Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 април 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Правното мислење во врска со постапките за извршување на извршни наслови за присилно изречени казни или надоместоци на штета за сторени кривични дела од Главата 18 Кривични дела против честа и угледот од Кривичниот законик, донесено од Комората на извршители на Република Македонија бр.18-1 од 4 јануари 2013 година.
2. Центар за развој на медиуми – Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, ставовите изразени во оспореното правно мислење на Комората на извршители во кое било наведено судските трошоци да ги подмири должникот било спротивно на член 25 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета во кој било предвидено од денот на влегување во сила на истиот да се запреле од извршување правосилно изречените казни или надоместоци на штета за сторени кривични дела од Главата 18 на Кривичниот законик, кои се однесувале на кривични дела против честа и угледот, како и на член 7 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на РМ“ бр.142/2012), кој предвидувал запирање на постапките.
3. Судот на седницата утврди дека оспореното правно мислење донесено од Управниот одбор на Комората на извршители на Република Македонија предвидува дека согласно член 7 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на РМ“ бр.142 од 13.11.2012 година) в.в со член 25 став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета („Службен весник на РМ“ бр.143 од 14.11.2012 година) Стручниот совет едногласно зазеде став и е на мислење дека сите барања за извршување на извршни наслови за присилно изречени казни или надоместоци на штета за сторени кривични дела од Главата осумнаесетта „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик („Службен весник на РМ“ бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011 и 185/2011) и според одредбите на друг закон, поднесени од доверителите после 22.11.2012 година извршителите нема да постапуваат освен за судските трошоци досудени во тие пресуди.
Извршувањата започнати пред 22.11.2012 година со денот на стапување на сила на напред споменатите закони се запираат во делот на казната или надоместоците за штета за сторени кривични дела.
Дејствијата преземени до 22.11.2012 година кои се однесуваат на извршување на казната или надоместоците на штета за сторените кривични дела извршителот со заклучок ги става вон сила.
За судските трошоци определени во извршната исправа извршителот продолжува да го спроведува извршувањето.
Трошоците на извршување за дејствијата преземени за наплата на изречените казни или наплата на штета направени до 22.11.2012 година паѓаат на товар на должникот.
Извршителот нема право на наплата за трошоците на постапката за извршување сторени со преземање на извршните дејствија за наплата на паричните казни и надоместоците за штета по 22.11.2012 година.
За дејствијата кои што се преземаат за извршување на судските трошоци определени во извршната исправа трошоците на извршувањето ги поднесува должникот.
4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Ценејќи ги наводите истакнати во иницијативата по однос на Правното мислење донесен од Комората на извршители на Република Македонија, Судот оцени дека Уставниот суд на Република Македонија треба и понатаму да го следи ставот изразен во својата одлука – Решение У.бр.53/2010 од 26 мај 2010 година, како У.бр.223/2010 од 2 март 2011 година, каде Судот утврдил дека начелен став на Врховниот суд на Република Македонија, односно Правно мислење за присилна наплата на Одделот за Граѓански дела на Врховниот суд, не е пропис од општ карактер во смисла на член 110 од Уставот.
Имајќи го во вид фактот дека со иницијативата не се бара оценување на уставноста и законитоста на пропис, за што, согласно член 110 од Уставот е надлежен да одлучува Уставниот суд на Република Македонија, туку се бара оценување на законитоста на Правно мислење на Комората на извршители на Република Македонија, со кои се зазема правен став по однос на определено правно прашање и е во функција за единствена примена на законите и ги обврзуваат само определен круг на граѓани, Судот оцени дека оспорениот акт нема карактер на пропис, односно акт бидејќи нема дејство erga omnes.
Со оглед на тоа што оспорениот акт не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, туку со истиот се обезбедува единство во примената на законот од страна на Комората на извршители, според Судот исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.28/2013
3 април 2013 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски