У.бр.204/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 февруари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 70 став 1 алинеја 3, во делот

2. Томе Божиков од Струмица до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Законот за кривичната постапка билa во спротивност со член 12 став 2, како и со член 8 став 1 алинеи 1 и 11, член 9, член 13 и член 54 од Уставот.

Подносителот на иницијативата смета дека правото на слобода, како универзално право на секој човек мора да најде рефлексија и кај граѓанинот како поединец, кој во даден момент добил статус на обвинето лице. Оттука, според иницијативата, неприфатливо е една личност во ситуација кога е уредно поканета и свесна за статусот, односно својството на обвинет, да нема право сам да одлучи дали ќе присуствува на судското рочиште, а при тоа да нема последици по него. Имено, по добивањето покана за судење, доколку обвинетиот и во писмена изјава заверена кај нотар се изјасни за виновен, односно ја признае својата вина (во смисла на член 329 од Законот за кривичната постапка) и го извести Судот дека не сака да присуствува на главниот претрес, сепак тој ќе може присилно да се приведе пред суд. Со ваквото решение, според подносителот на иницијативата, се повредувале уставните норми од член 8 став 1 алинеи 1 и 11, член 9, член 12 став 2 и член 54.

Подносителот на иницијативата смета дека обвинетиот не смее присилно да се доведува за да биде суден во негово присуство доколку се изјаснил дека не сака да го користи тоа право, бидејќи истото, истовремено било во спротивност и со член 6 од Европската конвенција за човекови права, односно со меѓународните договори кои се ратификувани во согласност со Уставот и се дел од внатрешниот правен поредок и неможат да се менуваат со закон (член 118 од Уставот).

Од наведените причини се предлага оспорениот член од Законот за кривичната постапка да се укине, како противуставен.

3. Судот на седницата утврди дека според член 70 став 1 алинеја 3 од Законот за кривичната постапка секој обвинет, меѓу другото има право да биде суден во негово присуство и да се брани лично или со помош на бранител по сопствен избор, а доколку нема средства да плати бранител, да добие бесплатен бранител кога тоа го бараат интересите на правдата.

4. Темелни вредности на уставниот поредок на РМ, во смисла на член 8 став 1 алинеи 1 и 11 од Уставот, се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право.

Во смисла на член 9 од Уставот, граѓаните на РМ се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 12 од Уставот слободата на човекот е неприкосновена (став 1). Никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утрдена со закон (став 2).

Во член 54 став 1 од Уставот, е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според Амандман XXV од Уставот со кој е заменет член 98, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Во член 6 став 3 од Европската конвенција за човекови права е предвидено дека секој обвинет за кривично дело, меѓу другите, има право да се брани лично или со правна помош на адвокат по сопствен избор или да му биде доделена бесплатна правна помош ако осомничениот нема доволно средства да плати за истата.

Законот за кривичната постапка ги утврдува правилата со кои се овозможува правично водење на кривичната постапка, така што никој невин да не биде осуден, а на сторителот на кривичното дело да му се изрече кривична санкција под условите предвидени во Кривичниот законик и врз основа на законито спроведена постапка (член 1).

Оспорениот член 70 од Законот е поместен во Глава VI од Законот, со наслов: „Обвинет и бранител“.

Членот 70 од Законот, ги регулира, односно предвидува правата кои ги има обвинетиот. Имено, во смисла на наведената одредба од Законот, секој обвинет ги има следниве основни права:

– да биде навремено и детално информиран, на јазик што го разбира, за делата за кои се товари и за доказите против него,
– да има доволно време и можности за подготвување на својата одбрана, а особено да има увид во списите и да биде запознаен со доказите против него и во негова корист, како и да комуницира со бранител по сопствен избор,
– да биде суден во негово присуство и да се брани лично или со помош на бранител по сопствен избор, а доколку нема средства да плати бранител, да добие бесплатен бранител кога тоа го бараат интересите на правдата,
– да ја изнесе својата одбрана,
– да не биде присилен да даде исказ против себе или своите блиски или да признае вина,
– да има можност да се изјасни за фактите и доказите што го товарат и да ги изнесе сите факти и докази што му одат во прилог,
– самиот или преку бранител да ги испита сведоците против него, како и да му се обезбеди присуство и испитување на сведоците во негова корист под исти услови, како и сведоците против него и
– во текот на главната расправа да се советува со својот бранител, но не може да се договара како ќе одговори на поставено прашање.

Анализирајќи ја содржината на оспорениот дел на член 70 од Законот, а во корелација со наводите во иницијативата и одредбите од Уставот vis a vis оспорената одредба, од суштинско значење за градење на правното стојалиште во конкретниот случај, е елаборацијата по однос на значењето на изразот обвинет.

Во смисла на правната литература обвинет е лице против кое е насочено кривичното гонење за определено кривично дело, кое во постапката има својство на процесен субјект и положба на процесна странка. Според нашето позитивно право обвинетиот е физичко лице против кое овластениот тужител подигнува кривична тужба, а судот води кривична постапка за да утврди дали е кривично одговорно и дали постојат услови да му биде изречена соодветна кривична санкција.

Како на процесен субјект, на обвинетиот му припаѓаат определени права утврдени со законот да може да се брани од обвинението. Обвинетиот има широки процесни можности за активна улога во постапката, особено за предлагање докази кои судот ги изведува на главниот претрес. Сите права на обвинетиот кои се утврдени во позитивните права, а особено во Законот за кривичната постапка, во теоријата се наречени под заедничко име favor defensionis и произлегуваат од општата положба на личноста во нашето општество.

Постоењето на правата, од една страна, е основа за предвидување и на одредени ограничувања кои се во интерес на текот на постапката и истите се со цел сузбивање на криминалитетот како општествена негативна појава. Преземањето на присилните мерки се неопходни за остварување на целта на казнената постапка, односно утврдување на вистината дали е извршено кривично дело и кој е неговиот сторител.

Фактот, што кон обвинетиот можат да се применат и присилни мерки, на што се укажува во иницијативата, според Судот, не ја негира неговата положба на субјект и на странка во казнената постапка, туку само укажува дека, и покрај таквата негова положба, тој може и самиот да послужи како „средство“ за утврдување на правно релевантни факти од кои зависи одлуката на судот.

Од наведеното, произлегува заклучок дека обезбедувањето присуство на обвинетиот на главен претрес, односно неговото право, кое со оспорениот дел од член 70 став 1 алинеја 3 од Законот, се напаѓа, да биде суден во негово присуство, не е со цел да се ограничи слободата на неговото движење, на што се алудира во иницијативата, токму спротивното, утврденото право на обвинетиот да му се суди во негово присуство има за цел правилно и целосно утврдување на фактичката состојба кое резултира со овозможување активна улога на обвинетиот во текот на целиот процес.

Од друга страна, според Судот, ваквото законско решение е со цел да се почитуваат начелата во кривичната постапка, а особено начелото на контрадикторност. Имено, според овој принцип, судот е должен да ги сослуша и двете странки меѓу кои се води кривично-правниот спор – avdiatur et altera pars.

Контрадикторноста се постигнува со давање право на странките да ставаат предлози, да расправаат за нив, да даваат критичка оцена за дејствијата преземани во доказната постапка, да поставуваат прашања, да ги изнесуваат своите мислења и заклучоци, особено во завршните зборови на главниот претрес и во своите правни лекови. Токму за остварување на овие права, законодавецот ја уредил ваквата норма која гарантира физичко присуство на странките, а кое се обезбедува со начините и мерките кои се предвидени во Законот за кривичната постапка.

Консеквентната, односно доследната примена на ова начело овозможува утврдување на вистината, заземање на правилен став во однос на одредени правни прашања. Истовремено, од контрадикторноста произлегува еднаквиот третман на странките во процесот, со што се овозможува обвинетиот да биде рамноправен во кривичната постапка со тужителот, што во крајна консеквенца значи заштита на индивидуалните права на граѓаните.

Тргнувајќи од наведените аргументи, правото на обвинетиот да му се суди во негово присуство (како што предвидува оспорениот член 70 од Законот) не може да се толкува во таква широка смисла на зборот како што смета подносителот на иницијативата, туку ваквата определба во законот има сосема поинакво значење и цел на обвинетиот да му се овозможи да биде запознаен со тоа за што се обвинува и можност да се брани, да ја докажува неговата невиност, односно да го побива обвинението против него. Ова значи дека во случајов има „позитивно“ ограничување на слободата на човекот, со цел заштита на друго индивидуално право на човекот и граѓанинот.

Од направената уставно-судска анализа, Судот оцени дека во случајов не може да се доведе во прашање согласноста на оспорениот дел од член 70 став 1 алинеја 3, од Законот за кривичната постапка, со одредбите од Уставот и со член 6 од Европската конвенција за човекови права.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.204/2012
20 февруари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски