У.бр.66/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 јуни 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставностa на член 99-а став 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 68/2004, 127/2006, 114/2009, 83/2010, 140/2010, 17/2011, 53/2011, 6/2012 и 23/2013).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 99-а став 3 од Законот означен во точката 1 на овa решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, во оспорената одредба на членот 99-а став 3 од Законот, освен глобата за сторен прекршок од ставот 1 точки 1 и 3 на овој член, било предвидено времено да се одземе и возилото што било користено за превоз со кое бил сторен прекршокот од ставот 1 точки 1 и 3 на овој член, од страна на униформиран полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот на период од шест месеци до една година, а по издавањето на решение за времено одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај. Подносителот на иницијативата смета дека овие законски мерки, односно средства не биле соодветни на целите и причините поради кои биле предвидени. Тоа од причина што обврската која била наметната на сторителите на прекршокот, не била пропорционална мерка со целите за кои била утврдена и претставувала прекумерно ограничување на нивните права и слободи, а и загрозување на нивните имотни права и нивната правна сигурност, како елемент на владеењето на правото. Исто така требало да се земе во предвид и последицата која би ја трпеле оваа категорија на граѓани, доколку во меѓувреме не би можеле да добијат лиценца за вршење на превоз.

Во иницијативата е наведено дека според ставот 7 од членот 99-а од законот, трошоците кои ќе настанат за времетраење на спроведување на решението за времено одземање на возило до истекот на рокот за враќање на возилото паѓале на товар на сторителот на прекршокот. Во конкретниот случај за сторен прекршок, според наводите во иницијативата, на сторителот му се изрекувала глоба во износ “дури од 500 евра во денарска противвредност”, а покрај оваа глоба, возилото се одземало за период од шест месеци и дури до една година и истиот сторител ги поднесувал и трошоците кои ќе настанат за времетраење на спроведување на решението за времено одземање на возило се до истекот на рокот за враќање на возилото, и тоа според подносителот на иницијативата било “што е многу, многу е, особено, ако се има во предвид економската моќ на ѓраѓаните во Република Македонија “.

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби не биле во согласност со член 8 став 3, 6 и 7, член 30, член 51 и член 55 од Уставот и истите предлагаат да бидат укинати или поништени.

4. Судот на седница утврди дека со членот 99-а ставови 3 и 7 од Законот е определено дека освен глобата од ставот 1 на овој член за прекршоците од ставот 1 точки 1 и 3 на овој член, возилото што било користено за превоз со кое е сторен прекршокот од ставот 1 точки 1 и 3 на овој член времено се одзема од страна на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот на период од шест месеци до една година, а по издавање на решение за времено одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај. На физичкото или правното лице на кое му е издадено решение за времено одземање на возилото согласно со овој став, може да му се врати времено одземеното возило пред рокот определен во решението за времено одземање на возилото, доколку физичкото или правното лице добие лиценца за вршење превоз, но возилото во никој случај не може да се врати пред истекот на три месеци од денот на донесување на решението за времено одземање на возилото. (оспорен став 3)

Трошоците кои ќе настанат за времетраење на спроведување на решението за времено одземање на возило до истекот на рокот за враќање на возилото паѓаат на товар на сторителот на прекршокот.(оспорен став 7)

По поднесувањето на иницијативата, донесен е Закон за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013) и со член 33 од овој закон ставот 3 е изменет и има нова содржина, кој гласи: “ Освен глобата од ставот 1 на овој член за прекршоците од ставот 1 точкa 1 на овој член, возилото што било користено за превоз со кое е сторен прекршокот од ставот 1 точкa 1 на овој член трајно се одзема во сопственост на Република Македонија со асистенција на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот, а по издавање на решение за времено одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај.“ Додека, ставот 7 со дополнувањето на член 99-а, стана став 8. Со оглед на тоа што оспорената одредба на ставот 3 на член 99-а, е изменет содржински, истиот не е повеќе во правниот поредок.

Со иницијативата се оспорува ставот 7 на член 99-а од Законот, меѓутоа со оглед на фактот што во текот на претходната постапка Судот констатира дека со последните измени и дополнувања на Законот, оспорениот став 7 кој само нумерички е изменет, станa став 8, без притоа суштински да се менува содржината на ставот 7, предмет на уставно-судска анализа ќе биде содржината на ставот 8 од член 99-а од Законот.

5. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 7 од Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за превоз во патниот сообраќај пропишани се условите и начинот врз основа на кои може да се врши превоз на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

Условите за вршење на превоз во патниот сообраќај се утврдени во Глава II од Законот, каде во членот 4 е предвидено дека домашен превозник може да врши превоз на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај врз основа на лиценца.

Според член 5 став 2 од Законот, посебните техничко-експлоатациони услови за возилата за одделни видови на превоз, ги пропишува министерот за транспорт и врски.

Видовите на лиценци за вршење на одделни видови на јавен превоз се утврдени во член 7 од Законот, со кој е определено и дека формата и содржината на овие лиценци, ги пропишува министерот за транспорт и врски.

Според член 13 од Законот, Министерството за транспорт и врски е должно да води евиденција за превозниците и моторните возила регистрирани за превоз на патници и стоки во патниот сообраќај во зависност од видот на превозот. Ваквата евиденција, може да се води како централна информативна база, врз основа на податоците кои ги обезбедуваат и користат Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии, Министерството за внатрешни работи, надлежниот првостепен суд и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Согласно членот 25 став 1 од Законот, е определено дека превозникот со вршење на меѓуопштински линиски превоз на патници може да отпочне по добивање на дозвола за определена линија издадена од Министерството за транспорт и врски.

Од анализата на наводите во иницијативата во однос на оспореното законското решение во членот 99-а став 8 во делот на казнените одредби од Законот, може да се констатира дека трошоците кои ќе настанат за времетраење на спроведување на решението за времено одземање на возило до истекот на рокот за враќање на возилото паѓаат на товар на сторителот на прекршокот и тоа не било во согласност со Уставот. Ова од причина што, подносителот на иницијативата смета дека оваа законска мерка, односно средство не било соодветно на целите и причините поради кои било предвидено, дека им се наметнувала обврска и прекумерно ограничување на имотните права, слободи и правната сигурност на сторителите на прекршокот. При тоа, во иницијативата е наведено дека е потребно да се има во предвид и последицата кои овие сторители на прекршокот како граѓани ја трпеле, ако во меѓувреме немало да ја добијат потребната лиценца за вршење на превоз.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредбите од Законот како и содржината на оспорениот член според кој покрај глобата на сторителот на прекршокот од ставовите 1 и 3 на член 99-а од Законот, може да му се изрече и посебна прекршочна санкција одземање на возилото со кое се врши превоз во патниот сообраќај, Судот оцени дека оспореното законско решение ја одразува уставната определба за законската определеност на казнивите дела и казните, како израз на начелото на законитост поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Што се однесува до висината на казната предвидена во оспорените одредби кои според подносителот се престроги, Судот утврди дека ова прашање спаѓа во сферата на казнената политика на законодавецот за што овој суд не е надлежен да одлучува.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот став 8 на член 99-а од Законот со одредбите член 8 став 3, 6 и 7, член 30, член 51 и член 55 од Уставот.

6. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорената законска одредба на член 99-а став 3 е содржана во Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 68/2004, 127/2006, 114/2009, 83/2010, 140/2010, 17/2011, 53/2011 и 6/2012). По поднесувањето на иницијативата, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 12 февруари 2013 година, го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, објавен на 14 февруари 2013 година во “Службен весник на Република Македонија”, број 23/2013. Овој закон влегол во сила осмиот ден од објавувањето, односно на 21 април 2013 година.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, утврдената фактичката состојба, како и наводите во иницијативата од кои произлегува дека по поднесувањето на иницијативата, донесен е Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013), така што оспорената одредба на ставот 3 на член 99-а, е изменета содржински, односно истата не е повеќе во правниот поредок, Судот оцени дека согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија во овој дел иницијативата се отфрла.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.66/2012
26 јуни 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски