У.бр.136/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 јуни 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 45 до 56 од Одлуката за комунален ред во Градот Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ бр.6/1998, 16/2001 и 5/2003) донесена од Советот на Град Скопје.

2. Стрезо Стрезовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесe иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, се оспоруваат сите одредби во Главата VI „Отстранување и чување на непрописно паркирани возила“ од Одлуката, со посебен осврт на одделни одредби кои се означени со нумерација од пречистен текст на Одлуката кој датирал од 2002 година и кој не ја содржи измената на одлуката од 2003 година.

Подносителот на иницијативата ги оспорува одредбите од пречистениот текст на Одлуката за комунален ред на град Скопје, под број 09-2624 од 14 октомври 2002 година) донесена од Советот на Град Скопје и објавена во („Службен гласник на Град Скопје“ бр. 11/2002), кој е утврден од страна на Комисијата за прописи и административни такси на Советот на Град Скопје.

Според наводите во иницијативата со оспорениот дел од Одлуката се уредувало „отстранување“ на возила во градот Скопје без постоење на непосредна опасност или пречка за одвивање на сообраќајот и доволно било возилата да биле само неправилно запрени или паркирани на подрачјето на град Скопје.

Наспроти ваквата регулатива во оспорените одредби од Одлуката, со членовите 63 и 400 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007, 86/2008, 98/2008, 64/2009, 161/2009, 36/2011 и 51/2011) било регулирано „запирањето и паркирањето“ на возилата и кога и како возилата можеле да се отстрануваат. Имено, за предметот веќе постоела законска регулатива, која во случајов паралелно била предмет на ново и поинакво регулирање со Одлука на Советот на град Скопје. Оттука оспорените одредби од Одлуката не биле во согласност со членовите 63 и 400 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Не можело градски комунални инспектори да издаваат налози за отстранување возила. Единствени законски овластени лица да издаваат налози за отстранување возила, биле „униформирани полициски службеници“, ова согласно членовите 63 и 400 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Комуналните инспектори немале законско овластување да издаваат налози, ниту во Законот за јавни патишта, Законот за комунални дејности, Законот за инспекциски надзор ниту во други закони.

Од овие причини оспорените законски одредби не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, која се однесува на принципот на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Оспорените одредби од Одлуката регулирале „чување“ на отстранетите возила и „чувањето“ било доверено на „овластениот субјект“, на простор кој го обезбедил за таа намена, и на тој простор отстранетите возила се чувале најмногу 30 дена, а потоа се продавале, односно се отуѓувале. Сопствениците, можеле да си ги земат отстранетите возила во рок од 30 дена, но дури по исплата на трошоците (што по ценовникот изнесувало 500 денари дневно).

Меѓутоа, оспорените одредби од Одлуката уредувале прашање кое е во надлежност на комуналната инспекција и е прашање на законска материја. Имено, со одредбите од членовите 63 и 400 од Законот за безбедност на сообраќајот на паптиштата, не било предвидено возилото, како имот на граѓанинот привремено да му се одземе и да се „чува“ до исплата на трошоци, да му се наплатува за тоа чување или тој имот да се продава поради наплата на било какви долгови.

Чувањето, според подносителот на иницијативата, било само техничка мерка по отстранувањето на возилото и не можело таа техничка мерка да произведе долгови поради кои возилото, кое било туѓа имотна сопственост, да се отуѓело за да се наплателе трошоците од чувањето и другите трошоци во врска со отстранувањето на возилото.

Поради тоа, оспорените одредби од Одлуката биле незаконито и неуставно решение и спротивно на членот 8 став 1 алинеја 6 од Уставот, според кој правната заштита на сопственоста е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и спротивно на членот 30 од Уставот со кој се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Воедно, во членот 1 од Протоколот 1 на Европската Конвенција за човекови права, било определено дека: „Секое физичко или правно лице има право на мирно уживање на својот имот. Никој не може да биде лишен од својот имот, освен во јавен интерес и под услови предвидени со закон и со општите принципи на меѓународното право“. Оспорените одредби од Одлуката биле спротивни на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за облигациони односи.

Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби се предвидувало „блокирање“ на возилото. Ако возилото се блокирало тогаш продолжувало неговото останување на теренот и оваа мерка всушност била контрадикторна и неразумна од целта за „отстранување“ на возилото кое пречело на теренот. Цената изнесувала 1300 денари која граѓаните требале да ја платат во рок од 60 минути од блокирањето, но тоа било незаконско и неуставно ограничување на правата на граѓаните, бидејќи сопственоста на граѓаните била загрозена од дејствија на комуналната инспекција врз основа на Одлуката на градот Скопје, без законски основ за тоа.

Оспорените одредби од Одлуката биле спротивни на членовите 8, 11, 14 и Амандман XX од Уставот на Република Македонија.

Воопшто, сите одредби од Одлуката во Главата VI на „Отстранување и чување на непрописно паркирани возила“, биле незаконити и неуставни. Ова поради тоа што во Законот за градот Скопје не била дадена надлежност на градот за отстранување возила, а со овој закон објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2004 било определено во членот 65 дека Градот Скопје и општините на градот Скопје ќе ги донесат и усогласат општите акти со одредбите на овој закон во рок од три месеци од денот на конституирањето на советите на градот Скопје и општините во градот Скопје. Меѓутоа, Одлуката за комунален ред во Градот Скопје донесена во 1998 година и изменета и дополнета во 2001 и 2003 година, не била во оспорениот дел усогласена и продолжила да регулира материја која не е во надлежност на градот Скопје.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука за комунален ред на град Скопје, која била објавена, под број 09-735/1 од 17 март 1998 година во („Службен гласник на Град Скопје“ бр. 06/1998 од 27 март 1998 година) е донесена на петнаесетата седница на Советот на Град Скопје, врз основа на член 61 од Статутот на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ бр. 03/1998), член 7 од Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија бр.45/1997) и член 6 од Законот за Градот Скопје („Службен весник на Република Македонија бр.49/1996).

Со оспорените одредби на членовите од 45-56 во Главата VI „Отстранување и чување на непрописно паркирани возила“ од Одлуката, се уредува начинот и постапката за отстранување на неправилно или непрописно запрени или паркирани возила и на оштетени и неисправни возила од јавните и други површини во подрачјето на градот Скопје, по налог и во присуство на работник на Министерството за внатрешни работи и чувањето на истите. Под отстранување на возила во смисла на оваа одлука, се смета поставување на средства за блокирање на тркала на возилата како и подигање и транспортирање на возилата со специјално возило и нивно времено сместување на посебно обезбеден простор.

Оваа одлука е изменета со Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за комунален ред на град Скопје, која била објавена, под број 09-2839/1 од 11.12.2001 година во („Службен гласник на Град Скопје“ бр. 16/2001 од 18.12.2001 година) донесена на тринаесетата седница на Советот на Град Скопје.

Гореспоменатата Одлука е изменета со Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за комунален ред на град Скопје, која била објавена, под број 09-1503/1 од 23.05.2003 година во („Службен гласник на Град Скопје“ бр. 07/2003 од 30.05.2003 година) донесена на триесет и првата седница на Советот на Град Скопје.

Исто така оваа одлука е изменета и дополнета со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за комунален ред на град Скопје, која била објавена, под број 09-3081/1 од 20.10.2003 година во („Службен гласник на Град Скопје“ бр. 12/2003 од 28.10.2003 година) донесена на триесет и петата седница на Советот на Град Скопје.

Согласно член 47 од преодните и завршни одредби на Законот за комуналните дејности („Службен весник на Република Македонија бр.95/2012), со денот на влегувањето на овој закон, престана да важи Законот за комуналните дејности („Службен весник на Република Македонија бр.45/1997, 23/1999, 45/2002, 16/2004 и 5/2009),

Одлуката за комунален ред во градот Скопје, е донесена од Советот на град Скопје, во 1998 година, со измени и дополнувања во 2001 и 2003 година. Одлуката, се засновува на член 7 од Законот за комунални дејности, според кој: „Општината, односно градот Скопје е должна да донесе одлука за комунален ред и мерки за нејзино спроведување.

По поднесувањето на иницијативата, донесен е нов Закон за комуналните дејности („Службен весник на Република Македонија бр.95/2012), така што предметниот закон, не е повеќе во правниот поредок.

Исто така донесен е нов Закон за Градот Скопје (Службен весник на Република Македонија број 55/04 од 16 август 2004 година). Согласно член 66 од преодните и завршни одредби на Законот, со денот на отпочнувањето на примената на овој закон, престанува да важи Законот за Градот Скопје (Службен весник на Република Македонија број 49/96 и 53/2001).

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според член 47 од преодните и завршни одредби на Законот за комуналните дејности („Службен весник на Република Македонија бр.95/2012), со денот на влегувањето на овој закон, престана да важи Законот за комуналните дејности („Службен весник на Република Македонија бр.45/1997, 23/1999, 45/2002, 16/2004 и 5/2009).

Согласно член 66 од преодните и завршни одредби на Закон за Градот Скопје (Службен весник на Република Македонија број 55/04 од 16 август 2004 година), со денот на отпочнувањето на примената на овој закон, престанува да важи Законот за Градот Скопје (Службен весник на Република Македонија број 49/96 и 53/2001).

Оспорените одредби на членовите од 45 до 56 се содржани во Одлука за комунален ред на град Скопје, која била објавена, под број 09-735/1 од 17 март 1998 година во („Службен гласник на Град Скопје“ бр. 06/1998 од 27 март 1998 година) донесена на петнаесетата седница на Советот на Град Скопје, врз основа на член 61 од Статутот на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ бр. 03/1998), член 7 од Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија бр.45/1997) и член 6 од Законот за Градот Скопје („Службен весник на Република Македонија бр.49/1996), но не постои изречна правна дерогација на овие одредби.

Отука, престанувањето на правниот основ со поголема првна сила (Законот за комунални дејности и Законот за Град Скопје) имплицира анулирање на правната важност на субординираниот акт (оспорената одлука). Со оглед на тоа оспорената одлука е без правна сила, односно истата престанала да важи.

Од наведеното произлегува дека и ако не постои изречна правна дерогација на одредбите на оспорената Одлука, Судот оцени дека со престанување на законскиот основ за донесување на оспорената Одлука, не постојат правни основи за егзистирање на истата. Во прилог на наведеното е и тоа дека законодавецот не се определил за нивно продолжено важење во однос на надлежноста на Градот Скопје предвидена во оспорените членови 45 до 56 од Одлуката за комунален ред во Градот Скопје.

Со оглед на тоа дека, оспорената одлука во кој биле содржани оспорените одредби, престанала да важи и не е во правниот поредок, Судот оцени дека согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.136/2011
26 јуни 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски