Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 24 април 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот број 07-167/11 од 19.02.2013 година, Заклучокот број 07-167/15 од 19.02.2013 година и Заклучокот број 07-167/16 од 19.02.2013 година, сите донесени од Советот на Општина Другово.
2. Градоначалникот на Општина Другово, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите, означени во точката 1 од ова решение.
Со иницијативата се бара оценување на уставноста и законитоста на Заклучоци, донесени од страна на Советот на Општина Другово, со кои на три правни лица, Советот им отстапува објекти во сопственост на Општината Другово, на долготраен закуп во траење од 99 години, со задолжување за градоначалникот на Општината да склучи договори со правните лица.
Според наводите од иницијативата, градоначалникот на Општина Другово, согласно со членот 51 став 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” број 5/2002), со решенија го запрел објавувањето на заклучоците донесени од страна на Советот на Општина Другово, со образложение дека отстапувањето на објектите не е извршено согласно со членот 67 од наведениот закон според кој стварите во сопственост на општината можат да се дадат на користење на други субјекти по пат на јавно наддавање, во согласност со закон. Воедно како причина повеќе за запирање на објавувањето на заклучоците била објавата во “Службен весник на Република Македонија” број 7/2013 година, од 11.01.2013 година, за распишување на локалните избори 2013 година, а со оглед дека Советот на Општината Другово, седницата ја одржал на ден 19.02.2013 година, односно по распишување на локалните избори, согласно со Законот за спречување на корупцијата, не биле дозволени располагања со ствари во државна сопственост.
Советот на Општината Другово по повод решенијата за запирање на објавување на прописите, донесени од страна на градоначалникот, согласно со членот 51 став 2 од Законот за локалната самоуправа, закажал и одржал седница на ден 18.03.2013 година и со одлуки ги потврдил претходно донесените оспорени заклучоци.
Бидејќи Советот на Општина Другово, не постапил согласно со членот 67 од Законот за локалната самоуправа, давајќи на користење ствари на други субјекти, кои се сопственост на општината, без спроведување на јавно наддавање, во согласност со закон, како и поради непочитување на веќе издадената Препорака 7 од страна на Одделението за внатрешна ревизија при Министерството за финансии од 2012 година, со која се укажувало дека објектите, сопственост на општината да се даваат на користење (закуп) на други субјекти по пат на јавно наддавање, во согласност со закон, градоначалникот на Општина Другово, помеѓу другото, пред Уставниот суд, поднесува иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорените заклучоци.
3. Судот, на седницата утврди дека Советот на Општина Другово врз основа на член 62 став 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ“ број 5/2002) и член 55 од Статутот на Општина Другово („Службен гласник на Општина Другово“ број 6/2005, 9/2005, 10/2005, 12/2005, 5/2006, 7/2009 и 8/2010), на 52-рата седница одржана на 19.02.2013 година, донел Заклучок со број 07-167/11 од 19.02.2013 година, со следната содржина:
З А К Л У Ч О К
1. СЕ ПРИФАЌА Барањето бр. 03-1676/1 од 06.12.2013 година на Здружението на граќани за негување на културните традиции и поттикнување на економскиот развој на с. Цер “ГОРНИ ДЕМИРХИСАР” со седиште во с. Цер, Општина Другово за отстапување на користење на објекти, заведени во Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение Кичево и тоа:
-КО село Цер: училишна зграда, заведена во Имотен лист бр. 282 под КП 461/1 со површина под објект 290 м2 и двор со површина од 1909 м2;
Младински дом заведен во Имотен лист бр. 281 со површина под објект и двор како е наведено во Одлуката објавена во “Службен весник на РМ” 120 м2 и двор со површина од 234 м2.
-КО село Мало Црско: училишна зграда (поранешно седиште на Месна канцеларија), заведена во Имотен лист бр. 200 под КП 420 со површина под објект и двор како е наведено во Одлуката објавена во “Службен весник на РМ бр. 15/2000” и Културен дом заведен во Имотен лист бр. 200 под КП 420 со површина под објект 45 м2 и двор 541 м2.
-КО село Големо Црско: училишна зграда заведена во Имотен лист бр. 95 под КП 184 со површина под објект 130 м2 и двор со површина од 2629 м2 и
-КО село Прострање: училишна зграда, заведена во Имотен лист бр. 138 под КП 1683 со површина под објект 117 м2 и двор со површина од 524 м2.
2. СЕ ЗАДОЛЖУВА Градоначалникот на Општина Другово да склучи Договор со “Здружението на граѓани за негување на културните традиции и поттикнување на економскиот развој на с. Цер “ГОРНИ ДЕМИРХИСАР”, со кој ќе биде утврден и рокот на користење на објектите во траење од 99 години.
3. Овој Заклучок влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Другово”.
Судот утврди и дека, Советот на Општина Другово, врз основа на член 62 став 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ“ број 5/2002) и член 55 од Статутот на Општина Другово („Службен гласник на Општина Другово“ број 6/2005, 9/2005, 10/2005, 12/2005, 5/2006, 7/2009 и 8/2010), на 52-рата седница одржана на 19.02.2013 година, донел Заклучок со број 07-167/15 од 19.02.2013 година, со следната содржина:
З А К Л У Ч О К
1. СЕ ПРИФАЌА Барањето бр. 07-194/1 од 18.12.2013 година поднесено од претседателот на Планинарското Спортско здружение “ДВА КАМНА” за отстапување на користење на школските објекти во селата Ехловец и Лавчани за потребите на здружението.
2. СЕ ЗАДОЛЖУВА Градоначалникот на Општина Другово да склучи Договор со ПЗС “ДВА КАМНА” со кој ќе биде утврден и рокот на користење на објектот во траење од 99 години.
3. Овој Заклучок влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Другово”.
Судот исто така утврди дека Советот на Општина Другово, врз основа на член 62 став 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ“ број 5/2002) и член 55 од Статутот на Општина Другово („Службен гласник на Општина Другово“ број 6/2005, 9/2005, 10/2005, 12/2005, 5/2006, 7/2009 и 8/2010), на 52-рата седница одржана на 19.02.2013 година, донел Заклучок со број 07-167/16 од 19.02.2013 година, со следната содржина:
З А К Л У Ч О К
1.СЕ ПРИФАЌА Барањето бр. 07-567/1 од 13.06.2011 година поднесено од “ЈОМА” ДООЕЛ с. Брждани, Општина Другово за користење на школскиот објект во село Брждани.
2. СЕ ЗАДОЛЖУВА Градоначалникот на Општина Другово да склучи Договор со “ЈОМА” ДООЕЛ с. Брждани, со кој ќе биде утврден и рокот на користење на објектот во траење од 99 години.
3. Со денот на потпишувањето на Договорот престанува да важи претходно потпишаниот Договор на “ЈОМА” ДООЕЛ с. Брждани бр. 03-834/1 од 28.06.2007 година.
Според точката 4 од Заклучокот, овој Заклучок влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Другово”.
4. Согласно членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Со иницијативата се оспоруваат заклучоци, донесени од Советот на Општина Другово, со кои се прифаќаат барања, поднесени од други субјекти-правни лица, за отстапување на користење на објекти во сопственост на Општината, со задолжување за градоначалникот на Општината Другово да склучи договори со тие правни лица за користење на објектите во траење од 99 години.
Подносителот на иницијативата кој е градоначалник на Општината Другово, констатирал незаконитост на оспорените заклучоци, донесени од страна на Советот на Општина Другово, при што со решенија го запрел нивното објавување, со образложение дека донесените заклучоци не се во согласност со членот 67 од Законот за локалната самоуправа, од кои причини и нема услови за постапување по задолжението за објавување на истите. Постапувајќи по решенијата од градоначалникот за запирање на објавувањето на заклучоците, Советот на Општина Другово, донел одлуки со кои ги потврдил претходно донесените заклучоци.
Градоначалникот на Општината Другово, повикувајќи се на членот 51 став 3 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” број 5/2002), кој уредува дека “ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија”, до овој суд достави иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените заклучоци.
Во конкретниот случај, Судот утврди дека актите кои се оспоруваат со иницијативата, не се прописи кој можат да бидат предмет на уставно-судска оцена, бидејќи од нивната содржина неспорно произлегува дека во случајов станува збор за поединечни, конкретни акти донесени од Советот на Општина Другово, со кој се одлучува за располагање со конкретен имот во сопственост на Општината, односно за отстапување на користење на објекти кои се сопственост на Општината на конкретни субјекти-правни лица.
Имајќи предвид дека оспорените акти не се прописи кои содржат општи норми на однесување со кој се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти во правото на општ начин и утврдуваат права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, што е карактеристика на прописите erga omnes и за кои Уставниот суд е надлежен да постапува согласно со членот 110 алинеја 2 од Уставот, Судот утврди дека во конкретниот случај со иницитивата се оспоруваат акти по кои Судот не е надлежен да постапува.
5. Со оглед дека оцената на уставноста и законитоста на поединечни, конкретни акти не спаѓа во надлежност на Уставниот суд, а во конкретниот случај станува збор за прописи со таков карактер, настапени се предвидените услови од членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.
6. Поради наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.40/2013
24 април 2013 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски