Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 март 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за продажба на станови во држaвна сопственост кои потекнуваат од станбениот фонд на поранешната Југословенската Народна Армија („Службен весник на Република Македонија“ бр.71/2003 и 41/2004).
2. Димитрија Атанасовски, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точкaта 1 на ова решение.
Подносителот на иницијативата наведува дека во оспорениот Закон се уредуваат условите, начинот и постапката за продажба на становите во државна сопственост кои потекнуваат од станбениот фонд на поранешната Југословенската Народна Армија, а продажбата на овие станови, би се вршела на лица вработени во Министерството за одбрана, како станови во општествена сопственост.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото и дека според член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Во оваа смисла, во членот 15 од Законот за државната управа биле утврдени надлежностите на Министерството за одбрана според кои законски одредби, ова министерство немало надлежности од станбената област. Во иницијативата се наведува дека со Законот за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/1994), било основано јавно претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор кое имало надлежност за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија. Според наводите во иницијативата становите кои потекнуваат од станбениот фонд на поранешната Југословенската Народна Армија биле во државна сопственост и неправилно биле изземени од другите станови во државна сопственост. Ова дотолку повеќе што овие станови би се продавале како станови во општествена сопственост и подносителот на иницијативата смета дека ваков вид на сопственост не познавал Уставот на Република Македонија, па не било потребно само определена група на станови без оглед од каде потекнуваат, да имаат статус на општествена сопственост и наведува дека ваквите одредби се спротивни со член 8 став 1 од Уставот.
Подносителот на иницијативата во продолжение наведува дека становите кои потекнуваат од станбениот фонд на поранешната Југословенската Народна Армија ќе се продавале само на лицата кои биле вработени во Министерството за одбрана, што според негово мислење, било во спротивност со одредбите од член 9 став 2 од Уставот, од причина дека во правна состојба, кога во Република Македонија имало Закон за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија, и поради тоа не било потребно да се привилегира еден вид на државна сопственост во однос на нејзиното потекло (станбениот фонд на поранешната Југословенската Народна Армија) како и да биде привилегирана одредена група на лица по однос на нивното работно место (вработени во Министерството за одбрана).
Поради наведеното, му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оцена на уставноста на Законот за продажба на станови во државна сопственост кои потекнуваат од станбениот фонд на поранешната Југословенската Народна Армија во целина.
3. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според член 4 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија и член 119 став 1 од Уставот на Република Македонија, Република Македонија како рамноправен правен наследник на Социјалистичка Федеративна Република Југославија со другите републики, врз основа на договор во однос на правното наследство, може да презема права и обврски настанати од создавањето на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Помеѓу овластени претставници на Република Македонија и Социјалистичка Федеративна Република Југославија е склучен Договорот Аџиќ – Глигоров во 1992 година, во кој меѓудругото едно од договорените прашања за кои е постигната спогодба е: становите кои потекнуваа од станбениот фонд на поранешната Југословенската Народна Армија, а се наоѓаат на територијата на Република Македонија, да прејдат во сопственост на Република Македонија, а како корисник се јавува Министерството за одбрана на Република Македонија.
Министерството за одбрана на Република Македонија до 1996 година стопанисуваше со овие станови како и со продажбата на истите, која се вршеше согласно тогаш важечкиот Закон за станбено обезбедување во Југословенската Народна Армија. Од месец септември 1996 година со престанокот на важноста на овој закон, за овие станови започна примената на Законот за продажба на становите во општествена сопственост („Службен весник на РМ“ бр.36/1990, 62/1992, 7/1998, 24/2003 и 24/2011),а постапката и понатаму ја спроведуваше Министерството за одбрана на Република Македонија. Во 1998 година со донесувањето на Законот за домување „Службен весник на Република Македонија“ бр.21/1998, 48/2000, 39/2003, 96/2004, 120/2005 и 13/2007), престанаа да важат: Законот за станбени односи, Законот за сопственост на делови од згради, Законот за пренамена на заеднички простории во станови и дел од одредбите од Законот за правата, обврските и одговорностите на републичките органи на управата во поглед на средствата во општествена сопственост што тие ги користат, а наместо дотогашната категорија т.н. „станарско право“ која се укина, се воведе категорија „стан под закуп“. Со овој закон беше дадена можност за усогласување на регулативата од оваа област со одредбите на овој закон како и можност, сите дотогашни корисници на станови со станарско право, да можат да спроведат постапка за откуп на станот во рок од една година од денот на влегувањето во сила на Законот, а по тој рок, корисниците на неоткупените станови имаа обврска да склучат договор за закуп.
Со донесувањето на овој Закон не беа опфатени становите од станбениот фонд на Министерството за одбрана на Република Македонија, така што становите од овој фонд согласно одредбите на цитираниот закон, добија статус на станови во државна сопственост.
Собранието на Република Македонија во октомври 2003 година го донесе Законот за продажба на станови во државна сопственост кои потекнуваат од станбениот фонд на поранешната ЈНА со кој е уредено прашањето за условите, начинот и постапката за продажба на становите во државна сопственост кои се доделени на користење за службени потреби на вработени во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.
Согласно одредбите на овој закон, продажната цена на станот ја утврдува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, корисникот на станот поднесува барање за купување на станот до Комисијата за спроведување на постапката за продажба на становите за службени потреби образувана во Министерството за транспорт и врски, која е составена од три члена, од кои еден член е од Министерството за транспорт и врски и два члена се од Министерството за одбрана, која врз основа на приложената документација изработува договор за продажба на станот, а средствата добиени по овој основ претставуваат приход на Буџетот на Република Македонија. Во согласност со одредбите на овој закон, голем број од становите во државна сопственост кои им беа доделени на користење за службени потреби на вработените во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија беа продадени.
По однос на прашањето на користењето на становите согласно важечкиот Закон за домување („Службен весник на РМ“ бр.99/2009, 57/2010 и 36/2011), со становите во државна сопственост во име на Република Македонија стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, додека за Министерството за одбрана на Република Македонија постои обврска за станбено обезбедување на припадниците на Армијата на Република Македонија, без да се утврди правото на стопанисување и располагање и со становите кои фактички се во државна сопственост, може да располага Комисијата за станбени прашања при Владата на Република Македонија, а постапката ја спроведува Министерството за транспорт и врски на Република Македонија. Со примена на овие законски одредби, припадниците на Армијата на Република Макеоднија ги остваруваат своите права на станбено обезбедување.
По однос на наводите во иницијативата дека „се привилегира одредена група на лица по однос на нивното работно место во Министерство за одбрана на Република Македонија, Судот оцени дека истите се неосновани со оглед на тоа дека со Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012 и 77/2012) се уредени статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Македонија, системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата, меѓу кои и прашањето за станбеното обезбедување на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата на Република Македонија (Глава XIV, со одредбите од член 192 до 198), со кои одредби се дава реална можност за станбено обезбедување на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата на Република Македонија за време на вршење на службата. Токму поради спецификата на воената служба и ова прашање, како и многу други, со конкретни одредби во овој закон како lex specialis е уредено на поинаков начин, за разлика од останатите закони кои се во сила и се применуваат во Република Македонија, кои не содржат вакви одредби за вработените односно за граѓаните, што всушност претставува т.н. „позитивна дискриминација“.
Од изнесените законски одредби произлегува дека положбата и карактерот на станбениот фонд на Југословенската Народна Армија беше уреден на различен начин од станбениот фонд на Република Македонија, па Судот утврди дека со различното определување на условите за продажба на овој станбен фонд не се повредува уставото начело предвидено во член 8 став 1 алинеја 3 и уставниот принцип на еднаквост утврден во член 9 став 2 од Уставот на која се повикува подносителот на иницијативата и оттука Судот оцени дека Законот во целина не е во спротивност со Уставот.
4. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер – Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.46/2012
27 март 2013 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски