Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 24 април 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 36 став 1 алинеја 1 во делот: „само“ и член 49 став 1 алинеја 1 во делот: „само“ од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2006, 107/2008 и 26/2013).
2. Драги Пажик-адвокат од Битола, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека изнесените законски одредби определувале: услов за именување на амбасадор односно на генерален конзул е кандидатот да бил државјанин само на Република Македонија. Таквиот услов значел дискриминирање на граѓаните на Република Македонија кои поседувале и друго државјанство затоа што им се ускратувало правото да вршат јавни функции, не им биле достапни тие работни места и им се ограничувале слободите и правата надвор од уставните ограничувања, поради што означените законски одредби не биле во согласност со членовите 9, 23, 32, 51 и 54 од Уставот на Република Македонија. Подносителот на иницијативата наведува дека ниту Уставот, ниту законите во Република Македонија не овозможувале дискриминација на граѓаните по основ на поседување на друго државјанство, туку членот 2 од Законот за државјанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.45/2004 од 7 јули 2004 година) определувал дека „државјанин на Република Македонија може да има и државјанство на друга држава. Државјанин на Република Македонија кој има државјанство на друга држава, во Република Македонија се смета исклучиво за државјанин на Република Македонија, ако со меѓународен договор поинаку не е определено.“
Според наводите во иницијативата, ограничувањето на извршувањето на функцијата амбасадор или генерален конзул исклучиво на лица кои имаат само државјанство на Република Македонија, не било доследно ниту на другите уставните норми кои се однесуваат на другите носители и претставници на надворешната политика на Република Македонија. Имено, таков услов не бил предвиден за другите институции кои имаат надлежност во сферата на надворешните работи иако тие биле уште позначајни од положбата на амбасадорите и генералните конзули-Претседателот на Републиката (член 84 од Уставот), Владата на Република Македонија (член 91 од Уставот) и министерот за надворешни работи. Поради тоа, предвидувањето на ограничувањето во оспорените законски одредби немало уставна основа и од тие причини требало да се укинат.
3. Судот на седницата утврди дека член 36 став 1 од Законот определува дека „за амбасадор може да се именува лице ако ги исполнува следниве услови: – да е државјанин само на Република Македонија“ (алинеја 1).
Член 49 став 1 од Законот пропишува дека „за генерален конзул може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови: – да е државјанин само на Република Македонија“ (алинеја 1).
4. Во член 8 став 1 од Уставот се определува дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се, покрај другото, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот (алинеја 1) и владеењето на правото (алинеја 3).
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1); Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).
Во член 23 од Уставот се определува дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Во член 51 од Уставот се предвидува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1); Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).
Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3). Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста (став 4).
Во член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот се определува дека Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се, покрај другото, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото (член 8 став 1 алинеи 1 и 3).
Меѓу основните слободи и права утврдени со Уставот спаѓаат правото на граѓанинот да учествува во вршењето на јавни функции (член 23) и достапноста на секое работно место на секого под еднакви услови (член 32 став 2).
Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба; Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (член 9 ставовите 1 и 2).
Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (член 54 став 1) односно за време на воена или воена состојба (став 2), без дискриминација по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3) и ограничувањето не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста (став 4).
Темелната вредност владеење на правото, пак, се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот а сите други прописи со Уставот и со закон и што секој е должен да ги почитува Уставот и законите (член 51 ставовите 1 и 2). Собранието на Република Македонија има уставна основа и рамка да донесува закони и да ги уредува сите сфери на општественото живеење (член 68 став 1 алинеја 2).
Според тоа, Судот смета дека законодавецот има уставна основа (член 68 од Уставот) да донесува закони и со нив да ги уредува односите во сите општествени сфери, секако во уставни рамки (член 51 од Уставот). Во тој опфат, законодавецот има уставен основ и да ги утврди условите за остварување на правото на граѓанинот да учествува во вршењето на јавните функции (член 23 од Уставот) и за достапноста на секое работно место на секого под еднакви услови (член 32 став 2) со оглед дека Уставот не ги дефинира тие услови. При дефинирањето на условите за остварување на наведените основни слободи и права, Уставот го ограничува законодавецот со определувањето да го почитува начелото на еднаквост во врска со полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (член 9 од Уставот).
Во конкретниот случај, Судот оцени дека законодавецот утврдил: услов за вршење на амбасадорските и конзуларните функции и за достапноста на тие работни места на секого под еднакви услови да биде кандидатот да има државјанство само на Република Македонија, со цел да може да ги користи во полн капацитет привилегиите и имунитетите предвидени во Виенската конвенција за дипломатски односи и Виенската конвенција за конзуларни односи и со цел ефикасно претставување и заштита на интересите на државата, на мнозинскиот народ, на деловите од другите народи во Република Македонија, на правните и на физичките лица од Република Македонија. Според тоа, државата определила кој и како да ја претставува и да и’ ги штити интересите. Притоа, Судот смета дека таквиот услов не создава нееднаквост меѓу граѓаните по основите наведени во член 9 од Уставот, со оглед дека сите државјани на Република Македонија кои го исполнуваат законскиот услов за вршење на наведените функции и за достапноста на тие работни места, може да се стекнат со тој статус без оглед на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со членовите 9, 23, 32, 51 и 54 од Уставот.
Во однос, пак, на наводот во иницијативата дека ограничувањето на извршувањето на функцијата амбасадор или генерален конзул исклучиво на лица кои имаат само државјанство на Република Македонија не било доследно ниту на другите уставните норми кои се однесуваат на другите носители и претставници на надворешната политика на Република Македонија-претседателот на Републиката, Владата на Република Македонија и на министерот за надворешни работи, Судот смета дека амбасадорот односно генералниот конзул има поинаква положба и надлежности споредено со другите наведени функции (различна надлежност, различно место на вршење на функциите, …), поради што е основано постоење на различни услови за нивното вршење, па таа состојба не може да се смета за недоследност на уставните норми како што се наведува во иницијативата. Поради тоа, Судот оцени дека оспорените законски одредби не се неуставни ни од наведениот аспект.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.173/2011
24 април 2013 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски
Издвоено мислење по предметот У.бр.173/2011