10/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 9 мај 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 135 ставовите 2, 3, 4, 5 и 6 од Законот за заштита на потрошувачи („Службен весник на РМ“ бр.38/2004, 77/2007, 103/2008 и 24/2011).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 135 ставовите 2,3,4,5,6 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата прво го цитира членот 135 став 1 од Законот за заштита на потрошувачите во кој е предвидено дека „Прекршочни органи за водење на прекршочна постапка согласно со овој закон се: Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за земјоделство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина и Агенцијата за храна и ветеринарство кои одлучуваат за прекршоците од овој закон во рамките на своите овластувања предвидени со закон.

Понатаму подносителот ги цитира ставовите 2, 3, 4 и 6 (го изоставил ставот 5 сигурно ненамерно) на член 135 од Законот, при што заклучува дека од цитираните одредби произлегува дека за предвидените прекршоци се надлежни повеќе органи.

При анализата на оспорените ставови, Судот оцени дека предмет на оцена треба да биде и ставот 5 на член 135 од Законот од причина што сите ставови односно ствовите 2, 3, 4, 5 и 6 треба да се гледаат во целина.

Така: за прекршоците утврдени во член 137 став 1 точка 10 од Законот пропишана била надлежност за водење и изрекување на прекршочни санкции на 3 органи и тоа: Државен инспекторат за земјоделство, Државен санитареен и здравствен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство.

За прекршоците утврдени во член 137 став 1 точка 3 од истиот Закон пропишана е надлежност за водење на прекршочна постапка и изрекување на прекршочни санкции на 2 органи и тоа: Државен пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за земјоделство.

За прекршоците утврдени во член 137 став 1 точка 13 од истиот закон, пропишана е надлежност за водење на прекршочна постапка и изрекување на прекршочни санкции со 4 органи и тоа: Државениот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за земјоделство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот институт за животна средина и Агенцијата за храна и ветеринарство.

За прекршоците утврдени во член 137 став 1 точка 14 од истиот закон пропишана е надлежност за водење на прекршочна постапка и изрекување на прекршочни санкции на 5 органи и тоа: Државниот пазарен инспекторат, Државениот инспекторат за земјоделство, Државниот инспекторат за животна средина и Агенцијата за храна и ветеринарство.

За прекршоците утврдени во членот 137 став 1 точка 15, пропишана е надлежност за водење на прекршочна постапка и изрекување на прекршочни санкции на 3 органи тоа: Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за земјоделство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

За прекршоците утврдени во член 137 став 1 точка 16 од истиот закон пропишана е надлежност за водење на прекршочна постапка и изрекување на прекршочни санкции на 3 органи и тоа: Државен пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Поради наведеното подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот односно со начелото на владеење на правото кое подразбира дека во правниот промет треба да постојат јасни, прецизни и недвосмислени норми.

Оттука, во праксата може да настане состојба кога два или повеќе овластени подносители за идентичен прекршок ќе поднесат барање за поведување на прекршочни постапки до два или повеќе органи и тие да постапуваат по барањето со можност да бидат донесени различни одлуки.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за заштита на потрошувачите, се уредува заштитата на правата на потрошувачите, условите начинот на заштитата на потрошувачите, условите за трговско работење што се од значење за заштита на правата на потрошувачите, правата и обврските на здруженијата на потрошувачите, како и надлежностите на органите на државната управа во однос на заштитата на потрошувачите.

Во членот 2 став 1 од наведениот закон е предвидено дека примената на одредбите од овој закон не влијае на правата кои потрошувачите ги имаат врз основа на другите закони,а во ставот 2 на наведениот член е предвидено дека „во постапката за инспекциски надзор ќе се применуваат одредбите на Законот за инспекциски надзор доколку со овој закон поинаку не е уредено“.

Според член 130 ставовите 1 и 2 од Законот за заштита на потрошувачите „Надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон врши Министерството за економија.Инспекциски надзор на спроведувањето на одредбите од овој закон врши Државниот пазарен инсекторат, Дирекцијата за храна,Управата за ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина (во понатамошниот текст:инспектор),во согласност со овластувањата утврдени со закон“.

Во ставот 3, пак ,од истиот член е предвидено дека „Инспекцискиот надзор над спроведувањето на овој закон го вршат државните инспектори или овластени лица за вршење на непосреден надзор согласно со закон“.

Во членот 135 од Законот е предвидено дека:

„Прекршочни органи за водење на прекршочна постапка согласно со овој закон се: Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за земјоделство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина и Агенцијата за храна и ветеринарство кои одлучуваат за прекршоците од овој закон во рамките на своите овластувања предвидени со закон.

Според оспорениот став 2 на член 135 од Законот, „за прекршоците утврдени во членот 137 став 1 точки 1, 3, 4, 5, 6,7, 8, 9, 11, 12, 13, 14, 15, 16, 17, 18, 19 и 21 и членот 138 од овој закон прекршочна постапка и прекршочна санкција изрекува Државниот пазарен инспекторат“.

Според оспорениот став 3 на членот 135 од Законот „за прекршоците утврдени во членот 137 став 1 точки 2, 3, 5, 10, 11, 13, 14, 15 и 16 од овој Закон, прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува Државниот инспекторат за земјоделство.

Според оспорениот став 4 на член 135 од Законот „за прекршоците утврдени во членот 137 став 1 точки 2, 10, 13, 14 и 15 од овој закон прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Според став 5 на член 135 од Законот „за прекршоците утврдени во членот 137 став 1 точки 2, 14 и 15 од овој закон прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува Државниот инспекторат за животна средина“.

Според оспорениот став 6 на член 135 од Законот, „за прекршоците утврдени во членот 137 став 1 точки 2, 10, 13, 14 и 16 од овој закон, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во натамошната постапка Судот утврди дека во членот 137 од Законот за заштита на потрошувачите е предвидено дека :

„Глоба во износ од 1.200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, ако:

1) пред склучувањето на договорот за продажба не постапи во смисла наодредбите од членот 5 став 1 алинеја 1 на овој закон;

2) потрошувачот не биде известен за влијанието на одредени производи врз животната средина и здравјето на луѓето согласно со прописите и стандардите,како и за мерките за заштита преку упатство дадено со производот истакнато на амбалажата на производот или на друг соодветен начин (член 5 став 1 алинеја 2);

3) посебните продажни услови за одделни производи и услуги не ги истакне јасно и на видно место на продажните места (член 6 став 2)
4) на одделни групи на потрошувачи им одобрува посебни продажни услови(младенци, инвалиди, пензионери, студенти и слично) и тие услови не бидат јасно и на видно место истакнати во продажниот простор (член 6 став 4);

5) за извршените услуги за поправка и одржување на производите чијашто вредност е поголема од 5.000 денари, не му достави на потрошувачот пресметка иработен налог со опис на работите, употребениот материјал или делови за поправка и одржување (член 6 став 7);

6) без претходно добиена писмена согласност од потрошувачот го прошири работниот налог со зголемување на цената за повеќе од 5% (член 6 став 8);

7) продажната цена не е крајна цена на единица на некој производ или услуга или пак на дадената количина на производот, во која не е вклучен данокот на додадена вредност и сите други јавни давачки (член 8 став 2);

8) постапи спротивно на одредбата од членот 8 став 8 на овој закон;

9) не се придржува на истакнатите продажни цени и условите за продажба (член 8 став 9);

10) производот го продава во амбалажа што е штетна за здравјето на луѓето, не е приспособена на формата и количината на производот и го доведува во заблуда потрошувачот по однос на количината и големината на производот (член 10 став 2);

11) за производите во рефусна состојба не се истакне декларација јасно видливо и читливо на амбалажата во која производот u1089 се става за продажба или напродажното место (член 11 став 3);

12) нуди бесплатно или заедно со некој друг производ вештачки млека и друга храна наменета за доенчиња до шест месечна возраст, шишиња и цуцли и цуцли лажалки (член 17 став 2);

13) пушти во продажба производи кои немаат декларации или ако декларацијата не ги содржи сите податоци пропишани во членот 23 ставови 1, 2, 3, 4 и 5 на овој закон;

14) пушти во промет производи, односно дава услуги што не ги исполнуваат условите од членовите 32 и 33 на овој закон;

15) не го замени купениот прехранбен производ со недостаток со производ со соодветен квалитет или на потрошувачот не му го врати платениот износ доколку недостатоците се утврдени во рокот до кога производот може да се употребува (член 44);

16) не го извести писмено потрошувачот за неговото право еднострано да го раскине договорот со изјава во моментот на склучување на договорот (член 107 став 1) и

17) не се произнесе во рок од 30 дена од денот на поднесениот приговор (член 118 став 4).

Глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице за дејствијата од ставот 1 на овој член.

Глоба во износ од 400 евра ќе му се изрече на физичкото лице за прекршоците од ставот 1 на овој член.

„За прекршоците утврдени во овој член државниот инспектор или овластеното лица за вршење на непосреден надзор е должен да му предложи на сторителот на прекршокот постапка за порамнување пред да поднесе барање за прекршочна постапка пред Прекршочната комисија формирана согласно со законот за Државниот пазарен инспекторат.”

4. Според член 8 став 1 алинеја 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука

Според Амандман XX од Уставот, со кој е дополнет членот 13 од Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Согласно член 14 став 2 од Уставот, никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.

Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006 и 51/2011) во членот 1 определил дека со овој закон се определуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршување на прекршочните санкции и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите, односно врз основа на овој и друг закон органите на државната управа или организациите и другите органи што вршат јавни овластувања надлежни за изрекување на прекршочни санкции (во натамошниот текст: прекршочни органи).

Со одредбите од Законот, меѓу другото е уредено дека: никому не може да му биде изречена прекршочна санкција за дело кое, пред да е сторено, не било со закон определено како прекршок и за кое со закон не била пропишана санкција.(член 3), прекршокот е противправно дело кое со закон е определено како прекршок, чии обележја се определени со закон и за кое е пропишана прекршочна санкција (член 5); глобата се пропишува и изрекува како главна санкција (член 15 став 1); и во одлуката за прекршокот се определува рокот за плаќање на глобата кој не може да биде пократок од осум дена ниту подолг од 30 дена од денот на правосилноста на одлуката (член 16 став 1).

Во одредбите од членовите 53-156 од наведениот Закон е уредена „прекршочната постапка“. Според Законот, прекршочна постапка може да води и прекршочна санкција може да изрече само надлежен суд, а за одделни прекршоци определени со закон и орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања на надзор над спроведување на законите со кои се пропишани прекршоците (член 53 ставови 1 и 2); за прекршок и за изрекување на прекршочна санкција одлучуваат судот, односно прекршочниот орган со одлука, против која се дозволени правни средства утврдени со овој закон (член 57); а во делот на одредбите кои се однесуваат за прекршочната постапка пред прекршочен орган, со член 66 е определено дека прекршочниот орган при водење на прекршочната постапка соодветно ги применува одредбите на Законот за општата управна постапка, освен ако со овој закон и со законот со кој е пропишан прекршокот поинаку не е определено.

Од наведените одредби произлегува дека начелото на законитост во Република Македонија, подигнато на ранг на уставно начело, во казненото право се искажува преку принципот за законска определеност на казнивите дела и на казните и служи како гарант за правата и слободите на граѓаните, од една страна и како гарант за остварувањето на казнената политика на земјата, од друга страна.

Казнивите дела и казните се предвидуваат со закон или друг пропис, а во тие рамки како казниви дела можат да се предвидат и прекршоци што можат да ги сторат субјектите кои вршат определена дејност. Притоа, видовите на казни и нивната висина со Уставот не се определени, туку е препуштено тие да се определат со закон, водејќи притоа сметка за член 54 став 4 од Уставот според кој ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правната одреденост на казнивите дела и казните. Во однос на законите со кои се уредува казнената сфера, Уставот единствено пропишува обврска дека постапките пред судовите (кривична, процесна, прекршочна, управна), се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредбите од Законот за прекршоците како и одредбата од член 135 ставовите 2, 3, 4, 5 и 6 од Законот за заштита на потрошувачите, наспрема наводите во иницијативата,Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причина што од содржината на членот 135 ставовите 2, 3, 4, 5 и 6 како и член 137 од Законот за заштита на потрошувачите недвосмислено произлегува дека за водење на прекршочна постапка и изрекување на прекршочни санкции за сторен прекршок од член 137 од Законот, прекршочна санкциа односно глоба можат да изречат 2, 3 или 4 органи на државната управа согласно нивните надлежности утврдени со закон.

Според Судот предвидувањето на можноста за сторен прекршок да водат постапка и да изречат прекршочна санкција повеќе надлежни органи согласно нивните надлежности не значи и не може да се толкува дека во исто време за ист сторен прекршок прекршочна санкција ќе изречат повеќе органи, при што тие можат да донесат различни одлуки како што наведува подносителот на иницијативата.

Во поткрепа на наведеното становиште беше извршена анализа и на Законот за инспекциски надзор („Службен весник на РМ“ 50/2010,162/2010 и 157/2011),според кој, инспекцискиот надзор инспекторите го вршат врз основа на начелото на законитост; начелото на еднаквост,непристрасност и oбјективност; начелото на материјална вистина; начелото на сослушување на субјектите на пазарот; начелото на самостојност;начелото на јавност;начелото на пропорционалност; начелото на превенција и начелото на субсидијарност. Понатаму,во законот е предвидено дека заради меѓусебна координација и поголема ефикасност на инспекциските служби се формира Инспекциски совет како постојано меѓуресорско тело,чии делокруг на работа меѓу другото е и координирање на работата на инспекциските служби.

Оттука, имајќи ги предвид наведените уставни одредби, анализата на Законот за заштита на потрошувачите, Законот за инспекциски надзор, содржината на членот 135 ставовите 2,3,4 ,5 и 6 оспорени со иницијативата, наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека оспорените ставови се доволно јасни и прецизни, поради што не може да се постави прашањето за нивната несогласност со начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија..

Воедно, Судот оцени дека не може да се постави прашањето дека со оспорените одредби се доведува во прашање принципот ne bis in idem, кој е стипулиран во членот 14 став 2 од Уставот, според кој “никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука”.

Ова од причини што согласно оспорените одредби од Законот со кој за одредени казниви поведенија се пропишани глоби за прекршок за кои се овластени 2,3,4 или 5 органи,кои практично би можеле согласно овластувањата дадени во законот да изречат глоба за ист прекршок, Судот оцени дека на тој начин не се доведува во прашањетоа принципот Ne bis in idem, кој како авторитативен правен стандард важи во сите современи прекршочни и кривични права, кој е постулиран и во Законот за кривичната постапка и Законот за прекршоците.

5. Врз основа на изнесеното,судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.10/2013
9 мај 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски