57/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 26 јуни 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 80 став 1 во деловите: „од редот на припадниците на судската полиција во Врховниот суд на Република Македонија“ и „кој е вработен во Врховниот суд на Република Македонија“ од Законот за судска служба (”Службен весник на Република Македонија” број 98/2008, 161/2008, 6/2009 и 150/2010).

2. Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија –УПОЗ – Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените делови на член 80 став 1 од Законот, со кој се овозможувало претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, само од редот на припадниците на судската полиција во Врховниот суд на Република Македонија, без јавен оглас за избор на командант на судската полиција, да назначува командант на судската полиција и тоа само кој е вработен во Врховниот суд на Република Македонија, додека на другите граѓани на Република Македонија, кои имаат квалификации за судска полиција, тоа работно место не им било достапно, се повредувал член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот.

Одредбите на членовите 12-а, 13 и 14 од Законот за судска служба, ги утврдуваат начините на кои претседателот на судот може да ја задоволи потребата од судски службеници. Меѓу другите начини, овие членови од Законот не допуштале обезбедување на судски службеници од страна на самиот претседател на судот, без огласување, со директно назначување, како што било предвидено со оспорената одредба.

Уставната гаранција за достапноста на работното место секому под еднакви услови било едно од основните права на граѓанинот, кое воедно претставувало и гаранција за неговата економска и социјална сигурност и ја изразувала определбата секој човек способен за работа тоа право да го оствари под определени услови и објективни можности и за секој вид работа.

Меѓутоа, определбата содржана во оспорената законска одредба, граѓаните ги доведувала во нееднаква положба во поглед на достапноста на работното место. Имено, пополнување на одредено работно место без огласување, значело дека некои граѓани се привилегирани и полесно засновале работен однос без притоа да има транспарентност и меѓусебна конкуренција.

Вработувањето, односно пополнувањето на слободни работни места без огласување, со директно назначување, како во случајов, претставувало нерамноправност на граѓаните и ограничување на правото на достапност на секое работно место под еднакви услови за оние граѓани кои воопшто не биле запознаени дека има слободни работни места, поради што оспорените законски делови не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9, член 23, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 54 ставовите 1 и 3 од Уставот.

Потоа, во оспорената одредба не било предвидено загарантираното право на жалба или друг вид правна заштита против актот на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, со кој се назначувал командантот на судската полиција на Република Македонија, што не било во соглсност со Амандман XXI и член 50 став 2 од Уставот.

При одлучувањето, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да ги има предвид своите одлуки У.бр.37/2003 и У.бр.134/2005.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од член 80 став 1 од Законот за судска служба и истите да ги укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 80 став 1 од Законот за судска служба, претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, од редот на припадниците на судската полиција во Врховниот суд на Република Македонија со високо образование, назначува командант на судската полиција на Република Македонија кој е вработен во Врховниот суд на Република Македонија.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според став 5 на овој член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за судска служба се уредуваат статусот, правата, должностите, одговорностите на судската служба, системот на плати и надоместоците на плати на судската служба (член 1).

Според член 2 на овој закон, судската служба ја сочинуваат судските службеници, лицата вработени во судовите кои вршат технички и помошни работи и судската полиција.

Според член 3 став 3 од Законот, судската полиција е служба која ги обезбедува објектите, имотот и лицата и го одржува редот во судскиот простор. Судската полиција правата од работен однос ги остварува согласно овој закон, Законот за судови, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос.

Во членот 12 од Законот се утврдени општите и посебните услови кои треба да ги исполнува лицето за да се вработи во судската служба. Општи услови се:
– да е државјанин на Република Македонија,
– да е полнолетен,
– да има општа здравствена способност и
– да не му е изречена казна со правосилна судска пресуда за забрана на вршење професија, дејност или должност.
Посебни услови се:
– да има соодветно образование согласно со членот 7 на овој закон и актот за систематизација на работните места,
– да има потребно работно искуство во струката, утврдено со актот за систематизација на работните места и
– други услови утврдени во актот за систематизација на работните места.

Според чен 12-а од Законот, слободно работно место во судската служба се пополнува преку следниве постапки:
– објавување на јавен оглас за вработување во судска служба,
– објавување на интерен оглас за вработување на судски службеник,
– преземање на судски службеник од еден во друг суд на работно место во исто звање,
– распоредување на судски службеник во истиот суд на друго работно место во исто звање и
– преземање и распоредување од органи на државна управа, државни органи и други државни институции.

Понатаму во Законот, во Главата X која се однесува на судската полиција, во членот 79-б став 1, се пропишува дека за вршење на работите од судската полиција може да биде примено лице кое, покрај општите услови за засновање на работен однос, треба да ги исполнува и следниве услови:
1) да не е постаро од 25 години, ако првпат се вработува;
2) да е физички и психички способно за вршење на работите од судската полиција и
3) да има завршено најмалку IV степен на стручна подготовка.

Според член 79-в став 1 од Законот, во судовите со судската полиција раководи претседателот на судот. Според став 2 на истиот член, со судската полиција непосредно командува командир на судската полиција кој постапува според насоките и упатствата на претседателот на судот и тој има заменик. Според став 3 на овој член, командир, односно заменик командир на судска полиција може да биде лице кое, покрај условите од членот 79-в на овој закон, ги исполнува и следниве услови: да има стекнати 300 кредити според ЕКТС или VII степен соодветно високо образование и да има најмалку една година работно искуство како припадник на судска полиција. Согласно ставот 4 на овој член, командирот, односно заменик командирот на судска полиција ги назначува претседателот на судот од редот на припадниците на судската полиција.

Во оспорениот член 80 од Законот, се пропишува дека претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, од редот на припадниците на судската полиција во Врховниот суд на Република Македонија со високо образование, назначува командант на судската полиција на Република Македонија кој е вработен во Врховниот суд на Република Македонија (став 1). Претседателите на апелационите судови од редот на припадниците на судската полиција со високо образование во овие судови, назначуваат координатор на судската полиција за основните судови од апелационото подрачје, кои се вработени во соодветниот апелационен суд (став 2).

Тргнувајќи од наведените уставни одредби и анализата на одредбите од Законот за судска служба кои се однесуваат на припадниците на судската полиција, Судот оцени дека наводите во иницијативата за несогласноста на оспорените делови од одредбата од член 80 став 1 од Законот со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9, член 23, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 54 ставовите 1 и 3 од Уставот, се неосновани.

Имено, законодавецот, во рамките на неговото уставно овластување да го уреди остварувањето на правата на вработените и нивната положба, со Законот за судска служба, го уредил статусот и правата од работен однос на припадниците на судската полиција, имајќи ја предвид спецификата и значењето на оваа функција. Во оваа смисла, со Законот, покрај другото, се уредува постапката за пополнување на слободните работни места (вработување) во судската служба, што ги опфаќа и припадниците на судската полиција (член 12-а), како и се утврдуваат општите и посебните услови кои треба да ги исполни лицето за вршење на работите од судската полиција (член 12 и член 79-б).

Законодавецот пропишал дека со судската полиција раководи претседателот на судот, во која смисла и го овластил претседателот на судот, од редот на припадниците на судската полиција кои ги исполнуваат посебните услови (да има стекнати 300 кредити според ЕКТС или VII степен соодветно високо образование и да има најмалку една година работно искуство како припадник на судска полиција), да го назначува командирот, односно заменикот на командирот на судската полиција. Во иста насока, законодавецот го овластил претседателот на Врховниот суд на Република Македонија од редот на припадниците на судската полиција во Врховниот суд на Република Македонија со високо образование, да го назначува командант на судската полиција на Република Македонија кој е вработен во Врховниот суд на Република Македонија.
Анализата на овие законски одредби кои се однесуваат на начинот на пополнување на највисоките командни места во судската полиција (командант на судската полиција во Врховниот суд на Република Македонија, координатор на судската полиција за основните судови од апелационото подрачје, командир на судската полиција и заменик командир на судската полиција) покажува дека овие работни места се пополнуваат од редот на лицата кои претходно, во пропишана законска постапка, се вработени во судската полиција и кои ги исполнуваат општите и посебните услови за вршење на функцијата, од каде произлегува дека не станува збор за ново вработување на овие лица, туку нивното назначување на командната функцијата е всушност распоредување, односно унапредување на веќе вработените лица во судската полиција, како право од работен однос. Елиминирањето на јавен оглас за пополнување на овие работни места и определбата истите да бидат пополнети од редот на припадниците на судската полиција кои се веќе стручно оспособени за извршување на највисоките командни должности, е во функција на остварување на правото на раководење со судската полиција, кое е во надлежност на претседателот на судот.
Поради тоа, Судот оцени дека во иницијативата несоодветно се упатува на уставносудската пракса на Уставниот суд искажана во Одлуката У.бр. 37/2003 и Одлуката У.бр. 134/2005, од причина што во наведените одлуки станува збор за постапка при првично вработување, односно засновање на работен однос, а не за распоредување, односно унапредување во службата, како што е во оспорената одредба.

Според Судот, оспореното решение во член 80 став 1 од Законот според кое претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, само од редот на припадниците на судската полиција во Врховниот суд на Република Македонија, без јавен оглас за избор на командант на судската полиција, го назначува командантот на судската полиција во Врховниот суд, претставува распоредување односно унапредување во службата на припадник на судската полиција, а не ново вработување. Tоа значи дека од веќе стручно обучените кадри од судската полиција во Врховниот суд, што значи раководејќи се од начелото на стручност и компетентност, особено изразено за наведеното работно место, претседателот на судот врши професионално движење во службата на припадник на судската полиција, со негово распоредување односно унапредување на слободно работно место кое е највисоко во хиерархијата на работни места во судската полиција, што не е на штета на интересите на тоа лице, а е во интерес на судската полиција во Врховниот суд, чие раководење е во надлежност на претседателот на судот. На таков начин се овозможува функционирање на стручна и одговорна судска полиција, при што не се доведуваат граѓаните во нееднаква положба во однос на достапноста на ова работно место, како што се тврди во иницијативата. Ова од причина што сите други работни места во судската полиција (освен командните) се пополнуваат во законски пропишана постапка која овозможува еднаква достапност, транспарентност и меѓусебна конкуренција на сите заинтересирани лица кои ги исполнуваат потребните услови.

Законското решение за кадровското креирање на командната структура на судската полиција, според кое е за постигање на политиката и целите на судската полиција и извршување на нејзините надлежности утврдени со закон, поради што Судот оцени дека не може основано да се доведе под сомнение во однос на согласноста со одредбите на Уставот, како што се наведува во иницијативата.

Наводите во иницијативата дека во оспорената одредба не било предвидено загарантираното право на жалба или друг вид правна заштита против актот на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, со кој се назначувал командантот на судската полиција на Република Македонија, што не било во согласност со Амандман XXI и член 50 став 2 од Уставот, Судот ги оцени како неосновани. Ова затоа што според член 3 став 3 од Законот за судска служба, судската полиција правата од работен однос ги остварува согласно овој закон, Законот за судови, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос. Оттука, произлегува дека и правото на правна заштита во случајот на распоредување односно унапредување од член 80 став 1 од Законот за судска служба, законодавецот упатил дека треба да се остварува во согласност со наведените прописи.

Притоа, според Судот, во иницијативата погрешно се толкува дека актот за назначување на командант на судската полиција во Врховниот суд има карактер на поединечен правен акт донесен во постапка во прв степен пред орган на државна управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања во смисла на Амандман XXI и член 50 став 2 од Уставот. Ова затоа што наведениот акт за назначување (решение) е акт од сферата на работните односи, а не акт кој е донесен во функција на вршење на јавно овластување, поради што е неосновано барањето за оцена на неговата согласност со Амандман XXI и член 50 став 2 од Уставот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.57/2013
26 јуни 2013 година
С к о п ј е