У.бр.86/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 9 мај 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 5 ставови 2 и 3, членот 10 и членот 11 од Законот за посебен регистар на лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2012).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на целината на Законот за посебен регистар на лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, означен во точката 1 од ова решение.

3. Алберт Садику, Војче Блажевски, Зуријет Лимани, Кадри Зендели и Дануш Исени, сите на издржување казна затвор во КПУ„Тетово“-Тетово до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата јавното објавување на нивните лични податоци, согласно членот 5 од Законот, а поврзани со правосилна судска пресуда, преставувало флагрантно кршење на нивните основни слободи и права загарантирани со Уставот и со Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Тоа што секој граѓанин имал слободен пристап на интенет преку сајтот www.registarnapedofili.mk и социјалната мрежа www.facebook.com/ Stop.Pedofilija.mk овозможувало да се дознае нивната осуда и нивните лични податоци, со што флагрантно се повредувала нивната приватност и интимност, како и загарантираната тајност на нивните лични податоци и податоците за нивните семејства. Четворица од подносителите на иницијативата се семејни луѓе и се родители на малолетни деца, а сите се осудени на казни затвор за сторени кривични дела „Трговија со малолетно лице“ по член 418-г од Кривичниот законик.

Подносителите на иницијативата го оспоруваат Законот во целост, како спротивен на член 16 став 6, член 18 ставoви 1 и 2, член 25 и член 51 од Уставот, бидејќи наведените уставни одредби гарантирале право на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање, потоа сигурноста и тајноста на личните податоци, заштитата од повреда на личниот интегритет што произлегувала од регистрирањето на информацијата за нив преку обработка на податоците, како и почитување и заштита на приватноста на нивниот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Исто така, оспорениот закон бил спротивен и на членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, кој го гарантирал почитувањето на приватниот и семејниот живот.

Според инаформациите што ги имале подносителите на иницијативата, покрај Соединетите Американски Држави, Република Македонија била единствената држава која имала донесено ваков закон.

Поради сето наведено предлагаат Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон, а потоа истиот да го поништи.

4. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 1 од Законот, со овој закон се уредува категоријата на личните податоци кои се содржани во Регистарот за лица осудени за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија (во натамошниот текст: Регистарот), начинот на давање на личните податоци на користење, степенот на доверливост и рокот на чување на податоците.

Во членот 2 од Законот е определено дека, цел на Законот и неговата примена е обезбедување на заштита на децата од сексуална злоупотреба, педофилија и трговија со малолетни лица преку достапност на информации за лицата кои живеат во нивната околина, а кои се осудени за кривични дела поврзани со сексуална злоупотреба на малолетни лица, педофилја и трговија со малолетно лице.

Во членот 3 од Законот е определено дека Регистарот содржи податоци за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела против половата слобода и половиот морал за малолетни лица:

1) полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години (член 188);
2) обљуба со злоупотреба на положбата (член 189 став 2);
3) задоволување на полови страсти пред друг (член 190 став 2);
4) посредување во вршење проституција (член 191 ставови 4 и 5);
5) подведување и овозможување на полови дејства (член 192);
6) прикажување на порнографски материјал на малолетник (член 193);
7) производство и дистрибуција на детска порнографија (член 193-а);
8) намамување на обљуба или друго полово дејствие на малолетник кој не наполнил 14 години (член 193-б);
9) родосквернавење (член 194) и
10) трговија со малолетно лице (418-г).

Според членот 4 од Законот, Регистарот содржи податоци за осудените лица за делата од членот 3 од овој закон и тоа: име и презиме, датум на раѓање, адреса на живеење, кривично дело за кое е осуден и фотографија.

Во членот 5 став 1 од Законот е определено дека, Регистарот го води Министерството за труд и социјална политика преку ЈУ Завод за социјални дејности. Според ставот 2 од истиот член од Законот, Министерството за труд и социјална политика преку ЈУ Завод за социјални дејности, врши внесување, ажурирање и промена на податоците во Регистарот и ги објавува на интернет страница. Според ставот 3 од членот 5 од Законот, податоците за осудените лица внесени во Регистарот се јавно достапни. Во ставот 4 од членот 5 е определено дека податоците за жртвите по ниту еден основ не се јавно достапни.

Според членот 6 од Законот, работите од членот 5 став 2 од овој закон ги врши службено лице од ЈУ Завод за социјални дејности, овластено од лицето кое раководи со ЈУ Завод за социјални дејности и истото одговара за веродостојноста на внесените податоци.

Во членот 7 од Законот е определено дека, осудените лица за кривични дела утврдени во членот 3 од овој закон, по истекот на изречената казна, се должни најмалку еднаш годишно, пет дена пред нивниот роденден, до крајот на нивниот живот да се пријавуваат кај надлежниот судски орган во местото каде што живеат или престојуваат (став 1). Министерството за правда преку Управата за извршување на санкции е должно да го извести осуденото лице за неговата должност по истекот на затворската казна да се пријави во надлежниот судски орган во местото каде што живее или престојува (став 2). Надлежниот суд е должен пријавувањето да го достави до Министерството за труд и социјална политика, односно до ЈУ Завод за социјални дејности, во рок од пет работни дена од пријавувањето на осуденото лице, како и евентуалната промена на личните податоци и местото на живеење на осуденото лице (став 3).

Според членот 8 став 1 од Законот, доколку осуденото лице ќе биде забележано од страна на граѓанин или службено лице, често во близина на места каде што има поголемо присуство на малолетни лица (детски градинки, училишта, детски паркови, детски игралишта, игротеки), истите се должни да го пријават лицето во најблискиот орган на Министерството за внатрешни работи. Според ставот 2 од истиот член од Законот, Министерството за внатрешни работи најпрвин усно го предупредува лицето за неговото присуство во близина на места со голема фреквенција на малолетни лица, а доколку лицето по втор пат повторно е затекнато на такви места, Министерството за внатрешни работи презема мерки согласно со закон.

Во членот 9 од Законот се предвидени парична казна или казна затвор за осуденото лице за кривични дела поврзани со сексуална злоупотреба, педофилија и трговија со малолетно лице, ако:

– по истекот на затворската казна, во рок од пет работни дена, нема да се пријави до надлежниот судски орган,
– редовно не се пријавува до надлежниот судски орган,
– биде затекнато во два или повеќе наврати на места на кои има поголемо присуство на малолетни лица (детски градинки, училишта, детски паркови, детски игралишта, игротеки) или
– нема да пријави промена на лични податоци или место на живеење до надлежниот судски орган.

Според членот 10 од Законот, осудено лице за кривични дела поврзани со сексуална злоупотреба, педофилија и трговија со малолетно лице, може да побара изземање од јавно објавување на неговите податоци во Регистарот, под услов да не го повтори кривичното дело за кое е осуден или стори друго дело наведено во членот 3 од овој закон, во период од десет години по истекот на казната за која е осуден.

Во членот 11 став 1 од Законот е предвидено дека, барањето за изземање од јавно објавување на податоци на осудено лице за кривични дела поврзани со сексуална злоупотреба, педофилија и трговија со малолетни лица, се доставува до надлежниот суд. Според ставот 2 од истиот член од Законот, надлежниот судски орган може да побара мислење од центарот за социјална работа надлежен според местото на живеење на осуденото лице, за состојбата на осуденото лице и неговата подобност да биде изземено од јавно објавување на неговите податоци. Според ставот 3 од членот 11 од Законот, постапката се однесува само на изземање од јавно објавување на податоците на лицето осудено за кривични дела поврзани со сексуална злоупотреба, педофилија и трговија со малолетно лице. Обврската за негово натамошно редовно годишно пријавување останува да важи до крајот на неговиот живот.

Според членот 12 од Законот, лицата кои ќе ги злоупотребат податоците кои се содржани во Регистарот, со цел за заканување, заплашување, вознемирување на осудените лица или на членовите на нивните семејства или на друг начин ќе ги злоупотребат објавените податоци, ќе бидат казнети со парична казна или затвор до шест месеци.

Во членот 13 од Законот е содржана законска обврска за Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи, да изготват правилници за начинот на внесување на податоците на осудените лица и за начинот на меѓусебно известување и соработка.

Во членот 14 од Законот е содржана законска должност за Министерството за труд и социјална политика, во рок од шест месеци по влегувањето во сила на овој закон, да го изготви Посебениот регистар за лица осудени за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија.

Според член 15 од Законот, истиот влегува во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ (1 февруари 2012 година).

5. Според член членот 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на Уставниот поредок на Република Македонија.

Во членот 18 од Уставот е определено дека, се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.

Според член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Одлуката за пристапување на Република Македонија кон меѓународноправните документи за основните човекови права и слободи донесени од ООН, меѓу кои се Универзалната декларација за човековите права (донесена на 10 декември 1948 година) и Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права (донесен на 16 декември 1966 година), е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр. 57/1993 од 23 септември 1993 година.

Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи на Советот на Европа е ратификувана со Закон објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.11/1997.

Според член 1 од Универзалната декларација за правата на човекот, сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правата. Во членот 12 од Декларација, пак, е предвидено дека никој нема да биде изложен на произволно вмешување во приватниот живот, семејството, домот и преписката, ниту пак на напади врз неговата чест и углед. Секој има право на правна заштита од таквото вмешување или напади.

Според членот 8 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон, и ако претставува мерка која е во интерес на државата и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривичните дела, заштита на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.

Според член 17 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права никој не може да биде изложен на самоволно и незаконско мешање во неговиот приватен живот, семејство, стан или преписка, ниту на противзаконити напади на неговата чест и углед. Секој има право на законска заштита против таквото мешање или напад.

– Од анализата на цитираните уставни одредби и одредбите од меѓународните акти произлегува дека неприкосновеноста на животот на човекот и неговиот физички и морален интегритет се негово основно и суштествено право, кое е реална основа за остварување на другите негови основни слободи и права. Таквиот карактер на ова право е потврда на општоприфатените светски стандарди за правата и слободите на човекот и граѓанинот и потврда на хуманиот однос спрема човекот како личност и активен чинител во севкупното дејствување во општеството во сопствен и во интерес на заедницата во која живее. Остварувањето на таквото право не може да биде на штета на истото такво право на другите лица. Од анализата на меѓународните акти, како дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија, исто така, произлегува дека државите кои пристапиле кон наведените акти имаат можност за ограничување на наведените слободи и права од страна на јавната власт, под услови определени во внатрешното право на државата. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање, меѓу другото, е предвидено со закон.

Оттаму, во услови на постојан пораст на кривичните дела против половата слобода и моралот, каде жртвите или објектите на напад често се децата на возраст до 14 години, кои заради настанот од своето рано детство најчесто трпат тешко отстранливи здравствени, психички и социјални последици државата неминовно мора да преземе мерки во правец на сузбивање или попречување на ваквите опшествено штетни, девијантни појави. Во таа смисла Република Македонија, меѓу другото, пристапи кон донесување на регулатива за воспоставување на посебен регистар на сторителите на ваков вид на кривични дела, односно кон донесување на оспорениот закон.

Ваквата потреба воедно произлезе и од Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на деца од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба („Законот за ратификација на наведената конвенција е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.135/2010 од 8 октомври 2010 година). Во членот 37 став 1 од Конвенцијата кој има наслов: „Заведување и чување на национални податоци за осудени сексуални сторители на кривични дела“ стои: „Со цел превенција на делата утврдени со оваа Конвенција, секоја Договорна страна ги презема неопходните законодавни и други мерки да ги заведува и чува во согласност со релевантните одредби за заштита на личните податоци и други правила и гаранции предвидени со домашното право, податоците во врска со идентитетот и генетскиот профил (ДНК) на лицата осудени за делата утврдени со оваа Конвенција.“

Врз основа на сето наведено произлегува дека Законот за посебен регистар на лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, како целина е во согласнот со член 18 ставови 1 и 2, член 25 и член 51 од Уставот.

– Во иницијативата, покрај Законот како целина, посебно се оспорува членот 5 ставови 2 и 3 од Законот. Исто така, иако нумерички не се означени, посебно се оспоруваат и членовите 10 и 11 од Законот, што произлегува од наводите во иницијативата. Поточно, подносителите на иницијативата не се согласуваат или ја оспоруваат определбата на законодавецот за јавно објавување на личните податоци за лицата осудени лице за кривични дела поврзани со сексуална злоупотреба, педофилија и трговија со малолетно лице, која е содржана во наведените одредби.

Од анализата на оспорениот член 5 ставови 2 и 3 од Законот произлегува дека Министерството за труд и социјална политика преку ЈУ Завод за социјални дејности, врши внесување, ажурирање и промена на податоците во Регистарот и ги објавува на интернет страница, при што податоците за осудените лица (име и презиме, датум на раѓање, адреса на живеење, кривично дело за кое е осуден и фотографија) за кривични дела поврзани со сексуална злоупотреба, педофилија и трговија со малолетно лице внесени во Регистарот се јавно достапни.

Ваквата законска конструкција, според Судот, содржи генерална определба за објавување на наведените податоци, но ниту во наведените одредби, ниту во целината на Законот не е содржано јасно уредување за тоа во каква постапка се одлучува за објавувањето на податоците. Исто така, не е јасно дали објавувањето следи веднаш по правосилноста на осудителната пресуда или по издржувањето на казната, за каков вид на кривична казна треба да стане збор за да дојде до објавување (условна осуда, парична казна или само казна затвор), колкав временски период и сметано од кога така изнесените податоци ќе бидат достапни на јавноста, како и тоа дали секој сторител, без оглед на индивидуалните карактеристики на настанот, подлежи на јавно објавување. Исто така, не е јасно зошто законодавецот не води сметка за видот и висината на казната, индивидуалните особини на кривично правниот настан, личните карактеристики на сторителот и други околности, туку оди кон генерална определба за јавно објавување на податоците, со што според мислење на Судот однапред го етикетира сторителот како рецидивист или повратник.

Според оцена на Судот вака изнесените недостатоци на оспорениот член 5 од Законот се проблематични по однос на нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, кој бара во правниот поредок да егзистираат јасни, недвосмислени и до крај доречени и оформени норми, за кои законодавецот ќе формира уставно-правно издржано образложение, што овде не е случај, видно од образложението на Предлог-Законот. Во спротивно ваквите норми би можеле да доведат до различно толкување, но и различна и погрешна примена.

Од анализата пак на содржината на членовите 10 и 11 од Законот произлегува дека одлука за изземање од објавување на податоците ја донесува суд. Според тоа, објавување на податоците по автоматизам припаѓа на надлежен орган на управа (Министерството за труд и социјална политика преку ЈУ Завод за социјални дејности), но за изземање од објавувањето одлучува суд.

Имајќи предвид дека согласно Амандманот XXV на Уставот, помеѓу другото, постапката пред судовите се уредува со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратенци, произлегува дека членовите 10 и 11 од Законот се уставно проблематични по однос на нивната согласност со наведениот Амандман. Поточно, доколку се има во предвид дека во овие одредби станува збор за уредување на постапка пред суд (поднесување на барање, барање на мислење, оцена на основаноста, донесување на одлука) произлегува дека ваква проблематика единствено може да биде уредена во закон, или пак барем законски одредби кои би биле донесени со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратенци, што овде не е случај. Видно од стенографските белешки за одржаната 20-та седница на Собранието на Република Македонија (четврто продолжение) од 23 јануари 2012 година е дека за Законот гласале 73 пратеници.

Во наведената смисла Судот во постапката по предметите У.бр.228/2007, У.бр.149/2008 и други изразил правно гледиште дека со материјален закон не може да се уредат процесни прашања по однос на постапката пред судовите, бидејќи на тој начин, меѓу другото се повредува Амандманот XXV на Уставот.

Исто така, не е јасно зашто законодавецот го користи терминот „изземање од објавување“, кога овој термин упатува на необјавување воопшто, односно податоците никогаш да не бидат предмет на објавување, а не и на симнување на податоците кои веќе еднаш се објавени.

Инаку, во членот 106 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011 и 142/2012) е уредена проблематиката за казнената евиденција. Според ставот 1 на оваа одредба Казнената евиденција ја води првостепениот суд надлежен според местото на раѓање на осудениот, а според ставот 2 за лицата родени во странство, како и за оние чие место на раѓање е непознато, казнената евиденција ја води судот определен со закон. Податоците од казнената евиденција може да му се дадат на судот и на јавното обвинителство во врска со кривичната постапка што се води против порано осудениот и на надлежните органи што учествуваат во постапката за давање амнестија и помилување (став 3). Податоци од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат и на државни органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или мерки на безбедност или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон (став 4). Никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност (став 5). На граѓаните по нивно барање, може да им се дадат податоци за нивната осудуваност или неосудуваност само ако овие податоци им се потребни заради остварување на нивните права во странство (став 6).

Од анализата на наведената одредба произлегува дека податоците за осудените лица се достапни на ограничен, точно дефиниран круг на субјекти, а законодавецот е многу категоричен во определбата никој да не може да бара од граѓаните да доставуваат докази за нивната осудуваност или неосудуваност. Дури и во ситуација кога граѓанинот лично бара податоци за себе истиот може да ги добие само ако е во прашање остварување на негови права во странство. Креацијата на ваквата норма произлегла од потребата за целосно респектирање на уставната определба и гаранција од членот 25 од Уставот за почитување и заштита на приватноста на личниот и семеен живот, на достоинството и угледот на граѓанинот.

Во наведената смисла Уставниот суд на Република Македонија изградил јасна уставно судска практика за касирање на законските норми кои предвидувале граѓанинот да достави за себе доказ за неговата неосудуваност или осудуваност, бидејќи сметал дека ваквите законски креации водат кон повреда на членот 25 од Уставот, кој ги гарантита достоинството и угледот на граѓанинот (види У.бр.63/2006, 206/2011 и други).

Во одредбите што се предмет на уставно-судска анализа законодавецот отишол уште понатаму, податоците од лична природа ги прави достапни на јавноста преку определбата за нивно јавно објавување. Објавувањето, пак, едноставно значи ставање на податоците на увид на јавноста, без оглед на формата или средството што се користи за обнародување на податоците и тоа како такво може да предизвика бројни правни, морални, социјални, психички и други последици врз лицата осудени за кривични дела со сексуална злоупотреба, педофилија и трговија со малолетно лице, но можат да остават исти такви, дури и потешки последици на самата жртва од ваков вид на кривично дело, како и на членовите на семејството на самиот сторител. Ова поради едноставна причина што преку достапноста на податоците за сторителот, индиректно доаѓа до достапност или барем лесна препознатливост и на податоците за неговата жртва и на податоците за неговото семејство. Така жртвата и членовите на семејството, покрај траумата од несаканиот кривично-правен настан, повторно трпат последици по однос на своето достоинство и углед, иако самите немаат ама баш никаква вина, освен нивната причински-последична поврзаност или пак биолошка поврзаност со сторителот.

При постоење на други сторители на тешки кривични дела како што се убиства, силувања и слично, каде исто така, треба да се предупредат можните жртви на извесна опасност, не е јасно зошто законодавецот се определил да ги објавува јавно податоците само по однос на сторителите на кривични дела поврзани со сексуална злоупотреба на малолетни лица, педофилја и трговија со малолетно лице, но не и по однос на присуство во животната средина на други исто така многу опасни сторители на друг вид кривични дела.

При формирањето на правното мислење Судот ја имаше предвид и содржината на Закон за ратификација на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматската обработка на личните податоци (Службен весник на Република Македонија бр.7/2005) кој определил строги правила на кои подлежи самата автоматската обработка на личните податоци. Имено, во членот 6 од Конвенцијата, со наслов: „Специјални категории податоци“ е определено дека, личните податоци кои откриваат расно потекло, политичко мислење или религиозно или друго верување, како и личните податоци што се однесуваат на здравјето или сексуалниот живот, може да не се обработуваат автоматски, освен ако домашниот обезбедува соодветна заштита. Истиот ќе важи и за личните податоци што се однесуваат на криминалните обвинувања. Во овој случај законодавецот покрај определбата за автоматска обработка на личните податоци отишол и понатаму и се определил за јавно објавување на податоците.

Врз основа на сето изнесено, Судот оцени дека законодавецот со определбата за јавно објавување на податоците од членот 3 од Законот не бил доволно внимателен по однос на уставната определба и гаранција за достоинството и честа на граѓаните, па и во случај кога се сторители на кривични дела, како и за достоинството и честа на нивните семејства со што членот 5 ставови 2 и 3, членот 10 и членот 11 од Законот можат да се стават под сомнение по однос на нивната согласност со член 18 и член 25 од Уставот.

Впрочем, Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на деца од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба, која е составен дел на внатрешниот правен поредок на Република Македонија сметано од 8 октомври 2010 година бара од домашното законодавство да уреди регулатива која ќе овозможи заведување и чување на националните податоци за осудени сексуални сторители на кривични дела со цел превенција на делата утврдени со оваа Конвенција, но не и нивно јавно објавување.

За споредба, врз основа на компаративните согледувања, Судот дојде до заклучок дека јавно достапна датотека на податоци за осудени сексуални сторители, поставена на увид на јавноста преку посебна веб-страница, постои само во одделни држави во САД. Притоа, карактеристично е што на одлуката за правење на податоците достапни и претходи подетална анализа по однос на степенот, односно процената на ризикот од повторување на делата, а еднаш поставените податоци подлежат на ажурирана прогноза на опасност.

Исто така, во Полска, Естонија, Хрватска, Норвешка, Чешка, Романија, Ирска, Словачка, Канада и Германија податоците од казнената евиденција се достапни само на судовите, јавните обвинителства и полицијата.

Во Словенија, Јужна Африка, Холандија, Белгија и Чиле покрај наведените органи пристап до ваков вид на податоци, на образложено барање, можат да имаат работодавци или институции кога треба да вработат лице кое ќе има активности со малолетна популација или треба да му бидат доверени на чување деца. Во Холандија е предвидено градоначалникот на општината да биде известен дека на неговата територија престојува осуден сексуален сторител.

Од добиениот комапартивен материјал произлегува дека во Велика Британија не е предвидена јавна достапност на ваков вид на податоци.

Според Судот, оспорените член 5 ставови 2 и 3, член 10 и 11 од Законот ги девалвираат генералните определби на Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010) за исклучување на јавноста кога е во прашање малолетна жртва (член 232 став 5), за посебните права на ранливи категории жртви (член 54), како и за објавувањето и достапноста на пресудата на јавноста (член 126), како и членот 194-а од Кривичниот законик. Имено, со наведените одредби од Законот за кривичната постапка и Кривичниот законик се воспоставени правила преку кои треба да се обезбеди заштита на приватноста на малолетните лица жртви на трговија со луѓе, насилство или сексуална злоупотреба од штетни последици по нивното психичко и физичко здравје, но сето тоа се става под знак на прашање со определбата на законодавецот за јавна достапност на податоците за сторителите, особено кога истите лесно можат да се поврзат со самата жртва од конкретен кривично-правен настан. Според тоа, ефектот од заложбата на судовите во постапките целосно да ги применат и почитуваат наведените принципи за исклучување на јавноста во ситуации кога е во прашање малолетна жртва, со цел заштита на идентитетот на жртвата, па и на членовите на семејството на сторителот, целосно ќе биде уништен со јавното објавување на податоците за сторителот.

Посебно оспорените членови 5 ставови 2 и 3, член 10 и 11 од Законот и определбата на законодавецот за јавно објавување на податоците од членот 3 од Законот се уставно проблематични бидејќи полициската или судска датотека е сосема различен вид на прибирање, чување и користење на податоци од достапноста на податоците на интернетот како „јавен срамен столб“. Овде достапноста не може да се контролира бидејќи има моќ за распрснување на личните податоци за сторителите на сексуалните кривични дела и истите не можат да бидат обврзани на дискреција по однос на она што самите го сознале врз основа на консумираните податоци за сторителот, жртвата или пак нивните семејства. Во ваков случај без ефект би бил и евентуалниот намален или сосема отстранет ризик од повторуваење на делото, а штетата би била неповратно сторена и кај погрешно пренесените информации и податоци. Тука не треба да се занемари и околноста што не секој сторител по автоматизам е и повратник, за да автоматски по неговата правосилна осуда за него бидат достапни сите лични податоци, со што доаѓа до апстракно оптоварување со рецидив по автоматизам. Воедно, постојаната достапност на неговите податоци може негативно да влијае врз враќањето во нормален живот и негова ресоцијализација би можела да биде осудена на пропаст.

Имајќи предвид дека добивањето податоци за сторителите преку интернет се карактеризира со неконтролираност и непредвидливост се доаѓа до заклучокот дека јавното објавување на податоците преку предвидениот начин лесно може да добие карактер на произволно, самоволно и незаконско мешање во приватниот живот на граѓаните, што противречи на членот 1 од Универзалната декларација за правата на човекот, како и на членот 17 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права. Од друга страна, членот 18 од Уставот гарантира сигурност и тајност на личните податоци и го штити личниот интегритет на граѓаните од можни повреди што произлегуваат од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците, но, заради сето наведено, според Судот, произлегува дека тоа не се обезбедува со оспорениот член 5 ставови 2 и 3 од Законот.

Судот оцени дека законодавецот при креирањето на членот 5 ставови 2 и 3 од Законот не водел сметка за можните директни негативни последици по однос на сторителот и индиректните по однос на неговото семејства, но и самите жртви, бидејќи со јавното објавување на податоците и нивно користење од неконтролиран број на граѓани со сигурност се доведуваат во прашање гарантираната заштита на приватноста на личниот и семеен живот, достоинството и угледот не само на сторителот, туку и на неговото семејство, но и на самата жртва. Имено, во една мала средина при обзнанување на податок дека директорот на едно основно училиште е педофил, или пак дека родителите или блиски роднини го злоупотребиле своето дете, внуче, ваков податок лесно ќе доведе до поврзување на мозајкот за тоа која е жртвата или кое е семејството на сторителот. Па наместо само сторителот да се најде во социјална изолација заради стореното кривично дело, без своја вина, во неговата криминална приказна индиректно ќе бидат вовлечени и стигматизирани и неговите жртви и неговото семејство.

Можноста за широко распространување на податоците преку јавното објавување, вклучително со потенцијалите за злоупотреба, би довело до несразмер, диспропорционалност на средствата за ограничување на правото за почитување на приватниот живот, бидејќи интернетот ја има моќта за брзо, дури и молневито ширење на податоците во и надвор од државата.

Државата се обврзала да ја штити приватноста на граѓаните, нивното достоинство и чест, како и достоинството и честа на нивните семејства преку членот 25 од Уставот, од каде истата не може да бара од граѓаните да се постават како чувари на јавниот ред, туку истата со свои механизми треба да ги чува овие вредности од незаконски, прекумерни и неконтролирани упаѓања во приватноста од други неповикани и неовластени лица. Според тоа, државата треба да пронајде други механизми, преку кои ќе се овозможи отстранување или сведување на најмол ризик на идни случаи преку поединечно информирање на можните жртви, предупредувања од полициските органи, а борбата со ваков вид на појави и кривични дела не смее да биде препуштена граѓаните.

Во прашање е многу чуствително област која длабоко навлегува во уставните гаранции на основните слободи и права на човекот и граѓанинот. Почитувањето на приватноста се однесува на должноста и обврската на секого спрема другиот, а заштитата е основа за должност и обврска на државните органи да ја обезбедат приватноста со својата непосредна активност или посредно по барање на граѓанинот пред судските и другите власти кога приватноста е повредена или загрозена. Почитувањето на личниот живот на граѓанинот онака како што е поставено во Уставот е основа за забрана на кој и да е да се меша во личното однесување на човекот и во неговото определување односно личниот живот е приватна работа на човекот во која никој не може да се меша, освен во случаи кога изразување на личноста и однесувањето на личноста ги доведува во прашање општоприфатените норми во општеството. Слични карактеристики има и приватноста на семејниот живот, а тоа значи дека никој нема право да се меша во односите во семејството, меѓу брачните другари и меѓу родителите и децата, начинот на живеење, семејниот ред и друго.

Гарантирањето на оваа приватност подразбира забрана за јавно изразување на тајни настанати во личниот и семејниот живот и тоа не само со забрана за јавно изнесување туку и забрана на несоодветен начин да се дојде до сознанија или информации за приватниот семеен живот на човекот и граѓанинот, што сметаме дека е случај со оспорените одредби.

Почитувањето на достоинството и угледот на граѓанинот во себе не ја содржи само обврската луѓето во меѓусебните односи да се почитуваат, туку ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на приватноста поаѓајќи од фактот што со самото тоа што се работи за човечко суштество со него треба да се постапува со уважување на неговото достоинство и углед.

Поаѓајќи од анализата на уставните и законски одредби, меѓународните акти и компаративни согледувања произлегува дека Законот како целина е во согласност со Уставот. Членот 5 ставови 2 и 3 од Законот, може да се стави под сомнение по однос на неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 18 и член 25 од Уставот. Членовите 10 и 11 од Законот можат да се стават под сомнение по однос на нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и Амандманот XXV на Уставот.

Целината на Законот и посебно оспорените одредби не можат да се доведат во корелација со членот 16 став 6 од Уставот, кој предвидува право на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање, бидејќи одредбите не се однесуваат на лицата кои се извор на информациите за осудените лица или пак членовите на нивните семејства.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. По однос на член 5 ставови 2 и 3, член 10 и член 11 од Законот решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.86/2012
9 мај 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски