Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 06 март 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 438 став 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 100/2008, 83/2009, 116/2010 и 7/2011).
2.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на член 438 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Димитрије Атанасовски, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точките 1 и 2 на ова решение.
4. Судот на седница утврди дека според член 438 став 1 од Законот, пресудата или решението со кое се завршува спорот во постапката во споровите од мала вредност може да се побива само поради суштествена повреда на одредбите на парничната постапка од членот 343 став 2 на овој закон и поради погрешна примена на материјалното право. Во постапката по повод жалба во споровите од мала вредност не се применуваат одредбите на членот 358 од овој закон.( став 2) Во постапката во споровите од мала вредност рокот за жалба, како и роковите од членот 314 став 2 и членот 328 став 1 на овој закон изнесува осум дена.(став 3) Во споровите од мала вредност не е дозволена ревизија против правосилна одлука на второстепениот суд.(став 4)
5.Според наводите во иницијативата со членот 438 став 1 и 2 од Законот за парничната постапка во предметите од мала вредност се ислучувало правото на странките да ја оспоруваат пресудата или решението поради погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и истите немале можност да се произнесат по фактичката состојба, која судот ја утврдил и на која ја засновал одлуката, па дури и ако од образложението на истата произлегувало дека бил погрешно протолкуван одреден доказ или не бил утврден факт од суштествено значење за утврдување на вистината, а со тоа и донесувањето на правилна одлука. На тој начин на судот му се давала можност за случајна или “намерна“ грешка при оценката на изведените докази.
Според ставот 2 на членот 438 од овој закон, во постапката по повод жалба во споровите од мала вредност не се применувале одредбите на членот 358 од овој закон, и на тој начин се ограничувале можностите за одлука на второстепениот суд при одлучувањето по изјавената жалба.
Понатаму во иницијативата е наведено дека доколку вредноста на предметот на спорот го надминува износот од 180.000 денари, постапката ќе се довршела според одредбите на овој закон за општата парнична постапка, и странката би имала право да ја оспоруваат пресудата или решението поради погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба, а таквото право немале можност да го употребат доколку вредноста на спорот изнесувала 178.000,00 денари,
Според наводите во иницијативата оваа законска одредба била во спротивност со член 8 став 1 алинеја 1 и 3 и член 9 став 2 од Уставот и доколку на би постоел членот 438 ставови 1 и 2, во постапката во споровите од мала вредност ќе се применувале и другите одредби од овој закон.
6. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, „граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“ (став 1) и „граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“ (став 2).
Според Амандман XXI од Уставот, со кој е заменет член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.
Со членот 1 од Законот за парничната постапка, кој е системски закон и се донесува со двотретинско мнозинство, се уредуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува во споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните и семејните односи на граѓаните како што се работните,трговските, имотните и другите граѓанско- правни спорови, ако со закон за некои од тие спорови не е определено за нив судот да решава според правилата на некоја друга постапка.
Во членот 2 став 1 од Законот, пропишано дека во парничната постапка судот одлучува во границите на барањата што се ставени во постапката. Судот не може да одбие да одлучува по барање за кое е надлежен.(став 2)
Согласно член 8 од овој закон, кои факти ќе ги земе како докажани одлучува судот по свое убедување врз основа на совесна и грижлива оцена на секој доказ посебно и на сите докази заедно, како и врз основа на резултатите од целокупната постапка.
Според член 358 став 1 од овој закон, второстепениот суд со решение ќе ја укине првостепената пресуда, ако утврди дека постои суштествена повреда на одредбите на парничната постапката (член 343) и ќе го врати предметот до истиот првостепен суд или ќе му го отстапи на надлежниот првостепен суд заради одржување на нова главна расправа. Во ова решение второстепениот суд ќе одлучи и кои спроведени дејствија, зафатени со суштествената повреда на одредбите на парничната постапка, се укинуваат. Ако во постапката пред првостепениот суд се сторени повреди на одредбите од членот 343 став 2 точки 3 и 11 на овој закон, второстепениот суд ќе ја укине првостепената пресуда и ќе ја отфрли тужбата. (став 2) Ако во постапката пред првостепениот суд е сторена повреда на одредбите од членот 343 став 2 точка 10 на овој закон, второстепениот суд, со оглед на природата на повредата, ќе ја укине првостепената пресуда и ќе му го врати предметот на надлежниот првостепен суд или ќе ја укине првостепената пресуда и ќе ја отфрли тужбата.(став 3)
Во Главата XIX од овој закон, содржани се одредбите во членовите 429 до 438 со кои се уредува постапката во споровите од мала вредност.
Според член 429 став 1 од Законот, ако во оваа глава не постојат посебни одредби, во постапката во споровите од мала вредност ќе се применуваат другите одредби на овој закон. Тужбата се смета за повлечена ако тужителот во рок од осум дена од денот на поднесувањето на тужбата не ја плати судската такса.(член 429-a)
Согласно член 430 став 1 од овој закон, спорови од мала вредност, во смисла на одредбите на оваа глава, се спорови во кои тужбеното барање се однесува на побарување во пари кое не го надминува износот од 180.000 денари. Како спорови од мала вредност се сметаат и споровите во кои тужбеното барање не се однесува на побарување во пари, а тужителот во тужбата навел дека се согласува наместо исполнување на определено барање да прими определен паричен износ кој не го преминува износот до ставот 1 на овој член (член 33 став 1). Како спорови од мала вредност се сметаат и споровите во кој предмет на тужбеното барање не е паричен износ, туку предавање на подвижен предмет чија вредност, што тужителот во тужбата ја навел не го надминува износот од ставот 1 на овој член (член 33 став 2).
Според член 432 од овој закон, постапката во споровите од мала вредност ќе се спроведува и по повод приговор против платниот налог, ако вредноста на оспорениот дел на платниот налог не го надминува износот од 180.000 денари.
Согласно член 435 став 1 од Законот, ако тужителот го преиначи тужбеното барање така што вредноста на предметот на спорот да го надминува износот од 180.000 денари, постапката ќе се доврши според одредбите на овој закон за општата парнична постапка. Ако тужителот до заклучувањето на главната расправа што се води според одредбите на овој закон за општата парнична постапка, го намали тужбеното барање така што тоа повеќе да не го надминува износот од 180.000 денари, натамошната постапка ќе се спроведе според одредбите на овој закон за постапката на споровите од мала вредност.(став 2)
7. Поради малата вредност, постапката во овие спорови е сумарна, скратена и некои факти од редовната постапка се изоставени, а за други е пропишано дека се преземаат во скратена форма, а една од нив е и побивањето на одлуките да не може да се врши од сите причини како во редовната постапка.
Оспорениот член 438 е поместен во оваа глава и постапката во спорови од мала вредност е една од повеќето предвидени во Законот, посебни постапки и со оглед на нејзината специфичност, во оваа постапка се применуваат одредбите кои се предвидени за регулирање на оваа постапка, а по кои се разликува од редовната парнична постапка.
По однос на оспорениот став 2 на член 438 од Законот, основите во жалбата со кои може да се побива пресуда или решението, Судот оцени дека право е на законодавецот истите да ги утврдува. Ова дотолку повеќе што, ако пресудата има недостатоци поради кои не може да се испита, особено ако не содржи причини за решителните факти или тие причини се нејасни или противречни ќе се укине поради апсолутни суштествени повреди на одредбите од парничната постапка од член 343 став 2 точка 13 и предметот ќе се врати на повторно судење на првостепениот суд. Оттука, произлегува и должноста на првостепениот суд да ја утврди целосно и правилно фактичката состојба, иако жалба по тој основ не може да се изјави, бидејќи не ќе може да даде причини за решителните факти, што значи дека преку суштествените повреди, второстепениот суд внимава и на правилно и целосно утврдена фактичка состојба.
Од анализата на наведената содржина на уставните и законските одредби и наводите во иницијативата, произлегува дека законодавецот со Законот за парничната постапка во посебна постапка ги уредил специфичностите на споровите од мала вредност, на начин кој ја овозможува брзината и ефикасноста на постапката, но и го обезбедува правото на жалба под условите и во рок определени со Закон. Во однос на деловите на оваа посебна постапка за кои не е нешто друго определено, се применуваат одредбите од општата парнична постапка и така поставени, Судот утврди дека одредбите за постапката по спорови од мала вредност, немаат селективен пристап од аспект на членот 9 од Уставот, и кореспондираат на одредбите од член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, односно со една од темелните вредности на уставниот поредок, основните права и слободи на човекот и граѓаните и владеењето на правото.
По однос на ставот 1 на член 438 од Законот, Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.223/2010 од 02 март 2010 година, изразил став дека “Околноста, на која сега се укажува во иницијативата дека пресудата во споровите од мала вредност не може да се побива поради релативни суштествени повреди на одредбите од парничната постапка од член 343 став 1 и поради погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба, според Судот, не е во спротивност со Амандман XXI од Уставот. Ова од причина што, со оспорената одредба на член 438 став 1 од Законот за парничната постапка не се повредува гарантираното со Устав право на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, затоа што со оспорената одредба е дозволено правото на жалба на пресуда или решение донесено во спорот во постапката во споровите од мала вредност. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорениот член 438 став 1 од Законот, е во спротивност со Амандман XXI од Уставот.”
Со оглед на наведеното Судот во тој предмет оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со уставните одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијативата,меѓу кои е и членот 438 став 1 од Законот
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Во конкретната правна ситуација, од причина што во иницијативата не се содржани аргументи за поинакво одлучување и менување на предходно заземениот став на Судот, според Судот, се исполнети условите за примена на цитираната деловничка одредба, односно со оглед на фактот што во случајов се работи за примена на институтот res judicata, исполнети се условите во тој дел иницијативата да се отфрли.
8. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: Исмаил Дарлишта, д-р Наташа Габер-Дамјановска, Никола Ивановски, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.91/2012
06 март 2013 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски