20.12.2011 година (7 работни дена), односно дека јавната презентација ќе се одржи во Општина Охрид на ден 19.12.2011 година со почеток во 14,00 часот, каде ќе биде изложен предметниот план;
-Доказ за објавено Соопштение во две јавни гласила, односно во дневниот весник “Нова Македонија” од 10-11 декември 2011 година и потврда од Радио Охрид, дека во рамките на Радио огласник било објавено соопштение за организирање на Јавна анкета и Јавна презентација во периодот од 12-19 декември 2011 година;
-Решение за формирање Комисија за изработка на Извештај по спроведена јавна анкета и јавна презентација по нацрт-планот, број 09-1178/18 од 09.12.2011 година, донесено од градоначалникот на Општина Охрид;
-Покани до 9 правни лица за организирање на јавна анкета и јавна презентација со број 09-1178/17 од 09.12.2011 година и едно со број 09-1784/8 од 09.12.2011 година;
-Известување од “УРБАН” доо-Охрид, број 03-48 од 14.12.2011 година, до Општина Охрид за постапување согласно известувањето од Министерството за животна средина и просторно планирање број број 11-6996/2 од 01.09.2011 година;
Известувањето се однесува на околноста дека планерот “УРБАН” доо-Охрид, како изработувач на предметниот оспорен урбанистички план вон населено место (УПВНМ за ГП 1 во Блок 4.3 на КП 2617/1 и КП 2618/1 КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) Општина Охрид 2011-2021 и УПВНМ за УБ 4.3 (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) Општина Охрид 2011-2015, истите ќе ги усогласел (бидејќи опфатот за кој се изработувал предметниот план, бил содржан веќе во план за кој течело постапка и кој неколу пати бил враќан со неиздадена согласност).
-Записник број 09-1178/15-1 од 19.12.2011 година од јавна анкета и јавна презентација за УПВНМ за ГП 1 во Блок 4.3 на КП 2617/1 и КП 2618/1 и др. КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) Општина Охрид 2011-2021;
Во Записникот се наведени поставени прашања и одговори од присутни лица. Од истиот произлегува дека дискусиите повеќе се насочени за судбината на УПВНМ за УБ 4.3 (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) и тоа не е планот што се оспорува, туку план во чиј опфат бил содржан и опфатот за кој е донесен предметниот оспорен план.
-Стручно мислење, со препораки и насоки од Министерството за животна средина и просторно планирање, број 11-6996/4 од 29.12.2011 година, по Нацрт на предметниот урбанистички план;
-Известување од Национална установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид, број 13-128/1 од 09.02.2012 година;
-Согласност од Дирекцијата за заштита и спасување, број 10-65/2 од 01.03.2012 година;
-Мислење од ЈП “Нискоградба Охрид”-Охрид, број 09-549/2 од 13.03.2012 година;
-Согласност од Македонски Телеком АД Скопје, број 251-75135/4 од 23.03.2012 година;
-Согласност од ЕВН Македонија АД, скопје, број 27-352/2 од 26.03.2012 година;
-Мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање по Извештај за стратегиска оцена на животната средина, број 08-2949/2 од 27.03. 2012 година;
-Анкетен лист број 1 од 20.12.2011 година, број 09-2468/1, поднесен од 3 физички лица, со истакнати забелешки за недоследности и незаконитости по однос Нацрт-планот.
-Извештај број 09-14/15 од 05.04.2012 година од спроведена јавна анкета и јавна презентација по Нацрт планот – УПВНМ за ГП 1 во Блок 4.3 на КП 2617/1 и КП 2618/1 и други КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) Општина Охрид 2011-2021, со констатација дека по спроведената јавна анкета и јавна презентација е пристигнат 1 (еден) анкетен лист од тројца подносители и констатација за неприфатени забелешки;
-Доказ за доставено известување до подносителите на анкетниот лист;
-Известување – достава на податоци од Општинскиот инспекторат-Општина Охрид, Уп 1 Бр. 28-1-328 од 10.04.2012 година;
-Мислење од Министерството за култура-Управа за заштита на културното наследство-Скопје, број 08-1211/2 од 20.04.2012 година;
-Известување од градоначалникот на Општина Охрид, број 09-7/17 од 23.04.2012 година до Секторот за урбанизам и заштита на животна средина, за изготвен извештај од спроведена јавна анкета и јавна презентација.
-Известување од Министерството за транспорт и врски до Општина Охрид дека не ја дава бараната согласност по Предлог урбанистичкиот план вон населено место за ГП 1 во Блок 4.3 на КП 2617/1 и КП 2618/1 КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) Општина Охрид 2011-2021, број 16-10348/2 од 10.05.2012 година;
-Барање на услови за планирање на просторот, упатено до Министерството за животна средина и просторно планирање-Скопје, во врска со постапка за донесување на Урбанистички план вон населено место за УБ 4.3 дел од Туристички комплекс “Св. Стефан” Општина Охрид, број 09-2309/2 од 06.07.2012 година, од страна на Општина Охрид до Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од погоре наведеното барање произлегува дека бараните услови за планирање на просторот не се однесуваат на предметниот урбанистички план, туку за друг план, односно на нацрт план донесен од Советот на Општина Охрид со Одлука број 07-999/43 од 07.05.2010 година; Предметниот Нацрт-урбанистички план вон населено место е донесен со Одлука за утврдување Нацрт Урбанистички план вон населено место за ГП 1 во Блок 4.3 на КП 2617/1 и КП 2618/1 и други КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) Општина Охрид 2011-2021, број 07-3860/11 од 02.12.2011 година, донесена од Советот на Општина Охрид;
-Известување од Министерството за животна средина и просторно планирање, број 15-7352/3 од 21.08.2012 година, за неиздавање на Услови за планирање;
Во Известувањето е потенцирано дека Урбанистички план вон населено место не се донесува за плански опфат кој е опфатен со урбанистичко планска документација.
-Одговор од планерот “УРБАН” доо-Охрид од октомври 2012 година, по однос неиздавањето на согласност од Министерството за транспорт и врски со број 16-10348/2 од 10.05.2012 година, по однос предметниот урбанистички план.
Планерот, по однос добиениот став во Известувањето од Министерството за животна средина и просторно планирање, со кое ја информира Општина Охрид дека не се издаваат услови за планирање на просторот, за простор за кој што има важечки урбанистички план, во Одговорот наведува дека во тој случај, останувало промената на намената на веќе планираниот простор со важечки план, да била направена согласно Планската програма за изработка на урбанистички документации за дел од крајбрежниот простор “Туристички локалитет Горица-Св. Стефан-Метропол” 2010-2020, донесена од Советот на Општина Охрид (Одлука број 07-593/23 од 15.03.2010).
-Повторно барање согласност од Министерството за транспорт и врски, број 09-7/21 од 24.10.2012 година;
-Донесена е оспорената Одлука за донесување Урбанистички план вон населено место за ГП 1 во блок 4.3 на кп 2617/1 и кп 2618/1 КО Коњако (дел од туристички комплекс “Св. Стефан”) Општина Охрид 2011-2021, со број 07-5169/3 од 28.11.2012 година, Заклучок за прогласување на Одлуката за донесување на планот и извадок од “Службен гласник на Општина Охрид” број 12 од 30.11.2012 година каде Одлуката е објавена;
-Известување од Министерството за транспорт и врски број 16-21091/2 од 24.11.2012 година, со кое се известува доносителот на планот дека не се издава согласноста за донесување на предметниот Урбанистички план вон населено место;
-Известување од Министерството за транспорт и врски, број 38-835 од 29.11.2012 година, дека Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам при Министерството за транспорт и врски, ќе изврши увид во постапката за донесување на предметниот план;
Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам го известил градоначалникот и службите во Општина Охрид, дека на ден 30.11.2012 година, ќе изврши увид во постапката за донесување на планот што сега се оспорува, со напомена согласно законските прописи да бидат обезбедени услови за ршење на надзорот.
Увидот се извршил на ден 30.11.2012 година во просториите на Општина Охрид, во присуство на службени лица, во кој инспекторатот констатирал низа неправилности во постапката за донесување на планот, односно дека постапката во која е донесена Одлуката за донесување Урбанистички план вон населено место за ГП 1 во блок 4.3 на кп 2617/1 и кп 2618/1 КО Коњако (дел од туристички комплекс “Св. Стефан”) Општина Охрид 2011-2021, со број 07-5169/3 од 28.11.2012 година, отстапува од одредбите пропишани за донесување на плановите во Законот за просторно и урбанистичко планирање;
-Известување од Министерството за транспорт и врски-Државен инспекторат за градежништво и урбанизам-Скопје, број 38 ип1-85 од 04.12.2012 година, во кое е наведено дека од извршениот надзор, инспекторатот констатирал забелешки и неправилности од спроведената постапката за донесување на предметниот план;
-Записник за констатација (вкупно седум страни), број 38 ип1-85/1, составен на 04.12.2012 година, од извршен инспекциски надзор во документацијата во врска со донесување на предметниот урбанистички план вон населено место, со Наод на утврдена фактичка состојба, изготвен од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам-Скопје;
Од Записникот за констатација, било констатирано:
Предмет на инспекциски надзор е постапката за донесување и законитоста на Урбанистички план вон населено место за ГП 1 во блок 4.3 на КП 2617/1 и КП 2618/1 КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) Општина Охрид 2011-2021, број 07-5169/3 од 28.11.2012 година, донесен од Советот на Општина Охрид;
Инспекторите констатирале дека во моментот на надзорот оспорената Oдлука за донесување на предметниот план – се уште не била објавена во “Службен гласник на Општина Охрид”;
Констатирале дека со оспорениот план бил оформен плански опфат со површина од 0,5 ха како градежна парцела број 1, кој претставувал дел од блок 4.3, но и дека тој дел е веќе планиран со ГУП за крајбрежен простор Туристички локалитет “Горица-Св. Стефан-Метропол” Охрид, донесен од страна на Советот на Општина Охрид со Одлука број 07-291/4 од 03.04.2001 година;
Констатирале дека во двете Програми (погоре цитирани) за изработка на урбанистички планови за Општина Охрид, едната за 2010 година, а другата за 2011 година, не е влезен и конкретниот оспорен урбанистички план, а дека дотогаш веќе била одобрена Планската програма за изработка на оспорениот план. Оттука, инспекторатот утврдил дека предметниот УПВНМ, се донел, но, не бил предвиден во Програмата за изработка на урбанистички планови за Општина Охрид за 2012 година.
Инспекторатот констатирал и дека Советот на Општина Охрид со Одлука број 07-593/23 од 15.03.2010 година донел Планска програма за изработка на урбанистички планови за дел од крајбрежниот простор на Општина Охрид Туристички локалитет “Горица-Св. Стефан-Метропол”, и дека Општината таа Програма ја применувала како урбанистички план со кој била вршена измена на ГУП-от за крајбрежен простор Туристички локалитет “Горица-Св. Стефан-Метропол” Охрид, донесен од страна на Општина Охрид со Одлука број 07-291/4 од 03.04.2001 година, спротивно на членот 28 став 5 од Законот кој прецизно уредува дека измените на намената и други измени на урбанистички план или дел од план, се врши по иста постапка пропишана за нивно донесување, а што се однесува до Планската програма согласно членот 17-а став 3 од Законот, таа може да претставува само почеток на измена и дополна на ГУП-от.
Инспекторатот констатирал дека два пати не била издадена согласност од Министерството за транспорт и врски на предлог-планот, дека градоначалникот на Општина Охрид го доставил предлог-планот на усвојување до Советот, но Комисијата за урбанизам на Совето на Општина Охрид не го ставила предлог-планот на дневен ред на седница, поради што без да се разгледани предлог-Одлуката за усвојување-донесување, ниту предлог-планотна предметниот оспорен УПВНМ, а оттука и без даден извештај за усвоена предлог-одлука и план од страна на комисијата, туку предлог-планот веднаш бил ставен на дневен ред на седница на Совет за донесување. Инспекторатот констатирал: “Постапката за донесување на планот е водена со отстапување од предвидените законски и подзаконски одредби и нормативи”.
Инспекторатот констатирал дека со предметниот план се врши измена на предвидена намена на простор планиран со ГУП за крајбрежен простор, спротивно на законските прописи. Имено, од Записникот за констатација, стр. 6 е наведено (делови од цитат):
-“Од Извод од ГУП за крајбрежен простор Туристички локалитет “Горица-Св. Стефан-Метропол” Охрид, донесен од страна на Советот на Општина Охрид со Одлука број 07-291/4 од 03.04.2001 година и ДУП за Туристички локалитет “Св. Стефан” – план за реализација, донесен од страна на Советот на Општина Охрид со Одлука број 01-7526 од 28.12.1983 година, кои се составен дел на документационата основа-графички прилози, е видно дека предметниот локалитет се наоѓа во урбаниот опфат на блок 4.3.
Од постојниот ДУП за Туристички локалитет “Св. Стефан” – план за реализација, е видно дека не е предвидена градежна парцела со опфат како предметниот УПВНМ и согласно истиот ДУП урбаниот опфат на новоформираната ГП1-предмет на планот, е предвиден со две намени: дел од основни рецептивни капацитети /сегашни и планирани и паркинг простор и дел од рекреативен забавен спортски центар.
Од Извод од ГУП за крајбрежен простор Туристички локалитет “Горица-Св. Стефан-Метропол” Охрид, е видно дека урбаниот опфат на новоформираната ГП1-предмет на планот, влегува во зона за спорт и рекреација и е предвиден со намена: спортски терени, а во одредбите за реализација на ГУП-от во член 19 и 20 е пропишано дека освен во спортскиот центар Горица, во другиот дел со оваа намена можат да се градат само приземни објекти во функција на самите терени и активности.
Градежното земјиште на локалитетот во кој припаѓа урбаниот опфат на предметниот УПВНМ е предвидено со намена: основан класа на намена: А4-времено сместување (и инфраструктура Е1), истата не соодвествува на предвидената намена во предметниот ГУП за крајбрежен простор Туристички локалитет “Горица-Св. Стефан-Метропол” Охрид.
Забелешка (од Инспекторатот): Намената на предметниот УПВНМ е во спротивност со ГУП за крајбрежен простор Туристички локалитет “Горица-Св. Стефан-Метропол” Охрид.
Инспекторатот констатирал дека постапката за донесување на предметниот Урбанистички план вон населено место кој и сега се оспорува со иницијативата, отстапувал од законските одредби за донесување на истиот и дал предлози до градоначалникот на Општината и службите во Општина Охрид за отстранување на неправилностите со предлог до Советот на Општина Охрид да ја поништи-укине сега оспорената Одлука број 07-5169/3 од 28.11.2012 година, а меѓу другото и да не ја објавуваат спорната Одлука во “Службен Гласник на Општина Охрид”, односно да ја запрат постапката за примена-извршност на оспорената Одлука, како и реализацијата на оспорениот план до преиспитувањето на постапката за донесување и на законитоста на предметниот урбанистички план согласно издадените насоки во Записникот.
– Оговор на Записник за констатација од Општина Охрид, број 09-4041/3 од 11.12.2012 година до Министерството за транспорт и врски-Државен инспекторат за градежништво и урбанизам-Скопје;
– Допис број 09-2309/4 од 26.12.2012 година од Општина Охрид до Агенцијата за катастар на недвижности-Охрид, за донесување на предментиот план и достава на истиот во прилог;
– Допис број 09-2309/6 од 26.12.2012 година од Општина Охрид до Државниот архив на Република Македонија-Одделение Охрид, за донесување на предментиот план и достава на истиот во прилог;
– Допис број 09-2309/6 од 26.12.2012 година од Општина Охрид до Министерството за транспорт и врски-Скопје, за донесување на предментиот план и достава на истиот во прилог;
Во прилог на документацијата доставени се и Извод на дел од Генералниот урбанистички план за крајбрежен простор Туристички локалитет ГОРИЦА-СВ. СТЕФАН-МЕТРОПОЛ, Општина Охрид 2000-2010 со Графички дел и Планирана состојба, како и Планска програма за изработка на урбанистички планови за дел од крајбрежен простор на Општина Охрид, Туристички локалитет ГОРИЦА-СВ. СТЕФАН-МЕТРОПОЛ 2010-2020;
Во конкретниот случај со оспорената Одлука, се донесува урбанистички план вон населено место за кој план со членот 13 став 1 од Законот, е уредено дека урбанистички план вон населено место се донесува по потреба за плански опфат, за подрачја на општините кои не се опфатени со генералните урбанистички планови и со урбанистичките планови за село. Со овој план се уредува намената и начинот на користење на просторот, како и условите за градење на комплекси и градби вон од градовите и другите населени места.
Според ставот 6 од членот 13 од Законот, урбанистичкиот план вон населено место се донесува врз основа на издадени услови за планирање на просторот согласно со закон.
Со членот 15 став 1 од Законот, помеѓу другото е определено дека условите за планирање на просторот се бараат заради согледување на планските можности за планирање на просторот односно изготвување на урбанистички планови освен детален урбанистички план.
Од документацијата произлегува дека јавната анкета е спроведена согласно членот 13-а од Законот, според кој со урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4 на овој закон предмет на планирање може да биде и една градежна парцела, а може да се врши и нивно изменување и дополнување во рамките на една градежна парцела, доколку постои изградена сообраќајна секундарна инфраструктура, а според ставот 2 од наведениот член од Законот, во случаите од ставот 1 на овој член, урбанистичките планови се донесуваат во постапка утврдена во членот 24 од овој закон, а јавната анкета трае од најмалку пет до најмногу десет работни дена.
Во конкретниот случај доносителот на предметниот план, при спроведувањето на јавната анкета го применил членот 13-а од Законот, така што јавната анкета ја спровел во траење од 7 работни дена, бидејќи како што гласи оспорената одлука предметниот урбанистички план вон населено место се однесува за една градежна парцела. Меѓутоа од документацијата, конкретно од увидот во Графичкиот дел (Извод од туристички комплекс “Свети Стефан” Охрид План за реализација, произлегува дека просторот што се планира претставува две градежни парцели. Оттука, произлегува дека во конкретниот случај нема услови за спроведување на јавна анкета според членот 13-а од Законот, туку според членот 24 став 4 од Законот со кој е определено дека јавната анкета трае најмалку 10 работни дена. Имено и во Одлуката број 07-3860/11 од 02.12.2011 година, за утврдување Нацрт Урбанистичкиот план во населено место за ГП 1 во Блок 4.3 на КП 2617/1 и КП 2618/1 и други КО Коњско (дел од туристички комплекс “Св. Стефан) Општина Охрид 2011-2021, доносителот на оспорениот акт навел дека градоначалникот ќе организира јавна презентација и јавна анкета по Нацрт Урбанистичкиот план вон населено место, која јавна анкета ќе трае од најмалку 10 работни денови. Одлуката е објавена во “Службен гласник на Општина Охрид” број 12 од 07.12.2011 година. Меѓутоа јавната анкета потоа е спроведена во траење од 7 работни дена.
Од анализата на погоре цитиранате законски одредби, произлегува дека урбанистички план вон населено место, може да биде донесен исклучиво за планирање на простор кој не е опфатен со генерален урбанистички план и со урбанистичките планови за село, односно за простор кој не е плански дефиниран со постоечки важечки план.
Од увидот во прибавената и приложена документација, конкретно од увидот во Изводот на дел од Генералниот урбанистички план за крајбрежен простор Туристички локалитет ГОРИЦА-СВ. СТЕФАН-МЕТРОПОЛ, Општина Охрид 2000-2010 со Графички дел и Планирана состојба, произлегува дека предметниот урбанистички план се однесува за планирање на простор кој веќе е опфатен со Генерален урбанистички план за крајбрежниот простор на Охридското езеро. Произлегува и дека просторот кој е во рамките на планскиот опфат на Генералниот урбанистички план, а кој сега со оспорениот план е дефиниран како градежна парцела, со ГУП-от е дефиниран како зона – спортски терени и високо зеленило.
Оттука произлегува дека со оспорениот план се редефинира и рекомпонира намена на простор дефинирана со важечки план, во случајов тоа е простор кој е во плански опфат на Генералниот урбанистички план, а со тоа во суштина се прави измена на Генералниот урбанистички план, спротивно на со закон определениот начин за изменување или дополнување на плановите од членот 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно спротивно на членот 28 став 5 од Законот според кој “измени и дополнувања на плановите од членот 7 на овој закон, се вршат по истата постапка пропишана за нивно донесување, а не со донесување на друг план во друга постапка, како што е случај со оспорениот урбаниустички план за вон населено место.
На погоре наведената околност, укажувал и органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот во случајов Министерството за транспорт и врски, кое со допис број 16-10348/2 од 10.05.2012 година, а и повторно со допис број 16-21091/2 од 24.11.2012 година, помеѓу другите укажувања за сторени неправилности и недоследности во постапката при донесување на оспорениот план, укажал и на околноста дека доносителот на оспорениот акт, треба да го преиспита планскиот опфат со оглед дека во истиот се вршело промена на дел од намената утврдена со важечки план, а со тоа и да се преиспита и постапката за изработка на конкретниот оспорен урбанистички план вон населено место, од кои причини и не дало согласност за донесување на предметниот оспорен урбанистички план.
Од документацијата, конкретно од одговорот на неиздавање на согласност од Министерството за транспорт и врски, а кој одговор го дал планерот “УРБАН” доо Охрид по однос забелешката од Министерството за преиспитување на планскиот опфат дефиниран со оспорениот урбанистички план вон населено место, произлегува дека планерот ја прифатил наведената забелешка. Тој констатирал дека со промена на намената преку Планската програма за изработка на урбанистички планови за дел од крајбрежниот простор на Општина Охрид, Туристички локалитет “Горица-Св. Стефан-Метропол” 2010-2020 година, донесена од Советот на Општина Охрид со Одлука број 07-593/23 од 15.03.2010 година, во која биле дадени насоки за изработката на оспорениот урбанистички план, се решил проблемот на кој укажувало Министерството.
Според Судот, ова е спротивно на одредбите од Законот имајќи во вид дека измената и дополнувањата на плановите се врши во иста постапка пропишана за нивно донесување, бидејќи со важечки генерален урбанистички план веќе била дефинирана намената на просторот, и истиот не може да се менува со Планска програма, туку во постапка за изменување или дополнување на важечкиот план.
Исто така, доносителот на оспорениот акт, во прилог на документацијата од спроведената постапка, не достави доказ дека се издадени услови за планирање на просторот кој е предмет на планирање со оспорениот урбанистички план вон населено место, а кој задолжително потребно е да биде прибавен кога предмет на планирање е урбанистички план вон населено место, согласно со членот 13 став 6 од Законот.
Од документацијата, произлегува дека доносителот на оспорениот акт, барал од надлежниот орган издавање услови за планирање, но тоа барање не се однесува за предметниот урбанистички план вон населено место Г.П. 1 во УБ. 4.3 на к.п. 2617/1 и к.п. 2618/1 К.О. Коњско (дел од туристички комлекс “Св. Стефан”), 2011-2021, Општина Охрид, туку на нацрт план донесен од Советот на Општина Охрид со Одлука број 07-999/43 од 07.05.2010 година, односно тоа се однесува за Урбанистичи план вон населено место (УПВНМ) за УБ 4.3 дел од Туристички комплекс “Св. Стефан”- Охрид, КО Коњско Општина Охрид 2010-2020 (изменување и дополнување).
Имено, од приложената документација, конкретно од Одговорот на мислење на Комисијата по планската програма за урбанистичкиот план вон населено место Г.П. 1 во УБ. 4.3 на к.п. 2617/1 и к.п. 2618/1 К.О. Коњско (дел од туристички комлекс “Св. Стефан”) од јули 2011 година, дадено од страна на планерот од “УРБАН” доо-Охрид, произлегува дека “УРБАН” доо-Охрид е изработувач на УПВНМ за УБ 4.3 дел од Туристички комплекс “Св. Стефан”- Охрид, КО Коњско Општина Охрид 2010-2020 (изменување и дополнување), но и истовремено изработувач на предметниот оспорен УПВНМ за Г.П. 1 во УБ. 4.3 на к.п. 2617/1 и к.п. 2618/1 К.О. Коњско (дел од туристички комлекс “Св. Стефан”), 2011-2021, Општина Охрид.
Во известувањето понатаму се наведува дека опфатот за кој се изработува предметниот оспорен урбанистички план, е содржан и во задачата на УПВНМ за УБ 4.3 дел од Туристички комплекс “Св. Стефан”- Охрид, КО Коњско Општина Охрид 2010-2020 (изменување и дополнување), чија изработка бил во подолг застој, “УРБАН” доо-Охрид како изработувач и на двата урбанистички плана се обврзал истите да ги синхронизира (Во случајов за нас ирелевантно е прашањето за синхронизираноста или несинхронизираноста на двата урбанистички плана вон населено место, за УБ 4.3 дел од Туристички комплекс “Св. Стефан”- Охрид, и тоа е прашање на други надлежни органи, туку прашањето дали постапката во која се донесуваат плановите се донесени согласно со Уставот и одредбите на Законот, конкретно дали предметниот план е донесен согласно со членот 13 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.)
Од документацијата произлегува дека Советот на Општина Охрид, ја продолжил постапката за донесување на оспорениот урбанистички план вон населено место, што резултира со конечна Одлука за негово донесување, а за која постапка надлежното министерство на два наврати констатирало низа неправилности и недостатоци во самата постапката за донесување на предметниот план.
Клучно и во двете известувања е забелешката на околности дека доносителот на оспорениот акт, треба да го преиспита планскиот опфат со оглед дека во истиот се вршело промена на дел од намената утврдена со важечки план, како и дека не се издадени услови за планирање на просторот кој е предмет на планирање со оспорениот урбанистички план вон населено место. По однос на планскиот опфат членот 13 став 1 од Законот децидно уредува дека урбанистички план вон населено место се донесува по потреба за плански опфат, за подрачја на општините кои не се опфатени со генералните урбанистички планови и со урбанистичките планови за село. Со овој план се уредува намената и начинот на користење на просторот, како и условите за градење на комплекси и градби вон од градовите и другите населени места.
Имајќи го предвид сето погоре изнесено, како и приложената и прибавена документација, произлегува дека планскиот опфат дефиниран со оспорениот урбанистички план вон населено место, е опфатен со важечки план, односно со Генерален урбанистички план (ГУП) за крајбрежен простор Туристички локалитет ГОРИЦА-СВ. СТЕФАН-МЕТРОПОЛ, Општина Охрид 2000-2010.
Со оглед дека просторот кој се планира со оспорениот план, е во рамките на плански опфат на Генералниот урбанистички план за крајбрежен простор, произлегува дека доносителот на оспорениот акт, спротивно на одредбите од член 13 став 1 од Законот, спровел постапка за донесување на урбанистички план вон населено место, кој план подразбира планско уредување на простор во плански опфат за подрачја на општините кои не се опфатени со генералните урбанистички планови и со урбанистичките планови за село.
Што се однесува до наводите од доносителот на оспорениот акт, дека неиздадената согласност по предлог-планот, не е и не можело да биде основ за укинување или поништување на одлуката со кој е донесен оспорениот план бидејќи Министерството за транспорт и врски не одговорило во законски предвиденио рок по барањето за согласност, со што се смета дека согласноста е издадена, односно што се однесува до наводите дека таа околност не го правела оспорениот акт неуставен и незаконит, тоа се наводи со кои се оправдуваат само причините за окончување на постапката со донесување на оспорената одлука во отсуство на одговор од надлежниот орган во законски предвидениот рок за произнесување по планот. Меѓутоа Уставниот суд ја оценува законитоста на постапката во која се донесуваат плановите во целина, што значи севкупното постапување при донесувањето на планот. Според тоа, произнесувањето од ресорното министерство по барањето на согласност, е само сегмент од целината на постапката во која оспорениот план е донесен.
Ненавременото произнесување на Министерството по бараната согласност, е само законска оправданост за донесување на предметната Олдука, но тоа по автоматизам не ја прави целокупната постапка законита која е збир на фази и дејствија од постапување, што значи само еден сегмент од законито постапување, не значи законитост и на сите останати дејствија и фази во постапката, тоа може да се утврди само преку оцена на целокупната постапка со сите фази и спроведени дејствија.
Оттука, при состојба на други законски повреди на постапката како што е во конкретниот случај, според Судот, не се основани наводите од доносителот на оспорениот акт изнесени во одговорот дека недобиениот одговор по барањето на согласност во рокот определен со Законот, значи законито спроведена постапка, што може да се утврди исклучиво преку уставно-судска анализа.
Имено и во случај кога ресорното министерство во законски предвидениот рок би се произнело по однос предлог-планот и тоа позитивно, a priori тоа не упатува на законито спроведена постапка, туку оцената за законитоста на конкретна постапка за донесување на конкретен план, произлегува од уставно судската анализа на целината на постапката во која е донесен планот кој е предмет на оспорување пред Судот, односно од севкупната анализа на постапката за донесување на плановите во целина, а не поедини нејзини делови, за што посведочува и уставно-судската практика на Уставниот суд, пред кој се оспорувани планови за кои е добиено позитивно мислење од страна на ресорното министерство, но уставно-правната анализа резултирала со интервентна одлука на Судот, поради утврдени незаконитости во постапката за донесување на плановите.
6. Имајќи го предвид погоре изнесеното, со оглед дека Советот на Општина Охрид, го донел предметниот оспорен урбанистички план вон населено место, со кој е дефиниран плански опфат за кој од приложената документација произлегува дека не се однесува за простор надвор од плански опфат дефиниран со генерален урбанистички план, туку за простор кој задира во плански опфат на важечки план, спротивно на одредбите од членот 13 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, а оттука и спротивно на принципот на владеењето на правото од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок, со што се нарушува правната сигурност на граѓаните на Република Македонија, според Судот, со вака донесената одлука се доведува во прашање начелото на владеење на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, поради што Судот оцени дека наведената одлука не е во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, како и со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање со кои е утврдена постапката за донесување на урбанистички план вон населено место, поради што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот.
Исто така, Судот оцени и дека се настапени предвидените услови за примена на одредбите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд, за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија, преземени врз основа на оспорениот акт.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.6/2013
10 јули 2013 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски