Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 17 април 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузна дејност (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2012).
2. Занаетчиската комора Скопје од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата, наведува дека според оспорената одредба како обврзници за плаќање на радиодифузна такса се сметаат и занаетчиите кои немаат деловно седиште, туку регистрирана дејност на адресата на живеење и дејност која ја вршат од место во место како што се: молерите, ѕидарите, плочкарите, кровопокриварите, електромеханичарите, кои воопшто не слушаат радио од причина што одат на терен или пак работат дома. Притоа, радиодифузната такса ја плаќаат и како семејно домаќинство и како занаетчија кој има статус на физичко лице кое врши дејност, од каде два пати плаќаат за радиодифузна такса за ист радио апарат или пак за иста услуга. Исто така, некои од нив и воопшто не ја користат услугата заради карактерот на дејноста (ковачи, столари, бравари, изработувачи на ковано железо и слично).
Имајќи предвид дека се работи за категорија на лица кои: немаат радиоприемник, заради карактерот на работата не можат да го користат, или пак имаат регистрирана дејност во местото на живеење (плаќаат според член 146 став 1 алинеја 1 од Законот) произлегувало дека истите имаат двојна обврска да платат само поради околност што адресата на живеење им е иста со адреса на деловното седиште.
Во натамошниот тек на иницијативата се цитираат член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 50, член 51 и член 55 од Уставот и се наведува дека со оспорената одредба од Законот се овозможува едно физичко лице занаетчија да плаќа два пати радиодифузна такса и тоа како физичко лице член на семејно домаќинство и физичко лице-занаетчија, со што се повредува начелото на еднаквост. Притоа се појаснува дека занаетчиите се регистрираат како трговци поединци или пак како трговски друштва во трговскиот регистар заради вршење на трговска, угостителска или занаетчкиска дејност согласно одредбите од Законот за вршење на занаетчиската дејност.
Врз основа на наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената законска одредба, а потоа истата да ја укине. Исто така, се бара Судот да ги избрише занаетчиите од базата на обврзници за плаќање на радиодифузна такса, бидејќи истата или не ја користате или пак за неа плаќаат како семејно домаќинство.
3. Судот на седницата утврди дека, во оспорениот член 4 од Законот е предвидено дека во членот 146 став 1 по алинејата 2 се додава нова алинеја 3, која гласи:
„- трговци поединци регистрирани согласно со Законот за трговските друштва, како и вршители на дејност регистрирани согласно со закон, до 20 вработени, по една радиодифузна такса,“.
4. Според членот 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според членот 50 од Уставот на Република Македонија, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност. Исто така, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 55 од Уставот, се гаранитира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презма мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Тргнувајќи од содржината на членот 33 од Уставот произлегува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Со оспорената одредба се предвидува обрска за плаќање на една радиодифузна такса од страна на секој трговец поединец регистриран согласно со Законот за трговските друштва, како и вршителот на дејност регистрирани согласно со закон, до 20 вработени.
При формирање на правното мислење по повод предметната иницијатива Судот го имаше предвид становиштето содржано во образложението на решението У.бр.172/2006 од 15 ноември 2006 година, каде предмет на оцена, меѓу другото, бил тогашниот став 3 од членот 146 од Законот, сега позициониран како став 4 од членот 146 од Законот. Во оваа одредба од Законот е предвидено дека радиодифузна такса плаќаат правни лица и сопственици на деловен простор, на секои 20 вработени или други лица кои го користат деловниот простор и тоа по една радиодифузна такса. Според становиште на Судот изразено во наведениот предмет радиодифузната такса има карактер на јавна давачка која е уставна категорија и секој е должен да ја плаќа и да учествува во намиру-вањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
По повод слични наводи за наплаќање на радиоди-фузната такса двапати и тоа прво, како физички лица (според член 146 став 1 алинеја 1 од Законот) и второ, како правни лица или сопственици на деловен простор, (според алинеја 3 на став 1 од овој член од Законот, сега алинеја 4), во случај кога едно исто физичко лице е основач на правно лице, Судот утврдил дека се неосновани со оглед на тоа што статусот на граѓаните – физички лица и на правните лица е различен и тие во однос на правата, обврските и должностите не може да се изедначуваат, односно во тој поглед не може да се стави знак на еднаквост меѓу овие две категории на субјекти на правото.
Од друга страна, со оглед на тоа што членот 9 од Уставот се однесува за еднаквоста само на граѓаните, а не и за правните лица, според Судот ваквите и слични наводи во иницијтивите, не можеле да претставуваат основ за изразување на сомневање во согласноста на член 146 став 1 во целина, ниту на алинејата 3 од овој член на Законот (сега алинеја 4) со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот, во однос на кои се оспорува нивната уставност.
Судот не ги прифатил како основани и наводите од иницијативата дека обврската за плаќање на радиодифузната такса настанувала независно дали се користи или не услугата, при што не бил запазен принципот на еквивалентност во давањето што важел за облигационо правните односи и за другите јавни давачки, и завземал становиште дека радиодифузната такса всушност е јавно правен, а не облигационо правен однос.
Врз основа на наведеното произлегува дека Уставниот суд веќе се произнел за суштината на правните прашања кои сега се покренуваат со предметната иницијатива, по повод слични и скоро идентични одредби и причини за оспорување на уставноста членот 146 став 4 од Законот (тогаш став 3) и не нашол основ за изразување на сомнение по однос на неговата согланст со Уставот, но оспорениот член 4 од законот не бил формално предмет на уставно-судска оцена.
Оттаму, Судот по однос на оспорениот член 4 од Законот цени дека е одредба со која се утврдува обрска за плаќање на радиодифузна такса за трговци поединци регистрирани согласно со Законот за трговските друштва, како и вршители на дејност регистрирани согласно со закон, до 20 вработени, пришто вака утврдената такса има карактер на јавна давачка, за која се плаќа согласно членот 33 од Уставот и тоа без оглед дали приемникот се користи или не и дали лицата кои подлежат на обврската имаат иста адреса на живеење и седиште на регистрираниот трговец поединец или пак трговско друштво. Исто така, статусот на граѓаните-физички лица и на регистрираните занаетчии е различен и тие во однос на правата, обврските и должностите не може да се изедначуваат, а принципот на еквивалентност во давањето не е од значење кај радиодифузната такса која има јавно правен, а не облигационо правен карактер.
Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорениот член 4 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 33, член 50, член 51 и член 55 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.147/2012
17 април 2013 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски