Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 март 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 точка 17 во делот “користење“ од Законот за комуналните дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 95/2012 ).
2. Стрезо Стрезовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точкaта 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорената одредба, “користењето” на јавните паркиралишта се прогласува за комунална дејност, а тоа немало никаква логика. Според подносителот на иницијативата, користењето на јавниот простор за паркирање ги немало особините, да претставува стопанска дејност и да биде услуга и да може да се склучи договор како што било предвидено со Законот за облигационите односи. Поради тоа, подносителот на иницијативата го оспорува овој член во делот ”користење” бидејќи не постоел предмет на договор за настанување на облигационен однос со самото користење на јавните паркиралишта, односно требало да постои: dare, facere praestare, non facere и pati.
Воедно, во иницијативата се наведува дека јавните паркиралишта претставувале добро во општа употреба и не биле во сопственост на општината, но дека изградбата на јавниот простор за паркирање бил во надлежност на општината. Во иницијативата се повикува на одредби од Законот за облигационите односи, Законот за јавните патишта и Законот за локалната самоуправа и бара оспорената одредба Уставниот суд да ја цени во однос на одредбите од овие закони.
3. Судот на седницата утврди дека според член 5 став 1 точка 17 од Законот, комунални дејноси, во смисла на овој закон се : .. точка 17. Изградба и користење на јавниот простор за паркирање и на објектите кои се наоѓаат на тој простор.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 6 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Во член 30 став 1 од Уставот се гарантираат правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 на овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и заедницата, а според ставот 3 никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Во член 51 од Уставот е определено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени во Уставот.
Согласно член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.
Според став 3 од истиот член на Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Со точка 1 од Амандманот XVII од Уставот, со која е заменет ставот 1 од членот 115 од Уставот, е утврдено дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Според ставовите 2 и 3 на членот 115 од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката. Републиката со закон може да и довери вршење на определени работи на општината.
Со Законот за комуналните дејности (“Службен весник на Република Македонија“, број 95/2012), се уредуваат основните услови и начинот на вршење на комуналните дејности, финансирањето на комуналните дејности, финансирањето на изградбата и одржувањето на објектите на комуналната инфраструктура и други прашања од значење за комуналните дејности (член 1 од Законот).
Според членот 2 од Законот, комуналните дејности се дејности од јавен интерес, а според членот 4 точка 1 од овој закон, комунална дејност е стопанска дејност за давање на комунални услуги за задоволување на потребите на физички и правни лица, за која единиците на локалната самоуправа обезбедуваат услови за соодветен обем, квалитет, достапност, континуитет и надзор над нејзиното вршење.
Согласно член 5 точка 17 од Законот, помеѓу другото, комунална дејност во смисла на овој закон е и изградба и користење на јавниот простор за паркирање и на објектите кои се наоѓаат на тој простор.
Според членот 9 став 2 од Законот, за вршење на комунални дејности, општините, односно градот Скопје можат да основаат јавно претпријатие, доколку со посебен закон со кој се уредува одделна комунална дејност поинаку не е уредена, а според ставот 3 од истиот член од Законот доколку општината, односно градот Скопје немаат основано јавно претпријатие, вршењето на комуналните дејности можат да го доверат на правни и физички лица кои поседуваат дозвола за вршење на соодветната дејност, согласно со условите утврдени во посебен закон со кој се уредува одделна комунална дејност поинаку не е уредено.
Според членот 12 став 1 точки 2 и 3 од Законот за комуналните дејности, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје поблиску го пропишуваат начинот на организирање и вршење на комуналните дејности, како и начинот на користење на комуналните услуги во поглед на: обезбедувањето на континуитет во вршењето на комуналните услуги (точка 2) и начинот на наплата на надоместокот за комуналната услуга како и начинот на постапување во случај на не добивање или неквалитетно добивање на услугата (точка 3). Според ставот 2 од наведениот член од законот, заради подетално уредување на односите во комуналните дејности, утврдени со овој закон, советот на општините, односно Советот на градот Скопје донесува одлука за комунален ред и мерки за нејзино спроведување.
Согласно членот 13 од Законот за комуналните дејности давателот на комуналната услуга е должен давањето на комуналните услуги да го врши постојано и квалитетно и да ги одржува во функционална и исправна состојба објектите, опремата и уредите.
Според членот 15 од овој закон, објекти на комунална инфраструктура во зависност од својата намена се објекти кои служат за задоволување на индивидуалната потрошувачка и објекти за задоволување на заедничка комунална потрошувачка во кои спаѓаат и јавните простори за паркирање.
Согласно член 1 од Законот за облигациони односи, („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008 и 161/2009 ) со овој закон се уредуваат основите на облигационите односи, договорните и други облигациони односи во прометот на стоки и услуги.Во член 38 од овој закон, се уредува каков мора да биде предметот на обврската и дека договорната обврска може да се состои во давање, сторување, несторување или трпење.
Според член 22 точка 4 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) општините се надлежни, помеѓу другото, и за комуналните дејности: изградба, одржување, реконструкција и заштита на локалните патишта, улици и други инфраструктурни објекти; регулирање на режимот на сообраќајот; изградба и одржувањето на уличната сообраќајна сигнализација; изградба и одржување на јавниот простор за паркирање; отстранување на непрописно паркираните возила; отстранување на хаварисаните возила од јавните површини.
Согласно член 24 став 1 од овој закон, заради извршување на своите надлежности, општините можат да основаат јавни служби, во согласност со закон. Според став 2 на истиот член, општината може да го делегира вршењето на одредени работи од јавен интерес од локално значење на други правни или физички лица, врз основа на договор за извршување на работи од јавен интерес, во согласност со закон.
Во Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2004), општините односно градот Скопје, се надлежни за вршење на комунални дејности и за таа цел основаат јавни служби во согласност со закон, кои се во сопственост на основачот е утврдено дека изградбата, одржувањето и користењето на јавни паркиралишта од значење за градот Скопје, утврдени со урбанистички план, претставуваат надлежности, односно работи од јавен интерес од локално значење на градот Скопје (член 10 став 1 точка 4 алинеја 13), додека, пак, изградбата, одржувањето и користењетo на јавните паркиралишта од значење за општината утврдени со урбанистички план, претставуваат надлежности, односно работи од јавен интерес од локално значење на општините во градот Скопје (член 15 став 1 точка 4 алинеја 6).
При тоа, покрај јавните паркиралишта утврдени со урбанистички план; како јавни паркиралишта од значење за градот Скопје се сметаат и посебно уредените и обележани простори: на коловозите, тротоарите, заштитниот појас на самите улиците (т.н. улично паркирање), што ќе биде утврдено и дефинирано со посебни проекти одобрени од Советот на Град Скопје. Правниот основ за ваквото овластување произлегува од дефиницијата на јавните паркиралишта дадена во член 4 став 1, точка 21 од Законот за јавните патишта (“Службен весник на РМ бр.84/08, 52/09, 114/09 и 39/10) според која “Јавните паркиралишта може да бидат надвор од површините опфатени со патиштата и улиците или на самите патишта и улици”.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на РМ” бр. 54/07, 86/08, 98/08 и 64/09), Советот на Градот Скопје го уредува сообраќајот на локалните патишта, на своето подрачје за што задолжително прибавува претходна согласност од Министерството за внатрешни работи. Уредувањето на сообраќајот, покрај другото, опфаќа и “определување на површините за паркирање и начинот на паркирање, забраната за паркирање и местата за ограничено паркирање” (член 6, став 3, алинеја 6), како и “надзор над паркирање на возила на места на кои паркирањето е временски ограничено” (член 6, став 3. алинеја 15). Согласно член 392 од овој закон, режимот на сообраќајот за локални патишта и улици, врз основа на сообраќаен проект, го утврдува со решение градот Скопје, во согласност со министерот за внатрешни работи. Под режим на сообраќајот, меѓу другото, се подразбира и “определување на простори за паркирање и запирање на возила ..” (став 2 алинеја 2); на градежно неизградено земјиште, од времен карактер, изградени од градот Скопје врз основа на посебни проекти одобрени од Советот на Град Скопје, до реализација на намената на земјиштето согласно урбанистички план. Истото има поткрепа во член 2 став 1 точка 3 од Законот за градење (“Службен весник на РМ” бр. бр.130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011 и 13/2012) во смисла на времените објекти поставени заради вршење на сообраќајните дејности (привремени паркинзи).
Со цел да се утврди дали со оспорениот дел од законската одредба се повредуваат владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок, Судот пристапи кон анализата на целината на членот 5 во кој таксативно се набројани односно утврдени вкупно 19 дејности за кои законодавецот утврдил дека претставуваат комунални дејности.
Притоа, се имаше во предвид дека иницијативата не содржи сосема јасни причини по однос на сомнението за согласноста на оспорениот дел од законската одредба со уставните одредби, освен што се наведува дека, на подносителот на иницијативата му пречи можноста законодавецот да утврди дека изградбата и користењето на јавниот простор за паркирање да биде утврдена како комунална дејност.
Според изнесеното од анализата на законските одредби на Законот за комунални дејности, Судот оцени дека е неосновано сомнението за несогласност на оспорениот дел од законската одредба со членот 8 став 1 алинеја 3 и 6 од Уставот.
Исто така, Уставниот суд нема надлежност да ја цени фактичката примена на законите, како и да ја цени согласноста на оспорената одредба од Законот за комуналните дејности со одредби од други закони, односно согласноста на одредби од пропис кои се од ист ранг, како што се бара со иницијативата помеѓу другото да се цени оспорената одредба од аспект на нејзината законитост.
Тргнувајќи од погоре изнесено, а од аспект на наводите од иницијативата, Судот оцени дека во конкретниот случај, законодавецот е слободен во изборот дали ќе определи дека “користењето” на јавните паркиралишта се прогласува за комунална дејност, како во конкретниот случај. На овој начин не се повредуваат принципите на владеење на правото и правната заштита на сопственоста, поради што Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел на одредбата на член 5 став 1 точка 17 од Законот за комунални дејности со напред наведените одредби од Уставот.
5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер- Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.144/2012
27 март 2013 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски