Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 27, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 февруари 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 ставови 3 и 4, член 7 став 1, во делот: „кон секоја исправа или поднесок“, член 7 став 2, во делот: „кон секоја исправа или поднесок“ и член 7 став 3 од Законот за адвокатските маркички („Службен весник на РМ“ бр.84/2012).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за адвокатските маркички, во целина, и посебно член 1, член 2, член 3, член 4, член 6 ставови 1, 2 и 5, член 9, член 11, член 12, член 13 и член 14.
3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 10 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
4. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на членовите на Законот, означени во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
6. Стамен Филипов од Скопје, Димитрија Атанасовски од Скопје, Адвокатска комора на Република Македонија – Скопје како и 15 иницијативи од повеќе групи адвокати во Република Македонија и од адвокати поединци до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за адвокатските маркички во целина и посебно на членовите кои се означени во точката 1, 2 и 3 од ова решение.
Според наводите содржани во сите поднесени иницијативи, кои во целост меѓусебно се поврзани и идентични, оспорениот закон бил противуставен, без да се конкретизира уставна норма со која истиот во целина се коси, а поединечно се наведуваат во сите иницијативи идентични аргументи по однос на неуставноста на посебно оспорените одредби од Законот. Така, по однос на член 1, член 2 став 1 и член 7 став 1 од Законот, подносителите на иницијативите тврдат дека овие одредби биле нејасни, непрецизни, непотполни и од уставно-правен аспект неодржливи, од причина што овој закон се однесувал само за адвокатите поединци, а не и за адвокатите кои својата дејност ја вршат како адвокатски друштва. На тој начин, адвокатите биле ставени во нееднаква правна положба, што било во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 9, член 33, член 51, член 55 и член 55 од Уставот на Република Македонија.
Во иницијативите, исто така, се наведува дека со член 2 став 2 и член 7 став 2 од Законот, каде се предвидувало склучување на писмен договор со корисникот на правната помош врз основа на кој било задолжително плаќањето да се врши преку носител на платен промет, се повредувал член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од причина што воопшто не било јасно дали тие одредби се однесувале само на адвокат поединец или и на адвокатските друштва.
Со препишувањето во член 7 став 2 од Законот дека адвокатот бил должен писмениот договор од член 2 став 2 да го приложи во прилог кон секоја исправа или поднесок на кој не е ставена адвокатска маркичка, доколку плаќањето на наградата било над минималните износи предвидени со тарифата и каде плаќањето се вршело преку носител на платен промет, според подносителите на иницијативите, се засегнувало во интерното работење на адвокатите и во односите со нивните клиенти, кои претставувале деловна тајна.
Истовремено, според иницијативата, членот 2 од Законот, не бил јасен и од причина што Законот не определил на која вредност ќе се плаќа адвокатската маркичка и вредноста на која ќе гласат адвокатските маркички.
Од причина што според членот 3 од Законот адвокатската маркичка се употребувала исклучиво од адвокатите запишани во Именикот на адвокати што се водел во Адвокатската комора на Република Македонија, според иницијативата, не било јасно на кои адвокати не се однесувал овој закон.
По однос на членот 4 од Законот, подносителите на иницијативите, сметаат дек аконтацијата за персонален данок не била според законската стапка од 10% од приходот, туку 100% од приходот.
Оспорениот член 6 од Законот бил неодржлив од уставно-правен аспект, од причина што адвокатските маркички биле инструмент на аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход, согласно член 2 став 1 од Законот, според кое истата претставувала хартија од вредност која треба да гласи на номинална вредност. Така, според иницијаторите, предвидените реални трошоци за печатење, издавање, транспортирање и чување на адвокатските маркички, ги доведувале адвокатите во нерамноправна и нееднаква правна положба со другите граѓани во Република Македонија, што не било во согласност со владеењето на правото и со еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.
Со поднесените иницијативи се оспорува членот 7 од Законот, наведувајќи дека оваа законска одредба била спротивна на Амандманот XXV од Уставот, според кој постапката пред судовите се уредувал со закон донесен со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници. Исто така, одредбата на член 7 не била во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 53 од Уставот на Република Македонија.
Со оспорениот член 9 од Законот, според иницијативите се нарушувал основниот принцип на адвокатурата – тајноста на податоците за странките кои побарале правна помош од адвокатите кое било спротивно на горенаведените членови од Уставот.
Со иницијативата на Димитрија Атанасовски, посебно се оспорува и член 10 од Законот, наведувајќи дека од содржината на оваа законска одредба воопшто не било јасно зошто Управата за јавни приходи била заинтересирана толку брзо да „враќа“ прибрани средства од Буџетот.
Со иницијативата, исто така, се оспоруваат и членовите 11, 12, 13 и 14 од Законот, без притоа да се наведуваат посебни образложени причини и аргументи за нивната неуставност, едноставно повикувајќи се на претходно наведените причини кои се однесуваат на другите членови од Законот, со исклучок за членот 14, наведувајќи дека со овој член од Законот адвокатите поединци биле ставени во нерамноправна положба со другите учесници на пазарот, како и со останатите адвокати кои не работеле како поединци кои на софистициран електронски начин го регистрирале готовинското плаќање. Членот 14 од Законот, исто така, не бил во согласност и со член 33 од Уставот, од причина што фискалниот систем го регистрирал и пресметувањето на данокот на додадена вредност кој не бил предмет на даночната маркичка.
Поради наведените причини подносителите на иницијативите, предлагаат Судот да ги укине или поништи оспорените одредби и истовремено предлагаат Судот да донесе решение за времена мерка во смисла на член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
7. Судот на седницата утврди дека оспорениот Закон за адвокатски маркички содржи вкупно 16 члена.
Во член 1 од Законот е предвидено дека со овој закон се уредува воведување и користење на адвокатските маркички од страна на адвокатите поединци.
Според член 2 од Законот, адвокатската маркичка е инструмент за аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход за оние приходи кои адвокатите поединци ги остваруваат во готово во случаите кога наградата за дадената правна помош гласи на минималните износи утврдени со Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите (во натамошниот текст: тарифата).
При плаќање на наградата над минималните износи утврдени со тарифата, зголемување на наградата, како и при плаќање на трошоците согласно со тарифата, адвокатите се должни да состават писмен договор со корисникот на правната помош врз основа на кој плаќањето е задолжително да се врши преку носител на платен промет.
Во член 3 од овој закон е предвидено, дека адвокатската маркичка се употребува исклучиво од адвокатите запишани во Именикот на адвокатите што се води во Адвокатската комора на Република Македонија за преземените дејства од членот 2 став 1 од овој закон.
Членот 4 од Законот предвидува, адвокатската маркичка гласи на минималните износи за преземените дејства утврдени со тарифата.
Адвокатската маркичка не може да гласи на помал износ од износот кој за односното дејствие е определен со тарифата.
Во член 6 од Законот е предвидено, дека адвокатските маркички се издаваат на адвокатот лично.
Управата за јавни приходи води евиденција за издадените адвокатски маркички.
За печатење, издавање, транспортирање и чување на адвокатските маркички се плаќа надоместок кој е на товар на адвокатот.
Висината на надоместокот од ставот 3 на овој член се утврдува според реалните трошоци направени за печатење, издавање, транспортирање и чување на адвокатските маркички.
Формата и содржината, вредноста, начинот на издавање, подигање, повлекување од употреба и висината на надоместокот за адвокатските маркички, ги пропишува министерот за финансии.
Согласно член 7 од Законот, адвокатот е должен адвокатската маркичка да ја приложи кон секоја исправа или поднесок за кој согласно со тарифата е предвидена награда која гласи на износите од членот 2 став 1 од овој закон.
Адвокатот е должен писмениот договор од членот 2 став 2 од овој закон да го приложи како прилог кон секоја исправа или поднесок на кој не е ставена адвокатска маркичка, доколку плаќањето на наградата е над минималните износи предвидени со тарифата, односно каде што плаќањето се врши преку носител на платен промет.
Исправата или поднесокот кој е составен од адвокат кој не содржи адвокатска маркичка, содржи адвокатска маркичка во помал износ од оној што е определен со тарифата или не содржи писмен договор во прилог согласно со ставот 2 на овој член, се сметаат за неуредни и ќе бидат отфрлени од страна на примателот.
Според член 9 од овој закон, адвокатот е должен да води евиденција за употребените адвокатски маркички.
Формата и содржината на евиденцијата од ставот 1 на овој член ги пропишува министерот за финансии.
Евиденцијата од ставот 1 на овој член се доставува до Управата за јавни приходи најдоцна до 31 јануари во текот на годината за претходната календарска година.
Употребените адвокатски маркички се сметаат за аконтација на персоналниот данок на доход за календарската година во која се употребени.
Неупотребените адвокатски маркички адвокатот може да ги искористи во наредните даночни периоди.
Според член 10 од законот, во случај на престанок на вршење на дејноста адвоктот е должен, најдоцна во рок од 15 дена од денот на престанокот на вршењето на дејноста, сите неупотребени адвокатски маркички да ги врати на Управата за јавни приходи за што се составува записник.
Во прилог на записникот од ставот 1 на овој член се доставува и евиденцијата за употребените адвокатски маркички.
Во член 11 од законот, глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на адвокатот поединец за сторен прекршок, ако постапи спротивно на членот 2 став 2 од овој закон.
За прекршоците од ставот 1 на овој член на адвокатот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на дејност во траење од 15 дена.
Според член 12 од законот, глоба во износ од 2.500 до 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на адвокатот поединец за сторен прекршок, ако:
1) не приложи адвокатска маркичка на исправа или поднесок за кој согласно со овој закон е пропишана употреба на адвокатска маркичка (член 7 став 1),
2) не приложи писмен договор во прилог (член 7 став 2),
3) не води евиденција за употребени адвокатски маркички (член 9 ставови 1 и 2) и
4) не ги врати сите неупотребени адвокатски маркички во утврдениот рок (член 10 став 1).
За прекршоците од ставот 1 на овој член на адвокатот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на дејност во траење од десет дена.
Според член 13 од овој закон, за прекршоците од членовите 11 и 12 од овој закон прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува Управата за јавни приходи во согласност со одредбите од Законот за даночна постапка.
Согласно член 14 од Законот, со денот на започнување на примената на овој закон, за адвокатите поединци запишани во Именикот на адвокатите што се води во Адвокатската комора на Република Македонија престанува обврската од членот 2 од Законот за регистрирање на готовинските плаќања, за воведување и користење на одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и задолжително издавање на фискална сметка за дадената правна помош.
8. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот се владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото.
Во член 9 од Уставот на Република Македонија се предвидува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во член 33 од Уставот, кој е поместен во Глава II од Уставот, со наслов: „Основни слободи и права на човекот и граѓанинот“, точка 3, со поднаслов: „Економски, социјални и културни права“, се предвидува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Членот 53 од Уставот определува дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија која се остварува на начин што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите, а истовремено како економска обврска за секој стои плаќањето на данок и други јавни давачки и учествувањето во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Од содржината на член 53 од Уставот, произлегува дека адвокатурата е јавна служба што обезбедува правна помош, при што таа јавна служба е самостојна и независна и врши јавни овластувања кои и се доверени со закон.
Со член 2 од Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија бр.59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008 и 135/2011) адвокатурата е дефинирана како самостојна и независна јавна служба која единствено обезбедува и дава правна помош согласно овој и друг закон (став 1). Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони (став 2).
Според член 5 од Законот, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бршење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика.
Во членот 6 од овој закон е предвидено дека адвокатската дејност ја вршат исклучиво адвокати кои положиле заклетва и се запишале во Именикот на Адвокатската комора на Република Македонија (став 1). Адвокатите ја вршат адвокатската дејност како адвокати поединци и адвокати здружени во адвокатско друштво (став 2). Адвокатите поединци и адвокатските друштва се запишуваат во именик на адвокатите кој што се води во Адвокатската комора на Република Македонија (став 3).
Според член 7 од Законот, адвокатот поединец ја извршува адвокатската дејност поединечно (став 1).
Во член 8 од овој закон е предвидено дека двајца или повеќе адвокати, можат да основаат адвокатско друштво (став 1). Адвокатското друштво врши адвокатска дејност како адвокат поединец (став 2). Адвокатското друштво се основа со одлука за основање (став 3). Адвокатското друштво се запишува во Именик на адвокатски друштва кој што се води во Адвокатската комора на РМ со што се стекнува со статус на правно лице согласно со овој закон (став 5).
Од анализата на цитираните одредби од Законот за адвокатурата јасно произлегува дека во Република Македонија адвокатите ја вршат адвокатската дејност како адвокати поединци кои адвокатската дејност ја вршат поединечно и адвокати здружени во адвокатски друштва кои имаат статус на правно лице.
Оспорениот Закон за адвокатски маркички го уредува воведувањето и користењето на адвокатските маркички од страна на адвокатите поединци (член 1).
Од содржината на целината на оспорениот закон, според Судот, јасно и недвосмислено произлегува дека основната интенција на законодавецот е со воведувањето и користењето на адвокатските маркички од страна на адвокатите поединици да се овозможи аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход, односно евидентирање на приходите кои адвокатите поединци ги остваруваат во готово.
Оданочувањето на адвокатите е регулирано со Законот за персоналниот данок на доход, според кој под приходи од самостојна дејност се сметаат и приходите од адвокатска дејност. Законот за регулирање на готовинските плаќања ја пропишува обврската сите даночни обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кои плаќањето не се врши по банкарски пат, да воведат и користат одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и задолжително да издаваат фискални сметки за извршениот промет, односно за дадената услуга.
Наводите во поднесените иницијативи дека одредбите на член 1 и член 2 од оспорениот Закон за адвокатски маркички биле нејасни, непрецизни и непотполни и од уставно-правен аспект неодржливи од причини што овој закон се однесувал исклучиво само на адвокатите поединци, а не и за адвокатите кои својата дејност ја вршат како адвокатско друштво, со што адвокатите биле ставени во нерамноправна положба, според Судот, се неосновани од следниве причини.
Oд анализата на содржината на оспорените одредби, неспорно произлегува дека адвокатската маркичка исклучиво се употребува за преземените дејствија од адвокатите поединци запишани во Именикот на адвокатите што се води во Адвокатската комора на Република Македонија и истите се издаваат на адвокатот лично. Со оспорениот закон се воспоставува евиденција на приходите кои ги остваруваат адвокатите поединци кои се реализираат во готово, односно не преку банкарски пат, зашто истите имаат даночна обврска изразена преку персоналниот данок на доход, имајќи го во вид фактот што истите се физички лица и како такви преземаат одредени дејствија за себе и за своја сметка.
Фактот што Законот за адвокатски маркички се однесува исклучиво за адвокатите поединци, а не и за адвокатските друштва не го чини Законот противуставен. Ова од причина што овие форми на организирање на адвокатурата како дејност која е уредена со Законот за адвокатура, во поглед на даночните обврски кои произлегуваат од посебните даночни закони, имаат сосема поинаков даночен третман од причина што станува збор за физичко лице (адвокат поединец) и правно лице (адвокатско друштво).
Ваквата суштинска разлика и подвоеност во субјективитетот зборува за околноста дека правата и обврските на истите како такви не може да бидат регулирани со ист закон и на ист начин. Ова со оглед на тоа дека адвокатите поединци како физички лица кои остваруваат приход од самостојно вршење на дејност, во смисла на позитивната даночна регулатива, се даночни обврзници за целите на персоналниот данок на доход. Адвокатските друштва, пак, од друга страна, со оглед на нивниот правен субјективитет, односно статус на правно лице, се даночни обврзници за целите на данокот на добивка. Така, Законот за данокот на добивка во членот 4 став 1 предвидува дека обврзник на данокот на добивка е правно лице (субјект) – резидент на Република Македонија кој остварува добивка од вршење на дејност во земјата и странство.
Тргнувајќи од фактот дека адвокатското друштво кое врши адвокатска дејност има статус на правно лице (член 8 од Законот за адвокатура), истиот во смисла на член 4 став 1 од Законот за данокот на добивка, е даночен обврзник, што значи дека не се доведуваат во нерамноправна положба овие два субјекти на кои се алудира во иницијативите, од причини што истите имаат различен правен статус, кој резултира со даночно регулирање во различни закони. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорениот член 1 и член 2 од Законот се во спротивност со уставните норми на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.
Ценејќи ја посебно содржината на член 2 став 2 од Законот vis a vis уставните одредби од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, Судот оцени дека истата не може да се доведе под сомнение по однос на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија. Имено, оспорениот став 2 на членот 2 од Законот е јасен, прецизен и дециден и од волјата на странките зависи кога адвокатот ќе го поднесе писмениот договор склучен со корисникот на правната помош до носителот на платниот промет. Јасни и прецизни норми, како оспорените овозможуваат едно демократско општество да се заснива на принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, како составен дел на наведената темелна вредност на уставниот поредок.
Од наведените причини Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 2 од Законот со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија содржан во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот – владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија.
Наводите во иницијативите дека членот 3 од Законот, бил нејасен и непрецизен и истовремено спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според Судот, се неосновани. Ова од причина што Законот во член 1 точно, прецизно и децидно утврдува дека воведувањето и користењето на адвокатските маркички исклучиво се однесува на адвокатите поединци (физички лица) кои што како такви се запишани во Именикот на адвокатите што се води во Адвокатската комора на Република Македонија, а за вршење на нивната адвокатска дејност.
Оттука, јасно произлегува дека ваквата обврска предвидена во оспорениот член 3 од Законот за адвокатска маркичка се однесува за адвокатите кои се запишани во Именикот на адвокати, а кои ја вршат самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба која обезбедува правна помош. Адвокатската дејност ја вршат исклучиво адвокати кои се запишани во Именикот на адвокатите, па оттука логично е Законот за адвокатски маркички да се однесува исклучиво на адвокатите кои се запишани во Именикот и кои како такви вршат адвокатска дејност. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативите дека оспорениот член 3 од Законот е нејасен и непрецизен, што го чини спротивен на темелниот принцип на уставниот поредок на РМ – владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија.
Членот 4 од Законот за адвокатските маркички предвидува дека истите гласат на минималните износи за преземените дејства утврдени со тарифата и истите не можат да гласат на помал износ кој за односното дејствие е определен со тарифата.
Подносителите на иницијативите сметаат дека оваа законска одредба е неодржлива и спротивна на Уставот затоа што овој закон се „подредувал“ спрема тарифата, а не спрема Законот. Меѓутоа, од анализата на содржината на оспорената одредба, а во корелација со уставните норми, како и позитивните прописи во Република Македонија кои ја регулираат оваа тематика, не може да се прифати тврдењето на иницијативата за неуставноста на оваа одредба од Законот од причина што „подредувањето“ на адвокатската маркичка, како што терминолошки се означува во иницијативите сторено од причини што според Законот за адвокатурата (член 19) во Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, децидно се утврдени износите за преземените дејствија, што значи дека тарифата како подзаконски акт е операционализација на Законот, со што не може да се прифати тврдењето дека Законот е „подреден“ на Тарифата.
Поради наведеното оспорениот член 4 од Законот, според Судот, не може да се доведе под сомнение по однос на одредбите од Уставот на кои се алудира во иницијативите.
Според член 5 од Законот за адвокатските маркички, адвокатските маркички ги печати и издава Управата за јавни приходи. Значи ако Управата за јавни приходи, како државен инструмент, ги печати и издава адвокатските маркички и истите се издаваат на адвокатот со цел евидентирање на аконтативното плаќање на персоналниот данок на доход за приходите кои адвокатите поединци ги остваруваат во готово, според Судот, тие имаат карактер на хартија од вредност, која според Законот за хартии од вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2005), треба да гласи на номинална вредност.
Имено, според член 2 точка 43 од Законот за хартии од вредност, под изразот хартии од вредност се подразбира, меѓу другото и инструментот „обврзници“ (што меѓу другото претставува и адвокатската маркичка).
Во членот 3 од овој закон, се предвидува дека хартии од вредност можат да издаваат Министерството за финансии во име на Република Македонија домашни и странски правни лица. Во конкретниов случај тоа го чини Управата за јавни приходи, како составен орган на Министерството за финансии.
Законот за хартии од вредност, во член 4, предвидува дека хартиите од вредност се издаваат во дематеријализирана форма, а во член 6 став 1 се предвидува дека хартијата од вредност има номинална вредност.
По однос на член 6 ставови 1, 2 и 5 од Законот, Судот оцени дека истите не се противречни на Уставот и обврската на министерот за финансии за пропишување на формата и содржината, вредноста, начинот на издавање, подигање, повлекување од употреба и висината на надоместокот за адвокатските маркички е само доразработка на законот изразена во подзаконски акт.
Предмет на уставно-судска анализа во конкретниов предмет е и член 9 од Законот за адвокатските маркички. Со овој член од Законот се предвидува обврската адвокатот да води евиденција за употребените адвокатски маркички, како и обврската да таа евиденција се достави до Управата за јавни приходи најдоцна до 31 јануари во текот на годината за претходната календарска година.
Подносителите на иницијативите тврдат дека со ваквото законско решение се нарушувал основниот принцип на адвокатурата – тајноста на податоците за странките кои побарале правна помош од адвокатите, со што се повредувал принципот на владеењето на правото – член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 53 од Уставот.
Според Судот, истакнатите наводи во иницијативите се неосновани, од причина што во конкретнава правна ситуација предмет на оданочување се јавни приходи (со оглед на фактот што адвокатурата е јавна дејност, односно служба). Јавните приходи во смисла на член 4 точка 2 од Законот за даночната постапка („Службен весник на РМ“ бр.13/2006……….. 84/2012) се финансиски средства што ги управува Управата за јавни приходи за финансирање на јавните расходи.
Во членот 9 став 1 од Законот за даночната постапка, се предвидува дека службените лица се должни како даночна тајна да ги чуваат: 1) сите документи, информации, податоци или други факти за даночниот обврзник до кои дошле во даночна, прекршочна или судска постапка; 2) податоци за пронајдоци или патенти, како и сите други податоци за технолошките постапки кои ги применува даночниот обврзник и 3) сите деловни тајни за трето лице со кои е запознаено службеното лице.
Тргнувајќи од содржината на наведените одредби од Законот за даночната постапка, според Судот, јасно произлегува дека и со доставувањето на евиденцијата за употребените адвокатски маркички од страна на адвокатот до Управата за јавни приходи не се нарушува тајноста на податоците добиени од странките, со оглед на фактот што Управата за јавни приходи како орган на државната управа во состав на Министерството за финансии во чиј делокруг на работа, меѓу другото е водење даночна евиденција е должна како даночна тајна да ги чува сите податоци, информации и било кои други факти до кои дошле во текот на даночната постапка односно во текот на работењето. Оттука, со доставувањето на евиденцијата за употребените адвокатски маркички до надлежен државен орган не претставува нарушување на тајноста на податоците добиени од странките, со оглед на законската обврска за чување на даночна тајна, а дотолку повеќе што предмет на обработка од надлежниот даночен орган се приходите на адвокатите поединци кои ги остваруваат во готово, а не добиените податоци од странките.
Оттука, според Судот, членот 9 од Законот, не може да се доведе под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 53 од Уставот.
Ценејќи ги наводите во иницијативата по однос на членовите 11, 12, 13 и 14 од Законот, Судот утврди дека се неосновани, од причина што истите се јасни, недвосмислени и прецизни и уставно оправдани и се во согласност со надлежноста на законодавната власт. Имено, право е на законодавецот да ја уредува прекршочната политика, со цел за ефикасно извршување на обврските кои ги регулира Законот за адвокатските маркички. Уставниот суд нема надлежност да ја определува висината на глобата за сторениот прекршок, бидејќи со тоа би навлегол во спроведувањето на законодавната политика, што е во спротивност со Уставот на Република Македонија.
Што се однесува пак посебно до членот 14 од Законот, кој претставува преодна одредба, исто така според Судот право е на законодавецот да го уредува правниот систем во Република Македонија и нема противуставност во содржината на одредбите на член 14 од Законот со тоа што со уредување на нов правен акт, престанува да важи правниот акт кој претходно уредува прашања од карактер на оданочување и пријавување на приходи од страна на адвокатите поединци.
При градењето на правното мислење по однос на оваа проблематика Судот го имаше во вид и ставот на Уставниот суд изразен во Одлуката У.бр.171/2011 од 11 април 2012 година, со која Уставниот суд ја укина Одлуката за измена и дополнување на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2011) според кој не е спорна обврската на адвокатите за предавање на соодветна коморска маркичка за застапување, но истата била системски лошо поставена бидејќи таа требало да се уреди со Закон, а не со подзаконски акт.
Оттука, ова оди во прилог на основаноста и неопходноста на донесувањето на оспорениот закон и системско правно регулирање на адвокатската маркичка како услов за наплата на адвокатските трошоци, и основ за аконтативно плаќање на пресоналниот данок на доход за оние приходи кои адвокатите ги остваруваат во готово.
9. Од анализата на содржината на член 6 ставови 3 и 4 од Законот, а во корелација со одредбите од Законот за хартии од вредност, Судот оцени дека обврската адвокатот да го плаќа надоместокот за печатење, издавање, транспортирање и чување на адвокатските маркички, која висина се утврдува според реалните трошоци направени за наведените дејствија,основано може да се доведе во прашање нејзината согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од причина што колизијата на одредбите од двата закона кои егзистираат во правниот поредок на Република Македонија, доведуваат до правна несигурност на граѓаните на Република Македонија, со што се доведува во прашање доследната примена на законите во Република Македонија. Од изнесените аргументи, Судот оцени дека оспорениот член 6 ставови 3 и 4 од Законот, основано може да се доведат под сомнение по однос на Уставот на Република Македонија.
Анализирајќи го членот 7 ставови 1 и 2 од Законот, во контекст на наводите во иницијативата, според Судот истиот во делот: „кон секоја исправа или поднесок“, е во директна спротивност со начелото на ефикасност и економичност на постапката, што е едно од основните начела за судење во разумен рок, кон што тежнее и нашиот правосуден систем, а секако во смисла на член 6 од Европската конвенција за човекови права. Имено, обврската на адвокатот адвокатската маркичка да ја доставува кон секоја исправа или поднесок за кој согласно со тарифата е предвидена награда која гласи на износите од членот 2 став 1 на овој закон, односно од членот 2 став 2, според Судот, значи нереално прикажување на приходите на адвокатот што се основ за аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход со што не се реализира уставниот основ на законодавецот за утврдување на изворите на приход на адвокатите поединци, како основ за нивно одданочување.
Што се однесува до ставот 3 на членот 7 од Законот, Судот оцени дека истиот во целина основано може да се доведе под сомнение по однос на одредбите од Уставот на кој се повикуваат иницијативите – член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 53, а поради следниве причини.
Од содржината на ставот 3 на членот 7 од Законот за адвокатски маркички произлегува дека тој предвидува отфрлање на исправата или поднесокот составен од адвокат од страна на примателот доколку истите не содржат адвокатска маркичка, или пак истата е поднесена во помал износ од оној што е определен со тарифата или не содржи писмен договор во прилог согласно со ставот 2 на овој член од Законот.
Според Судот, наведената законска определба навлегува во судската надлежност, односно во текот на постапката која се води по одреден иницијален акт, што е во спротивност со Амандман XXV од Уставот.
Амандман XXV од Уставот предвидува дека видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Од анализата на оспорената законска одредба во корелација со содржината на уставниот амандман, произлегува дека ваквото условување основано се доведува под сомнение по однос на начелото на владеењето на правото и во крајна линија, со овластувањата на адвокатурата, како самостојна и независна јавна служба да врши јавни овластувања во согласност со закон. Имено, ваквата одредба е спротивна со Амандман XXV од Уставот од причина што оценката на неуредност на исправата или поднесокот која резултира со отфрлање на соодветниот поднесок е од влијание за текот на постапката што во смисла на Амандман XXV точка 4 од Уставот е предмет на процесните закони, кој што се донесуваат со двотретинско мнозинство, што не е случај со оспорениот закон.
Така, оспореното законско решение во член 7 став 3, веќе е законски уредено во повеќе процесни закони како што е сторено во член 98 став 8 од Законот за парнична постапка (за кој веќе Уставниот суд со Решение У.бр.96/2011 и У.бр.216/2011 се произнесе дека се во согласност со Уставот на Република Македонија) како и во другите закони кои го регулираат текот на судската постапка.
Од наведеното Судот утврди дека оспорената одредба на член 7 став 3 од Законот основано може да се доведе под сомнение по однос на темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3, како и со Амандман XXV од Уставот.
10. Што се однесува до оспорениот член 10 од Законот сметаме дека во врска со оценката на овој член од Законот, иницијативата поднесена од Димитрија Атанасовски, од уставно правен аспект не содржи уставни аргументи врз основа на кои Судот би се впуштил во анализа за неговата согласност со Уставот. Од овие причини, во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, овој Суд иницијативата во овој дел ја отфрли.
11. Имајќи предвид дека Судот оцени дека член 6 ставовите 3 и 4, член 7 ставовите 1 и 2, во оспорените делови, како и член 7 став 3 од Законот за адвокатските маркички основано можат да се доведат под сомнение по однос на Уставот на Република Македонија, Судот оцени дека во конкретниов случај исполнети се условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на членовите од Законот означени во точката 1 од ова решение. Ова од причина што, според оценката на Судот, со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.
12. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
13. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски, а по однос на член 2 став 2 и член 12 став 1 точките 1 и 2 од Законот, решението е донесено со мнозинство гласови.
У.бр.166/2012
20 февруари 2013 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски