33/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 април 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

– член 3 став 1 алинеја 3, член 4 став 1 алинеја 2, член 5 и член 6 ставовите 1 и 3 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006),
– член 164 ставовите 1, 3 и 6 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005), и
– член 13 став 4 од Законот за судски такси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/2009).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на:

– член 163 и член 164 ставовите 2, 4 и 5 од Законот за парничната постапка означен во точка 1 алинеја 2 на ова решение, и
– член 13 став 2 од Законот за судски такси означен во точка 1 алинеја 3 на ова решение.

3. Техно-интерекспорт Душко ДООЕЛ – Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, од оспорените одредби од Законот за судовите, се утврдувало дека субјекти на судски спор се сите субјекти на правото било тоа да е граѓанин како индивидуално физичко лице или правно лице како колектив на здружени граѓани кои со помош на правото ги здружиле индивидуалните права и интереси со цел да бидат правно појаки во заштитата на правото и интересите и дека Судот и на граѓаните како физички индивидуални лица и на правните лица како колектив од здружени физички лица подеднакво им ги признавал правно заснованите интереси, подеднакво им ја гарантирал заштитата на правата на рамноправност, недискриминацијата и пристапот пред судовите независно од материјалната положба на граѓанинот и на правното лице односно дека судот не правел било каква разлика по било кој основ меѓу самите граѓани како физички лица, меѓу самите правни лица, како и меѓу граѓаните од една страна и правните лица од друга страна. Наспроти наведеното, од сублиматот на член 8 став 1 алинеја 1, член 9 став 2, член 50 став 1 и член 50 став 2 од Уставот со кои биле уредени темелните вредности на уставниот поредок, граѓанските и политичките права и гаранциите на основните слободи и права, се утврдувало дека во наведените одредби на Уставот станувало збор за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, а не и на другите субјекти какви што се правните лица, кои што пак со оглед на нивниот посебен правен субјективитет не можеле да се изедначуваат со статусот односно положбата на граѓаните, па оттаму ниту со нивните права.

Оспорените член 163 и член 164 од Законот за парничната постапка (ЗПП) биле под заеднички наслов: ослободување од плаќање на трошоци во постапката. Од содржината на овие одредби неспорно се утврдувало дека пропишаното право за ослободување од плаќање на парнични трошоци се однесувало исклучиво за граѓанинот како физичко лице, бидејќи правното лице не се дефинирало со изразите семејство, домаќинство, како и со фактот што правното лице не можело да постои доколку не располага со имот што е услов за користење на правото за неплаќање на парничните трошоци доколку странката била физичко лице. Со вака уреденото право за ослободување од плаќање на парнични трошоци само за оние странки кои пристапувале пред судот во својство на физички лица, се дискриминирале правните лица иако и тие често се соочувале со неможноста за плаќање на парничните трошоци поради времена неликвидност поради која законот ги спречувал да располагаат со паричните средства кои се водат на жиро сметките на правното лице, иако темелна вредност на Уставот била еднаквост, рамноправност и недискриминација на сите правни субјекти.

Од содржината на оспорените одредби од Законот за судските такси се утврдувало дека сосема исто како и со ЗПП, сите права што биле уредени за ослободување од плаќање, плаќање на рати или одложено плаќање на судската такса се однесувале само за оние странки кои пристапуваат пред судот како физички лица, бидејќи правните лица не биле дефинирани со изразите семејство или домаќинство, со што биле дискриминирани правните лица кои исто така се соочувале со неможноста да ја платат судската такса поради времена неликвидност односно блокирање на жиро сметаката во кој случај законот не им дозволувал да располагаат со паричните средства иако имале имот.

Со ваквото уредено право за непречен пристап пред судот само за физичките лица се дискриминирале правните лица иако еднаквоста, рамноправноста и недискриминацијата на сите правни субјекти биле темелна вредност на Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 3 алинеја 3 од Законот за судовите, целите и функциите на судската власт опфаќаат обезбедување еднаквост, рамноправност, недискриминација по кој било основ.

Според член 4 алинеја 2 од истиот закон, судот одлучува во постапка пропишана со закон за споровите меѓу граѓаните и другите правни субјекти.

Согласно член 5 став 1 од Законот за судовите, судовите ги штитат слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти доколку тоа според Уставот не е во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија. Според став 2 на истиот член, на граѓаните и другите правни субјекти им се гарантира судска заштита во однос на законитоста на поединечните акти на органите на државната управа или организации и други органи што вршат јавни овластувања.

Според член 6 став 1 од овој закон, секој има право на еднаков пристап пред судот во заштитата на неговите права и правно заснованите интереси, а според став 3 на истиот член, никому не може да му биде ограничен пристапот пред судовите во заштитата на основните права и слободи поради недостиг на материјални средства.

Судот, исто така, утврди дека според член 163 од Закон за парничната постапка, Судот ќе ја ослободи од плаќање на трошоците на постапката странката која според својата општа имотна состојба не е во можност да ги поднесува овие трошоци без штета за својата нужна издршка и нужната издршка на своето семејство (став 1).Ослободувањето од плаќање на трошоците на постапката опфаќа ослободување од плаќање на такси и ослободување од полагање на аванс за трошоците на сведоците, вештаците, за увид и за судските огласи (став 2). Судот може да ја ослободи странката само од плаќање на такси ако со плаќањето на таксите значително би биле намалени средствата од кои се издржува странката и членовите на нејзиното семејство (став 3). При донесувањето на одлуката за ослободување од плаќање на трошоците на постапката, судот грижливо ќе ги оцени сите околности, а особено ќе ја земе предвид вредноста на предметот на спорот, бројот на лицата што ги издржува странката и приходите што ги имаат странката и членовите на нејзиното семејство (став 4).

Според член 164 од истиот закон, одлуката за ослободување од плаќање на трошоците на постапката ја донесува првостепениот суд по предлог на странката (став 1). Странката е должна кон предлогот да поднесе уверение од надлежниот орган на државната управа за својата имотна состојба (став 2). Во уверението за имотната состојба мора да се назначи износот на данокот што го плаќа домаќинството и одделни членови на домаќинството како и други извори на нивните приходи и воопшто имотната состојба на странката на која и се издава уверението (став 3). Поблиски прописи за издавање на уверенија за имотната состојба донесува органот определен со посебен пропис (став 4). Кога е тоа потребно и самиот суд може по службена должност да ги прибави потребните податоци и известувања за имотната состојба на странката која бара ослободување, а може за тоа да ја сослуша и противната странка (став 5). Против решението на судот со кое се усвојува предлогот на странката не е дозволена жалба (став 6).

Согласно член 13 став 2 од Закон за судски такси, судот може на странката да и го одложи плаќањето на таксата се до донесувањето на одлуката или да и дозволи плаќање на таксата на рати. Според став 4 на истиот член, кон предлогот странката приложува доказ издаден од надлежен орган за имотната состојба која се утврдува врз основа на податоците за приходи по сите основи на тоа лице, како и на членовите на неговото домаќинство со кои живее, и изјава за неговата материјално-социјална состојба за период од шест месеца пред доставувањето на предлогот.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според Амандманот XXV, со кој е заменет член 98 од Уставот, судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за судовите се утврдени видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив.

Во Законот, во Главата I.ОСНОВНИ НАЧЕЛА, се систематизирани оспорените членови од овој закон, според кои целите и функциите на судската власт опфаќаат обезбедување еднаквост, рамноправност, недискриминација по кој било основ (член 3 став 1 алинеја 3), судот одлучува во постапка пропишана со закон за споровите меѓу граѓаните и другите правни субјекти (член 4 став 1 алинеја 2), судовите ги штитат слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти доколку тоа според Уставот не е во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија. На граѓаните и другите правни субјекти им се гарантира судска заштита во однос на законитоста на поединечните акти на органите на државната управа или организации и други органи што вршат јавни овластувања (член 5), Секој има право на еднаков пристап пред судот во заштитата на неговите права и правно заснованите интереси (член 6 став 1) и никому не може да му биде ограничен пристапот пред судовите во заштитата на основните права и слободи поради недостиг на материјални средства (член 6 став 3).

Од анализата на овие одредби произлегува дека законодавецот ги пропишал основните начела на кои се заснова функционирањето на судската власт во Република Македонија, промовирајќи и гарантирајќи непристрасно применување на правото без оглед на положбата и својството на странките, унапредување, во рамките на судиската функција, на заштитата и почитувањето на човековите слободи и права и правна сигурност, што е во согласност со основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија

Оттука, наводите во иницијативата дека ваквите основни начела биле спротивни на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, затоа што овозможувале во судската постапка, покрај еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, да се овозможува и еднаквост на другите субјекти како што биле правните лица, Судот ги оцени како неиздржани, неаргументирани и неосновани. Притоа, Судот констатира дека подносителот на иницијативата не е конзистентен во овој свој став, па во продолжението на иницијативата, спротивно на наведеното каде ја оспорува уставноста на еднаквоста на сите странки во судската постапка, ја спори уставноста на законското решение според кое ослободувањето од плаќање на трошоци на постапката и ослободување од плаќање на судски такси во Законот за парничната постапка и Законот за судските такси се однесувало само на граѓаните, а не и на правните лица, поради што истите не биле еднакви пред законот, со што се повредувал Уставот. Тоа значи дека во еден дел од иницијативата подносителот го оспорува начелото на еднаквост на странките во судските постапки, а во вториот дел, спротивно на претходното, бара примена на начелото на еднаквост на странките во судските постапки.

Тргнувајќи од наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 3 став 1 алинеја 3, член 4 став 1 алинеја 2, член 5 и член 6 ставовите 1 и 3 од Законот за судовите со член 8 став 1 алинеја 1, член 9 став 2 и член 50 од Уставот.

6. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Член 163 ставовите 1, 2, 3 и 4 (целиот член 163 има четири става) и член 164 ставови 2, 4 и 5 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005,110/2008, 83/2009, 116/2010) и член 13 ставови 1, 2 и 3 од Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/2009 и 148/2011), по иницијатива на истиот подносител, биле предмет на оценување пред Уставниот суд на Република Македонија по однос на нивната согласност со одредби од Уставот. Притоа, со Решение У.бр.14/2012 од 17 октомври 2012 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на наведените одредби. Во ова решение Судот изразил став дека разликата помеѓу категориите на физички и правни лица влијае на одредени решенија во Законот за парничната постапка и Законот за судските такси, кои се резервирани само за физичките лица, како странки во постапката. Тоа е случајот и со правото на ослободување од плаќање на трошоците на постапката, односно правото на ослободување од плаќање на судски такси. Овие решенија во наведените закони се од голема важност и се во функција на обезбедување на правото за слободен пристап до правдата, обезбедено и со членот 6 од Европската конвенција за човекови права. Кон ова треба да се има предвид дека физичките и правните лица се различни категории на лица. Тие, според своите атрибути имаат различна правна основа и се разликуваат по својата правна и деловна способност, што се рефлектира и на парничната способност, односно способноста сами да ги вршат дејствијата во парничната постапка. Исто така, Уставот ги гарантира основните права и слободи на човекот и граѓанинот како физички лица, кои се во корелација со темелните документи за човековите права на Обединетите нации и на Советот на Европа. Во конкретниот случај, во оспорените членови од двата закони станува збор за пропишување на услови, односно правила на постапката врз основа на кои судот одлучува во граѓанско-правните спорови, согласно овластувањето од членот 98 став 5 од Уставот, со кои според Судот не се врши дискриминација на граѓаните во однос на остварувањето на со Устав загарантираното право на судска заштита на слободите и правата по основ на нивната имотна состојба, со оглед на тоа дека, согласно оспорените членови и другите одредби од законите, судската заштита е подеднакво достапна за сите граѓани, независно од нивната имотна состојба. Во тој поглед посебно значење има токму оспорениот член 163 од Законот за парнична постапка со кој се овозможува судската заштита на своите права да ја остваруваат и граѓаните со слаба имотна состојба, кои не би можеле доколку законот не го предвидеше ослободувањето од плаќање на трошоците на постапката за оваа категорија граѓани. Имено, при непостоење на вакви одредби од Законот, би било оневозможено остварувањето и заштитата на повредените права на овие граѓани пред судовите, што би било во спротивност со уставното начело на еднаквост и уставната гаранција за судска заштита на слободите и правата на секој граѓанин. Во однос на наводите во иницијативата дека со оспорените членови 163 и 164 од Законот за парнична постапка се нарушувал принципот на еднаквост од член 9 став 2 од Уставот и поради тоа што во нив не се предвидувало ослободување од плаќање на трошоците на постапката и на правните лица, како странки во парничната постапка, Судот смета дека овој приговор не може да се прифати од причини што во наведениот член од Уставот станува збор за еднаквост само на граѓаните пред Уставот и законите, а не и на другите субјекти, какви што се правните лица, кои што пак со оглед на нивниот посебен правен субјективитет не може да се изедначуваат со статусот, односно положбата на граѓаните, па оттука ниту со нивните права. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека, не може да се постави прашањето за согласноста на член 163 ставови 1, 2, 3 и 4 и член 164 ставови 2, 4 и 5 од Законот за парничната постапка и член 13 ставови 1, 2 и 3 од Законот за судските такси со членовите 9 став 1 и 2 и 54 став 3 од Уставот.

Со новодоставената иницијатива, истиот подносител, од истите причини, односно од аспект на рамноправноста на физичките лица и правните лица како странки во постапката во однос на правото да бидат ослободени од обврската за плаќање на трошоци на постапката и на судски такси, повторно бара од Уставниот суд да ја цени уставноста на членовите 163 и 164 од Законот за парничната постапка и на член 13 ставовите 2 и 4 од Законот за судските такси.

Член 164 ставовите 1, 3 и 6 од Законот за парничната постапка не биле предмет на оспорување во предметот У. бр.14/2012, кога е ценета уставноста на член 164 ставовите 2, 4 и 5 од овој закон. Според став 1 на овој член, одлуката за ослободување од плаќање на трошоците на постапката ја донесува првостепениот суд по предлог на странката; според став 3 на истиот член, во уверението за имотната состојба мора да се назначи износот на данокот што го плаќа домаќинството и одделни членови на домаќинството како и други извори на нивните приходи и воопшто имотната состојба на странката на која и се издава уверението, а според став 6 на овој член, против решението на судот со кое се усвојува предлогот на странката не е дозволена жалба.

Со новодоставената иницијатива посебно не се оспоруваат овие ставови, но се оспорува членот 164 од Законот, во целина, од причина што со истиот се уредува материјата за ослободување од плаќање на трошоците на постапката, која во суштина се однесува на физичките лица како странки во постапката, а не ги опфаќа и правните лица, како што смета подносителот на иницијативата.

Имајќи го предвид ставот на Судот по однос на ова прашање искажан во Решението У.бр.14/2012, според Судот, и за ставовите 1, 3 и 6 од членот 164 од Законот, од исти причини како и за ставовите 2, 4 и 5 од овој член, не може основано да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот, затоа што членот 164 од Законот, во однос на покренатото правно прашање, единствено може и треба да се гледа во целина, така што образложението за уставноста на ставовите 2, 4 и 5 од овој член, во суштина се однесува на ист начин и ги опфаќа и останатите одредби во овој член.

Член 13 став 4 од Законот за судски такси не бил предмет на оспорување во предметот У. бр.14/2012, кога е ценета уставноста на член 13 ставовите 1, 2 и 3 од овој закон, но овој став исто така се однесува на прашањето за ослободување од плаќање на такса на странка физичко лице, на што се однесува членот 13 во целина, односно со овој став се утрдуваат доказите што треба да се приложат за ослободување од плаќање на такса, од кои исто така произлегува дека ослободувањето од плаќање такса се однесува на физичко лице. Со иницијативата се оспорува овој став, заедно со ставот 2 на член 13 од Законот, од аспект на тоа што ослободувањето од плаќање на такса се однесува на физичко лице, а не и на правно лице.

Според Судот, и за оцената на уставноста на овој став важи истото образложение како за другите три става во овој член, искажано во Решението на Судот, У.бр.14/2012, со кое Судот оценил дека ослободувањето од плаќање на трошоци на постапката, односно ослободување од плаќање на судски такси само за физички лица, не е неуставно. Ставот 4 единствено може и треба да се гледа во корелација со другите три става во истиот член, а не изолирано од нив, поради што Судот оцени дека и за овој став не може основано да се постави прашањето за неговата уставност, како што се наведува во иницијативата.

Имајќи предвид дека овој суд веќе ја оценувал уставноста на член 163 и член 164 ставовите 2, 4 и 5 од Законот за парничната постапка и член 13 ставовите 1, 2 и 3 од Законот за судските такси и притоа со Решение У.бр.14/2012 од 17 октомври 2012 година, не повел постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, а со оваа иницијатива се бара повторна оцена на уставноста на истите одредби од Законот од причини кои веќе биле предмет на разгледување пред Судот, при што не се наведуваат аргументи кои би оделе во насока за промена на ставот на Судот по покренатото прашање, Судот оцени дека во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.33/2013
24 април 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски