18/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 мај 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за формата и содржината, вредноста, начинот на издавање, подигање, повлекување од употреба, како и формата и содржината на евиденцијата на употребените адвокатски маркички (”Службен весник на Република Македонија” број 153/2012) во целина, и посебно член 3 став 1, член 4, член 5 и член 7.

2. Димитрија Атанасовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, членот 3 од Правилникот бил спротивен на одредбите од Законот за адвокатските маркички, кој немал одредби во кои се споменувале адвокатски маркички кои се користат за ослободување од плаќање на персонален данок, од каде произлегувало дека со Правилникот изворно се нормирала одредена хартија од вредност која не била уредена со закон.

Со член 4 од Правилникот се определува вредноста на апоените на адвокатските маркички, што според подносителот на иницијативата, како вредност на хартии од вредност, можела да се определува исклучиво со закон.

Со член 5 од Правилникот се определува издавањето на адвокатските маркички, при што се пропишува дека истите можат да се издаваат само во пакет. Подносителот на иницијативата смета дека на таков начин се ограничувал прометот со хартии од вредност и дека не можело да се ограничува прометот со хартии од вредност со определување на количина која може да се купи.

Во член 7 од Правилникот се определува дека адвокатските маркички можат да се издадат само од 1 до 15 во првиот месец од календарското тримесечие, што било неодржливо и спротивно на член 32 став 1 и член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот. Со ваквата одредба се причинувала ненадоместлива штета и тоа: 1) се ограничувал приливот на парични средства во Буџетот на Република Македонија и 2) се ограничувале адвокатите поединци во извршувањето на дејноста за која се регистрирани. Ако адвокат поединец не подигнал доволно адвокатски маркички во предвидениот период, тој во друго време не можел да подигне адвокатски маркички, со што се ограничувал приливот на парични средства во Буџетот на Република Македонија, а адвокатот се ограничувал во извршувањето на својата дејност, имајќи предвид дека според член 7 став 2 од Законот за адвокатските маркички, писмената на кои нема адвокатска маркичка или се во недоволна вредност, ќе бидат отфрлени. Адвокатот не бил во можност точно да предвиди колку и какви странки ќе има во определен период, не можел со сигурност да предвиди дали во одреден период ќе се извршат кривични дела, од каков вид и дали таквите странки ќе побараат правна помош токму од него или дека ќе има потреба од одреден број на спорови од граѓанското право. Со ваквото временско ограничување на издавањето на адвокатски маркички, непотребно ќе се стварале гужви, нервози и други непријатности, како за адвокатите, така и за вработените во Управата за јавни приходи. Нелогично било во член 8 од Правилникот да се дава можност адвокатските маркички да се вратат во секое време, а во смисла на член 7 од Правилникот, да можат да се купат само во точно определено време.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот правилник бил спротивен на одредбите на Уставот ( член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 32 став 1, член 51 став 1, член 53 и член 55 ставовите 1 и 2) и Законот за адвокатските маркички, поради што предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на неговата уставност и законитост во целина или за наведените членови.

Истовремено, се предлага Уставниот суд да издаде времена мерка и да донесе решение за запирање на примената на оспорениот Правилник, зашто можела да настане штета прво за Буџетот на Република Македонија, а потоа и поради ограничување на работата на адвокатите

3. Судот на седницата утврди дека според член 3 став 1 од Правилникот за формата и содржината, вредноста, начинот на издавање, подигање, повлекување од употреба, како и формата и содржината на евиденцијата на употребените адвокатски маркички, адвокатските маркички кои се користат во случаите на ослободување од плаќање на персонален данок на доход се печатат на самолеплива хартија во сива боја, во правоаголна форма со димензии 24×38 мм.

Според член 4 од Правилникот, адвокатските маркички се печатат во апоени во вредност од 100, 200, 500, 1.000, 2.000 и 3.000 денари.

Согласно член 5 од Правилникот, адвокатските маркички се издаваат во пакување според одделна серија за секој износ на адвокатска маркичка и тоа:
1. Адвокатска маркичка со вредност од 100 денари во пакување од 100 парчиња;
2. Адвокатска маркичка со вредност од 200 денари во пакување од 100 парчиња;
3. Адвокатска маркичка со вредност од 500 денари во пакување од 50 парчиња;
4. Адвокатска маркичка со вредност од 1.000 денари во пакување од 20 парчиња;
5. Адвокатска маркичка со вредност од 2.000 денари во пакување од 10 парчиња, и
6. Адвокатска маркичка со вредност од 3.000 денари во пакување од 10 парчиња.
Текстот на адвокатските маркички се пишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо.

Според член 7 став 1 од истиот правилник, подигањето на адвокатските маркички се врши со поднесување на барање на образец „Б-АМ“, за издавање на адвокатски маркички во период од 1 до 15 во првиот месец од календарското тримесечие за пријавените количини. Според став 2 на овој член, формата и содржината на образецот од ставот 1 на овој член се дадени во Прилог 4 кој е составен дел на овој правилник.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 oд Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во член 9 од Уставот се предвидува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.

Во член 33 од Уставот, кој е поместен во Глава II од Уставот, со наслов: „Основни слободи и права на човекот и граѓанинот“, точка 3, со поднаслов: „Економски, социјални и културни права“, се предвидува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Членот 53 од Уставот определува дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија која се остварува на начин што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите, а истовремено како економска обврска за секој стои плаќањето на данок и други јавни давачки и учествувањето во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Од содржината на член 53 од Уставот, произлегува дека адвокатурата е јавна служба што обезбедува правна помош, при што таа јавна служба е самостојна и независна и врши јавни овластувања кои и се доверени со закон.

Со член 2 од Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија бр.59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/2011 и 113/2012), адвокатурата е дефинирана како самостојна и независна јавна служба која единствено обезбедува и дава правна помош согласно овој и друг закон (став 1). Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони (став 2).

Во членот 6 од овој закон е предвидено дека адвокатската дејност ја вршат исклучиво адвокати кои положиле заклетва и се запишале во Именикот на Адвокатската комора на Република Македонија (став 1). Адвокатите ја вршат адвокатската дејност како адвокати поединци и адвокати здружени во адвокатско друштво (став 2). Адвокатите поединци и адвокатските друштва се запишуваат во именик на адвокатите кој што се води во Адвокатската комора на Република Македонија (став 3).

Според член 18 став 3 од Законот, на секој поднесок или исправа составена во адвокатска канцеларија, адвокатот е должен да стави штембил на адвокати, односно штембил на адвокатско друштво, адвокатска маркичка, издадена од надлежен државен орган, предвидена со посебен закон и коморска маркичка утврдена со акт на Адвокатската комора на Република Македонија и издадена од Адвокатската комора на Република Македонија. Согласно став 4 на овој член, при застапување пред суд и други органи адвокатот е должен на судот да му предаде соодветна адвокатска и коморска маркичка за тоа застапување.

Од анализата на цитираните одредби од Законот за адвокатурата јасно произлегува дека во Република Македонија адвокатите ја вршат адвокатската дејност како адвокати поединци кои адвокатската дејност ја вршат поединечно и адвокати здружени во адвокатски друштва кои имаат статус на правно лице, како и дека на секој поднесок или исправа составена во адвокатска канцеларија, помеѓу другото, адвокатот е должен да стави адвокатска маркичка, издадена од надлежен државен орган, предвидена со посебен закон.

Со Законот за адвокатски маркички („Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/2012) се уредува воведувањето и користењето на адвокатските маркички од страна на адвокатите поединци (член 1).

Според член 2 од Законот, адвокатската маркичка е инструмент за аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход за оние приходи кои адвокатите поединци ги остваруваат во готово во случаите кога наградата за дадената правна помош гласи на минималните износи утврдени со Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.

Согласно член 5 на истиот закон, адвокатските маркички ги печати и издава Управата за јавни приходи.

Според член 6 став 5 од Законот, формата и содржината, вредноста, начинот на издавање, подигање, повлекување од употреба и висината на надоместокот за адвокатските маркички, ги пропишува министерот за финансии.

Согласно член 9 од овој закон, адвокатот е должен да води евиденција за употребените адвокатски маркички (став 1). Формата и содржината на евиденцијата од ставот 1 на овој член ги пропишува министерот за финансии (став 2). Евиденцијата од ставот 1 на овој член се доставува до Управата за јавни приходи најдоцна до 31 јануари во текот на годината за претходната календарска година (став 3). Употребените адвокатски маркички се сметаат за аконтација на персоналниот данок на доход за календарската година во која се употребени (став 4). Неупотребените адвокатски маркички адвокатот може да ги искористи во наредните даночни периоди (став 5).

Од содржината на наведените одредби од овој закон, произлегува дека адвокатската маркичка е инструмент за аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход и дека законодавецот го овластил министерот за финансии да ја пропише формата и содржината, вредноста, начинот на издавање, подигање, повлекување од употреба и висината на надоместокот за адвокатските маркички, како и формата и содржината на евиденцијата за употребените адвокатски маркички која е должен да ја води адвокатот.

Врз основа на наведеното овластување во Законот, министерот за финансии го донел оспорениот правилник, со кој се пропишува формата и содржината, вредноста, начинот на издавање, подигање, повлекување од употреба, како и формата и содржината на евиденцијата за употребените адвокатски маркички. Оттука, произлегува дека Правилникот е во функција на операционализација на одредбите од Законот за адвокатски маркички, заради овозможување на негова практична примена, поради што Судот не го прифати наводот во иницијативата за оспорување на уставноста и законитоста на Правилникот, во неговата целина.

Со член 3 став 1 од Правилникот се пропишува формата и содржината на адвокатските маркички кои се користат во случаите на ослободување од плаќање на персонален данок на доход.

Наводите во иницијативата дека оваа одредба од Правилникот била во спротивност со одредбите од Законот за адвокатските маркички, затоа што во тој закон немало одредби во кои се споменуваат адвокатски маркички кои се користат за ослободување од плаќање на персонален данок, од каде произлегувало дека со правилник изворно се нормирала одредена хартија од вредност, Судот ги оцени како неосновани.

Имено, законодавецот утврдил дека адвокатската маркичка е инструмент за аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход.

Со Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/93, 3/94-исправка, 70/94, 71/96, 28/97, 8/01, 50/01, 52/01 и исправка, 2/02, 44/02, 96/04, 120/05, 52/06, 139/06, 6/07- исправка ,160/07, 159/08, 20/09, 139/09, 171/2010, 135/2011 и 166/2012 ), се воведува персонален данок на доход и се уредува начинот на оданочување на доходот на граѓаните (член 1).

Според член 2 на овој закон, персоналниот данок на доход се плаќа годишно на збирот на нето приходите од сите извори, освен на приходите што се изземени од оданочување со овој закон. Со член 6 од Законот се утврдуваат примањата на кои не се плаќа данок на доход.

Оттука, произлегува дека законодавецот е тој кој утврдил во кои случаи граѓаните не подлежат на обврска за плаќање на персонален данок на доход, од каде основано произлегува и потребата да се пропише формата и содржината на адвокатските маркички, како инструмент за аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход, кои адвокатите ќе ги користат во случаите кога остваруваат примања кои не подлежат на оданочување на доходот. Ова особено ако се има предвид дека согласно член 98 став 8 од Законот за парнична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010), поднесокот од адвокат задолжително содржи печат, односно електронски потпис од адвокатот и адвокатска маркичка предвидена со посебен закон, во спротивно поднесокот се смета за неуреден и судот ќе го отфрли. Оттука, произлегува дека пропишувањето на формата и содржината на адвокатските маркички кои се користат во случаите на ослободување од плаќање на персонален данок на доход , е токму во насока на афирмирање на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, а не повреда на ова уставно начело, како што се наведува во иницијативата.

Со член 4 од оспорениот правилник се пропишува дека адвокатските маркички се печатат во апоени во вредност од 100, 200, 500, 1.000, 2.000 и 3.000 денари.

Имајќи предвид дека адвокатските маркички имаат карактер на хартии од вредност, основано произлегува дека треба да имаат номинална вредност, што во согласност со член 7 од Законот за хартии од вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр. број 95/2005, 25/2007, 7/2008, 57/2010, 135/2011 и 13/2013), ја определува издавачот на хартијата. Според член 3 од овој закон, хартии од вредност можат да издаваат Министерството за финансии во име на Република Македонија, Народната банка на Република Македонија, општините и градот Скопје, акционерските друштва и командитните друштва со акции и други домашни и странски правни лица. Во конкретниов случај тоа го чини Управата за јавни приходи, како составен орган на Министерството за финансии.

Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека се неосновани наводите во иницијативата дека вредноста на хартиите од вредност, па и на адвокатските маркички, можела да се определува исклучиво со закон, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на оваа оспорена одредба од Правилникот со Уставот.

Со член 5 став 1 од Правилникот се определува дека адвокатските маркички се издаваат во пакување според одделна серија за секој износ на адвокатска маркичка. Според Судот, наводите во иницијативата дека со ваквата регулатива се ограничувал прометот со хартии од вредност преку определување на количината која може да се купи, се неосновани. Ова затоа што одредбата се однесува на уредување на начинот на издавање на адвокатските маркички, во пакување според одделна серија за секој износ на адвокатска маркичка, а не се однесува на прашањето колку и какви адвокатски маркички ќе купи адвокатот. Тоа е регулирано со член 6 од Правилникот, според кој адвокатот поднесува пријава за издавање на адвокатски маркички (образец „П-АМ“) во која се наведени типот, периодот и количината на адвокатски маркички кои тој планира да ги набави.

Според член 7 став 1 од Правилникот, подигањето на адвокатските маркички се врши со поднесување на барање на образец „Б-АМ“, за издавање на адвокатски маркички во период од 1 до 15 во првиот месец од календарското тримесечие за пријавените количини.

И оваа одредба е во функција на поблиско уредување на начинот на издавање на адвокатските маркички, со цел операционализација на одредбите од Законот за адвокатски маркички, поради што Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека со поднесување на барање за подигање на адвокатски маркички, во определен период, се ограничувал приливот на парични средства во Буџетот на Република Македонија или се ограничувале адвокатите поединци во извршувањето на дејноста за која се регистрирани. Наводите во иницијативата за тоа дека со ваквото временско ограничување на издавањето на адвокатски маркички непотребно ќе се создавале гужви, нервози и други непријатности, како за адвокатите, така и за вработените во Управата за јавни приходи, не се аргументи кои би влијаеле на прашањето на уставноста и законитоста на оспорената одредба од Правилникот.

Имајќи го предвид наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 3 став 1, член 4, член 5 и член 7 од Правилникот со одредбите на Уставот и Законот за адвокатски маркички на кои се повикува иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.18/2013
29 мај 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски