2/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 март 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 7 ставовите 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (”Службен весник на Република Македонија” број 142/2012).

2. Невладината асоцијација – Здружение на граѓани за заштита на човековите права и слободи „Јустиција“ – Делчево, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените законски одредби не биле во согласност со начелото за владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврден со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со забраната за повратно дејство на законите, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните, утврдена со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.

Неспорна била надлежноста на Собранието да носи закони од делокругот на неговото работење, но законите требало да се во сила од денот на нивното донесување, а не да имаат повратно дејство, како во оспорениот случај. Според подносителот на иницијативата, Собранието оспорениот закон го донел од лукративни причини, бриселски самит и притисокот од европските институции, но Законот требало да се применува и да важи од денот на донесувањето и објавувањето, а не да има повратно дејство, особено што во судовите во Република Македонија имало во постапка над 700 предмети од Главата осумнаесетта од Кривичниот законик, на кои се однесуваат оспорените одредби.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да донесе решение за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да ги укине или поништи како несогласни со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 7 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, со денот на влегувањето во сила на овој закон се запираат од извршување правосилно изречените казни или надоместоци на штетата за сторени кривични дела од Главата осумнаесетта „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/11, 135/2011 и 185/2011).

Според став 2 на истиот член, кривичните или граѓанските постапки за сторени кривични дела од Главата осумнаесетта „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик кои се започнати пред влегувањето во сила на овој закон и не се правосилно завршени се запираат, а тужителот во рок од еден месец од приемот на решението за запирање на постапката може да поведе постапка за утврдување на одговорност за навреда или клевета и надоместување на штета согласно со закон.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (”Службен весник на Република Македонија” број 142/2012), напуштено е дотогашното решение во Кривичниот законик според кое навредата и клеветата беа определени како кривични дела и воведен е нов концепт на граѓанска одговорност за навреда и клевета (декриминализација) уредена со посебен закон (Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета – „Службен весник на Република Македонија“ бр. 143/2012).

Во оваа смисла, со член 1 од наведениот Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, се пропишува дека во Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/11, 135/2011 и 185/2011), насловот на членот 172 „Клевета“ и членот 172, насловот на членот 173 „Навреда“ и членот 173, насловот на членот 174 „Изнесување лични и семејни прилики“ и членот 174, насловот на членот 175 „Омаловажување со префрлање за кривично дело“ и членот 175, насловот на членот 176 „Неказнување за кривичните дела од членовите 172 до 175“ и членот 176, насловот на членот 177 „Изрекување судска опомена или ослободување од казна за кривичните дела од членовите 172 до 175“ и членот 177, насловот на членот 180 „Повреда на угледот на судот“ и членот 180, насловот на членот 183 „Гонење за кривични дела против угледот на странска држава и меѓународна организација“ и членот 183, насловот на членот 184 „Гонење за кривичните дела против честа и угледот“ и членот 184 и насловот на членот 185 „Објавување на судска пресуда“ и членот 185 се бришат.

Во член 7 од наведениот Закон се пропишани преодни одредби со кои се уредува правниот режим настанат со донесувањето на наведените законски измени.

Така, со ставот 1 на овој член се уредува правниот режим во однос на извршувањето на правосилно изречени казни или надоместоци на штетата за сторени кривични дела од Главата осумнаесетта „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик, до денот на влегувањето во сила на законските измени, кои не се извршени, во која смисла се пропишува дека нивното извршување се запира..

Со ставот 2 на истиот член, се уредува материјата за започнатите, а се уште правосилно незавршени постапки. Имено, се пропишува дека кривичните или граѓанските постапки за сторени кривични дела од Главата осумнаесетта „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик кои се започнати пред влегувањето во сила на овој закон и не се правосилно завршени се запираат, а тужителот во рок од еден месец од приемот на решението за запирање на постапката може да поведе постапка за утврдување на одговорност за навреда или клевета и надоместување на штета согласно со закон.

Според ставот 3 на истиот член, за навреда или клевета сторена пред влегувањето во сила на овој закон, постапката против извршителот на делото може да се поведе со поднесување на тужба за утврдување на одговорноста и надоместување на штетата од оштетениот во рок од три месеци од денот кога дознал или требало да дознае за навредливата или клеветничката изјава и за идентитетот на лицето кое ја предизвикало штетата, но не подоцна од една година од денот на сторувањето на навредата или клеветата, согласно со закон.

Од анализата на одредбите од членот 7 став 1 и 2 од Законот, кои се оспоруваат, произлегува дека истите се во корелација со новиот концепт за граѓанска одговорност за навреда и клевета преку нивна декриминализација, во кој е изразен интересот на општеството, според кој претходното законско решение за казнено-правна заштита од навредата и клеветата не е повеќе во функција и дека одговорноста за навреда и клевета треба да се бара во граѓанска а не во кривична постапка.

Во таа смисла, со оспорените одредби се уредува преодниот режим кој ги опфаќа постапките започнати пред влегувањето во сила на наведените законски измени, на начин што пропишува дека се запираат од извршување правосилно изречените казни или надоместоци на штета за сторени кривични дела од Главата осумнаесетта „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик изречени до денот на влегување во сила на овој закон, а постапката за таквите кривични дела кои се започнати пред влегувањето во сила на овие законски измени, но кои не се правосилно завршени се запираат, при што се пропишува можност за тужителите во одреден рок, да поведат постапка за утврдување на одговорност за навреда или клевета и надоместување на штета согласно со закон.

Уставното начело за забрана на повратното дејство на законите (член 52 став 4 од Уставот) значи забрана на примена на законите во правни ситуации и односи што настанале пред нивното влегување во сила, односно законите дејствуваат само врз новите правни ситуации и односи што настануваат по нивното влегување во сила. Исклучок од ова уставно начело е ако повратното дејство на законот е поповолно за граѓаните.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, неосновано е тврдењето во иницијативата дека со оспорените одредби од Законот се повредувал член 52 став 4 од Уставот. Ова затоа што ставот 1 на членот 7 од Законот се однесува на правосилно изречените казни (парична казна или затвор) или надоместоци на штета за конкретните кривични дела изречени пред влегувањето во сила на законските измени, но кои казни не се извршени (извршувањето е во тек или сеуште не започнало), поради што законодавецот оценил дека не е справедливо сторителот на тоа и такво дело да ја трпи последицата изразена преку извршување на казната пропишана за кривично дело со закон кој ја загубил својата социјална функција и значење, што Судот оцени дека не може да се прифати како решение кое е понеповолно за граѓаните.

Со оспорениот став 2 од членот 7 се уредува правниот режим на постапките започнати пред влегување во сила на наведените законски измени, но кои сеуште не се завршени. Во таква ситуација, законодавецот определил дека таквите постапки (кривични или граѓански постапки за сторени кривични дела од Главата осумнаесета „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик) ќе запрат, затоа што оценил дека е неоправдано и несправедливо сторителот на таквите дела да биде суден според закон што ја загубил својата социјална функција и значење, но истовремено го определил начинот на кој постапките можат да продолжат (во постапка за утврдување на одговорност за навреда и клевета и надомесување на штета согласно со закон). Тоа значи дека законодавецот не задира во правото на оштетените да поведат граѓанска постапка за утврдување на одговорност и надоместување на штета за сторена навреда и клевета, во која смисла и ја пропишува постапката за остварување на тоа право на оштетените.

Една норма има повратно дејство ако истата се однесува на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на таа норма, а нема повратно дејство ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек, како што е во конкретниот случај.

Оттука, според Судот, со оспорените одредби со кои се пропишува преодниот режим во случајот на декриминализацијата на навредата и клеветата, не се пропишува повратно дејство на законот кое е понеповолно за граѓаните, што би водело кон повреда на владеењето на правото, како што се наведува во иницијативата, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.2/2013
20 март 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски