Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 март 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 точки 1 и 2, во деловите
2. Институт за македонска литература, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институт за национална историја и Институт за фолклор „Марко Цепенков“ до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативa за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата во членот 3 точки 1 и 2 од Законот за јавните службеници („Службен весник на РМ“ бр.52/2010, 36/2011, 6/2012 и 24/2012) е предвидено во рамките на јавните службеници да се и вработените и институциите од науката. Меѓутоа, науката, ниту во однос на кадарот, ниту во однос на институциите не може да биде под режимот на Законот за јавните службеници, бидејќи lex specialis за науката е Законот за научно-истражувачката дејност и тој се применува за сите прашања поврзани со научните установи.
Правната рамка на науката е посебна и истата е регулирана во Законот за научно-истражувачката дејност и не може да се содржи и во општиот термин наука во одредбата од Законот за јавни службеници,поради што според иницијативата,се доведува во прашање согласноста на истата со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и член 47 став 1 според кој се гарантира слободата на научното творештво.
Вработените во науката биле со определен правен статус, права и обврски, регулирани во Законотт за научно-исттражувачката дејност („Службен весник на РМ“ бр.46/2008, 103/2008 и 24/2011), односно за нив била својствена слободата на научното, уметничкото и другите видови творештво како загарантирано уставно право.Вработените во науката придонесувале за остварување на јавниот интерес во научно-истражувачката дејност, па оттука со оглед на специфичностите на оваа дејност,според иницијативата, не можело вработените во научните установи да бидат јавни службеници и да бидат под правниот режим на Законот за јавни службеници.
Статусот на јавните службеници и институции во смисла на Законот за јавни службеници бил некомпатибилен со статусот на вработените во науката, јавните научни установи и другите субјекти на научно-истражувачката дејност. Со посебниот Закон за научно-истражувачката дејност вработувањето е регулирано без можност тоа истовремено да се опфати во административните процедури, предвидени во Законот за јавните службеници. Што се однесува до оценувањето со Законот за научно-истражувачката дејност е утврдено обезбедувањето и оценувањето на квалитетот во научно-истражувачката дејност да го врши Министерството за образование и наука (член 46), а субјектите за научно-истражувачката дејност се должни да вршат самоевалуација преку свој сопствен систем за управување со квалитетот на научно-истражувачката дејност (член 47). Законот за високото образование во член 77 утврдува самоевалуацијата на научните установи – членки на универзитет, преку комисија за самоевалуација на установата да се врши согласно статутот на универзитетот и упатството за самоевалуација, кое го донесува Универзитетскиот сенат.
Овој посебен Закон регулирал посебна материја, специфична, но истовремено мошне истоветна со вршењето на високообразовната дејност.
Според член 67 од Законот за научно-истражувачката дејност, научните и соработничките звања утврдени во Законот за научно-истражувачката дејност се еквивалентни со наставно-научните звања регулирани со Законот за високото обраозование. Еквиваленцијата на звања е утврдена и во член 143 од Законот за високото обрљазование.
Во член 3 алинеја 1 од Законот за научноистражувачката дејност се гарантира слободата и автономноста на истражувањето и творештвото. Со оглед на поврзаноста со образовниот систем, кое исто така е едно од основните начела во научно-истражувачката дејност (член 3 алинеја 2) јавните научни установи ја интегрираат високообразовната дејност на втор и трет циклус во рамките на Универзитетот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 3 од Законот за јавните службеници одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:
1) Јавни службеници се вработените кои вршат работи од јавен интерес во дејностите наука, труд и социјални работи, социјална заштита и заштитата на детето, установите, фондовите, агенциите, јавните претпријатија основани од Република Македонија, а не се опфатени од Законот за државните службеници,
2) Јавна служба се институциите на дејностите наука, труд и социјални работи, социјална и детска заштита, установите и фондовите, агенциите, јавните претпријатија основани од Република Македонија, а не се опфатени од Законот за државни службеници,
3) Институции во смисла на овој закон се сите државни органи и тела кои вршат работи од јавен интерес или доверени јавни овластувања, установи, фондови, агенции како и јавни претпријатија основани од Република Македонија, а не се опфатени со Законот за државни службеници.
4) Раководно лице на институцијата именувано или избрано лице кое раководи со институцијата,
5) Работно искуство во струката е времетраењето на работниот стаж или искуството стекнато во соодветната струка по завршување на соодветно образование на јавниот службеник“.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.
Според член 47 од Уставот се гарантира слободата на научното, уметничкото и другите видови творештво (став 1). Се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво (став 2).
Законот за јавните службеници, согласно членот 1, како предмет на уредување го има опфатот на јавните служби, заедничките начела и основите на вработувањето, правата и должностите, одговорноста, оценувањето, престанокот на вработувањето, заштитата и одлучувањето на правата и обврските и регистарот на јавните службеници.
Во членот 2 од овој закон, е утврдено дека јавните службеници се лицата кои вршат работи и работни задачи од јавен интерес во согласност со Уставот, закон и ратификувани меѓународни договори професионално, политички, неутрално и непристрасно.
Во оспорениот член 3 од Законот е определено значењето на одделни изрази употребени во овој закон, односно субјектите и институциите на кој се однесува овој закон.
Според членот 4 од Законот, за прашањата кои се однесуваат на вработувањето, правата и должностите, одговорноста, оценувањето, престанокот на вработувањето, заштитата и одлучувањето за правата и обврските на јавниот службеник, за кои со закон е пропишана посебна постапка, се постапува според одредбите на тој закон. Прашањата што не се уредени со овој закон ќе се уредат со посебен закон. Оттука, Законот за јавните службеници има супсидијарна примена, односно тој не се применува и не се однесува за оние прашања за вработeните и институциите во јавните служби од наведените дејности, каде со посебни закони и со посебна законска регулатива се веќе на поинаков начин уредени правата и обврските. Овој закон има општи норми за права и обврски, кои во предметната материја ќе се применуваат доколку тие не се со посебни закони поинаку уредени.
Со иницијативата е поставено прашањето на уставноста на законското решение со кое вработените и институциите од науката се опфатени под режимот на Законот за јавните службеници.
Од анализата на уставните норми, Законот во целина, а во корелација со наводите истакнати во иницијтивата, а при тоа имајќи го во вид и ставот на Судот изразен во досегашната уставно-судска практика, Судот оцени дека основани се наводите истакнати во иницијативата, од следниве причини:
Интенцијата на законодавецот, со оспорениот закон, е се она што не било опфатено со Законот за државните службеници да биде регулирано со Законот за јавните службеници како вработени кои вршеле работи од јавен интерес, преку стандардизирање на права и обврски, трансформирајќи ги овие вработени како јавни службеници што работат во јавни служби, и покрај посебно регулираните правни односи во области кои произлегуваат од нормите во материјалното право.
Согласно Законот за научно-истражувачка дејност („Службен весник на РМ“ бр.46/2008, 103/2008 и 24/2011) се уредуваат начелата, целите, јавниот интерес, остварувањето на научно-истражувачката дејност, субјектите на научно-истражувачката дејност и начинот на финансирање на научно-истражувачката дејност (член 1).
Во член 4 од Законот е дефинирана целта на Законот во кој, меѓу другото, се предвидува дека со востановувањето на организацијата на научно-истражувачката дејност и утврдување на финансирањето на научно-исттражувачката дејност се обезбедува континуирано унапредување на научно-истражувачката дејност, координација на субјектите за вршење на научно-истражувачката дејност, унапредување на домашната и на меѓународната соработка во трансферот на знаења, истражувањето, обуката и апликацијата, унапредување на користењето на резултатите од истражувањата.
Во членот 5 од овој закон е дефинирано и децидно утврдено дека јавниот интерес во научно-истражувачката дејност претставува истражување кое е придонес за развојот на научната мисла и подигање на научното ниво во сите подрачја, полиња и области на науката, придонес за трансферот на светските знаења, технологии и вештини, општ услов за вкупниот развој на Република Македонија, од областа на историскиот и културниот идентитет на македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите што живеат во Република Македонија, презентација на постигнатите научни резултати во светот и кај нас и од областа на одбраната и безбедноста (став 1). Јавен интерес во научно-истражувачката дејност според овој закон претставува и оспособувањето и усовршувањето на кадрите за научно-истражувачка работа, како и подобрување и осовременување на научно-истражувачката инфраструктура која е во функција на остварувањето од ставот 1 на овој член (став 2).
Според член 15 од овој Закон, субјекти за вршење на научно-истражувачката дејност се: државен универзитет и приватен универзитет во нивните единици насочени кон наука (научно институти) и во единици насочени кон образование заснована на наука (факултети), МАНУ, самостојна државна високообразовна установа, самостојна приватна високообразовна установа, јавна научна установа, мешовита научна установа, приватна научна установа и самостоен истражувач.
Во членовите 16, 17 и 18 од Законот, се определени условите за основање јавна, мешовита и приватна научна установа, а во Главата IX од Законот, со наслов: „ИСТРАЖУВАЧИ“ се содржани одредби за „истражувачи“ 35-36, постапката за избор, член 38, 39 и 40. Имено, според членовите 38, 39 и 40 од овој закон, изборот во научни звања се врши по пат на јавен конкурс што го објавува субјектот на научно-истражувачката дејност, а врз основа на оцена на рецензентска комисија. Во членовите 36 и 37 се утврдени условите за избор на лице во научно звање и должностите во извршувањето на научно-истражувачката дејност.
Тргнувајќи од наведената законска регулатива, според Судот, постои некомпатибилност на статусот јавни службеници, државни органи и институции во смисла на Законот за јавни службеници со вработените во науката, јавните научни установи и другите субјекти на научно-истражувачката дејност.Наспроти регулативата во Законот за јавни службеници за вработувањето на јавните службеници по пат на јавен оглас, интерен оглас, распоредување на јавен службеник во истата институција на друго работно место и преземање од една во друга институција, врз основа на општи и посебни услови разработениот законски систем преку Агенција за администрација за спроведување на селекции на кандидати за вработување, преку полагања на општ и практичен дел, и други елементи регулирани во Законот, во правниот поредок на Република Македонија постои и посебниот Закон за научно-истражувачката дејност, кој од свој аспект ја регулира научно-истражувачката дејност без можност таа истовремено да се опфати во административните стандарди на јавните службеници и државени органи и други државни институции.
Ова особено што, меѓу другото, со Законот за научно-истражувачката дејност законодавецот утврдил изборот на кандидатите во научни звања да го врши советот, врз основа на оцена на рецензиона комисија, чии членови се избираат од редот на лица со истражувачки и наставно-научни звања од истата или друга високообразовна, односно научна установа.
Со одредбите од овој закон подробно се регулирани и прашањата кои се однесуваат за начинот и условите за избор на кандидати во научни звања. Имено, овој посебен Закон регулира посебна материја која е специфична по нејзиниот карактер што ја опфаќа законската обработка на уставно гарантираната слобода на научното творештво (член 47 од Уставот. Тука станува збор за научно-истражувачка дејност која се заснова на слобода и автономност на истражувањата и творештвото, поврзаност со образовниот систем, етичност, транспарентност во работата и дисеминација на резултатите, заштита на интелектуална сопственост, што нема конекција со административниот третман во одредбите од Законот за јавни службеници.
Оттука, според Судот, основано се поставува прашањето на согласноста на член 3 став 1 точки 1 и 2, во деловите: „наука“ од Законот за јавните службеници со Уставот, во однос на член 8 став 1 алинеја 3, според која владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и член 47 став 1, според кој се гарантира слободата, меѓу другото, и на научното творештво.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.42/2012
6 март 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски