Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 февруари 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2011).
2. Игорчо Точев од Кочани и Љубица Стојковска – Перковска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителите на иницијативата, од содржината на оспорената одредба со која се задолжуваат државните органи, законите во кои е уредена застареноста за поведувањето и водењето на прекршочната постапка, да ги усогласат со овој закон во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, произлегувало дека на државните органи им се пренесувало право да ја усогласат застареноста за поведување и водење на прекршочната постапка во законите во кои е уредена. Усогласувањето на посебниот закон (lex specialis) со генералниот закон (во конкретниот случај: Законот за прекршоците), па и кога станувало збор за институт застареност за поведување и водење на прекршочна постапка, и припаѓал на законодавната власт и тоа право не можело да се пренесе на други државни органи. Во конкретниот случај, би можело да се подразбере делегирање надлежност од делокругот на законодавната власт на други државни органи кои, со свои акти (пониски во правната сила од законот како посилен основ во правото), би можеле да регулираат институт – застареност за поведување и/или водење на прекршочна постапка.
Застареноста можела да биде предмет на регулирање само на закон како најсилен основ во правото веднаш по Уставот, а усогласувањето на застареноста, пропишана во генералниот закон со застареноста пропишана во специјалниот закон, исто така можела да биде предмет само на закон чие донесување е во надлежност на законодавната власт и регулирањето/усогласувањето на застареноста на посебниот закон со генералниот закон, не можела да се пренесе на друг државен орган.
Поради наведеното, оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 61 став 1 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и истата да ја укине.
3. Судот на седницата утврди дека според член 3 од од Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, државните органи, законите во кои е уредена застареноста за поведувањето и водењето на прекршочната постапка, да ги усогласат со овој закон во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
4. Според членот 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Оспорената одредба е содржана во Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, донесен поради потребата да се измени рокот на застареност за поведување, односно водење на прекршочна постапка, така што рокот на застареност наместо една година, е зголемен на три години.
Со оспорената одредба е предвидена обврска за државните органи, посебните закони во кои е уредена застареноста за поведување и водење на прекршочна постапка, да ги усогласат со Законот за прекршоците (како lex generalis) во рок од шест месеци од влегувањето во сила на овој закон.
Прашањето за уставната основаност на вака пропишаната обврска за државните органи, веќе било предмет на разгледување пред Уставниот суд, при што Судот, со Решение У.бр.137/2011 од 2.11.2011 година, оценил дека одредбата по својата природа е преодна односно транзиторна одредба, и имајќи го предвид фактот што одредбата е усвоена на 13 април 2011 година и влегла во сила на 21 април 2011 година, таа е од темпорален карактер, и дека таа за овие изминати шест месеци се исцрпела во примената. Оттука Судот утврдил дека оспорениот член 3 од Законот ја исцрпел својата содржина и дејство и веќе не е во правниот поредок, односно дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата, поради што иницијативата е отфрлена. Судот, исто така, укажал дека со ваквото толкување на одредбата со ништо не се задира во уставната обврска на Собранието на Република Македонија за донесување на законите, доколку во овој период од шест месеци не е остварена обврската за усогласување на посебните закони со Законот за прекршоците. Таква обврска за Собранието впрочем произлегува од самиот Устав и од положбата на Собранието како носител на законодавната власт и таа постои и без нејзино посебно предвидување во закон што го донесува самото Собрание, за што станува збор во овој конкретен случај.
Со доставената иницијатива повторно се бара од Уставниот суд да се произнесе за уставноста на истото законското решение со кое се пропишува обврска на државните органи за усогласување на застареноста за поведувањето и водењето на прекршочна постапка во определен рок од шест месеци, на посебните закони со одредбите за застареност во Законот за прекршоци, како lex generalis, затоа што бараното усогласување било во надлежност на законодавната власт и не можело да се пренесе на други државни органи, како што било сторено со оспорената одредба.
Судот оцени дека и во одговор на оваа иницијатива, важат истите аргументи за оцена на уставноста на ова прашање утврдени во Решението на Уставниот суд У.бр. 137/2011 и дека и оваа иницијатива треба да биде отфрлена од истите причини.
Поради наведеното, Судот оцени дека се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.11/2013
20 февруари 2013 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски