У.бр.141/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи и 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 17 април 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 30 став 1 точка 5 од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста за целината на Законот, означен во точката 1 од ова решение и за посебно оспорените член 28 став 2, член 40, член 44 точка 2, член 45 став 1 точка 7 и член 50 став 4 од истиот закон.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата на:

– Црвениот крст на Република Македонија за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение и
– Кирил Величковски, адвокат од Делчево за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 19, член 49 став 1 точки 1 и 2 и член 50 ставови 1, 2, 3, 5 и 6 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

4. Стамен Филипов од Скопје во иницијативата го оспорува Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012) во целина и посебно член 28 став 2, член 30 став 1 точка 5, член 44 точка 2, член 45 став 1 точка 7 и член 50 став 4 од истиот Закон.

Во иницијатива на Црвениот крст на Република Македонија се оспорува Законот за вршење на сметководствени работи во целина.

Во иницијатива на Кирил Величковски, адвокат од Делчево се оспоруваат член 19, член 40, член 49 став 1 точки 1 и 2 и член 50 од наведениот Закон.

5. Судот на седницата утврди дека, Законот за вршење на сметководствени работи е составен од 57 одредби систематизирани во десет глави.

Според членот 1 од Законот, со овој закон се уредуваат условите на вршење на сметководствени работи, субјектите кои вршат сметководствени работи, условите за стекнување со статус на сметководител и овластен сметководител, организацијата и работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на вршењето на сметководствени работи.

– Во иницијативата на Стамен Филипов се наведува дека веќе постоел Закон за сметководство за непрофитните организации и Правилник за сметководството за непрофитните отрганизации, па тргнувајќи од членот 1 од оспорениот закон и наведените факти произлегувало дека со оспорениот закон се вршело „дуплирање“ на веќе уредена законска регулатива. Во таа смисла се поставувало прашањето по кој закон непрофитните организации ќе го вршеле сметководственото работење и по кој закон за нив ќе се применувале прекрошните одредби. Дека тоа било така произлегувало и од членот 3 став 1 од оспорениот Закон.

Според тоа со донесувањето на оспорениот Закон се повредувале членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот, кога веќе при постоечки закони и детални подзаконски прописи се донесувал нов закон, со иста или многу слична содржина, поради што се доведувал во прашање опстанокот за целиот оспорен закон.

Освен тоа, оспорениот закон бил монополски бидејќи со истиот противуставно се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото на сите постоечки сметководители и сметко-водствени бироа во Република Македонија. Поточно тие не ќе можеле да работат понатаму ако не плателе задолжителна чланарина, според член 30 став 1 точка 4 од Законот (не се оспорува посебно во иницијативата), која свесно не била утврдена со Законот, за да можел подоцна Институтот за сметководители и овластени сметководители да ја утврдува колку што сакал и како што сакал, „само да создаде пералница на пари на сметка на сметководителите и сметковод-ствените бироа“. Дека Институтот бил поставен апсолутно моно-полски произлегувало и од член 2 точки 3, 4, 6 и 8, член 20 став 1 и член 21 од Законот (одредби што не се оспоруваат посебно).

Сето наведено не било во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 7 и 8, член 20, член 30, член 32, член 51, член 54 став 1 и член 55 став 1 од Уставот.

Посочувајќи на слободата на здружувањето од членот 20 став 1 од Уставот и членот 2 точка 16 од Законот, во кој Институтот бил дефиниран како професионално здружение на сметководители и овластени сметководители, подносителот на иницијативата наведува дека сепак членувањето се вршело со принуда што произлегувало од предвидените разни дисциплински постапки (член 32 до 39 од Законот) и прекршочните одредби (членови 44 до 47 од Законот). Имено, во Законот било предвидено дека сметководителот, односно овластениот сметководител ќе се брише од соодветниот регистар доколку професионално не се усовршува, не ја плати годишната чланарина, а професионалното усовршување се вршело само и исклучиво преку ново создадениот Институт, што создавало монопол само за тој Институт.

Од наведените причини подносителот на иницијативата смета дека оспорениот закон произведувал монопол и монополско однесување на пазарот, ја ограничувал слободата на пазарот и претпримеништвото на штета на сите постоечки консултантски куќи, книговодствени бироа, трговци поединци и слично, бидејќи само тој ќе можел да врши обука на кадарот како што предвидувал членот 19 од Законот.

Меѓутоа, според него, со оспорениот Закон не можела да се постигне никаква стучна подготовка, освен теоретска формална кавалификација, бидејќи стручноста се остварувала низ редовно образование и со вршење на практична работа, на кој начин се стекнувала комплетна стручност, а тоа не можело да се постигне преку притисоци, наметнување на разни противуставни давачки и ограничувања на основните слободи и права во редовното работење на постоечките сметководители или овластените сметководители.

Потоа, овластениот сметководител го губел правото на понатамошна работа, ако не ја плател годишната чланарина и се бришел од соодветниот регистар, според членот 30 став 1 точка 4 од Законот. Имено, доколку сметководителот не бил во состојба да ја плаќа задолжителната чланарина, од околу 200 евра годишно и плус котизацијата за 20 часа која изнесувала околу 20.000 денари годишно, и ако се имало предвид дека тој кадар во најголем дел земал плата од околу 15.000 денари месечно и евентуално се случело да биде на подолго боледување, произлегувало дека тој практично немал можност да продолжи да работи и да егзистира со своето семејство што било во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 7, 8, член 32, член 51 и член 55 од Уставот.

Исто така, со главите: Дисциплинска постапка, Контрола на работењето, Надзор и Прекршочни одредби, кои ги опфаќаат членовите 32 до 47 од Законот, биле предвидени мерки со кои Институтот се ставал во улога на државен орган, а тој бил дефиниран во членот 2 точка 16 само како здружение што било во спротивност на членот 20 став 1 и 2 од Уставот. Тука требало да се има предвид дека сметководителите кои ги опфаќал наведениот Институт воделе сметководство само за приватниот сектор и во непрофитните организации, а не и за потребите на државата и државните органи, од каде со оспорениот закон не можело на Институтот да му се даде правен статус од јавен интерес. За ова нешто Уставниот суд, според подносителот на иницијативата, веќе се произнел во Одлуката У.бр.247/1995 од 27 декември 1995 година.

Покрај апсолутната монополска положба оспорениот закон произведувал и тотален конфликт на интереси, бидејќи воспоставувал задолжително членување на сите сметководители во Институтот, задолжително издавање на цертификат само и исклучиво преку Институтот, како и спроведување на редовна и перманентна едукација на сите сметководители, со што во иднина сите консултантски куќи и бироа за книговодствени услуги во Македонија требало да престанат да работат, односно ќе биле спречени во нивното работење и на околу 10.000 граѓани ќе им престанел работниот однос, па тие заедно со семејствата ќе останеле без основните услови за нивна егзистенција.

Поради наведените причини, подносителот на иниција-тивата смета дека оспорениот закон во целост бил противуставен, рестриктивен, конфликтен и монополски.

– Во иницијативата на Црвениот крст на Македонија се наведува дека се бара оцена на уставноста на Законот за вршење на сметководствените работи по однос на неговата правна примена на непрофитните организации, бидејќи за нив веќе постоеле Законот за сметководство на непрофитните организации и посебен Правилник за сметководство на непрофитните организации, со кои прописи биле регулирани сите прашања околу сметководството и сметковод-ственото работење, како и правата и обврските на сметководителите. Постоеле и прекршочни одредби за непрофитните организации, за сметководителите во непрофитните организации, од каде со оспорениот закон се вршело противуставно „дуплирање“ на ваквата законска регулатива.

Во наведената смисла се поставувало прашањето по кој закон ќе го водат нивното сметководство и по кој закон би биле прекршочно казнети. Исто така, во праксата оспорениот закон ќе произведувал многу спротивставености во однос на постојниот материјален Закон за сметководство на непрофитните организации (“Службен весник на СФРЈ“ бр.42/2003 до 175/2011), како во материјален, организационен и во стручен дел. Тоа преставувало дополнително оптоварување на и онака скромните средства со кои располагале сите организации на Црвениот крст на Република Маке-донија кои егзистирале од прескромни солидарни средстава, а кои не можеле да ги задоволат и најосновните потреби за кои истите постоеле, а камоли да обезбедат средства за цертифициран сметководител.

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 7 и 8 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право утврдени со Уставот; владеењето на правото; правната заштита на сопственоста; слободата на пазарот и претприемништвото, како и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 20 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружувањето заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според член 30 од Уставот се гарантира правото на сопственоста (став 1), сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2), никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3).

Според член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2). Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1); Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1). Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2). Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето (став 3).

Судот поаѓајќи од наводите во иницијативата на Стамен Филипов за несогласност на целината на оспорениот закон со посочените уставни одредби заради постоење на идентично правно уредување како во Закон за сметководство за непрофитните организации најде дека е потребно да се утврди предметот на уредување во двата наведени закони.

Така, според член 1 од Законот за вршење на сметковод-ствени работи, со овој закон се уредуваат условите на вршење на сметководствени работи, субјектите кои вршат сметководствени работи, условите за стекнување со статус на сметководител и овластен сметководител, организацијата и работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на вршењето на сметководствени работи.

Според член 1 од Закон за сметководство за непро-фитните организации („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2003 и 17/2011), со овој закон се уредува водењето на сметководството, деловните книги, сметководствените документи и обработката на податоците, признавањето на приходите и расходите, проценувањето на билансните позиции, ревалоризацијата, финанси-ските извештаи, доставувањето на финансиските извештаи и други прашања во врска со сметководството на стопанската интересна заедница, здруженија на граѓани и фондации, други облици на здружување, политичките партии, верските заедници, религиозните групи и други, Црвениот крст на Република Македонија, здруженија на странци, странски и меѓународни невладини организации, хумани-тарни организации и здруженија, синдикатите и други правни лица основани со посебни прописи од кои произлегува дека се непрофитни организации, доколку поинаку не е регулирано со друг пропис (во натамошниот текст: непрофитни организации).

Од анализата на наведените законски одредби произле-гува дека во оспорениот закон предмет на уредување се правата и обврските на вршителите на сметководствените работи (сметково-дител и овластен сметководител, организацијата и работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија) додека во Закон за сметководство за непрофитните организации предмет на уредување е правата и обврските на непрофитните организации во врска со водењето на сметкодоствените работи.

Со оглед на тоа наведените закони имаат сосема различен предмет на уредување произлегува дека се неосновани наводите за „дуплирање“ на регулативата, односно за постоење на идентично правно уредување во двата закона. Врз основа на наведеното, исто така, произлегува дека се неосновани наводите и за тоа дека не било јасно по кој закон ќе се применувале прекрошните одредби, бидејќи сметководителите одговараат прекршочно според оспорениот закон, а непрофитните организации според одредбите од Закон за сметководство за непрофитните организации, што е всушност и лесно препознатливо од описот на секој од конкретно предвидените прекршоци. Од друга страна, како се применува конкретен закон во конкретен случај не е прашање кое спаѓа во уставно-судска надлежност.

Исто така, Судот имаше предвид дека во предметот У.бр.268/2009 (формиран по иницијатива на Стамен Филипов), и други изразил правно гледиште, според кое: „Законодавецот нема уставно ограничување за изборот на номотехника при изработката на конкретен закон, односно не постои цврсто правно правило при креирањето на нормите една цела област да биде уредена исклучиво во еден закон или пак правната проблематика да биде уредена во повеќе закони, а уредувањето на правна проблематика во повеќе закони или пак поврзаност на нормите од повеќе закони со иста проблематика особено доаѓа до израз во комплексни, сложени правни области.“

Според Судот, Стамен Филипов во иницијативата упатува на несоодветна уставно-судска практика со посочување на донесената одлука на Судот У.бр.271/1995 од 27 декември 1995 година со која бил укинат член 12 ставови 3, 4 и 5 од Законот за сметководството, кој повеќе не е во правна сила, а поради следното:

Во постапката по наведениот предмет интервентаната одлука на Судот била донесена од причини што било утврдено дека со оспорената законска одредба биле дадени прешироки овлас-тувања на Стручната организација за сметководители, финансиери и ревизори со подзаконските акти да ги уреди прашања што единствено можеле да бидат предмет на законско уредување. Исто така, карактер на доброволно здружување и зачленување во Стручната организација се косел со дадената законска можност со актите на Организацијата да се создадат обврски со што всушност се воспоставувало присилно здружување и ограничување на слободата на здружувањето.

Гледано низ призмата на протокот на релативно долг временски период (17 години по интервентната одлука) тежнеењето на Република Македонија да го усогласи своето со европското законодавство, како и од поставеноста и уреденоста на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија во Законот што е предмет на оспорување, наспрема поставеноста и уреденоста на тогашната Стручна организација во Законот што престанал да важи во 2003 година (пред 10 години) Судот утврди дека посочувањето на уставно-судската практика по предметот У.бр.271/1995 е несоодветно.

Имено, со Законот за вршење на сметководствените работи е основан Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија како професионално здружение, чии надлежности децидно се утврдени во членот 6. Собранието на Институтот (го сочинуваат сите сметководители и овластени сметководители.), Надзорниот одбор, Управниот одбор и претседателот на Институтот (5 години мандат) се органи на Институтот со законски дефинирани надлежности. Помеѓу другото, Собранието на институтот ја утврдува висината на чланарината и висината на надомесокот за издавање на лиценца, но по дадена согласност од Министерството за финансии (член 7 став 3). На кој начин се обезбедуваат средствата за работа на Институтот е определено со Законот. Условите под кои се стекнува статус на сметководител и овластен сметководител се уредени во Главата III од Законот. Изворите за обезбедување на средства за работа на Институтот се законски определени. Во Законот е определено дека Институтот, заради остварување на надлежностите има редовно вработени лица во Стручната служба.

Впрочем, согласно член 90 став 1 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010 и 135/2011) на организациите може да им се довери вршење на јавно овластување, со пренесување на надлежности од орган на државна управа, од орган на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје и други органи кои имаат јавни овластувања, во согласност со закон.

Од направената компарација произлегува дека во прашање се сосема различни законски концепти по однос на поставеноста, уреденоста и законските овластувања на професи-оналното здружение на сметководителите порано и сега.

Во иницијативата на Стамен Филипов, се наведува дека со оспорениот закон Институтот бил поставен во монополска положба и имал монополско однесување со што се повредувале член 8 став 1 алинеја 7 и член 55 од Уставот. Притоа, како одредби од Законот кои продуцирале монополска положба на Институтот се посочуваат член 2 точки 3, 4, 6 и 8, член 19, член 20 став 1, член 21 и член 30 став 1 точка 4, но во неговата иницијатива наведените одредби не се посебен предмет на оспорување.

Според Судот, вака изнесените наводи се неосновани. Имено Институтот е професионално здружение на целиот сметководствен еснаф, тој е основан, токму со оспорениот закон, како единствен облик на здружување заради воедначена примена на сметководствената регулатива, постојано усовршување, остручување и следење на бројните меѓународни стандарди кои се применуваат. Ваков или сличен вид на здружување по однос на поставеноста, надлежностите и овластувањата постои и кај другите еснафи како што се лекарската комора, фармацевтската комора, стоматолошката комора, комората на адвокатите, комората на извршителите, комората на медијаторите, комора на архитекти, нотарската комора и други кои во правниот промет можат да егзистираат само како единствени здруженија заради вршење на работи од јавен интерес и остварување на високостручни цели, кои не дозволуваат невоедначеност во правилата на однесување на пазарот во Република Македонија и надвор од неа. Притоа, Уставниот суд на Република Македонија во досегашната уставно-судска практика не го поставил прашањето за монополско однесување на соодветните комори и друг облици на здружување на еснафите заради тоа што тие егзистираат како единствени субјекти, бидејќи завземал гледиште дека тоа е прашање на целисходност за која одлучува законодавецот, a не е прашање кое може да се оценува од уставно правен аспект (предмет У.бр.231/2009 и други).

Прашањата пак по однос на тоа дали со оспорениот закон ќе се постигне очекуваната стручна подготовка на сметководителите и овластените сметководители, дали тие ќе бидат во можност да ги платат трошоците за чланарина и обука, дали некому ќе му престане работниот однос и како ќе се одразат законските одредби по однос на нивниот стандард, дали правните лица ќе имаат економски потешкотии да ангажираат сметководители или овластени сметково-дители се прашања кои навлегуваат во практичната примена на Законот и не можат да предизвикаат покренување на механизмот на уставно-судска оцена.

Што се однесува до иницијативата на Црвениот крст на Македонија, Судот утврди дека постојат процесни пречки за постапување, бидејќи во неа не е содржана ниту една уставна одредба по однос на чија повреда Судот би требало да врши уставно-судска анализа, како што впрочем бара членот 15 став 2 од Деловникот на Судот.

Имено, според наведената деловничка одредба, иниција-тивата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно одделни негови одредби, меѓу другото, содржи одредби од Уставот односно законот што се повредуваат со оспорениот акт.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тоа што во иницијативата не се означени уставните одредби кои се повредени со оспорениот закон, според Судот преставува процесни пречки за постапување од каде произлегува дека се исполнети условите за отфрлање согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

Исто така, нема услови за навлегување во уставно-судска анализа по однос на наводите за спротивставеноста на оспорениот закон со Законот за сметководство на непрофитните организации објавен во „Службен весник на СФРЈ“ бр.42/2003 до 175/2011, бидејќи Закон како означениот не постои во правниот поредок на Република Македонија, (според број и службено гласило). Во секој случај ваквите наводи водат кон барање да се врши оценка на меѓусебната согласно на два закона, за што според член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен. Оттаму по однос на овие наводи исполнети се условите за отфрлање на иницијативата според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот.

Врз основа на сето наведено Судот оцени дека Законот за вршење на сметководствени работи, како целина, оценуван преку аспектите во иницијативата на Стамен Филипов е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 7 и 8, член 20, член 30, член 32, член 51 ставови 1 и 2, член 54, став 1 и член 55 од Уставот. Иницијативата на Црвениот крст на Република Македонија за поведување на постапка за оценување на уставноста на целината на Законот не е подобна за устравно-судска оцена, согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот.

6. Судот на седницата утврди дека, во член 19 став 1 од Законот е определено дека сметководителите се должни да посетат обука за континуирано професионално усовршување од најмалку 90 часа за период од три години, при што најмалку 20 часа во текот на една година заради надградување на знаењето во областа на сметководството.

Заради надградување на знаењето во областа на сметководството, овластените сметководители се должни да посетат обука за континуирано професионално усовршување од најмалку 120 часа за период од три години, при што најмалку 30 часа во текот на една година (став 2).

Обуката од ставовите 1 и 2 на овој член ја организира и спроведува Институтот во соработка со други правни лица кои спроведуваат стручно усовршување и едукација од областа на сметководството, финансиите или даноците и физички лица со соодветни квалификации од наведените области (став 3).

Поблиските критериуми за избор на правните и физичките лица од ставот 3 на овој член ги утврдува Институтот.

Во иницијативата на Кирил Величковски се наведува дека член 19 од Законот бил спротивен на Уставот бидејќи на граѓаните им било ускратено правото слободно да избираат, да се едуцираат и да ја развиваат својата професија.

Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно одделни негови одредби, меѓу другото, содржи одредби од Уставот односно законот што се повредуваат со оспорениот акт.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, тргнувајќи од наводите од иницијативата на Кирил Величковски по однос на оспорениот член 19 од Законот Судот утврди дека иницијативата во овој дел треба да се отфрли поради постоење на процесни пречки. Ова од причини што во иницијативата не може да се препознае нумеричко или содржинско означување на било која одредба од Уставот што би била повредена и по однос на која Уставниот суд треба да направи уставно-судска анализа на уставноста на членот 19 од Законот. Ова и од причина укажувањето во иницијативата за повреда на Уставот заради ускратено правото на граѓаните слободно да избираат, да се едуцираат и да ја развиваат својата професија не може да се поврзе на директен или индиректен начин со конкретна уставна одредба.

Врз основа на наведеното Судот одлучи иницијативата на Кирил Величковски по однос на оспорениот член 19 од Законот да ја отфрли, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

7. Судот на седницата утврди дека, според член 28 став 2 од Законот, сметководствени работи не може да врши:

1) сметководител, односно овластен сметководител кој е со над 2% од акциите со право на глас, односно влоговите кај обврзникот за водење на сметководство и
2) трговец поединец – сметководител, трговец поединец – овластен сметководител, односно друштво за вршење на сметко-водствени работи кој е акционер или вложувач со над 2% од акциите со право на глас, односно влоговите кај обврзникот за водење на сметководство.

Според член 44 точка 2 од Законот, глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на сметководителот, односно овластениот сметководител, меѓу другото, ако врши сметководствени работи спротивно на членот 28 став (2) точка 1 од овој закон;

Во членот 45 став 1 точка 7 од Законот е определено дека, глоба во износ од 3.000 до 4.000 евра во денарска против-вредност ќе му се изрече на трговец поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител и друштвото за вршење на сметководствени работи, меѓу другото, ако врши сметководствени работи кај обврзник за водење на сметководство во спротивност на членот 28 став 2 точка 2 од овој закон.

Во иницијативата на Стамен Филипов се цитираат член 28 став 2, член 44 точка 2 и член 45 став 1 точка 7 од Законот и се наведува дека во нив биле предвидени противуставни ограничувања на сметководителот, односно на овластениот сметководител на начин што се предвидувало дека тие не можеле да вршат сметководствени работи ако биле членови на некој орган, акционери или основачи на друштво. Но тоа не било можно бидејќи истите лица биле и основачи и органи на управување, а ова требало да се спореди со содржината на членот 13 и членот 14 од Законот за трговските друштва. Според тоа наведените одредби биле во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 51 и член 55 од Уставот.

Тргнувајќи од анализата на оспорените одредби од Законот, произлегува дека во нив законодавецот предвидел дека сметководител, односно овластен сметководител, трговец поединец – сметководител и трговец поединец-овластен сметководител кои имаат право на глас со над 2% од акциите, односно влоговите кај обврзникот за водење на сметководство не можат да вршат сметководствени работи за тој обврзник за што се предвидени соодветни прекршочни казни.

Според оцена на Судот законодавецот тргнал од правилна и уставно издржана правна логика лицето кое е основач или член на управување на сметководствен обврзник (според законо-давецот со право на глас со над 2% од акциите, односно влоговите) да не може да врши сметководствени работи за обврзникот, бидејќи во спротивно би се довел во состојба сам за себе да ги направи сметководствените услуги, со ризик за појава на пристрасност во работењето и голема веројатност за влијание врз управувањето.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорените член 28 став 2, член 44 точка 2 и член 45 став 1 точка 7 од Законот, ценети од аспектите на иницијативата се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 51 и член 55 од Уставот.

8. Судот на седницата утврди дека, според член 30 став 1 точка 5 од Законот, сметководителот, односно овластениот сметководител се брише од соодветниот регистар, меѓу другото, доколку е осуден со правосилна судска пресуда во врска со работењето.

Во иницијативата на Стамен Филипов се наведува дека со оспорената одредба се предвидувало правосилната пресуда да преставува основ за бришење од соодветниот регистар на сметководители и овластени сметководители, но бришењето не се вршело од страна на надлежен суд орган, туку од страна на орган кој дискреционо одлучувал за бришење од соодветниот регистар и тоа за секогаш, без да се конкретизира за какво работење станува збор и без да се определи санкцијата што треба да е изречена.

Според тоа, оспорената одредба давала можност да дојде до бришење од регистарот и кога било изречено ослободување, при условна осуда или пак при осуда за дела кои не биле во врска со професијата сметководител, односно овластен сметководител, поради што подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба не била прецизна, била недоречена, а тоа создавало основ за правна несигурност од каде истата не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 ставови 1 и 2, член 51 став 1 и член 54 став 1 од Уставот.

Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македо-нија: „Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука“. Според член 14 став 2 од Уставот: „Никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука“.

Согласно член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремената невработеност, и секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Oд анализата на оспорениот член 30 став 1 точка 5 од Законот произлегува дека законодавецот предвидел Институтот да го брише сметководителот, односно овластениот сметководител од соодветниот регистар, доколку е осуден со правосилна судска пресуда во врска со работењето.

Поаѓајќи од содржината на изнесените уставни одредби Судот оцени дека со ваквата формулација се пропшишува правна последица од осуда во врска со работењето, (што е премногу општа формулација) што се состои во трајно губење на веќе стекнатото право за работа како сметководител или овластен сметководител и тоа по сила на закон, а не како резултат на правосилната судска одлука и правните последици предвидени во неа.

При оценувањето на уставноста на одредбата Судот тргна од двата принципи на казненоправниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа е: дека казната може да се изрече само со судска одлука и дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа значи дека согласно наведените уставни одредби казненоправниот однос се исцрпува на релација казниво дело и судски изречена казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Од друга страна, формулацијата „осуда со правосилана судска пресуда во врска со работењето“ преставува недоволно јасна законска формулација која отстапува од општите правила и рамки за пропишување на правните последици од осудата утврдени во Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр. 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 114/2009, 51/11, 135/2011, 185/2011, 142/2012 и 166/2012). Така, според член 101 од Кривичниот законик, правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор. Правни последици можат да се предвидат само со закон. Според член 102 од истиот законик, правните последици од осудата настапуваат со денот на право-силноста на пресудата. Правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна. Со бришење на осудата престануваат правните последици од осудата.

Во конкретниот случај законодавецот предвидел бришење од содветниот регистар за било каква осуда (прекршочна или кривична) без оглед на видот на изречената казна (условна осуда, парична или затворска казна), неводејќи сметка дека правните последици на осудата се надоврзуваат, односно може да се трпат само врз основа на правосилна судска пресуда, за конкретен вид на кривично дело и само ако лицето е осудено на казна затвор.

Начинот на кој сега е формулирана оспорената законска одредба, според Судот недоволно е прецизен и јасен и како таков не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото гарантиран со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, го повредува уставното начело на презумпција на невиност (член 13 став 1), бидејќи доведува до тоа лицето да се смета за виновно пред неговата вина да биде утврдена со правосилна судска одлука, како и принципот на легалитет од член 14 став 1 од Уставот, со тоа што овозможува лицето да биде „казнето“, односно да трпи последица за сторување на недефинирано дело и недефинирана казна, и тоа автоматски по сила на закон, а не со правосилна судска одлука.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека по однос на оспорениот член 30 став 1 точка 5 од Законот основано може да се постави прашањето за негова согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1, член 14 став 2 и член 32 од Уставот.

9. Судот на седницата утврди дека, според член 40 став 1 од Законот, контрола на работењето на вршителот на сметко-водствени работи, трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител и друштвото за вршење на сметководствени работи (во натамошниот текст: субјекти на контрола) врши Институтот.

Според ставот 2 од истиот член од Законот, контролата од ставот 1 на овој член опфаќа проверка на:

1) усогласеноста на работењето со одредбите на овој закон и законите и подзаконските прописи со кои се регулира водењето на сметководството и
2) усогласеноста на нивното работење со актите на Институтот за исполнување на барањата на Кодексот на етика за професионалните сметководители на IFAC.

Според ставот 3 од истиот член од Законот, контролата се врши согласно со годишната програма на Институтот за контрола на работењето на вршителот на сметководствени работи, трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметково-дител и друштвото за вршење на сметководствени работи или на барање на заинтересирани страни.

Во ставот 4 од членот 40 од Законот е определено дека, контролата од ставот 1 на овој член се спроведува на објективен и независен начин и со постапка која исклучува судир на интереси меѓу лицето кое ја спроведува контролата и субјектот на контрола.

Во ставот 5 од членот 40 од Законот е определено дека, контролата од ставот 1 на овој член ја вршат овластени сметково-дители вработени во стручната служба на Институтот со најмалку пет години работно искуство во вршењето на сметководствени работи.

Лицето одговорно за контрола составува извештај за извршената контрола во кој ги наведува своето мислење, утврдените неправилности и незаконитости, препораките за корективни дејства и рокот за отстранување на утврдените неправилности и незаконитости, според ставот 6 од членот 40 од Законот.

Извештајот од ставот 6 на овој член се доставува до субјектот на контрола кој има право на приговор во рок од пет дена од денот на приемот на извештајот. Управниот одбор одлучува по приговорот во рок од пет дена од денот на приемот, според ставот 7 од членот 40 од Законот.

Субјектот на контрола е должен во рокот определен во извештајот од ставот 6 на овој член да ги отстрани утврдените неправилности и незаконитостите и до Институтот да поднесе извештај во кој ќе ги опише преземените мерки и ќе приложи документи и докази за отстранување на неправилностите и незаконитостите, според ставот 8 од членот 40 од Законот.

По истекот на роковите од ставот 7 на овој член извештајот за извршената контрола се објавува на веб страницата на Институтот, според ставот 9 од Законот.

Во иницијативата на Кирил Величковски по однос на оспорениот член 40 од Законот се наведува дека бил спротивен на членот 18 од Уставот, со оглед на тоа што сметководителот и овластениот сметководител всушност обработувале туѓи документи и податоци кои единствено можеле да ги контролираат надлежни јавни државни институции со претходно издаден Налог за контрола.

Според членот 18 од Уставот, се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистри-рањето на информации за нив преку обработка на податоците.

Според Судот наводите во иницијативата за повреда на членот 18 од Уставот се неосновани. Ова од причина што на Институтот врз основа на Законот за вршење на сметководствени работи, токму од законодавецот, му се пренесени јавни овластувања да ја контролира работата на вршителот на сметководствени работи, трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител и друштвото за вршење на сметководствени работи, со целосна доверба дека таквата контрола ќе биде извршена согласно позитивните законски прописи и на највиско професионално ниво. Доколку настапат неправилности во работењето странките имаат можност, во заштита на своите права, да водат управен или друг вид на спор.

Дали пак некоја јавна државна институција наспроти Институтот подобро и попрофесионално би ја направила предви-дената контрола е прашање кое води кон оценување на цели-сходноста на законското решение за што Судот нема надлежност да одлучува. Тоа што во одредбата не е предвидено „издавање на налог за контрола“ преставува барање во одредбата да се внесе содржина каква што подносителот на иницијативата смета дека е правилна и правно издржана, што излегува надвор од надлежностите на Судот, кој нема надлежност да креира норми.

Врз основа на наведеното Судот утврди дека членот 40 од Законот, рагледуван од аспектите на иницијативата, е во согласност со член 18 од Уставот.

10. Судот на седницата утврди дека, според член 49 став 1 точка 1 од Законот, лицето кое до влегувањето во сила на овој закон вршело сметководствени работи може да поднесе барање за добивање уверение за овластен сметководител во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, ако има средно образование и најмалку десет години работно искуство во вршење на сметководствени работи, односно вишо образование (прв степен) и најмалку осум години работно искуство во вршење на сметководствени работи.

Според наводите на Кирил Величковски, оспорената одредба била контрадикторна со членот 15 став 3 од истиот Закон и била противуставна (не се означуваат уставни одредби) од причини што во Законот веќе еднаш зададените услови за стекнување на статус на овластен сметководител од членот 15 став 3 се игнорирале и со оспорената одредба се дозволувало со статус на овластен сметководител да се стекнат и лица кои не ги исполнувале општите услови.

Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќа ја отфрли иницијативата ако не е налдежен да одлучува за барањето.

Согласно член 15 став 2 од Законот, кон барањето за полагање на испит за стекнување уверение за овластен сметко-водител задолжително се доставува: 1) уверение за завршено високо образование од областа на економијата или бизнисот; 2) потврда од Агенцијата за вработување за работен стаж; 3) потврда од работодавач за најмалку три години работно искуство во вршење на сметководствени работи и 4) доказ за уплата на надоместокот за полагање на испитот.

Според Судот, во иницијативата не се посочени уставните одредби кои би биле повредени со оспорениот член 49 став 1 точки 1 и 2 од Законот за вршење на сметководствените работи. Укажу-вањето, пак, на неговата неусогласенот со членот 15 став 3 од истиот закон води кон поставување на барање за меѓусебна оцена на согласноста на две одредби од еден ист закон, што согласно член 110 од Уставот не спаѓа во надлежност на Уставниот суд.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, се исполнети условите за отфрлање на иницијативата по однос на оспорениот член 49 став 1 точки 1 и 2 од Законот.

11. Судот на седницата утврди дека, според член 50 став 1 од Законот, барањата од членовите 48 и 49 од овој закон се поднесуваат до Министерството за финансии.

Министерството за финансии уверенијата од членовите 48 став 1 и 49 став 1 од овој закон ги издава во рок од 30 дена од поднесувањето на барањето од ставот 1 на овој член (став 2).

Уверенијата од членовите 48 став 1 и 49 став 1 од овој закон се со важност од 24 месеци од денот на издавањето (став 3).

По исклучок од ставот 3 на овој член, на лицата со над 25 години работно искуство во вршење на сметководствени работи Министерството за финансии им издава уверение со трајна важност (став 4).

По истекот на рокот од ставот 3 на овој член лицето кое добило уверение за сметководител или овластен сметководител согласно со членот 48, односно членот 49 од овој закон нема право да врши сметководствени работи доколку не го положи испитот за сметководител или овластен сметководител согласно со овој закон (став 5).

Според ставот 6 од членот 50 од законот, Министерството за финансии води евиденција за издадените уверенија од членовите 48 став 1 и 49 став 1 од овој закон, која особено содржи податоци за:

1) бројот на издаденото уверение;
2) датумот на издавање на уверението;
3) датумот на истек на важноста на уверението;
4) видот на уверението;
5) лични податоци на подносителот на барањето;
6) образование на подносителот на барањето и
7) работно искуство на подносителот на барањето.

Во иницијативата на Кирил Величковски се оспорува целината на членот 50 од Законот, но се цитираат ставовите 2, 3 и 4 од наведената одредба (без ставовите 1, 5 и 6). Потоа, се наведува дека целината на членот 50 од Законот била спротивна на членот 9 од Уставот, бидејќи со оспорената одредба им се давало ексклузивно право на одредена група на граѓани кои не ги исполнувале условите ниту со образование согласно членот 15 став 3 од Законот за да се стекнат со трајна лиценца со стаж од 25 години.

По однос на оспорениот член 50 од Законот, но и по однос на оспорените член 19, член 40, член 49 став 1 точка 1 и член 50 од Законот во иницијативата на Кирил Величковски е содржан и заеднички навод според кој сите одредби биле спротивни на Делот I-Основни одредби и Делот II-Основни слободи и права од Уставот. Ова од причина што целта за донесување на Законот била, покрај другото, да се уредат условите за стекнување со статус на сметководител и овластен сметководител. Меѓутоа, при уредувањето не се постапило еднакво со сите субјекти кои вршеле сметко-водствени работи. Поточно со оспорените одредби се овозможило да и лицата со средно, вишо и високо образование, со одредено работно искуство стекнат уверение за сметководител или овластен сметко-водител и еднакво звање без оглед на нивното образование.

На ваков начин законодавецот дозволил да и лицата со средно и више образование, со одредено работно искуство, се стекнат со уверение за сметководител или овластен сметководител, изедначувајќи ги со лицата кои имале високо образование, од каде лицата со високо образование биле доведени во понеповолна положба по однос на лицата со средно и вишо образование.

Поради сето наведено подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби биле спротивни на уставноста и законитоста, односно при нивното донесување законодавецот не водел доволно сметка и не ги инкорпорирал принципите на уставност и законитост во оспорените законски одредби. Поради сето се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законистоста на оспорените одредби.

Во иницијативата на Стамен Филипов по однос на оспорениот член 50 став 4 од Законот се наведува дека, бил во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 7 и 8, член 9, член 30, член 32, член 51, член 54 и член 55 од Уставот. Имено, сметко-водителите и овластените сметководители со стекната диплома и стекнато работно искуство, кога за прв пат се вработувале, не очекувале дека многу подоцна од нивното вработување би морале да полагат и посебен испит за сметководител и овластен сметководител и за тоа „дебело“ да плателе, со што биле изневерени нивните реални очекувања и во исто време била загрозена нивната правна и социјална сигурност. Со самото тоа граѓаните пред Уставот и зако-ните не биле еднакви, како што предвидувал членот 9 од Уставот, се доведувало во прашање загарантираното право на сопственост, правото на работа и гарантираната слобода на пазарот и прет-приемништвото, а овие слободи и права можеле да се ограничат само според членот 54 од Уставот.

По однос на оваа оспорена одредба Стамен Филипов посочува на уставно-судската практика по предметот У.бр.247/1995. Воедно предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето согласно член 27 од Деловникот, заради можноста од настанување на тешко отстранливи последици.

Поголемиот дел од уставните одредби на кои се пови-куваат подносителите на иницијативата по однос на оспорениот член 50 од Законот се цитирани во претходните точки на ова решение.

Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верско уверување, имотната и опште-ствената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во иницијативата на Кирил Величковски се оспорува целината на членот 50 од Законот, но според содржината на наводите произлегува дека предмет на оспорување всушност е членот 50 став 4 од Законот од кои причини ставовите 1, 2, 3, 5, и 6 од Законот (поради немање на причини за оспорување) не се предмет на уставно-судска оцена. За него од уставен аспект е спорно тоа што во одредбата на лицата со над 25 години стаж им се давало ексклузивно право да се стекнат со трајна лиценца иако не ги исполнувале условите ниту со образование согласно членот 15 став 3 од Законот. На овој начин се создавала нееднаквост помеѓу граѓаните со што бил повреден членот 9 од Уставот.

За Стамен Филипов, пак, членот 50 став 4 од Законот не бил во согласност со Уставот затоа што предвидувал сметково-дителите и овластените сметководители со стекната диплома и стекнато работно искуство, многу подоцна од нивното вработување, да морат да полага и посебен испит за сметководител и овластен сметководител со што биле изневерени нивните реални очекувања и во исто време била загрозена нивната правна и социјална сигурност.

Тргнувајќи од анализата на членот 50 став 4 од Законот, произлегува дека со него законодавацеот определува издавање на уверенија со трајна важност за лицата со над 25 години работно искуство во вршење на сметководствени работи за разлика од уверенијата со ограничено времетраење за лицата кои исполнуваат други услови (понизок степен на образование или пак пократко работно искуство).

Според Судот ваквата определба на законодавецот не ги доведува во нееднаква положба лицата опфатени во членот 50 од Законот, или пак од во Законот како целина, бидејќи во прашање се лица кои се наоѓаат во нееднаква правна положба (разричен степен на образование и различно работно искуство по времетраење).

Дека законодавецот има балансиран пристап по однос на образованието и работно искуство (понизок степен на образование поголем број на години работно искуство и обратно) произлегува и од содржината на членовите 48 и 49 од Законот во кои, како преодни одредби, е определено под кои услови лицето кое до влегувањето во сила на овој закон вршело сметководствени работи може да поднесе барање за добивање уверение за сметководител односно за овластен сметководител.

Впрочем во прашање е нов законски режим во стекнувањето на статусот на сметководителите и овластените сметководители кој важи за сите лица под еднакви услови и тоа повлегувањето на Законот во сила па во иднина, со оставен временски период за исполнување на предвидените услови при што во доволна мера е водено сметка да се направи поврзување помеѓу искуството стекнато со образованието и искуството стекнато со вршење на работите.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека членот 50 став 4 од Законот, ценет од аспектите на иницијативите е во согласност со 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 7 и 8, член 9, член 30, член 32, член 51, член 54 и член 55 од Уставот.

– Судот по однос на заедничкиот навод од иницијативата на Кирил Величковски дека член 19, член 40, член 49 став 1 точка 1 и член 50 од Законот биле спротивни на Делот I-Основни одредби и Делот II-Основни слободи и права од Уставот оцени дека не можат да го покренат механизмот на уставно-судска оцена бидејќи е недоволно прецизен и јасен и води кон тоа четирите законски одредби да бидат предмет на оценување по однос на нивната согласност со 60 на број одредби од Уставот, без да притоа бидат образложени посебните причини за таквата оцена. Исто така, Судот нема надлежност да цени законитост на закон како што се бара во иницијативата.

Оттаму Судот одлучи иницијативата за оценување на уставноста на членот 50 ставови 1, 2, 3, 5 и 6 од Законот да се отфрли поради постоење на процесни пречки согласно член 28 алинеја 3 в.в. со член 15 став 2 од Деловникот.

– Со оглед на тоа што за целината на Законот и поголемиот дел од оспорените законски одредби Судот одлучи да не поведе постапка за оценување уставноста не постојат условите од членот 27 од Деловникот за запирање на извршувањето на поединечните акти донесени врз основа на оспорениот закон и посебно оспорените одредби.

12. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

13. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Решението по однос на член 30 став 1 точка 5 и член 50 став 4 од Законот е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.141/2012
17 април 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски