У.бр.203/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 26 јуни 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 20-а став 2 во делот

2. Филип Филиповски, адвокат од Гостивар до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од членот 20-а став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорениот дел од членот 20-а став 2, односно истиот дел содржан во членот 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградените објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр.155/2012) се повредувале членот 9 став 2 и членот 52 став 4 од Уставот. Ова од причина што во наведената измена и дополнување на Законот рокот за понесување на барање за легализација не бил продолжен, ниту бил проширен обемот на објектите кои се предмет на легализација. При ваква сотојба законо-давацеот ја нарушил еднаквоста на граѓаните и ги довел во нееднаква состојба бидејќи не водел сметка дека дел од граѓаните добиле, а дел не добиле пресметка за нелегализираниот објект. Исто така, постоела понеповолна состојба за граѓаните кои го платиле надоместокот за уредување на градежното земјиште по однос на оние кои тоа не го сториле.

Во натамошниот тек на иницијативата се изнесуваат примери врз основа на кои би требало да се утврди неуставноста на оспорената одредба и се заклучува дека оспорениот дел би можел да опстане во правниот поредок само во случај кога се уште би можеле да се поднесуваат барања за легализација, односно на идни постапки, сметано од влегувањето во сила на означената измена на Законот.

Врз основа на наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата, а потоа истата да ја поништи.

3. Судот на седницата утврди дека, според членот 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградените објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр.155/2012) е предвидено дека по членот 20 се додава нов член 20-а кој гласи:
„Член 20-а

(1) Надместокот за утврдување на правен статус на бесправен објект со повеќе намени се пресметува комбинирано согласно со висината на надоместокот за соодветната намена на деловите од објектот чијашто површина е утврдена со геодетскиот елаборат за утврдување на фактичка состојба.

(2) При пресметување на надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект за кој претходно е издадено одобрение за градење и е платен надоместок за уредување на градежно земјиште, а истиот е изграден спротивно на одобрението за градење при што целиот објект е бесправен, не се пресметува надоместок за површината на бесправниот објект за која е платен надоместок за уредување на градежно земјиште, а за површината на бесправниот објект за која не е платен надоместок за уредување на градежно земјиште се пресметува надоместок чија висина е два пати поголема од висината на надоместокот кој се пресметува согласно со членот 20 ставови 2, 3 и 6 од овој закон.

(3) Во случаите од ставот 2 на овој член барателот е должен да достави соодветен доказ за претходно платен надоместок за уредување на градежно земјиште во постапката за издавање на одобрение за градење за предметниот објект.“

4. Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Од анализата на членот 20-а од Законот произлегува дека законодавецот им дава различен третман и различни поволности на граѓаните кои платиле надоместок за уредување на градежно земјиште и граѓаните кои тоа не го сториле. Притоа за првата група на граѓани не се пресметува надоместок за површината на бесправниот објект за која е платен надоместок за уредување на градежно земјиште, а за втората група на граѓани се утврдува надоместок чија висина е два пати поголема од висината на надоместокот кој се пресметува согласно со членот 20 ставови 2, 3 и 6 од Закон.

Според тоа станува збор за граѓани кои се наоѓаат во различна правна ситуација од каде во иницијативата неосновано се тврди дека граѓаните се ставени во нерамноправна положба. Имено за повреда на членот 9 став 2 од Уставот може да стане збор кога граѓаните кои се наоѓаат во иста правна ситуација се ставени во нееднаква положба што овде не е случај. Тука треба да се има предвид дека владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок, меѓу другото, ги содржи принцот на правната сигурност на граѓаните на Република Македонија и принципот со еднаквите да се постапува еднакво.

Исто така, Судот оцени дека со оспорениот дел од членот 20-а од Законот не се повредува членот 52 став 4 од Уставот, бидејќи оваа одредба наоѓа примена на незавршените односи во постапките за легализација на бесправно изградените одбјекти, а не и на оние постапки кои до влегување во сила на измената на Законот биле завршени. Имено, според гледиштето на Судот изразено во постапката по предметите У.бр.184/2010, У.бр.208/2010, У.бр.2/2013 и други една норма има повратно дејство ако истата се однесува на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на таа норма, а нема повратно дејство ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорениот дел од членот 20-а став 2 од Законот е во согласност со член 9 став 2 и член 52 став 4 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.203/2012
26 јуни 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски