162/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 27 февруари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 45-а став 8 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата во однос на оспорениот член 45-а ставови 8 и 9 од Законот за средното образование, наставниците кои предаваат предмети со кои учениците се стекнуваат со вештини, немале можност за напредување во соодветно звање од член 69 став 3 и 11, бидејќи нивните предмети не биле дел од екстерното проверување и дека поради тоа оспорените одредби биле спротивни на член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 44 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Ставот 9 на членот 45-а не бил во согласност со член 96 од Уставот во врска со член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кој со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи. Со одредбата, спротивно на Уставот, на министерот му била дадена законодавна функција. Од тие причини оваа одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 4, член 61 став 1 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот.

Во однос на членот 69 од Законот, подносителот ги цитира одредбите од оспорените ставови 8 и 12 и поставува прашање што ќе биде со наставниците што предаваат вештини, дали и тие можат да напредуваат во звањата од член 69 ставови 3 и 11, бидејќи нивните предмети не се дел од екстерното проверување. Затоа одредбите не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Во врска со член 70-а ставови 7 и 8, подносителот на иницијативата смета дека тие не би требало да постојат во правниот поредок, од причина што со нив не биле опфатени наставниците на наставните предмети со кои учениците се стекнуваат со вештини и за кои не може да се врши екстерно проверување, со што се создавала правна и економска нееднаквост помеѓу наставниците, спротивно на член 9 од Уставот. Одредбите не биле јасни и прецизни и поради тоа биле спротивни и на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Одредбата од член 70-а став 11 од Законот, не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 1 и 2, член 44, член 51 и член 52 став 4 од Уставот, бидејќи се доведувало во прашање загарантираното уставно право на работа и се загрозувала економската сигурност на граѓаните, стекнатите права и правни интереси на субјектите на кои тие се однесувале. Обврската што им се наметнувала на постојните наставници не била пропорционална мерка, со оглед дека претставувала прекумерно ограничување на нивните права и слободи и загрозување на нивната правна сигурност ако се имала предвид последицата што оваа категорија на вработени ќе ја трпат доколку во определен рок не ги исполнат предвидените услови. Со оспорената одредба се доведувало во прашање остварувањето на легитимните очекувања на субјектите – веќе вработените наставници, кои ги имале во моментот на засновањето на работниот однос.

Во иницијативата се предлага при одлучувањето да се имаат предвид следниве одлуки на Уставниот суд: У.бр.70/2006 од 17 јануари 2007 година, У.бр.212/2008 од 1 април 2009 и У.бр.226/2008 од 1 јули 2009 година.

3. Судот на седницата утврди дека според член 45-а став 8 од Законот за средното образование, екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците се врши по два наставни предмети, согласно со наставниот план, а врз основа на генерален распоред изготвен од страна на државниот испитен центар, на предлог на Бирото и Центарот за стручно образование и обука, освен по наставните предмети со кои учениците се стекнуваат со вештини, односно за наставните предмети за кои не може да се врши екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците. Во ставот 9 на овој член од Законот е определено дека начинот и постапката за проверување на објективноста на наставникот при оценувањето на постигањата на успехот на учениците по наставните предмети со кои учениците се стекнуваат со вештини, односно по наставните предмети за кои не може да се врши екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците го пропишува министерот, на предлог на Бирото и Центарот за стручно образование и обука.

Во членот 69 став 8 од Законот е предвидено дека при напредувањето на наставниците во соодветното звање од ставот (3) на овој член, училишната комисија задолжително ги зема предвид резултатите од екстерното проверување содржани во извештајот за работата на наставниците, како и од евалуацијата на професионалното досие на наставникот. Во ставот 12 на истиот член од Законот е определено дека при напредувањето на наставниците во соодветното звање од ставот 11 на овој член, комисијата формирана од министерот задолжително ги зема предвид резултатите од екстерното проверување содржани во извештајот за работата на наставниците, како и од евалуацијата на професионалното досие на наставникот.

Судот на седницата исто така утврди дека според член 70-1 став 7, врз основа на извештајот со резултати од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците, 20% од наставниците кај кои има најмали отстапувања во добиените показатели им се зголемува платата за наредната година за 15% од платата што ја примале. Во ставот 8 на истиот член од Законот, е предвидено дека врз основа на извештајот со резултати од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците, 20% од наставниците кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели им се намалува платата за наредната година 15% од платата што ја примале. Оспорениот став 11 на овој член од Законот утврдува дека на наставник кој и по две години од добивањето на стручната помош, повторно ќе биде во групата на наставници кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели, му престанува работниот однос.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 44 од Уставот, секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Организацијата, функционирањето и управувањето во средното образование во Република Македонија, како дел од системот на воспитанието и образованието, се уредува со Законот за средното образование.

Оспорените одредби се однесуваат на екстерното проверување на постигањата на учениците кое е воведено со претходните измени на Законот за средното образование. Според образложението на Предлог Законот за измени дополнувања на Законот за средното образование (јуни 2012 година) цел на овој закон, меѓу другото, е воспоставување на екстерното проверување на постигањата на учениците согласно современата теорија и практика, со што започнува процесот на воведување на современи стандарди за оценување на квалитетот на знаењата во средните училишта, како и приближување кон меѓународните стандарди и овозможување споредливост на знаењата на учениците од нашата земја со знаењата на учениците од другите земји. При тоа, резултатите од екстерното проверување на знаењата на учениците ќе бидат и основа за кариерниот напредок во повисоко звање на наставниот и соработничкиот кадар во училиштата, како и за висината на нивната плата.

Оспорената одредба од член 45-а став 8 во делот: „освен по наставните предмети со кои учениците се стекнуваат со вештини, односно за наставните предмети за кои не може да се врши екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците и одредбата од ставот 9 на истиот член, се содржини во членот 45-а, кој содржи вкупно 15 ставови во кои детално е уредено интерното и екстерното проверување на постигањето на успехот на учениците. Оспорените одредби од член 69 ставови 8 и 12 се дел од исто така комплексниот член 69 кој има 19 ставови и детално го уредува прашањето за напредувањето на наставниците и стручните работници во звања.

Во членот 45-а од Законот за средното образование е предвидено следново:
(1) Следењето и проверувањето на напредокот и постигањето на успехот на учениците се врши со интерно и екстерно проверување.
(2) Интерното проверување на постигањето на успехот на учениците го вршат наставниците во училиштето.
(3) Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците се врши на крајот на секоја учебна година, освен за учениците во завршната година на средното образование, за кои екстерното проверување се врши по завршувањето на првото полугодие најдоцна до крајот на февруари во тековната учебна година.
(4) Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците го организира и спроведува училиштето преку училишна комисија.
(5) Училишната комисија за екстерно проверување на постигањата на учениците ја формира директорот на училиштето и истата е составена од пет члена: директор, стручен соработник и тројца наставници од училиштето.
(6) Начинот на формирање и работење на училишната комисија, тајноста на материјалот за екстерно проверување, начинот на проверување на тестовите од училишната комисија, како и формата и содржината на извештајот ги пропишува министерот по предлог на Државниот испитен центар.
(7) Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците се врши со тестови кои ги изготвува Државниот испитен центар, на предлог на Бирото и Центарот за стручно образование и обука.
(8) Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците се врши по два наставни предмети, согласно со наставниот план, а врз основа на генерален распоред изготвен од страна на Државниот испитен центар, на предлог на Бирото и Центарот за стручно образование и обука, освен по наставните предмети со кои учениците се стекнуваат со вештини, односно за наставните предмети за кои не може да се врши екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците. (оспорен дел)
(9) Начинот и постапката за проверување на објективноста на наставникот при оценувањето на постигањата на успехот на учениците по наставните предмети со кои учениците се стекнуваат со вештини, односно по наставните предмети за кои не може да се врши екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците го пропишува министерот, на предлог на Бирото и Центарот за стручно образование и обука. (оспорен став)
(10) Врз основа на генералниот распоред од ставот (8) на овој член, училишната комисија подготвува интерен распоред по паралелки, наставни предмети и наставници за спроведување на екстерното проверување во училиштето. Интерниот распоред го усвојува наставничкиот совет на училиштето.
(11) Резултатите од екстерното проверување на постигањето на успехот на учениците од ставот (8) на овој член училиштето ги запишува во свидетелството за завршена година на образование и истите влијаат врз општиот успех на ученикот.
(12) На ученикот му се издава свидетелство за завршена година на образование по спроведеното екстерно проверување.
(13) Резултатите запишани во свидетелството од ставот (11) на овој член се еден од критериумите за запишување на ученикот на високообразовна установа.
(14) Училишната комисија доставува извештај за спроведеното екстерно проверување до Државниот испитен центар.
(15) Врз основа на добиените извештаи од училишните комисии, Државниот испитен центар изготвува збирен извештај со резултати од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците.

Во членот 69 од Законот е предвидено следново:
(1) Наставниците и стручните соработници во средното училиште се усовршуваат, оспособуваат и напредуваат во звања.
(2) Наставникот и стручниот соработник кои за прв пат се вработуваат во училиште се со звање наставник – приправник и стручен соработник – приправник.
(3) Наставник – приправник може да напредува во звањата наставник, наставник – ментор и наставник – советник.
(4) Стручниот соработник – приправник може да напредува во звањата стручен соработник, стручен соработник – ментор и стручен соработник – советник.
(5) Напредување на наставниците и стручните соработници во звањата наставник, наставник – ментор, стручен соработник и стручен соработник – ментор го врши училишна комисија која ја формира директорот на училиштето.
(6) Комисијата од ставот (5) на овој член е составена од двајца наставници, педагог, односно психолог во училиштето, еден родител, директорот на училиштето, член на училишниот одбор кој е претставник од основачот, советник од Бирото и советник од Центарот за стручно образование и обука.
(7) Наставниците за членови во комисијата од ставот (6) на овој член ги избира наставничкиот совет во училиштето, родителот го избира советот на родители на училиштето, а членот од училишниот одбор го избира училишниот одбор.
(8) При напредувањето на наставниците во соодветното звање од ставот (3) на овој член, училишната комисија задолжително ги зема предвид резултатите од екстерното проверување содржани во извештајот за работата на наставниците, како и од евалуацијата на професионалното досие на наставникот. (оспорен став)
(9) При напредувањето на стручните соработници во соодветното звање од ставот (4) на овој член, училишната комисија задолжително ги зема предвид резултатите од евалуацијата на професионалното досие на стручниот соработник.
(10) Наставникот и стручниот соработник кој е незадоволен од извршениот избор за напредување во звање согласно со ставот (5) на овој член има право на приговор до училишниот одбор во рок од осум дена од денот на објавувањето на списокот на наставници и стручни соработници кои напредуваат во звање.
(11) Напредувањето на наставниците и стручните соработници во звањата наставник-советник и стручен соработник – советник го врши комисија формирана од министерот.
(12) При напредувањето на наставниците во соодветното звање од ставот (11) на овој член, комисијата формирана од министерот задолжително ги зема предвид резултатите од екстерното проверување содржани во извештајот за работата на наставниците, како и од евалуацијата на професионалното досие на наставникот. (оспорен став)
(13) При напредувањето на стручните соработници во соодветното звање од ставот (11) на овој член, комисијата формирана од министерот задолжително ги зема предвид резултатите од евалуацијата на професионалното досие на стручниот соработник.
(14) Средното училиште по завршувањето на секоја учебна година може да врши напредување на двајца вработени од редот на наставниците и стручните соработници во секое од звањата од ставот (5) на овој член и може да предложи двајца од вработените од редот на наставниците и стручните соработници да напредуваат во звањата од ставот (11) на овој член на предлог на наставничкиот совет, ако има до 50 вработени наставници и стручни соработници.
(15) Средното училиште по завршувањето на секоја учебна година може да врши напредување на тројца од вработените од редот на наставниците и стручните соработници во секое од звањата од ставот (5) на овој член и може да предложи тројца од вработените од редот на наставниците и стручните соработници да напредуваат во звањата од ставот (11) на овој член на предлог на наставничкиот совет, ако има над 51 вработен наставник и стручен соработник.
(16) Наставник и стручен соработник може да напредува во следното звање по четири години во постапка утврдена со овој закон.
(17) Наставникот и стручниот соработник кој е незадоволен од извршениот избор за напредување во звање согласно со ставот (11) на овој член има право на приговор до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од осум дена од денот на објавувањето на списокот на наставници и стручни соработници кои напредуваат во звање. Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен одлучува по поднесената жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата.
(18) Платата на наставникот и на стручниот соработник е според стекнатото звање.
(19) Начинот на стручното усовршување, оспособување и напредување на наставниците и стручните соработници во звања го пропишува министерот по предлог на Бирото, Центарот за стручно образование и обука, Државниот испитен центар и Државниот просветен инспекторат.

Според наводите во иницијативата одредбата од ставот 8 на член 45-а член не била во согласност со Уставот бидејќи наставниците кои предаваат предметите со кои учениците се стекнуваат со вештини немале можност за напредување во соодветното звање од член 69 став 3 и 11 о Законот, бидејќи нивните предмети не биле дел од екстерното проверување. Со истите аргументи подносителот ги оспорува и одредбите од член 69 став 8 и став 12, за кои смета дека се нејасни, непрецизни и непотполни.

Овие наводи во иницијативата Судот не ги прифати, од причина што од анализата на целината на членовите 45-а и член 69 не произлегува дека за наставниците што предаваат вештини не се проверува нивната објективност при оценувањето, ниту пак произлегува дека тие се исклучени од можноста да напредуваат.

Имено, законодавецот при регулирањето на екстерното оценување ги земал предвид специфичностите на предметите со кои учениците се стекнуваат со вештини во однос на предметите со кои учениците се стекнуваат со знаења и кои специфичности се изразуваат не само при изведувањето на наставата по одделните предмети, туку и при оценувањето на постигањата на успехот на учениците и поради тие разлики помеѓу предметите предвидел различни начини на проверка на објективноста на оценувањето. Ова произлегува и од одредбата од оспорениот став 9 на член 45-а која предвидува дека начинот и постапката за проверување на објективноста на наставникот при оценувањето на постигањата на успехот на учениците по наставните предмети со кои учениците се стекнуваат со вештини, односно по наставните предмети за кои не може да се врши екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците го пропишува министерот, на предлог на Бирото и Центарот за стручно образование и обука. Значи, и наставниците кои предаваат вештини се проверуваат, но начинот и постапката за ова проверување го пропишува министерот.

За Судот се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека ставот 9 на членот 45-а не бил во согласност со член 96 од Уставот во врска со член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Ова од причина што со подзаконскиот акт што го донесува министерот врз основа на даденото овластување во оспорената одредба од Законот, не се утврдуваат права и обврски, ниту се пропишува надлежност на некој орган, туку овластувањето се однесува за донесување на подзаконски акт од страна на министерот со кој ќе се уреди начинот и постапката за проверување на објективноста на наставникот при оценувањето на постигањата на успехот на учениците по наставните предмети со кои учениците се стекнуваат со вештини, а не правата и должностите на овие наставници, за кои се применуваат одредбите од Законот на ист начин како и за другите наставници. Со тоа практично ќе се овозможи да се проверува објективноста при оценувањето на наставниците што предаваат наставни предмети со кои учениците се стекнуваат со вештини.

Во овој контекст, неосновани се и наводите во иницијативата дека наставниците кои предаваат предмети со кои учениците се стекнуваат со вештини, немале можност за напредување во звањата од член 69. Од цитираната содржина на овој член од Законот, произлегува дека во него прецизно се утврдени звањата во кои можат да напредуваат наставниците и стручните соработници во средните училишта, при што законодавецот не прави разлика во кариерното напредување на наставниците од аспект на предметите што тие ги предаваат (дали се работи за предмети со кои учениците се стекнуваат со знаења или со вештини). Ова произлегува и од целината на одредбите од овој член, посебно на ставот 5 на член 69 кој дава можност за напредување и на стручните соработници во училиштето (педагог, психолог и други), иако тие не се непосредно и директно вклучени во наставниот процес како наставниците. Од анализата на одредбите од ставовите 8 и 9 на членот 69, произлегува, исто така и тоа, дека резултатите од екстерното проверување не се единствен критериум кој се зема предвид при напредувањето на наставниците во звања, туку покрај овој критериум, при напредувањето се зема предвид, односно се анализира и оценува и професионалното досие на наставникот, кое што професионално досие го води училиштето.

Од наведеното произлегува дека Законот не прави разграничување помеѓу наставниците што предаваат наставни предмети со кои учениците се стекнуваат со знаења и оние наставни предмети со кои учениците се стекнуваат со вештини во смисла на тоа дека овие последните се изземени од екстерно проверување и дека на нив им е одземена можноста за напредување во звања. Разграничување постои само во тоа што начинот на проверувањето на стекнатите вештини се врши согласно правилник што го носи министерот за образование, но и едните и другите ќе бидат предмет на проверка и оценување.

Во член 70-а од Законот, предвидено е следново:
(1) Врз основа на резултатите од екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците се оценува објективноста и професионалноста на наставникот во вреднувањето на постигнувањата на успехот на ученикот.
(2) Оценувањето од ставот 1 на овој член се врши со споредување на резултатите на екстерното проверување на постигањата на ученикот со годишната оценка на ученикот по соодветниот предмет за што Државниот испитен центар изготвува збирен извештај со резултати од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците.
(3) Извештајот од ставот 2 на овој член се изготвува врз основа на средната вредност изразена во проценти од резултатите на екстерното проверување на постигањата на учениците со годишните оценки на ученикот за кои нема отстапување и за кои отстапувањето е поголемо од една оценка.
(4) По исклучок, извештајот од ставот 2 на овој член се проширува со наставниците кои имаат отстапување од добиените показатели како последниот наставник од листата.
(5) Процентот на најголеми отстапувања од добиените показатели е 100%, кога има отстапување од четири оценки од оценката добиена од проверувањето и годишната оценка од наставникот.
(6) Процентот на најмали отстапувања од добиените показатели е 0%, кога нема отстапување од оценката добиена од проверувањето и годишната оценка од наставникот.
(7) Врз основа на извештајот со резултати од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците, 20% од наставниците кај кои има најмали отстапувања во добиените показатели им се зголемува платата за наредната година за 15% од платата што ја примале.

(8) Врз основа на извештајот со резултати од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците, 20% од наставниците кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели им се намалува платата за наредната година 15% од платата што ја примале.
(9) Извештајот со резултати од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците, Државниот испитен центар го објавува на веб страницата на Државниот испитен центар и на Министерството најдоцна до 10 август во тековната година.
(10) За наставниците од ставот 8 на овој член се обезбедува соодветна стручна советодавна помош од Бирото и Центарот за стручно образование и обука.
(11) На наставник кој и по две години од добивањето на стручната помош, повторно ќе биде во групата на наставници кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели, му престанува работниот однос.
(12) Решение за престанок на работниот однос на наставникот донесува директорот на основното училиште.
(13) Против решението на директорот од ставот 12 на овој член наставникот може да поднесе тужба до надлежен суд.
(14) Решение за зголемување, односно намалување на платата на наставникот согласно со ставовите 7 и 8 на овој член, донесува директорот на училиштето. Исплатата на платата со зголемување, односно намалување започнува од 1 јануари наредната година по објавувањето на извештајот за работата на наставниците.
(15) Решението од ставот 14 на овој член се доставува до Министерството до 31 август од тековната година, а ќе започне да се применува од јануари наредната година.
(16) Начинот на изготвување на збирниот извештај со резултати од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците, како и начинот на утврдувањето на процентот на најголеми, односно најмали отстапувања од добиените показатели го пропишува министерот, на предлог на Државниот испитен центар.

Врз основа на содржината на цитираната одредба од Законот за средното образование, Судот заклучи дека ниту во оваа одредба законодавецот не прави разлика помеѓу наставниците што предаваат знаења и наставниците што предаваат вештини. Со оглед на тоа што од претходните одредби од Законот (член 45-а став 9) произлегува дека и наставниците што предаваат вештини ќе бидат предмет на проверување, за Судот се неосновани наводите во иницијативата во однос на членот 70-а став 7, дека истиот создавал правна и економска нееднаквост помеѓу наставниците, од причина што и оваа законска одредба се однесува на сите наставници, односно истата не прави разлика помеѓу наставниците што предаваат знаења и оние што предаваат вештини, така што предвидените бенефити заради добро постигнатиот успех од екстерното проверување (зголемување на платата за 15% на наставниците кај кои има најмали отстапувања во добиените показатели) како и негативните последици поради лошите резултати до екстерното проверување (намалување на платата за 15%, престанок на работниот однос) се однесуваат подеднакво и на едните и на другите наставници, бидејќи и едните и другите ќе бидат предмет на проверка и оценување.

Според мислењето на Судот, неосновани се и наводите во иницијативата во однос на членот 70-а став 11 од Законот за средното образование кој предвидува дека на наставник кои и по две години од добивањето на стручната помош, повторно ќе биде во групата на наставници кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели, му престанува работниот однос.

Наводите на подносителот на иницијативата (дека со одредбата се доведувало во прашање остварувањето на уставното право на работа, се загрозувала правната и економската сигурност, стекнатите права, дека обврската што им се наметнувала на наставниците била непропорционална и повикувањето на претходната уставно-судска практика на овој Суд) се неосновани од причина што во конкретниот случај не станува збор за услов за вработување на наставниците, кој би им се наметнал како нов услов после нивното вработување, туку станува збор за санкционирање на нестручното и непрофесионалното работење на наставникот кое се манифестира преку необјективно оценување на учениците. Законодавецот има право да воведе ваква мерка со која ќе предвиди престанок на работниот однос на наставникот кој не ги исполнува своите работни обврски и покрај дадената стручна помош на наставникот во текот на две години. Во смисла на наведеното, Судот оцени дека е сосема несоодветно повикувањето на уставно-судската практика наведена во иницијативата (Одлука У.бр.70/2006 од 17.01.2007 и Одлука У.бр.212/2008 од 01.04.2009 ) со оглед на тоа што во споменатите одлуки станувало збор за воведување на обврска за дополнително образование на наставниците односно дополнителна квалификација како услов за засновање на работен однос и за продолжување на вршење на работите на работното место, што не е случај во предметните законски одредби што се оспорени со оваа иницијатива.

Судот смета дека во иницијативата подносителот несоодветно укажува на Одлуката на Судот У.бр.226/2008 од 1 јули 2009 година, од причина што со таа одлука Уставниот суд не ја довел во прашање уставноста на екстерното проверување како такво, туку фактот што со тогаш оспорените одредби било предвидено тоа да се врши надвор од училиштето и воспитно образовниот процес, од страна на орган на извршната власт (Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат).

Врз основа на направената анализа и уставно-судска практика, Судот утврди дeка не може да се постави прашањето за согласноста на одредбите од член 45-а став 8 во делот: „освен по наставните предмети со кои учениците се стекнуваат со вештини, односно за наставните предмети за кои не може да се врши екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците“ и став 9, член 69 ставови 8 и 12 и член 70-а ставови 7, 8 и 11 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/1995, 24/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 51/2011, 6/2012 и 100/2012) со одредбите од член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 44, член 51, член 61 став 1 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точата 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.162/2012
27 февруари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски