Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 февруари 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Андреа Јакимовски од с.Жилче, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол.
2. Андреа Јакимовски од с.Жилче, застапуван од Марија Аргировска, адвокат од Скопје, на Уставниот суд му поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, повредени со Решение за отфрлање на кривична пријава КО.бр.154/12 од 21.03.2012 година на Општинското јавно обвинителство Тетово.
3. Во барањето за заштита на слободите и правата е наведено дека на ден 22 февруари 2012 година подносителот на барањето поднел кривична пријава против Дијана Јакимовска, која била вработена во Клиничката болница во Тетово, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Повреда на рамноправноста на граѓаните од член 137 в.в. со Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија. повредени со Решение за отфрлање на кривична пријава КО.бр.154/12 од 21.03.2012 година на Општинското јавно обвинителство Тетово
По повод поднесената кривична пријава бил оформен предмет VII КО.154/12 од 21 март 2012 година и било донесено решение на Основното јавно обвинителство Тетово со кое била отфрлена кривичната пријава поднесена од страна на подносителот на барањето, против пријавените Дијана Јакимовска од с.Жилче и Клиничката болница Тетото, за кривични дела Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 и Повреда на рамноправноста на граѓаните од член 137 од Кривичниот законик на Република Македонија, бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност. Подносителот на барањето смета дека јавниот обвинител не постапил согласно своите службени должности според Законот за кривичната постапка, Законот за јавното обвинителство и во врска со член 4 став 3 од Законот за спречување и забрана на дискриминација и наведува дека имало евидентно прекршување на одредбите од овие закони и со непостапувањето по кривичната пријава било остварено битието на дискриминирачко постапување. Понатаму во барањето е наведен пример дека во постапката по предметот К.бр. 130/12 пред Основниот суд Тетово истиот јавен обвинител пристапил кон поднесување на обвинителен предлог врз основа на нецелосна истрага и врз основа на неверодостојни докази. Уставниот суд треба да ги заштити неговите слободи и права, согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот
4. Судот на седница утврди дека со Решение 154/12 од 21 март 2012 година на Основното јавно обвинителство Тетово, ја отфрлил кривичната пријава поднесена од страна на подносителот на барањето, против пријавените Дијана Јакимовска од с.Жилче и Клиничката болница Тетото, за кривични дела Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 и Повреда на рамноправноста на граѓаните од член 137 од Кривичниот законик на Република Македонија, бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност
Подносителот на барањето решението го примил на 10 април 2012 година, а барањето за заштита на слободите и правата е поднесно на 08 јуни 2012 година.
5. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од означените уставни одредби произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на судовите и другите органи, а во таа смисла ниту има надлежност на инстанционо повисок суд да ја оценува законитоста на постапката и одлуките донесени од овие органи по конкретни предмети на граѓаните.
Исто така, од цитираните уставни одредби, произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за заштита на сите права на човекот и граѓанинот, туку само на оние кои се децидно утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.
Тргнувајќи од анализата на наводите во барањето за заштита на слободите и правата и појаснувањето на барањето произлегува дека подносителот на барањето се почувствувал дискриминиран по основ на пол при донесувањето на наведеното решение на Основното јавно обвинителство Тетово.
Имајќи го предвид наведеното, сметаме дека подносителот на барањето само декларативно се повикува на направена дискриминација спрема него, со цел да обезбеди Уставниот суд да одлучува за права и интереси на странката во конкретен предмет, за што не е надлежен.
Поради наведеното, сметаме дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.
6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Сали Мурaти и Владимир Стојаноски.
У.бр.83/2012
27 февруари 2013 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски