У.бр.187/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 27февруари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Александар Петрушевски од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ социјална припадност.

2. Александар Петрушевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ социјална припадност,поврдени со ИЗВЕСТУВАЊА: НП.бр.3409/2012 од 31 октомври 2012 година, НП.бр.3480/12 од 31 октомври 2012 година, НП.бр.3486/12 од 30 октомври 2012 година , НП.бр.3828/12 од 28 ноември 2012 година и НП. бр.3917/12 од 28 ноември 2012 година, донесени од Народниот правобранител на Република Македонија.

3. Подносителот на барањето на 17 октомври 2012 година поднел писмена претставка до Народниот правобранител Иџет Мемети да постапи согласно своите надлежности по член 17, 19 став 1, 21, 24, 25, 26, 32 став 3 и 4, 34, 35 и 36 од Законот за народниот правобранител поради фактот што Министерството за внатрешни работи и полициските службеници на овој орган на 17.11.2004 година при неговото лишување од слобода и негово задржување во рок од 24 часа во МВР во полициска станица Беко-Скопје,свесно ги пропуштиле нивните задолженија и му оневозможиле да го оствари уставното и законско право по член 3 став 3 од ЗКП и законитоста на неговото лишување од слобода на Ул. Партизански одреди. Како доказ дека постои таков предмет каде е кривично гонет ја добил пресудата К.бр.966/09 при што ниту од Народниот правобранител ниту од Уставниот суд бара да ја цени законитоста на судската одлука.

По повод поднесената претставка Народниот правобранител на Република Македонија со Известување НП.бр.3409/12 од 31 октомври 2012 година го известил подносителот на барањето во кое се наведува дека:

Во врска со претставката поднесена до Народниот правобранител во која сметате дека е повредена постапката од страна на полициските органи при вашето приведување во полициска станица „Центар“ за настанот што се случил на 17.11.2004 година видно од наводите во претставката како и приложени материјални докази Народниот правобранител констатира дека во конкретниот случај нема основ за преземање на дејствија.

Имено Народниот правобранител согласно своите законски надлежности не покренува постапка за претставка ако од дејствието или од последната одлука на органот, организацијата или установата изминало повеќе од една година, освен ако оцени дека подносителот го пропуштил рокот од оправдани причини.

Имајќи го предвид изнесеното, а согласно член 20 став 1 алинеја 7 од Законот за народниот правобранител, Народниот правобранител нема да покрене постапка по ваквата претставка.

На 26 октомври 2012 година подносителот на барањето поднел претставка до Народниот правобранител поради фактот што полициските службеници со свесни пропуштања на дејствија не постапиле согласно одредбите од Законот за полиција,на кој начин тие го довеле во нерамноправна положба пред Уставот и законите. Имено на 24 март 2004 година околу 22.30 часот на паркинг плацот помеѓу Александар Палас и базенот Карпош тој бил фатен и кај него било пронајдено огнено оружје пиштол марка Црвена Застава со броеви кои се прецизирани во диспозитивот на пресудата К.бр.653/04.

По повод поднесената претставка Народниот правобранител со Известување НП.бр.3480 од 31 октомври 2012 година го известил подносителот дека:

Во врска со претставката во која сметате дека полициските службеници кај Вас постапиле селективно кога на 24 март 2004 година сте биле фатен кај Хотелот Александар Палас и кај Вас било пронајдено нелегално оружје Ве известуваме дека видно од наводите изнесени во претставката како и од приложените материјални докази е дека за прашањето предмет на претставката веќе се произнеле органите за спроведување на законот со нивна правосилна одлука.

Во смисла на наведеното Народниот правобранител не презел дејствија во случај кога од дејствијата на органите поминале повеќе од една година, како што е во случајов, ниту, пак кога за тоа се произнеле надлежните органи со правосилна пресуда, од кои причини Народниот правобранител нема да покрене постапка по Вашата претставка.

Подносителот на барањето на 20 октомври 2012 година испратил писмено барање до Народниот правобранител каде барал Народниот правобранител да постапки согласно своите надлежности поради фактот што Основниот суд Скопје 1 – Скопје и судија Р.В. преземајќи дејствија спротивно на член 66 став 5 од Законот за кривичната постапка му поставил по службена должност бранител по предметот К.бр.1655/07-1 и ако тој има бранител по негов избор на кој начин му било повредено правото согласно член 12 од Уставот и Законот за кривичната постапка.

Во врска со поднесената претставка Народниот правобанранител со Известување НП.бр. 3486/12 од 30 октомври 2012 година го известил подносителот на претставката дека:

Во врска со вашето обраќање до Народниот правобранител со претставка заведена под НП.бр.3486/12 од 26.10.2012 година и изнесеното од Ваша страна во врска со работењето и одлучувањето на Основниот суд Скопје 1 – Скопје во судскиот предмет К.бр.1655/07-1 кој е завршен и сте биле осудени на казна затвор Ве известуваме

Од дејствието или од последната одлука на Судот, кои и не можат да бидат предмет на разгледување на Народниот правобранител поминало повеќе од една година. Прашањата кои се предмет на претставката, можеле да бидат истакнувани во постапка по правни лекови пред повисоките судски институции.

Во конкретниов случај не постои простор за интервенција од страна на Народниот правобранител. Согласно тоа, Ве известуваме дека постапката по Вашата претставка, ќе се запре, а врз основа на член 20 став 1 алинеја 6 од Законот за народен правобранител.

Имајќи ја предвид содржината на трите оспорени известувања НП.бр.3409/2012, НП.бр.3480/2012 и НП.бр.3486/2012 подносителот на барањето наведува дека Народниот правобранител Иџет Мемети потпомогнат од неговиот заменик Трипун Танушевски со кратко и исто образложение ги отфрлаат трите поединечни барања за заштита на правото со образложение дека од дејствијата на органите поминало рок од 1 година па заради тоа не можат да постапуваат.

Народниот правобранител свесен за своите обврски од член 20 од Законот за народниот правобранител, според кој треба да оценува дали се оправдани причините за пропуштање на рокот на преземените дејствија во смисла на тоа зошто сум го пропуштил рокот од една година и да го анализира дали тој факт е оправдан веднаш директно ме одбива мене и моите барања со цел да ги заштити органите т.е.е судиите од Основниот суд Скопје 1 – Скопје и полициските службеници кои ги попречиле неговите права.

Народниот правобранител како државен службеник исто како судиите и полициските службеници ме сметаа за човек од втор ред или втора класа, само и само да не ги заштитат моите права и да не ги открие судиите и полициските службеници кои според него се на повисоко ниво во општеството кои треба да ги штити по секоја цена само за да не можат да ги заштитат моите права знаејќи дека мојот социјален статус е дека сум невработен и не сум на исто ниво со државните служители не дозволува да ги применува одредбите од законот делумно.

Поради дискриминација која Народниот правобранител на Република Македонија ја направи врз подносителот на барањето со известувањето бара оштетно побарување во паричен износ од 2.000.000,00 (два милиони евра) за да не му текнело повеќе да лаже и да прави класи во општеството.

По добивање на одговор од страна на Народниот правобранител во врска со оспорените три известувања, подносителот на барањето со нов поднесок – барање од 26 декември 2012 година бара заштита на слободата и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, а кои се однесуваат на забрана за дискриминација по основ на социјална припадност повреден на НП.бр.3828/12 од 28 ноември 2012 година и НП.бр.3917/12.

Подносителот на барањето на 20 и 23 ноември 2012 година поднел барање до Народниот правобранител за заштита на неговите права утврдени во член 4 став 2 точка 3 од Законот за кривичната постапка каде ги посочил судиите со име и презиме и Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 – Скопје кои му ги повредиле правата загарантирани со Устав и закон.

Во врска со поднесеното барање Народниот правобранител со Известување НП.бр.3828/12 од 28 ноември 2012 година го известил подносителот дека во врска со неговото обраќање, а кое се однесува на работењето и одлучувањето на Основниот суд Скопје 1 – Скопје во судската пресуда К.бр.1655/07-1, К.пов.бр.284/10 и работењето на Кривичниот совет во состав од судии Цветанка Периќ, Огнен Ставрев и Марјан Грубиша кои го попречиле вашето право и не дозволиле повторување на постапката ве известуваме дека од дејствието или од последната одлука на Судот, кои не можат да бидат предмет на разгледување на Народниот правобранител, поминало повеќе од една година. Прашањата кои се предмет на претставкакта можеле да бидат истакнати во постапка по правни лекови пред повисоките судски инстанци.

Во конкретниот случај не постои простор за интервенција од страна на Народниот правобранител. Со оглед на тоа што ги повторувате вашите барања во повеќето претставки доставени до Народниот правобранител, а на кои ви е доставен одговор за истите прашања во иднина нема да ви одговораме.

На 27 ноември 2012 година подносителот на барањето поднел барање до Народниот правобранител за заштита на правото на рамноправност пред законите од причини што Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и полициските службеници не го примениле членот 62 од Законот за полиција.

На 28 ноември 2012 година Народниот правобранител на Република Македонија го известил подносителот на барањето по барањето НП.бр.3917/12 во кое се наведува дека:

Во врска со претставката од 27 декември во која по којзнае кој пат се обраќате за прашањето за кое во повеќе наврати ви е доставен одговор Ве известуваме дека Народниот правобранител не наоѓа законски основ за покренување на постапка за работи кои се расчитени, утврдени и за кои е донесена правосилна судска одлука.

Ве известуваме дека на каква било писмена реченица во врска со ова известување нема да одговараме затоа што законска обврска со ова веќе сме ја исполниле.

Незадоволен од добеното известување за претходните три и дополнителните две известувања на Народниот правобранител, подносителот на барањето за заштита на слободите и правата Александар Петрушевски бара Уставниот суд да одлучи дали со петте акти – известувања од Народниот правобранител се врши класација во нашето општество и дали е тој дискриминиран односно Уставниот суд да ја спречи дискриминацијата. Доколку Судот смета дека не е дискриминиран тогаш зашто Народниот правобранител ги штити државните службеници и органи.

4.Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Тргнувајќи од содржината на барањето, а имајќи ги предвид податоците кои треба да бидат содржани во барањето за заштита на слободи и права согласно цитираната деловничка одредба од членот 52 од Уставот, во конкретниот случај наводите во барањето за сторена дискриминација со оспорените-известувања од надлежени органи, не ги исполнува критериумите на факти и докази на чија основа овој суд може да се впушти во анализа по барањето за заштита на слободи и права, односно мериторно одлучување од причини што:

Барателот укажува дека причини за поднесување на барањaта за заштита на слободи и права е неговото незадоволството од одговорот во известувањата од Народниот правобранител на Република Македонија, кој постапувал по неговите претставки согласно Законот за Народниот правобранител, со кое му било одговорено дека неговите барање во претставките излегувало надвор од рамките на надлежностите на Народниот правобранител утврдени со закон.

По повод ваквиот исход на постапката пред институцијата Народен правобранител, барателот поднесува барање за заштита на слободи и права пред Уставниот суд, со наводи дека ваквиот исход се должел на околноста што тој не бил вработен и не припаѓал на одредена класа на граѓани кои биле судски или полициски службеници.

Со Законот за народниот правобранител (“Службен весник на Република Македонија” број 60/2003 и 119/2009) се уредени надлежноста и начинот на работа на Народниот правобранител, односно согласно членот 19 од Законот, народниот правобранител, постапувајќи по претставка може да не покрене постапка, да покрене постапка и да ја запре или прекине постапката, а согласно член 20 алинеја 6 од Законот, помеѓу другото, народниот правобранител може да не покрене постапка ако не е надлежен да постапува. Со тоа, непокренувањето на постапка од страна на Народниот правобранител, има основ во одредбите од Законот, односно во конкретниот случај станува збор за акт – известување со кое на барателот му биле предочени причините поради кои Народниот правобранител не можел да се впушта во мериторно постапување по претставката од барателот, од кој одговор тој не е задоволен.

Во оваа насока Народниот правобранител на Република Македонија, со одговор се произнел по однос наводите во барањата во кој одговор се наведува дека во изминатиот период до Народниот правобранител, од страна на Александар Петрушевски, на многу пати биле поднесувани претставки поради непреземање на соодветни дејствија од страна на полициските и судските службеници,при што за секое барање подносителот бил известуван дека биле пропуштени роковите во кој би можело да се преземе некако дејствие или пак подносителот на барањето тоа право можел да го оствари во судски постапки.
.
Тргнувајќи од наведеното, може да се изведе заклучок дека известувањата од Народниот правобранител со кои според подносителот на барањето му била извршена дискриминација по основите наведени во барањетоа всушност претставуваат акти на произнесување на Народниот правобранител по повод поднесени претставки, со чија содржина тој не е задоволен.

Оттука, барателот, иницирајќи постапка пред Уставниот суд, заради незадоволството од добиениот одговор за ненадлежност на Народниот правобранител по неговите претставки, всушност бара преку утврдување на дискриминација, да издејствува поинаков одговор, за што овој суд нема надлежност во улога на надреден арбитер да го преиспитува работењето на надлежните органи и институции уредени согласно со закон.

Со оглед на фактот што оспорените известувања од Народниот правобранител претставуваат акти на произнесување по повод поднесени претставки пред Народниот правобранител, а во отсуство на релевантни факти и докази за постоење на дејствија со предзнак на елементи на дискриминација од кои би можело да се тргне во анализа и да се изведе заклучок дека подносителот бил третирани поинаку, односно понеповолно во однос на други граѓани, Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по барањето.

5. Врз основа на изнесеното, согласно наведените уставни и деловнички одредби, Судот одлучи како во точкaта 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.187/2012
27 февруари 2013
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски