Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонијa, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 мај 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 26 алинеја 3, член 27 став 5 и член 28 став 1, втора реченица во делот: “Членовите на Советот за радиодифузија предложени од Претседателот на Република Македонија”, сите од Законот за радиодифузната дејност (“Службен весник на Република Македонија” број 100/2005, 19/2007, 103/2008, 152/2008, 6/2010, 145/2010, 97/2011, 13/2012 и 72/2013);
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност (“Службен весник на Република Македонија”, број 97/11) во целина.
3. Здружението на граѓани “Центар за развој на медиуми” од Скопје и Пратеничка група на Нова социјалдемократска партија и Либерална партија на Македонија во Собранието на Република Македонија до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на актите означени во точките 1 и 2 на ова решение.
4. Според наводите од иницијативата, поднесена од Здружение на граѓани “Центар за равој на медиуми” од Скопје, при донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност (“Службен весник на Република Македонија” број 97/2011), биле направени пропусти во постапката за неговото донесување, односно не се почитувал Законот за радиодифузната дејност и Деловникот на Собранието на Република Македонија, па со тоа Законот бил противуставен, од кои причини тој се оспорува во целост.
Имено, во Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност, било наведено дека донесувањето на овој закон нема да предизвика последици врз Буџетот на Република Македонија, како и дека за спроведување на овој закон, не се потребни финансиски средства од Буџетот на Република Македoнија и дека не повлекува обврски за други субјекти, но според наводите од подносителот на иницијативата ваквата содржана процена во Предлог законот, не била точна, бидејќи изборот на нови шест членови на Советот за радиодифузија повлекувал дополнителни финансиски средства. Бидејќи Деловникот на Собранието со членот 79 став 1 налагал во воведот на предлогот да биде содржана оцената за финансиските последици од Предлог законот врз Буџетот на Република Македонија, а според подносителот на иницијативата таквата процена не била точна во Предлог законот, уставно се проблематизира предметниот Закон за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност, во целина.
Понатаму, Предлог законот ги немал задолжителните елементи, односно не содржел изјава за усогласување на Предлог законот со правен акт на Европската унија со кој е извршено услогласувањето, а требало да има бидејќи Законот за радиодифузната дејност имал третман на закон од важност за приближување на националното законодавство со законодавството со Европската унија. Имено, членот 135 став 4 од Деловникот на Собранието, велел дека кога предлог на закон содржел одредби со кои се врши усогласување со правото на Европската унија, во воведот се наведувале податоци за изворниот акт на Европската унија, и се поднесувала изјава за усогласеност. Во конкретниот случај бидејќи Предлог законот не укажувал дека со неговите содржани одредби се вршело усогласување со правото на Европската Унија, па со тоа и не содржел изјава за усогласување, и од овие причини со иницијативата уставно се проблематизира предметниот Закон во целина.
Со иницијативата се наведува и дека расправата по Предлог законот се водела во скратена постапка, а според подносителот на иницијативата не требало по Предлог законот да се расправа во скратена постапка бидејќи Деловникот на Собранието со членот 170 допуштал можност за расправа по предлог на закон во скратена постапка, тогаш кога не бил во прашање сложен и обемен закон, кога се работело за престанок на некој закон или одделни одредби на некој закон или кога не биле во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со правото на Европската унија. Во конкретниот случај, подносителот смета дека Предлог законот кој содржи вкупно 7 членови, од кои 5 се однесуваат на конкретни измени и дополнувања на одредби од основниот Закон за радиодифузната дејност, бил сложен и обемен Предлог закон, бидејќи предвидувал зголемување на бројот на членовите во Советот за радиодифузија, а се проширувал и кругот на субјектите кои ги предлагале членовите на Советот, па со тоа Предлог законот не можел да има третман на несложен и необемен Предлог закон, туку на сложен и обемен. Оттука со оглед дека Предлог законот не бил третиран како сложен и обемен, уставно се проблематизира предметниот закон во целина.
Според наводите од иницијативата, Советот за радиодифузија согласно членот 37 став 1 точка 9 од Законот за радиодифузна дејност давал мислење и учествувал при подготвување на закони, прописи и други акти кои се однесуваат на радиодифузната дејност, а во случајов кога се постапувало по Предлог законот, Советот не бил консултиран и така не го искористил своето законско право да учествува со свое мислење по Предлог законот. Бидејќи Советот не бил консултиран по однос измените и дополнувањата на Законот, а бил подготвен да даде свој придонес со свое мислење, подносителот на иницијативата и од овој аспект уставно го проблематизира предметниот закон во целина.
Со иницијативата се приговара и по однос на донесувањето на предметните измени и дополнувања на Законот, во смисла дека откако Предлог законот влегол во собраниска процедура, за само неколку дена бил изгласан Законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност и потпишан од овластените потписници, и објавен во Службен весник на Република Македонија. Исто така се приговара на околности дека предметниот закон бил донесен по завршувањето на предвремените парламентарни избори во 2011 година, во услови на сеуште неизбрана Влада која била избрана на 28 јули 2011 година. Според подносителот на иницијативата и по однос на овие околности уставно се проблематизира предметниот закон во целина, не земајќи го предвид фактот дека предметниот закон е донесен од страна на веќе конституирано Собрание на Република Македонија, со веќе верификувани мандати на пратениците со Oдлука за верификација на мандатот на пратениците во Собранието на Република Mакедонија, број 07-2568/1 од 25 јуни 2011 година (“Службен весник на Република Македонија” број 85/2011 од 27 јуни 2011 година).
Понатаму, во иницијативата се наведува што содржел Законот за радиодифузната дејност пред неговите измени и дополнувања со предметниот закон, а што потоа содржел со тие измени и дополнувања, па во иницијативата се изнесува заклучок дека со новите законски решенија била сменета структурата на членовите во Советот за радиодифузија од аспект на предлагачите кои ги предлагаат тие членови, односно се констатира дека со новите законски решенија цивилниот сектор предлагал шест членови, а политичкиот сектор девет членови на Советот за радиодифузија, па се извлекува заклучок за можност од политичко мешање и притисоци, па оттука според наводите во иницијативата, по однос прашањето за предлагачите, да се преиспитале низа закони, а и Уставот што ја регулирал уставно-правната позиција на Претседателот на Република Македонија, па и од овие причини уставно се проблематизира целината на Законот.
Исто така со иницијативата се елаборира колкаво било времетраењето на мандатот на членовите пред и по измените и дополнувањето на Законот, односно дека зголемувањето на мандатот на шест години, без елаборација и аргументи во што се состои противуставноста на така уредените законски решенија со измените и дополнувањата на Законот, освен изнесено видување за потреба од принципот на освежување на персоналниот состав во Советот за радиодифузија.
Крајно со иницијативата се наведува службенaта преписка на претставник за слободата на медиумите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа со претставници на Собранието на Rепублика Македонија, како и цитати од писма.
Поради тоа со иницијативата се оспорува целината на Законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност од 2011 година, со наводи дека тој не бил донесен во согласност со одредби од Законот за радиодифузната дејност, одредби од Деловникот на Собранието на Република Македонија, со акти на Европската унија, како спротивен на Уставот, бидејќи од самата содржина на оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност од 2011 година, произлегувало дека се направени повреди на темелната вредност владеење на правото, како и на уставната обврска на Собранието на Република Македонија, бидејќи овој законодавен орган, не работел според Уставот, законите и деловникот. Со иницијативата се предлага и запирање на извршување на дејствијата предлагање и избор на членовите на Советот за радиодифузија, предвидени со оспорениот акт.
5. Судот на седница утврди дека според член 26 од Законот, овластени предлагачи за членови на Советот за радиодифузија се: Македонската академија на науките и уметностите; Интеруниверзитетската конференција; Претседателот на Република Македонија; (оспорена алинеја 3) Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија; Комисијата за заштита на конкуренција и Државната комисија за спречување на корупција; Мнозинското здружение на новинарите на Македонија и Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија.
Согласно член 27 став 1 од овој закон, Македонската академија на науките и уметностите предлага еден член на Советот за радиодифузија. Интеруниверзитетската конференција предлага три члена на Советот за радиодифузија.(став2) Мнозинското здружение на новинарите на Република Македонија предлага два члена на Советот за радиодифузија.(став 3) Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија предлага три члена на Советот за радиодифузија. (став 4) Претседателот на Република Македонија предлага два члена на Советот за радиодифузија. (оспорен став 5) Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија предлага два члена на Советот за радиодифузија. (став 6) Комисијата за заштита на конкуренција предлага еден член на Советот на радиодифузија. (став 7) Државната комисија за спречување на корупцијата предлага еден член на Советот за радиодифузија. (став 8)
Според член 28 став 1 од овој закон, членовите на Советот за радиодифузија се избираат за време од шест години, со тоа што членовите на Советот за радиодифузија од првиот состав, избран според одредбите на овој закон, се избираат така што три члена се избираат на две години, три члена на четири години и три члена на шест години. Членовите на Советот за радиодифузија предложени од претседателот на Република Македонија, (оспорен дел) Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија, Комисијата за заштита на конкуренција и од Државната комисија за спречување на корупцијата се избираат за време од шест години. На две години се избираат членовите на Советот за радиодифузија предложени од Македонската академија на науките и уметностите и Мнозинското здружение на новинарите на Република Македонија, на четири години се избираат членовите предложени од Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, а на шест години се избираат членовите предложени од Интеруниверзитетската конференција. (став 2) Членовите на Советот за радиодифузија немаат право на повторен избор. (став 3) Во случај кога член на Советот за радиодифузија поднесе оставка или мандатот му престане пред времето за кое е избран, Собранието на Република Македонија ќе избере нов член на Советот за радиодифузија за преостанатиот дел од мандатот на предлог на овластениот предлагач од членот 26 на овој закон. (став 4) Во случај Собранието на Република Македонија да не избере член на Советот за радиодифузија, овластениот предлагач во рок од 15 дена од денот на известувањето доставено од страна на Собранието на Република Македонија предлага нов член, а Собранието на Република Македонија е должно во рок од 30 дена од денот на доставувањето на предлогот да изврши избор. (став 5) Советот за радиодифузија може да работи доколку се избрани најмалку единаесет члена на Советот.(став 6)
6. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Со членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, е определено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, а според алинејата 3 од Деловникот и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај со иницијативата поднесена од Здружението на граѓани “Центар за развој на медиуми” од Скопје, се оспорува целина на Закон за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност (“Службен весник на Република Македонија” број 97/2011), бидејќи од самата содржина на оспорениот Законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност од 2011 година, произлегувало дека се направени повреди на темелната вредност владеење на правото, како и на уставната обврска на Собранието на Република Македонија, кое во конкретниот случај како законодавен орган, не работел според Уставот, законите и Деловникот на Собранието на Република Македонија.
Всушност со иницијативата се оспорува содржината на целината на Законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност, од аспект на работењето на Собранието на Република Македонија како законодавен орган, односно од аспект што содржел, а што не содржел и што требало да содржи Предлог Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за радиодифузната дејност.
Имено Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност, по кој се постапувало во собраниска процедура, не содржел: точна процена за финансиските импликации за неговото спроведување; не содржел изјава за негово услогласување со акт на Европската унија; не требало по истиот да се постапува по скратена постапка, односно да се подведе како несложен и необемен закон, туку обратно; не била испочитувана одредба од Законот за радиодифузната дејност според кој Советот за радиодифузија давал мислење и учествувал при подготовка на закони и други прописи од областа на радиодифузната дејност, односно дека Советот за радиодифузија во подготовка на Предлог законот не бил консултиран; многу брзо се постапувало по Предлог законот, односно не се сочекало да биде избрана Владата на Република Македонија по спроведените вонредни парламентарни избори во 2011 година; каква била структурата на членовите на Советот за радиодифузија пред и по измените и дополнувањата со оспорениот закон односно дека не требало да има проширување на составот на членовите на Советот, дека не требало да се зголеми мандатот на тие членови заради принципот на побрзо освежување на составот; не се постапило, а требало да се постапи по акти на Европската унија, не се земале предвид мислења од писма од претставници од Организации за безбедност и соработка во Европа и така натаму.
Всушност целата иницијатива се занимава со содржината на Предлог законот, кога бил во собраниска процедура, меѓутоа во ниеден момент во иницијативата нема наводи од кои причини целината на оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност од 2011 година, со уредените законски решенија какви што се содржани во предметниот оспорен акт, се спротивни на Уставот.
Оспорениот акт содржи вкупно 7 членови, од кои 5 членови се однесуваат на измени и дополнувања на одредби од основниот текст на Законот за радиодифузната дејност.
Со иницијативата не се дадени аргументи и образложени причини за спротивноста на така уредените законски решенија со одредби на Уставот. Измените и дополнувањата се однесуваат на конкретни одредби од основниот закон, но иницијативата не се занимава со содржината на тие конкретни предвидени законски решенија од аспект на нивната согласност со одредбите од Уставот, туку се занимава со содржината на Предлог законот, како и со приговори по однос работењето на собраниските служби, во фаза на постапување по Предлог законот. Иницијативата нема аргументи и образложени причини во што се состои спротивноста на целината на оспорениот акт, конкретно на законските решенија за проширување на структурата на предлагачите на членови во Советот за радиодифузија, како и законските решенија по однос на зголемувањето на времетраењето на нивните мандати во Советот, односно нема аргументирани и образложени причини во што се состои нивната спротивност со одредбите од Уставот.
Со иницијативата, крајно се наведува дека од самата содржина на оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност од 2011 година, произлегувало дека се направени повреди на темелната вредност владеење на правото, како и на уставната обврска на Собранието на Република Македонија, кое во конкретниот случај како законодавен орган, не работело според Уставот, законите и Деловникот на Собранието на Република Македонија.
Со членот 110 од Уставот се дефинирани надлежностите на Уставниот суд. Конкренто со алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите. Според тоа во надлежност на Уставниот суд е да ја цени содржината на оспорениот закон, односно на неговите законски решенија исклучиво од аспект на нивната согласност со одредбите на Уставот, со конкретни аргументирани и образложени причини во што се состои нивната несогласност со одредбите од Уставот.
Во конкретниот случај се оспорува целина на закон, од аспект на пропусти во работењето на службите на надлежни органи, повикувајќи се на Предлог на закон и неговата содржина која е спорна за подносителот на иницијативата, меѓутоа тоа не се наводи и образложени причини за оспорување на еден цел закон, односно за оспорување на законските решенија кои се содржани во истиот, туку наводи за спорна содржина на Предлог закон, односно на работен текст на закон, даден во форма на Предлог закон во собраниска процедура, кој не подлежи на уставно судска оцена. Крајно се оспорува постапувањето на стручните служби во Собранието на Република Македонија, па оттука Собранието како законодавен орган не работело согласно со Уставот, од каде произлегува дека предментиот закон, со иницијативата се оспорува и од аспект на работењето на надлежен орган, што сето тоа излегува надвор од уставно утврдените рамки на надлежности на Уставниот суд. Уставниот суд не е надлежен да го цени и преоценува работењето на надлежните органи, туку дали законските решенија креирани од законодавецот се согласни со одредбите на Уставот на Република Македонија. Воедно Уставниот суд не ја цени меѓусебната согласност на законите, а на што впрочем се приговара со иницијативата, дека оспорениот акт во целина бил спротивен на одредби од Законот за радиодифузната дејност.
Имајќи предвид дека противуставноста на оспорениот закон во целина, подносителот на иницијативата ја темели на начинот на постапувањето и работењето на собраниските служби во фаза од собраниска процедура каде предмет на расправа бил Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност, односно на елементи содржани во Предлог законот, спорни за подносителот на иницијативата, на несогласност на оспорениот акт со одредби од Законот за радиодифузната дејност, за што Уставниот суд не е надлежен да постапува, како и во отсуство на аргументи и образложени причини во што точно се состои противустаноста на целината на Законот и на така уредените законски решенија во Законот со одредбите од Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од членот 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.
7. Со членот 79 став 3 од Уставот, Претседателот на Република Македонија своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Според членот 84 од Уставот и Амандманот XXII со кој се заменува алинејата 5 од членот 84 од Уставот, Претседателот на Република Македонија: го определува мандаторот за состав на Владата на Република Македонија; ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Македонија во странство; ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници; предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија; предлага двајца членови на Судскиот совет на Република Македонија; именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Македонија; именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон; доделува одликувања и признанија во согласност со закон; дава помилувања во согласност со закон и врши други функции утврдени со Уставот.
Со Амандманот XII е избришана алинејата 7 на членот 84 од Уставот на Република Македонија, а текстот на Амандманот XII е поставен кон членот 78 од Уставот.
Според членот 1 од Законот за радиодифузната дејност (“Службен весник на Република Македонија” број 100/2005, 19/2007, 103/2008, 152/2008, 6/2010, 145/2010, 97/2011,13/2012 и 72/2013), со овој закон се уредуваат условите и начинот на вршење на радиодифузната дејност и работите од јавен интерес во областа на радиодифузијата.
Со членот 21 став 1 од Законот е уредено дека Советот за радиодифузија е независно регулаторно непрофитно тело со јавни овластувања во радиодифузната дејност утврдени во овој закон, а според став 2 од наведениот член од Законот, Советот има својство на правно лице.
Според членот 23 став 1 од Законот, Советот за радиодифузија е составен од петнаесет члена, а според ставот 2 од наведениот член, Членовите на Советот за радиодифузија ги избира и разрешува Собранието на Република Македонија.
Според членот 24 став 1 од законот, Собранието на Република Македонија ги избира членовите на Советот за радиодифузија на предлог на овластени предлагачи утврдени во членот 26 на овој закон.
Со членот 26 од Законот, е определено дека овластени предлагачи за членови на Советот за радиодифузија се: Македонската академија на науките и уметностите; Интеруниверзитетската конференција; Претседателот на Република Македонија (оспорен дел); Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија; Комисијата за заштита на конкуренција и Државната комисија за спречување на корупција; Мнозинското здружение на новинарите на Македонија и Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија.
Според членот 27 од Законот определува дека: Македонската академија на науките и уметностите предлага еден член на Советот за радиодифузија. Интеруниверзитетската конференција предлага три члена на Советот за радиодифузија. Мнозинското здружение на новинарите на Република Македонија предлага два члена на Советот за радиодифузија. Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија предлага три члена на Советот за радиодифузија. Претседателот на Република Македонија предлага два члена на Советот за радиодифузија.(оспорен став) Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија предлага два члена на Советот за радиодифузија. Комисијата за заштита на конкуренција предлага еден член на Советот на радиодифузија. Државната комисија за спречување на корупцијата предлага еден член на Советот за радиодифузија.
Со членот 28 став 1 од Законот е определено дека: членовите на Советот за радиодифузија се избираат за време од шест години, со тоа што членовите на Советот за радиодифузија од првиот состав, избран според одредбите на овој закон, се избираат така што три члена се избираат на две години, три члена на четири години и три члена на шест години. Членовите на Советот за радиодифузија предложени од претседателот на Република Македонија, (оспорен дел) Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија, Комисијата за заштита на конкуренција и од Државната комисија за спречување на корупцијата се избираат за време од шест години.(став 2) На две години се избираат членовите на Советот за радиодифузија предложени од Македонската академија на науките и уметностите и Мнозинското здружение на новинарите на Република Македонија, на четири години се избираат членовите предложени од Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, а на шест години се избираат членовите предложени од Интеруниверзитетската конференција. (став 2) Членовите на Советот за радиодифузија немаат право на повторен избор. (став 3) Во случај кога член на Советот за радиодифузија поднесе оставка или мандатот му престане пред времето за кое е избран, Собранието на Република Македонија ќе избере нов член на Советот за радиодифузија за преостанатиот дел од мандатот на предлог на овластениот предлагач од членот 26 на овој закон.(став 4) Во случај Собранието на Република Македонија да не избере член на Советот за радиодифузија, овластениот предлагач во рок од 15 дена од денот на известувањето доставено од страна на Собранието на Република Македонија предлага нов член, а Собранието на Република Македонија е должно во рок од 30 дена од денот на доставувањето на предлогот да изврши избор.(став 5) Советот за радиодифузија може да работи доколку се избрани најмалку единаесет члена на Советот. (став 6)
Со второ поднесената иницијатива од Пратеничка група на НСДП и ЛП во Собранието на Република Македонија, се оспоруваат членот 26 алинеја 3, членот 27 став 5 и членот 28 став 1 втора реченица во делот: “Членовите на Советот за радиодифузија предложени од Претседателот на Република Македонија”, сите од Законот за радиодифузната дејност (“Службен весник на Република Македонија” број 100/2005, 19/2007, 103/2008, 152/2008, 6/2010, 145/2010, 97/2011 и 13/2012);
Од содржината на оспорениот член 26 алинеја 3 од Законот, произлегува дека овластен предлагач за членови на Советот за радиодифузија, помеѓу другите предлагачи е и Претседателот на Република Македонија, а од анализата на оспорениот член 27 став 5 од Законот произлегува дека Претседателот на Република Македонија предлага два члена на Советот за радиодифузија. Оспорениот член 28 став 1 од Законот, што се однесува на втората реченица во делот: “Членовите на Советот за радиодифузија предложени од Претседателот на Република Македонија, е во корелација со претходно наведените оспорени законски одредби.
Според наводите во иницијативата оспорените законски одредби не биле во согласност со членот 84 од Уставот и Амандманот XXII со кој се заменува алинејата 5 од членот 84 од Уставот.
Наведеното од причини што со наведениот член и Амандман од Уставот, јасно и таксативно биле наборени правата и надлежностите на Претседателот на Република Македонија, но, не било предвидено Претседателот на Република Македонија да предлага членови и други носители на државни и јавни функции утврдени со закон. Од овие причини, подносителот на иницијативата смета дека со оспорените законски решенија се проширувала уставната надлежност на Претседателот на Република Македонија, што било спротивно на Уставот.
Од содржината на оваа уставна одредба, помеѓу другото произлегува дека Претседателот на Република Македонија се јавува како предлагач на двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија и двајца членови на Судскиот совет на Република Македонија. Имајќи предвид дека овие институции се уставни категории, па оттука произлегува децидното уредување со уставната одредба по однос овластувањето на Претседателот на Република Македонија да предлага судии и членови во овие институции како уставни категории. Според алинејата 7 од погорецитираниот член 84 и неговиот Амандман од Уставот, произлегува дека Претседателот на Република Македонија именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон. Оваа уставна одредба содржи општо овластување за Претседателот (покрај наведените во уставната одредба) да именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции, утврдени со Уставот, а и со закон.
Според подносителот на иницијативата, оваа одредба од Уставот не предвидувала Претседателот на Република Македонија, да предлага други носители на државни и јавни функции во смисла на членови, па според тоа така уредените оспорени законски решенија биле спротивни на цитираниот член од Уставот.
Во конкретниот случај од анализата на оспорените законски одредби произлегува овластување за Претседателот на Република Македонија да предлага двајца членови во Советот за радиодифузија. Советот за радиодифузија е независно регулаторно непрофитно тело, со својство на правно лице и со јавни овластувања во радиодифузната дејнсот утврдени во Законот за радиодифузната дејност, чии членови ги избира Собранието на Република Македонија на предлог на овластени предлагачи утврдени со Законот. Советот за радиодифузија е со закон предвидена институција, па оттука со закон е предвиден изборот на неговите членови од страна на Собранието на Република Македонија, а воедно и овластените предлагачи на тие членови меѓу кои и Претседателот на Република Македонија.
Имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби од Законот, а од аспект на наводите изнесени во иницијативата, Судот оцени дека вака уредените законски решенија не можат да имплицираат повреда на надлежностите на Претседателот на Република Македонија уредени со погорецитираниот член од Уставот, а воедно Судот констатира дека тоа уредување не претставува проширување на постојните надлежности уредени со членот од Уставот. Во конкретниот случај уредената должност, односно овластување со Законот за радиодиодифузната дејност, Претседателот на Републиката да предлага двајца членови во со Законот уредена институција – Советот за радиодифузија, наоѓа своја основа во уставното уредување Претседателот на Република Македонија своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите, што значи дека ова овластување за Претседателот, како негово право и должност, не ги прави оспорените законски решенија спротивни на Уставот, односно спротивни и несогласни со членот од Уставот на кој впрочем се повикува подносителот на иницијативата.
Поради изнесеното Судот оцени дека во конкретниот случај, не можат да се доведат под уставно сомнение согласноста на одредбите од Законот кои се оспоруваат со иницијативата, со членот 84 од Уставот и Амандманот XXII со кој се заменува алинејата 5 од членот 84 од Уставот.
8. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Решението под точката 1 Судот го донесе со мнозинство на гласови, а под точката 2 го донесе едногласно, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.161/2011
22 мај 2013 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски
Издвоено мислење по предметот У.бр.161/2011