У.бр.98/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеja 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), по одржаната подготвителна седница на 15 март 2012 година, на седницата одржана на 13 февруари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:

– член 70 став 6 во делот: „кого Владата на Република Македонија го именува од редот на членовите на Одборот“ и член 96 став 7 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009, 115/2010, 17/2011 и 51/2011) и

– член 15 став 2 од Уредбата за нормативи и стандарди за основање на високообразовни установи и за вршење на високообразовна дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/2010 и 168/2010),

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на :

– член 69 став 6,
– член 70 став 1 во делот: „девет члена именувани од Владата на Република Македонија, од кои најмалку шест члена се од редот на професорите на високообразовните установи“, став 5 и став 6 во деловите: „претседателот на Одборот“ и “го претставува и застапува Одборот“
– член 72 став 2 во делот:„ по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија“ и став 3,
– член 77 ставовите 6, 7 и 8,
– член 87-а
– член 96 ставовите 6, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 14, 15, 16, 17, 18 и19 ,
– член 99 ставовите 2, 3, 11, 12, 14 и 15,
– член 103 став 5,
– член 113 ставовите 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12,13, 14, 17 и 18 во делот: „без оглед дали бракот престанал или не“
– член 125 ставовите 2, 3, 4, 5, 6 и 7,
– член 133 став 11,
– член 134 став 1 во делот: „ а повторен избор за редовен професор за време од седум години“ и став 2 во делот:„по повторниот избор“,
– член 136 став 1 во делот: „има објавено научни и стручни трудови од кои најмалку два научни труда во најпрестижни меѓународни списанија со импакт фактор или трудовите се цитирани во истите, по истекот на нај малку половина од времето за кое е извршен изборот во делот:„ има објавено научни и стручни трудови од кои најмалку два научни труда во најпрестижни меѓународни списанија со импакт фактор или трудовите се цитирани во истите, по истекот на најмалку половина од времето за кое е извршен изборот и став 2 во делот:„ доколку покрај условите од ставот 1 на овој член има објавено најмалку четири научни или стручни труда во најпрестижни меѓународни списанија со импакт фактор или пак тие се цитирани во истите“,
– член 140 став 2,
– член 146-а став 2 и
– член 161-б став 1 алинеите 14 и 16 од Законот означен во точката 1 на ова решение,
– член 14, член 15 ставовите 1, 3, 4 и 5, член 16 и член 17 од Уредбата за нормативи и стандарди за основање на високообразовни установи и за вршење на високообразовна дејност, означена во точката 1 алинеја 2 на ова решение,

– Правилникот за условите кои треба да ги исполнува истакнатиот стручњак од практиката од соодветната област за изведување на клиничка настава („Службен весник на Република Македонија“ бр. 120/2010) и

– Правилникот за начинот и условите за организирање на практична настава за студентите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 120/2010).

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 8 ставовите 2 и 3, член 52 став 1 алинеја 16 и член 54 став 1 алинеја 9 од Законот означен во точка 1 алинеја 1 на ова решение.

4. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

5. Проф. Слободан Унковски и 12 други професори и друг академски кадар од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје и група сенатори при Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, поднесоа иницијативи до Уставниот суд на Република Македонја за поведување на постапка за оценување на повеќе одредби од Законот за високото образование.

– Со иницијативата поднесена од проф. Слободан Унковски и 12 други професори и друг академски кадар од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, се оспруваат одредби од Законот за високото образование, затоа што со истите се повредувале член 8, член 9, член 46, член 47, член 51 и член 54 од Уставот.

Во иницијативата најпрво се наведува дека член 46 од Уставот ја дефинира автономијата на универзитетот како дел на долгата традиција на човекови права и статусната положба на високото образование, универзитетите, конституционализмот и владеењето на правото во демократските и либералните држави низ западната цивилизација на која припаѓаме. Низ историјата се покажало дека само така поставениот универзитет, во целосна автономија, ја извршувал својата општествена, научно-истражувачка, педагошка функција и улога во корист на напредокот, слободата и благосостојбата на општеството во целина. Автономијата била историска придобивка, право вградена во вековната традиција на европските слободни универзитети, почнувајќи од Болоњскиот (13 век) па до денес.

Правата дефинирани со Лисабонската Декларација на Европската Универзтетска асоцијација (2007) биле вградени во статусот на универзитетите и националните законодавства на европските држави. Тие требало, исто така, да бидат вградени и во нашето законодавство, во целост, и тоа согласно Уставот.

Според Лисабонската декларација, под универзитетска самостојност се подразбирало:

– академска слобода,
– финансиска автономија,
– организациона автономија,
– кадровска автономија

Уставната гаранција (член 46 од Уставот) претставувала најсилен правен статус на некое право. Имено, таа не само што ја признавала и штитела, туку и ја гарантирала автономијата на универзитетот.

Уставната гаранција подразбирала дека правото на автономија на универзитетот, уставно има позиција која му обезбедувала дополнителен државен ангажман за негово остварување во практика.Тоа, исто така, значело дека субјектот на правото, во овој случај автономниот универзитет, имал право не само на признавање и заштита, туку и на поткрепа од страна на државата на неговиот автономен статус, притоа без мешање во остварувањето на автономијата.

По сила на Уставот, гаранцијата на некое право била насилен статус на некое право. Автономијата на универзитетот го уживала тој статус. Во оваа смисла, Уставот поаѓал оттаму дека автономијата е нужна за самото постоење на универзитетот, бидејќи тој како установа, кај студентите создавал знаење и ги воведувал во науката, а тоа можело да се прави само ако самостојно го уредувал своето устројство и делување. Токму затоа, одлучувањето за организацијата, наставата и делувањето по сила на уставните одредби спаѓале во подрачјето на академската самоуправа.

Оттука, подносителите на иницијативата сметаат дека при одлучувањето за статусот на уставната автономија на универзитетот, како клучни прашања кои се отвараат со иницијативата, а на кои треба да се одговори, се следните:

– во однос на кои тела и органи на државните власти универзитетот се појавува како автономен?
– како се остварува уставната одредба: „автономијата се остварува во согласност со закон..“
– каде се границите на согласноста на законот и со кои облици на стручен, финансиски и друг надзор државните власти и основачот на универзитетот ја остваруваат законитоста на остварувањето на автономијата на универзитетот? Тоа било прашање на пропорционалноста на мешањето на државните органи, без да се наруши уставно загарантираната автономија на универзитетот.
– на кои членки на универзитетот се однесува одредбата за уставна автономија и како се остварува принципот на автономија во однос на деловите внатре во универзитетот, односно прашањето за хоризонтално протегање на гаранцијата за уставна автономија на универзитетот.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека Законот за високото образование во неговите претходни решенија имал тенденција да ја озакони со Устав загарантираната автономија на универзитетот. Со најновите измени и дополнувања на Законот за високото образование, уставната автономија на универзитетот била дополнително нарушена или целосно елиминирана. Законот бил спротивен на општо прифатениот стандард за определувањето на автономијата на универзитетот, на меѓународен план, а воедно бил спротивен и на досегашната македонска уставна и законска традиција.

– Оспорени одредби од Законот со кои се повредувала академската автономија:

Според член 69 став 6 од Законот, надворешната евалуација се врши под критериуми утврдени со упатство за начинот на обезбедување и оценување на квалитетот на високообразовните установи и на академскиот кадар во Република Македонија, кое го донесува министерот надлежен за работите на високото образование. Според подносителите на иницијативата, давањето надлежности на министерот за образование и наука во регулирањето на начинот за обезбедување и оценување на квалитетот на високообразованите установи и на академскиот кадар во Република Македонија, било прашање од автономијата на универзитетот кое без никаква основа предвидена со Уставот, била пренесена на орган на извршната власт.

Според член 70 став 1 од Законот, Одборот за акредитација и евалуација на високото образование е составен од 23 члена од кои девет од редот на професорите избрани од Интеруниверзитетската конференција, соодветно на застапеноста на универзитетите според нивното учество во вкупниот број на прв пат запишани студенти во студиска година, два члена од Македонската академија на науките и уметностите, еден претставник на најрепрезентативното тело на работодавачите, два членa од интеруниверзитскиот парламент на студентите и девет члена именувани од Владата на Република Македонија, од кои најмалку шест члена се од редот на професорите на високообразовните установи. Според став 5 на истиот член, конститутивната седница на Одборот ја свикува министерот надлежен за работите на високото образование, а според став 6 на овој член, претседателот на Одборот, кого Владата на Република Македонија го именува од редот на членовите на Одборот, го претставува и застапува Одборот. Според подносителите на иницијативата, со наведените одредби, на извршната власт – Владата и министерот за образование и наука им се давале овластувања со кои се ограничувала автономијата на универзитетот содржана во член 46 од Уставот, без за тоа да постои уставен основ.

Според член 72 став 2 од Законот, правилникот со кој поблиску се уредуваат организацијата, работата, начинот на одлучување, методологијата за акредитација и евалуација, стандардите за акредитација и евалуација, како и други прашања во врска со работата на Одборот, го донесува Одборот по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија. Според подносителите на иницијативата, условувањето на донесување на правилникот со добивање на претходна согласност од Владата на Република Македонија, претставувало повреда на член 46 од Уставот.

Според член 72 став 3 од Законот, Одборот од редот на членовите формира стручни комисии за потребите на вршење на акредитацијата и евалуацијата. Според подносителите на иницијативата, ваквата одредба ја повредувала автономијата на универзитетот бидејќи Одборот бил тело кое што нема целосно професионален академски состав за да формира комисии што ќе решаваат за строго стручни прашања од областа на високото образование. Ова затоа што во составот на Одборот, во рамките на 9-те членови што ќе ги назначи Владата, можело да има тројца нестручни членови коишто не се од редот на професорите. Двајцата припадници од Студентскиот прламент, по дефиниција биле нестручни за решавање, а исто така и претставникот на најрепрезентативното тело на работодавачите, како член надвор од академската заедница, бил сосема нестручен за учество во комисиите за академските прашања.

– Оспорени одреби од Законот со кои се повредувала организационата и кадровската автономија на универзитетот:

Според член 77 ставовите 6 и 7 од Законот, министерството надлежно за работите на високото образование, за потребите на самоевалуацијата на високообразовните установи, воведува Државен електронски систем за самоевалуација и одлучува за содржината, формата и начинот на користење на Државниот електронски систем за самоевалуација. Според став 8 на истиот член, секој универзитет, односно самостојна високообразовна установа резултатите ги доставува до министерството надлежно за работите на високото образование кое изготвува интегрален извештај за резултатите од самоевалуацијата за универзитетите и самостојните високообразовни установи. Подносителите на иницијативата сметаат дека овие одредби биле во спротивност со член 46 од Уставот, согласно автономијата во самоорганизацијата на универзитетот. Имено, воведувањето на државен систем за „самоевалуација“ претставувало Contradictio in Adjecto, бидејќи самоевалуацијата била чисто автономно прашање на универзитетите и нивните членки.

Член 96 од Законот регулирал прашања кои се во исклучива надлежност на автономниот универзитет.

Така, со член 96 став 6 од Законот, се предвидувале критериуми коишто треба да ги исполни менторот на кандидатот за изработка на докторски труд. Со ваквата одредба законодавецот навлегувал во сферата на автономната самоевалуација на универзитетот, и тоа во делот на академската и на кадровската автономија. Притоа, оваа одредба имала и недозволено ретроактивно дејство, бидејќи на пример на 01.01.2015 година, од менторот ќе се барало трудовите да се објавени во периодот 2010-2015 година, а измените во кои се предвидуваат ваквите услови се донесени во 2011 година.

Со член 96 став 7 се регулирало дека менторот на докторскиот труд не може да биде член на комисијата за одбрана на докторскиот труд. Ставовите 8 и 9 го регулирале составот на комисијата за одбрана на докторскиот труд, а ставот 10 ги регулирал условите што треба да ги исполнат кандидатите за да можат да преминат кон одбрана на докторскиот труд. Ставовите 11 и 12 ги допрецизирале критериумите за менторства од ставот 6, дефинирајќи го поимот „меѓународно научно списание“ и „меѓународни научни публикации“. Со ставот 13 се ограничувал бројот на студенти на докторски студии, со ставот 14 бројот на менторствата на еден професор; ставот 15 го ограничувал бројот на докторски студиски програми во научна област, а ставовите 16, 17, 18 и 19 регулирале други прашања за организирање на докторските студии.

Сите прашања што ги третираат горенаведените ставови на член 96 од Законот, според подносителите на иницијативата, биле прашања на саморегулација во доменот на автономијата на универзитетот.

Според член 99 од Законот, Владата со уредба можела да уредува профил, цели и појдовни основи за формирање на студиските програми; да го утврдува соодносот на задолжителни и изборни предмети, да дефинира што се подразбира под клиничка настава; да ги утврдува условите што треба да ги исполнува стручњакот од практиката и да го пропишува начинот и условите за организирање на практична настава. Овие одредби, според подносителите на иницијативата, значеле повреда на академската автономија на универзитетот, бидејќи биле спротивни на член 46 од Уставот, не оставајќи му на универзитетот, со сопствени акти да го определува соодносот на задолжителни и на изборни предмети, особено кај специфичните подрачја и кај регулираните професии.

Членот 103 став 5 од Законот предвидувал на високообразовната установа наставата за најмалку две студиски програми за прв циклус на академски и стручни студии и најмалку четири студиски програми за втор циклус на академски и стручни студии задолжително да се изведува и да се полага на англиски јазик. Овој став, според подносителите на иницијативата, бил спротивен на универзитетската автономија и воедно бил противуставен бидејќи наметнувал обврска за задолжителна настава и испити на англиски јазик.

Членот 113 од Законот се однесува на екстерното оценување на универзитетите. Во оваа смисла, во иницијативата се укажува дека за екстерното оценување Уставниот суд веќе востановил практика со претходна Одлука од јули 2009 година, во којашто оценил дека орган на извршната власт, надвор од училиштето и воспитно-образованиот процес не може да врши екстерно проверување и оценување на учениците во основните и средните училишта, односно дека не е во согласност со Уставот и принципите на владеењето на правото да може Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат да организираат и да спроведуваат проверување на успехот на ученикот, а кое е од влијание на конечно постигнатиот општ успех на ученикот. Спроведувањето на наставниот процес и утврдувањето на општиот успех на ученикот го спроведуваат образовните установи и тела.

Со член 125 од Законот се предвидуваат критериуми за избор во наставно-научни звања, со што се кршела универзитетската и кадровската автономија. Овој член бил во спротивност со член 46 од Уставот, но и со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот, затоа што имал ретроактивно дејство кое не било поволно за субјектот, со оглед на тоа што, на пример од 01.01.2014 година ќе се ценеле постигнувањата на наставникот во претходните пет години, односно во периодот од 2009 до 2014 година, а измените во кои се предвидени условите од член 125 од Законот се донесени во 2011 година.

Со член 125 став 6 од Законот се предвидува дека во наставно-научното звање на иста единица на високообразовна установа не може да биде избрано лице кое има одбрането докторски труд на факултет каде што има засновано работен однос во наставно-научно, наставно, односно соработничко звање лице со кое е роднина по крв во права линија до кој и да е степен, а во странична линија до четврти степен, а ставот 7 на истиот член предвидува дека ставот 6 на овој член не се однесува на лице кое завршило магистерски или докторски студии на еден од првите 500 универзитети рангирани на последната објавена листа од следниве институции: Институт за високо образование при Шангајскиот Џио Тонг универзитет, US News and Report и Times Higher Education Supplement – World University Ranking. Според подносителите на иницијативата, овие одредби биле спротивни на член 9 од Уставот, според кој граѓаните се еднакви во слободите и правата, како и член 32 став 2 од Уставот, според кој секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Членот 134 став 1 се оспорува во делот: „ за повторен избор за редовен професор за време од седум години“ и член 134 став 2 во делот:„ по повторниот избор“. Овие одредби биле спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 и на членовите 46 и 47 од Уставот. Имено, член 134 став 1 предвидувал дека редовните професори се избираат за време од седум години, а ставот 2 предвидувал дека редовниот професор, по повторниот избор, заснова работен однос на неопределено време и го задржува звањето редовен професор, односно професор доживотно. Одредбата со која се предвидува реизбор на редовните професори била воведена со Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 17 од 11.02.2011 година). Со пропишувањето на привремен избор на веќе избраните редовни професори, а со тоа и повторен реизбор, се воведувала можност за губење на звањето, што било спротивно на начелото на владеењето на правото, на автономијата на универзитетот и на слободата на научното, уметничкото и другите видови творештво гарантирани со Уставот.

Членот 136 став 1 се оспорува во делот: „ и има објавено научни и стручни трудови од кои најмалку два научни труда во најпрестижни меѓународни списанија со импакт фактор или трудовите се цитирани во истите, по истекот на најмалку половина од времето за кое е извршен изборот“, а ставот 2 се оспорува во делот:„ доколку покрај условите од став 1 на овој член има објавено најмалку четири научни или стручни трудови во најпрестижни меѓународни списанија со имапкт фактор или пак, тие се цитирани во истите“. Според подносителите на иницијативата, наведените одредби биле спротивни на член 46 од Уставот, бидејќи регулирале сфера која е дел од автономијата на универзитетот.

Членот 140 став 2 од Законот пропишувал дека министерот го пропишува начинот, времето и условите за престојот на визитинг професорите. И оваа одредба била спротивна на член 46 од Уставот од аспект на нарушување на организационата и кадровската автономија на универзитетот.

– Оспорени одредби од Законот со кои се повредувала автономијата во управувањето и финансиска автономија на универзитетот

Според член 87–a од Законот, дел од средствата (40%) стекнати од партиципација на трошоците на студирање за бројот на студентите чие финансирање се врши од кофинансирање на трошоците за студирање за студентите (чие образование не се финансира од Буџетот на Република Македонија), универзитетот задолжително ги употребува за фундаментални и применети истражувања, осовременување на научно-истражувачката инфраструктура, за оспособување и усовршување на кадрите за научно-истражувачката работа, како и за инвестиции и инвестициско одржување. Ваквата одредба, според подносителите на иницијативата, била во спротивност со член 46 и член 47 од Уставот.

Со член 146-а став 2 од Законот, му се давала можност на министерот да го пропишува начинот на зголемување на платата, со што според подносителите на иницијативата, директно се навлегувало во финансиската автономија на универзитетот, што било во спротивност со член 46 од Уставот.

– Оспорени одредби од Законот со кои се повредувала хоризонталната автономија на универзитетот

Со член 8, член 52 став 16 и член 54 став 9 од Законот им се одземало правото на факултетите и институтите, како единици во кои се одвива образованието на универзитетот, на статусот правно лице и се сведувал на статутарна автономија; му се давало право на Сенатот на Универзитетот да ги избира редовните професори и му се давало право на ректорот да ги бира и разрешува деканите на факултетот. Сите овие одредби, според подносителите на иницијативата, не биле во согласност со член 46 на Уставот, бидејќи и самите факултети и институти како составни делови на универзитетот нужно морале да поседуваат сопствена академска самоуправа за да го остваруваат процесот на образование, воведување во науката на студентите и учеството и креирањето на истражувачките проекти. Само со такво толкување на уставната автономија на универзитетот во член 46 на Уставот, ќе се дефинирала вистинската рамка на нејзиното хоризонтално протегање: таа ќе го опфаќа универзитетот, но и секоја посебна единица на истиот.

Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за високото образование, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија и да донесе одлука за укинување на оспорените членови од Законот.

– Со иницијативата поднесена од група сенатори при Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, се оспоруваат истите одредби од Законот за високото образование, како и во претходната иницијатива, од истите причини, како несогласни со член 8 став 1 алинеја 3, член 9. член 32 став 2, член 46, член 47, член 51, член 52 и член 54 од Уставот.

Дополнително, со оваа иницијатива се оспорува и член 161-б став 1 алинеите 14 и 16 од Законот, како одредби кои биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, затоа што целта на законската одредба била признавање на странска високообразна квалификација (нострификација), а алинејата 14 наметнувала дополнителни критериуми кои излегувале надвор од рамките на нострификацијата. Оваа одредба била во спротивност и со член 52 став 4 од Уставот, затоа што пропишувала критериуми што барателите на нострификацијата морале да ги исполнат при нострификацијата, а не им биле познати, ниту биле пропишани како критериуми во моментот на запишувањето и во текот на студиите во странство. Алинејата 16 внесувала правна несигурност и дискреционост во одлучувањето на комисијата, којашто по сопствена оценка, можела од барателот за признавање на странска високообразовна квалификација да бара и други документи за кои комисијата ќе оценела дека се потребни, а кои биле во врска со признавањето на странската високообразовна квалификација, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во иницијативата се наведува и потребата од оценување на уставноста и законитоста на членовите 14, 15, 16 и 17 од Уредбата за нормативи и стандарди за основање на високообразовни установи и за вршење на високообразовна дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/2010) во кои се определуваат услови и критериуми за третиот циклус на студии, како и на Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за нормативи и стандарди за основање на високообразовни установи и за вршење на високообразовна дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 168/2010), која утврдувала критериуми за ментор на докторски студии.

Понатаму, во иницијативата, како спротивни на член 46 од Уставот, се предлага да биде оценета и уставноста на Правилникот за условите кои треба да ги исполнува истакнатиот стручњак од практиката од соодветната област за изведување на клиничка настава („Службен весник на Република Македонија“ бр. 120/2010), каде што министерот за образование утврдува критериуми за тоа кое лице може да биде стручњак од практиката и Правилникот за начинот и условите за организирање на практична настава за студентите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 120/2010), каде што министерот за образование определува критериуми за практична настава.

Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за високото образование, како и постапка за оценување на уставноста и законитоста на наведените подзаконски акти, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија и да донесе одлука за поништување на оспорените членови од Законот и подзаконските акти.

6. Судот на седницата утврди дека по доставувањето на иницијативите до Уставниот суд и одржаната подготвителна седница, Законот за високото образование претрпел две измени и дополнувања („Службен весник на Република македонија“ бр 123/2012 и 15/2013). Со увид во направените измени и дополнувања на Законот, се констатира дека суштински не се задира во одредбите од Законот кои се предмет на оспорување со доставените иницијативи, поради што овие измени и дополнувања на Законот не се земени предвид при одлучувањето по иницијативите.

7 . Согласно член 8 став 1 алинеја од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 46 од Уставот, на универзитетот му се гарантира автономија. Според ставот 2 на овој член, условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.

Според член 47 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво, а според став 3 на истиот член, Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата.

Од наведените уставни одредби произлегува дека автономијата на универзитетот е уставна категорија и услов за обезбедување на квалитетно високо образование.

Тргнувајќи од содржината на член 46 став 2 од Уставот произлегува дека условите, вршењето и престанокот на дејноста на универзитетот се уредуваат со закон, што значи дека автономијата на универзитетот не е апсолутна категорија што се исцрпува само со наведената уставна одредба. Материјата по однос на тоа што претставува автономија на универзитетот и кои се елементите на автономијата на универзитетот, Уставот препушта да биде предмет на уредување со закон.

Врз основа на наведеното, донесен е Законот за високото образование, со кој се уредуваат автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање и престанок на високообразовните установи, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност (член 1).

Видно од образложението за неговото донесување, во овој закон, при дефинирање на решенијата во него, користени се искуствата и регулативата за високото образование на земјите на Европската унија и земјите во регионот, како и релевантните меѓународни документи: Магна карта на универзитетите (Bologna Magna Charta Universitatum) усвоена во Болоња 1988 година, основните принципи и препораки на Болонската декларација потпишана во 1999 година од министрите за образование на 29 европски земји, како и препораките и документите произлезени од досегашниот целокупен Болонски процес.

Автономијата на универзитетот е регулирана во посебна глава втора (член 11 до член 14). Според член 11 од Законот, универзитетите и единиците во нивниот состав и самостојните високообразовни установи ја вршат својата дејност врз принципот на академската автономија (став 1). Со академската автономија се гарантира интелектуалната слобода на членовите на академската заедница и творечката природа на истражувачкиот и образовниот процес, како врвни вредности и способности (став 2). Автономијата на универзитетот вклучува академска слобода, автономија на управувањето и неприкосновеност на автономијата (став 3). Високообразовните установи имаат право да покренат постапка пред надлежен суд за заштита на автономијата на универзитетот (став 4).

Академска слобода е дефинирана во член 12 од Законот, и таа опфаќа: – слобода во научно-истражувачката работа, уметничко создавање, примената и посредување на знаењето, – самостојно уредување на внатрешната организација и работењето со статут во согласност со закон, – слобода на изведување на наставата, спроведувањето на научните истражувања, уметничката дејност, односно творештво и применувачка дејност, вклучувајќи ја слободата на објавување и јавно претставување на научните резултатити и уметничките достигања, – слобода на студирањето, утврдувањето на правилата на студирање, облиците и видовите на наставно-образовните дејности и на проверката на знаењата на студентите, – слобода на избор на студиските програми и содржината на одделните предмети, како и подготвување на учебници и други учебни помагала, – слобода на изборот на методот на интерпретирање на наставните и уметничките содржини, – утврдување услови и критериуми за студии од прв, втор и трет циклус, како и други видови на образование, – подготвување, усвојување и остварување на научно-истражувачки програми и применувачка работа, – доделување стручни, академски и научни звања согласно со закон, како и доделување на почесни академски титули, – определување услови, критериуми и постапка за избор во наставно- научни, научни, наставни звања и – избор во наставно-научни, научни, наставни звања.

Автономија во управувањето е регулирана со член 13 од Законот, и се изразува во: – планирањето, остварувањето и развојот на високообразовната дејност, – воспоставувањето и уредувањето на внатрешната организација, – донесувањето на статутот, односно правилникот на единицата, – изборот, именувањето и отповикувањето на органите согласно со статутот, – располагањето со одобрените финансиски средства, како и со сопствените приходи, – формирањето на фондови и основањето други организации од сопствени приходи, донации и други извори заради вршење на високообразовна, научно-истражувачка, издавачка и применувачка дејност, – управувањето и користењето на имотот во согласност со намената за кој е добиен, – одлучувањето за формите на соработка со други организации, – здружувањето и асоцирањето во соодветни организации и форуми во земјата и странство, – остварувањето на меѓународна соработка, склучувањето договори и учеството во меѓународни организации и асоцијации и – одлучувањето за други права утврдени со статутот, односно правилникот на единицата.

Неповредливоста на универзитетскиот простор е дефинирана со член 14 од Законот. Така се утврдува дека просторот на универзитетите и на самостојните високообразовни установи е неповредлив. Полицијата и другите државни органи на безбедност не можат без согласност на ректорот, односно директорот или на лице овластено од нив, да влегуваат во овој простор, освен за спречување на извршување на кривично дело, на непосредно што претстои или започнато кривично дело, за задржување на неговиот сторител, како и во случај на природни и други непогоди (пожар, поплава и слично). На универзитетот и на самостојните високообразовни установи се забранува политичко и верско организирање и дејствување, како и истакнување на партиски и верски обележја.

– Член 70 од Законот се однесува на составот и изборот на Одборот за акредитација и евалуација. Така, се утврдува дека Одборот е составен од 23 члена од кои девет од редот на професорите избрани од Интеруниверзитетската конференција, соодветно на застапеноста на универзитетите според нивното учество во вкупниот број на прв пат запишани студенти во студиска година, два члена од Македонската академија на науките и уметностите, еден претставник на најрепрезентативното тело на работодавачите, два членa од интеруниверзитскиот парламент на студентите и девет члена именувани од Владата на Република Македонија, од кои најмалку шест члена се од редот на професорите на високообразовните установи (став 1). Според став 5 на овој член, конститутивната седница на Одборот ја свикува министерот надлежен за работите на високото образование, а според став 6 на истиот член, претседателот на Одборот, кого Владата на Република Македонија го именува од редот на членовите на Одборот, го претставува и застапува Одборот.

Со иницијативите се оспорува определбата во Законот Владата да именува членови (девет) во составот на Одборот, определбата конститутивната седница на Одборот да ја свикува министерот надлежен за работите на високото образование и определбата Владата да го именува претседателот на Одборот, како одредби со кои се ограничувала автономијата на универзитетот утврдена со член 46 од Уставот.

Во одговор на ова прашање, според Судот, треба да се има предвид надлежноста на Одборот утврдена со член 71 став 1 од Законот. Имено, Одборот е самостоен во својата работа и одлучува во рамките на својата надлежност врз основа на принципот на стручност и компетентност. Одборот во рамките на своите права и обврски:
– утврдува дали со проектот за основање на високообразовна установа и поднесената документација се исполнети условите за вршење на високообразовна дејност,
– одлучува за акредитација на научна установа која сака да врши високообразовна дејност на студии од втор и трет циклус на студии,
– утврдува дали високообразовната установа ги исполнува условите за организирање на студии за нови студиски програми и го утврдува капацитетот за студирање на високообразовната установа,
– дава акредитација на студиски програми,
– најмногу на секои пет години го следи и оценува квалитетот на вршењето на високообразовната дејност, научноистражувачката, уметничката и стручната работа, на академскиот кадар и на студиските програми на високообразовните установи и врз основа на оценката ја продолжува или одзема акредитацијата,
– врз основа на извештаите од надворешната евалуација на високообразовните установи, ја следи исполнетоста на условите на високообразовните установи на кои им е дадена акредитација и одобрение за почеток со работа и врз основа на тоа може да ја одземе акредитацијата,
– води евиденција за акредитираните високообразовни установи и за други акредитации,
– дава препораки потребни за подобрување на нормативите и стандардите за вршење на високообразовна дејност и
– врши други работи утврдени со овој закон.

Тоа значи дека Одборот е надлежен и за прашањата за акредитација на високообразовните установи од прв, втор и трет циклус на студии и за прашањата за евалуација на квалитетот на вршењето на високообразовната дејност, научноистражувачката, уметничката и стручната работа, на академскиот кадар и на студиските програми на високообразовните установи. Ваквата надлежност на Одборот, како единствено тело одговорно и за акредитација и за евалуација на високото образование е утврдена со Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија“ број 35/2008), со чие влегувањето во сила престанува да важи Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија” бр. 64/2000, 49/2003, 113/2005 и 51/2007) кој предвидуваше постоење на Одбор за акредитација (во чиј состав имаше и членови кои ги именува Владата) и постоење на Комисија за евалуација на универзитетот (во чиј состав немаше членови на Владата).

Прашањето за акредитација и евалуација на високото образование според Судот, спаѓа во прашањата поврзани со условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, кои според член 46 став 2 од Уставот, се уредуваат со закон. Оттука, и прашањето за составот на Одборот за акредитација и евалуација, спаѓа во оваа група прашања, кое се уредува со закон, поради што не може да се прифати дека регулативата на ова прашање со закон ја повредувала автономијата на универзитетот. Прашањето за свикување на конститутивната седница на Одборот, е прашање од техничка природа и не може да ја доведе под сомнение автономијата на универзитетот. Сепак, според Судот, определбата во Законот (член 70 став 6) Владата да го именува претседателот на Одборот од редот на членовите на Одборот, значи повреда на самостојноста на органот и неговата работа врз основа на принципот на стручност и компетентност, којшто принцип законодавецот го утврдил како основен за работа на Одборот и значи создавање на услови за обезбедување на доминантна позиција на Владата во Одборот, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 70 став 1 во делот: „девет члена именувани од Владата на Република Македонија, од кои најмалку шест члена се од редот на професорите на високообразовните установи“ и став 5 од Законот со член 46 од Уставот, но основано може да се постави прашањето за согласноста на член 70 став 6 од Законот, во делот:„ кого Владата на Република Македонија го именува од редот на членовите на Одборот“ со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

-. Член 96 од Законот се однесува на третиот циклус на универзитетски студии – докторски студии. Така со одредбите од ставовите 1, 2, 3, 4 и 5 од овој член, се пропишува траењето на докторските или специјалистичките студии, бројот на ЕКТС кредити, стекнувањето на научниот назив по завршување на истите, при што се определува дека универзитетот со општ акт го уредува стекнувањето на ЕКТС кредити на докторските студии и ги пропишува ЕКТС кредити потребни за пријава на докторски труд.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија, бр.17/2011 од 11 февруари 2011 година), членот 96 од Законот се дополнува со 14 нови става (ставовите 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 14, 15, 16, 17, 18 и 19), кои се оспоруваат со иницијативите.

Според член 96 став 6 од Законот, на високообразовните установи кои изведуваат студиски програми од трет циклус на универзитетски – докторски студии, менторот на докторскиот труд треба да има најмалку шест објавени рецензирани научноистражувачки трудови во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации од кои најмалку два во меѓународни списанија со импакт фактор, во дадено поле, во последните пет години. Според став 7 на овој член, менторот на докторскиот труд не може да биде член на комисијата за одбрана на докторскиот труд. Комисијата за одбрана на докторскиот труд се состои од пет члена од кои четири се од соодветната научна област од установата која ги организира докторските студии и еден надворешен член (став 8). Членови на комисијата од ставот 8 на овој член треба да бидат лица во наставно – научни звања редовен професор или вонреден професор (став 9). Високообразовната установа нема да дозволи одбрана на докторски труд на кандидат кој пред одбраната на докторскиот труд нема објавено два рецензирани научноистражувачки труда како автор во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации или еден труд во меѓународно списание со импакт фактор (став 10). Меѓународно научно списание, во смисла на овој закон, е списание кое има меѓународен уредувачки одбор во кој учествуваат најмалку пет земји при што бројот на членови од една земја не може да надминува 40% од вкупниот број на членови и кое се издава најмалку пет години непрекинато и има најмалку десет изданија во последните пет години (став 11). Меѓународни научни публикации, во смисла на овој закон, се книга рецензирана и објавена во странство, зборник на научни трудови презентирани на меѓународни академски собири каде што членовите на програмскиот комитет се од најмалку четири земји, како и научни трудови објавени во меѓународни годишници и гласници каде што членовите на програмскиот комитет се од најмалку четири земји (став 12). Бројот на студентите кои се запишуваат на докторската студиска програма за сите три години на докторските студии треба да биде во согласност со бројот на расположливите ментори (став 13). Еден професор може да биде ментор на најмногу три докторанти кои кај него се обучуваат за научна работа (став 14). За една научна област може да се организира само една докторска студиска програма, освен во случаи на интердисциплинарни студиски програми (став 15). Студиската програма за докторски студии од ставот 1 на овој член главно опфаќа активна истражувачка работа под менторство и вклучува:
– организирана академска обука, што содржи напредни и стручни курсеви,
– независен истражувачки проект под менторство (докторски проект),
– меѓународна мобилност, најмалку еднонеделен престој,
– предавања и друг вид на комуникациски активности,
– публикации во меѓународни научни списанија и активно учество на меѓународни собири во врска со докторскиот труд и
– изработка и јавна одбрана на докторски труд врз основа на докторскиот проект (став 16).

Според став 17 на овој член, студиската програма за докторски студии се евалуира најмалку на секои три години. Според став 18 на истиот член, докторските студии од областа на уметностите се состојат од два дела докторски труд и јавна изведба на уметничко дело или изложба, а според став 19 на истиот член, одредбите од ставовите 6 и 10 на овој член не се однесуваат на докторските студии од областа на уметноста, филологијата и националната историја. Посебните услови за докторските студии од областа на уметноста, филологијата и националната историја ги пропишува високообразовната установа со посебен акт.

Од анализата на оспорените одредби произлегува дека со истите законодавецот утврдува критериуми за тоа кој може да биде ментор на докторски труд, кој може да брани докторски труд, го пропишува составот на комисијата за одбрана на докторски труд, ја определува содржината на студиската програма за докторски студии и периодот на нејзината евалуација.

Наведените одредби се оспоруваат како спротивни на дефинираниот концепт на автономија на универзитетот, бидејќи регулирале прашања што биле во исклучива надлежност на универзитетот.

Според Судот, ваквите наводи се неосновани. Ова од причина што оспорените одредби се во функција на подигнувањето на нивото на субјективен и објективен квалитет на услугите што универзитетот ги дава кон своите корисници и кон општеството во целина, што несомнено е прашање кое не е и не може да биде предмет на интерес само на универзитетот. Оспорените одредби значат воведување на единствени критериуми во сферата на организирање и изведување на третиот циклус на студии кои ќе обезбедат подигнување на нивото на квалитетот на високото образование, односно воедначен пристап кон докторските студии и на јавните и на приватните универзитети, на начин што е својствен за повеќето земји во Европската унија, поради што Судот оцени дека не може да се прифати дека одредбите од член 96 ставовите 6, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 14, 15, 16, 17, 18 и 19 од Законот, значат повреда на автономијата на универзитетот.

Сепак, според Судот, законското решение во член 96 став 7 од Законот, според кое менторот на докторскиот труд не може да биде член на комисијата за одбрана на докторскиот труд, основано може да се доведе под сомнение во однос на начелото на владеењето на правото. Имено, не може да се прифати како основана и оправдана забраната пропишана со закон, менторот на докторскиот труд, кој го следел и координирал кандидатот кој го изработува докторскиот труд во сите фази на изработка, докрај да биде вклучен во одбраната на тој труд и да го даде својот придонес како член на комисијата за одбрана, поради што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оваа законска одредба со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

– Уредбата за нормативи и стандарди за основање на високообразовни установи и за вршење на високообразовна дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/2010 и 168/2010), е донесена врз основа на член 27 став 2 од Законот за високото образование, според кој условите како нормативи и стандарди за основање на високообразовна установа и вршење на високообразовна дејност поблиску се утврдуваат со уредба за нормативи и стандарди за основање на високообразовни установи и за вршење на високообразовна дејност , која на предлог на министерството надлежно за високото образование и по претходно мислење на Интеруниверзитетската конференција, ја донесува Владата на Република Македонија.

Со наведената уредба се утврдуваат нормативите и стандардите за условите кои треба да бидат исполнети за основање високообразовни установи и за вршење на високообразовна дејност.

Според член 15 став 2 од Уредбата, менторот на докторскиот труд не може да биде член на Комисијата за одбрана на докторскиот труд.

Оспорените членовите 14, 15, 16 и 17 од Уредбата се содржани во поднасловот 5. Нормативи за потребниот број наставно-научни и наставни работници. Според својата содржина, истите главно ги преземаат истите решенија од член 96 ставовите 6, 7, 8, 9, 10, 11, 13, 14, 15, 16 и 17 од Законот за високото образование, кои се оспорени со иницијативите и за кои Судот оцени дека не ја повредуваат автономијата на универзитетот и дека не се несогласни со Уставот, со исклучок на ставот 7 од Законот, за кој оцени дека постои основано сомнение дека го повредува начелото на владеењето на правото. Оттука, произлегува дека и за оспорените одредби во Уредбата, кои ги преземаат овие законски решенија (член 14, член 15 ставовите 1, 3, 4 и 5, член 16 и член 17), од истите причини како и за законските одредби, не постои основано сомнение дека претставуваат навлегување на извршната власт во сферата на автономијата на универзитетот, освен за член 15 став 2 од Уредбата, кој идентично како член 96 став 7 од Законот, се однесува на забрана на менторот на докторскиот труд да биде член на Комисијата за одбрана на докторски труд, за што според Судот, постои основано сомнение за уставната оправданост.

Поради тоа, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 14, член 15 ставовите 1, 3, 4 и 5, член 16 и член 17 од Уредбата со член 46 од Уставот, освен за член 15 став 2 од Уредбата, за кој оцени дека ја дели правната судбина на член 96 став 7 од Законот и дека основано може да се доведе под сомнение за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

8. Со член 69 од Законот се уредува системот на обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование.

Од анализата на оваа одредба произлегува дека законодавецот утврдил систем на обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, преку евалуациони методи како надворешна евалуација, самоевалуација, како и преку систем на оценување на квалитетот на академскиот кадар, при што пропишал дека при вршењето на надворешната евалуација заради обезбедување на воедначен квалитет на високото образование на единствениот европски простор за високо образование, се применуваат прифатените постапки и стандарди и водичот (насоките) кои се применуваат од Европската асоцијација за евалуација во високото образование (ENQA) и од други институции, организации и асоцијации кои ги воспоставуваат и применуваат европските стандарди и упатства за евалуација за вршење на надворешна евалуација, како и услугите на признати меѓународни организации и асоцијации кои вршат обезбедување на квалитетот на високото образование. Законодавецот, исто така, пропишал дека надворешната евалуација, по правило, ја вршат комисии формирани од Одборот за акредитација и евалуација, по одделни подрачја и области, при што го утврдил и составот на овие комисии (составени од најмалку три професори од меѓународно признати универзитети во звања еквивалентни на звањата вонреден професор и редовен професор и со најмалку тригодишно искуство во вршење на надворешна евалуација). Во таква ситуација, со иницијативите се поставува прашањето дали надворешната евалуација треба да се врши под критериуми утврдени со упатство за начинот на обезбедување и оценување на квалитетот на високообразовните установи и академскиот кадар во Република Македонија, донесено од страна на министерот надлежен за работите на високото образование, (став 6), односно дали тоа не значи нарушување на автономијата на универзитетот гарантирана со член 46 од Уставот, односно дали ваквото овластување не претставува пренесување на прашање од делокругот на автономијата на универзитетот, на орган на извршната власт, без за тоа да постои уставен основ.

Во одговор на ова прашање Судот имаше предвид дека подносителите на иницијативата не спорат со системот на надворешна евалуција, пропишан од страна на законодавецот, но сметаат дека нема уставен основ министерот за образование да носи подзаконски акт – упатство со кое ќе ги утврди критериумите за начинот на обезбедување и оценување на квалитетот на високообразовните установи и академскиот кадар во Република Македонија, односно ја спорат определбата извршната власт, преку министерот за образование, да утврдува критериуми и да се вклучува во начинот на доразработка на системот на надворешна евалуација, како прашање кое би требало да биде оставено во надлежност на самиот универзитет.

Според Судот, прашањето кое се поставува со иницијативата не е основано, односно донесување на упатство од министерот надлежен за работите на високото образование со кое се утврдуваат критериуми за начинот на обезбедување и оценување на квалитетот на високообразовните установи и академскиот кадар во Република Македонија, не значи навлегување на извршната власт во автономијата на универзитетот и нејзино нарушување. Ова од причина што прашањето за обезбедување систем на обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, во кое спаѓа и надворешната евалуација на високото образование, спаѓа во сферата на прашања кои согласно член 46 став 2 од Уставот, се уредуваат со закон. Притоа, суштинско е дека законодавецот утврдил задолжителна примена на европските стандарди за надворешна евалуација утврдени од страна на Европската асоцијација за обезбедување квалитет во високото образование (ENQA) со што јасно ја изразил националната определба за имплементирање на тие стандарди во надворешната евалуација на универзитетот, па вклучувањето на министерот за образование во тој процес, преку донесување на наведеното упатство е токму во насока на натамошна доразработка на овие одредби од Законот и создавање услови за негова операционализација, поради што Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 69 став 6 од Законот со член 46 од Уставот.

– Според член 72 став 1 од Законот, организацијата, работата, начинот на одлучување, методологијата за акредитација и евалуација, стандардите за акредитација и евалуација, како и други прашања во врска со работата на Одборот, поблиску се уредуваат со правилник. Според став 2 на овој член, Правилникот од ставот 1 на овој член го донесува Одборот по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија.

Со иницијативите се оспорува делот од одредбата според која донесувањето на Правилникот за организацијата, работата, начинот на одлучување, методологијата за акредитација и евалуација, стандардите за акредитација и евалуација, како и други прашања во врска со работата на Одборот се условува со претходно добиена согласност од Владата, што претставувало повреда на член 46 од Уставот.

Имајќи предвид дека прашањето за акредитација и евалуација на високото образование спаѓа во групата на прашања поврзани со условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, кои според член 46 став 2 од Уставот, се уредуваат со закон, произлегува дека и прашањата за работа на Одборот за акредитација и евалуација спаѓаат во групата на овие прашања кои се уредуваат со закон. Поради тоа, Судот оцени дека член 72 став 2 во делот: „по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија“ не може да се доведе под сомнение во однос на согласноста со член 46 од Уставот.

Според оспорениот став 3 на истиот член, Одборот од редот на членовите формира стручни комисии за потребите на вршење на акредитацијата и евалуацијата. Доколку во Одборот нема член кој е соодветен за одредено научно подрачје, поле или област, Одборот во комисиите може да ангажира и надворешни стручни лица.

Одредбата се оспорува од аспект на тоа дека било неприфатливо тело кое нема целосно професионален академски состав да формира комисии, од редот на своите членови, што ќе решаваат за строго стручни прашања од областа на високото образование, со што не се почитувал член 46 од Уставот.

Анализата на одредбата покажува дека законодавецот водел сметка за наметнатото прашање со иницијативите, па во продолжение на оспорениот дел од одредбата пропишал дека доколку во Одборот нема член кој е соодветен за одредено научно подрачје, поле или област, Одборот во комисиите може да ангажира и надворешни стручни лица. Ваквата законска определба остава простор членовите на комисиите да се избираат од редот на професорите – членови на Одборот (според составот на Одборот, од 23 члена, 15 члена се задолжително од редот на професорите), но исто така остава можност во комисиите да бидат определени и членови кои немаат академски статус, но се избрани за членови на Одборот од други структури (МАНУ, најрепрезентативно тело на работодавачите, интеруниверзитетскиот парламент на студентите, членови именувани од Владата). Сепак, имајќи ја предвид целината на одредбата, според Судот, законодавецот го ставил акцентот на соодветната стручност на членовите на комисијата по одредени области, поради што пропишал дека членовите на комисиите можат да бидат од членовите на Одборот, но и надворешни стручни лица за одредено научно подрачје, поле или област, за што го овластил Одборот да цени и да одлучува за составот на комисиите. Поради наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 72 став 3 од Законот со член 46 од Уставот.

– Член 77 од Законот се однесува на самоевалуацијата на универзитетот. Така со став 1 на овој член се пропишува дека самоевалуација на универзитет, на единиците на универзитет, односно на самостојната високообразовна установа врши комисија за самоевалуација на универзитет, односно организациона единица за евалуација на универзитет, комисија за самоевалуација на единицата, односно на самостојната високообразовна установа, на начин и според услови определени со статут на универзитетот и статутот на самостојната високообразовна установа. Според став 2 на овој член, членовите на комисиите од ставот 1 на овој член се избираат со тајно гласање од сенатот на универзитетот, односно од наставно-научниот совет, наставниот совет или научниот совет, од редот на наставниците со мандат од четири години и од претставниците на студентите за време од две години. Согласно став 3 на истиот член, комисиите од ставот 1 на овој член самоевалуацијата ја вршат според упатство за самоевалуација и обезбедување и оценување на квалитетот на високообразовните установи, кое го донесува сенатот на универзитетот, односно органот на самостојната високообразовна установа. Согласно став 4 на овој член, самоевалуацијата се спроведува на интервали од најмногу три години. Во постапката за самоевалуација се зема предвид и оценката од страна на студентите. Според став 5 на истиот член, резултатите од самоевалуацијата се објавуваат на веб страницата на универзитетот, на секоја единица посебно (факултет и научен институт) и на министерството надлежно за работите на високото образование. Согласно став 6 од овој член, Министерството надлежно за работите на високото образование, за потребите на самоевалуацијата на високообразовните установи, воведува Државен електронски систем за самоевалуација. Содржината, формата и начинот на користење на Државниот електронски систем за самоевалуација ги пропишува министерот надлежен за работите на високото образование (став 7). Секој универзитет, односно самостојна високообразовна установа резултатите ги доставува до министерството надлежно за работите на високото образование кое изготвува интегрален извештај за резултатите од самоевалуацијата за универзитетите и самостојните високообразовни установи. Според став 9 на овој член, оценката од страна на студентите се добива на крајот на секоја учебна година и истата се зема предвид при напредувањето на наставникот во наставно-научно звање. Според став 10 на истиот член, оценката се добива по пат на анкета на студентите која ја спроведува високообразовната установа на начин утврден со статутот на универзитетот или самостојната високообразовна установа.

Од анализата на наведениот член произлегува дека законодавецот го утврдил прашањето на самоевалуација на универзитетите, на начин што определил дека самоевалуацијата ја врши комисија за самоевалуација на универзитет, односно комисија за самоевалуација на единицата во состав на универзитетот, на начин и според услови определени со статут на универзитетот, дека членовите на комисиите се избираат со тајно гласање од сенатот на универзитетот, односно од наставно-научниот совет, од редот на наставниците со мандат од четири години и од претставниците на студентите за време од две години, дека комисиите самоевалуацијата ја вршат според упатство за самоевалуација и обезбедување и оценување на квалитетот на високообразовните установи, кое го донесува сенатот на универзитетот, односно органот на самостојната високообразовна установа.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 17/2011 од 11 февруари 2011 година), законодавецот го дополнил членот 77 од Законот со четири нови става (5, 6, 7 и 8), при што со ставот 5 пропишал дека резултатите од самоевалуацијата се објавуваат на веб страницата на универзитетот, на секоја единица посебно (факултет и научен институт) и на министерството надлежно за работите на високото образование.

Со ставовите 6, 7 и 8 од Законот, законодавецот пропишал дека Министерството надлежно за работите на високото образование, за потребите на самоевалуацијата на високообразовните установи, воведува Државен електронски систем за самоевалуација. Со иницијативите се оспоруваат овие одредби како несогласни со член 46 од Уставот, затоа што самоевалуацијата, односно оценката на сопствениот квалитет била во рамките на автономната сфера на универзитетот и неговите членки, а учеството на државата, преку министерот за образование во тој процес, го нарушувал концептот на самоевалуација како инхерентен на автономијата на универзитетот.

Според Судот, ваквите наводи во иницијативата се неосновани. Имено, воведувањето на државниот електронски систем за самоевалуација, не го менува системот на самоевалуација, како дел од академската автономија на универзитетот, односно не го менува пропишаниот начин на самоевалуација – дека самоевалуацијата ја вршат самите универзитети или факултети, во согласност со статутот на универзитетот. Државниот електронски систем за самоевалуација е само во функција на обезбедување транспарентност, споредливост и соодветна примена на резултатите од самоевлауацијата во унапредување на високообразовниот процес. Тоа во суштина значи олеснување на активностите од технички аспект и овозможување на објавување на резултатите од самоевалуацијата на веб страните на универзитетот, односно секоја единица посебно (факултет и научен институт) и Министерството за образование, со што се овозможува резултатите да бидат достапни до јавноста, што е во насока на зајакнување на улогата на самоевалуацијата и соодветно користење на резултатите од нејзиното спроведување во процесот на следење и унапредување на квалитетот на високото образование. Притоа, клучно е дека министерот за образование ја пропишува содржината, формата и начинот на користење на Државниот електронски систем за самоевалуација, а не начинот и условите според кои самоевалуацијата се спроведува од страна на високообразованите установи.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 77 ставовите 6, 7 и 8 од Законот со член 46 од Уставот.

– Според член 87-а од Законот, дел од средствата стекнати од партиципација на трошоците на студирање за бројот на студентите чие финансирање се врши во рамките на бројот на студентите чие образование се финансира од Буџетот на Република Македонија и од кофинансирање на трошоците за студирање за студентите чие образование не се финансира од Буџетот на Република Македонија, во висина од 40%, јавниот универзитет, односно јавната високообразовна установа задолжително ги употребува за фундаментални и применети истражувања, осовременување на научно-истражувачката инфраструктура, за оспособување и усовршување на кадрите за научно-истражувачката работа, како и за инвестиции и инвестициско одржување.

Одредбата се оспорува од причини што со истата се повредувала автономијата во управувањето утврдена со член 13 алинеите 1 и 5 од Законот, поради што одредбата била во спротивност со член 46 и член 47 од Уставот.

Според Судот, ваквите наводи во иницијативата се неосновани. Определбата на законодавецот, определен процент од средствата кои по основ на партиципација на трошоците за студирање ги прибира јавниот универзитет, односно јавната високообразовна установа, задолжително да се користат за фундаментални и применети истражувања, осовременување на научно-истражувачката инфраструктура, за оспособување и усовршување на кадрите за научно-истражувачката работа, како и за инвестиции и инвестициско одржување, се во функција на исполнување на преземените обврски од Болоњскиот процес и создавање услови за вршење на дејноста на универзитетот, поради што Судот не прифати дека ваквата регулатива води кон нарушување на автономијата на универзитетот.

– Со член 99 од Законот се утврдува содржина на студиските програми. Така, според оспорениот став 2 од овој член, профилот, целите и појдовните основи за формирање на студиските програми поблиску се определуваат со уредба за националната рамка на високообразовните квалификации која на предлог на министерот надлежен за работите на високото образование ја донесува Владата на Република Македонија.

Според став 3 на истиот член, студиските програми во сите студиски години треба да содржат задолжителни и изборни наставни предмети. Задолжителните наставни предмети треба да бидат од соодветната област на единицата на универзитетот, односно на внатрешната организациона единица (институт, катедра, оддел), при што нивното учество е најмногу до 60% од бројот на предметите. Остатокот од студиската програма ги сочинуваат 30% изборни наставни предмети коишто студентите самостојно ги избираат од редот на сите наставни предмети застапени на единицата на универзитетот и 10% изборни наставни предмети коишто студентите самостојно ги избираат од листа на слободни изборни предмети предложена од секоја единица на универзитетот посебно.

Според став 10 од овој член, високообразовната установа 10% од задолжителните предмети и 10% од изборните предмети од секоја студиска година, ги изведува преку клиничка настава. Според став 11 од истиот член, под клиничка настава се подразбира изведување на наставата од истакнат стручњак од практиката од соодветната област, кој не може да изведува клиничка настава повеќе од три учебни години. Според став 12 од истиот член, по истекот на трите учебни години, стручњакот може повторно да се ангажира доколку претходно три години не изведува клиничка настава. Според став 14 на овој член, условите кои треба да ги исполнува истакнатиот стручњак , ги пропишува министерот.

Според став 15 од овој член, студентот во секоја студиска година задолжително посетува практична настава која не може да биде пократка од 30 дена како еден од условите за запишување на наредната студиска година. Начинот и условите на организирање на практичната настава ги пропишува министерот.

Наведените одредби се оспоруваат како одредби кои значат повреда на академската автономија на универзитетот, затоа што спротивно на член 46 од Уставот, не му оставале на универзитетот со сопствени акти да го определи соодносот на задолжителни и изборни предмети, особено кај специфичните подрачја и регулираните професии.

Според Судот, наводите во иницијативите се неосновани. Имено, во ставот 1 на членот 99 од Законот, се утврдува дека студиските програми од првиот, вториот и третиот циклус на студии се оформуваат според нормативи, стандарди и методологија кои се прифатени на единствениот европски простор за високо образование така што овозможуваат споредливост со програмите на високообразовните установи во тој простор. Тоа значи дека законодавецот, утврдил задолжителна примена на наведените нормативи, стандарди и методологија при креирање на студиските програми, што е во функција на обезбедување споредливи и компатибилни квалификации за високото образование на европскиот простор. Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека натамошната определба во Законот пропишување на профилот, целите и појдовните основи за формирање на студиските програми поблиску да се определуваат со уредба за националната рамка на високообразовните квалификации кој на предлог на министерот надлежен за работите на високото образование ја донесува Владата на Република Македонија (став 2), е токму во насока на натамошна разарботка на овие законски одредби за изградба на единствен систем на студиски програми кои се организираат и спроведуваат на сите универзитети (јавни и приватни). Во иста смисла, според Судот, треба да се третираат и одредбите со кои законодавецот утврдува сооднос на задолжителни и изборни предмети (став 3), како и одредбите со кои законодавецот дефинира што се подразбира под клиничка настава (став 11), кои услови треба да ги исполнува истакнатиот стручњак за да може да изведува клиничка настава и за кој период (став 12 и 14), како и должината на практичната настава на студентот во секоја студиска година (став 15), односно станува збор за критериуми кои се во насока на изградба на унифициран, единствен систем на студиски програми кои се организираат и спроведуваат на сите универзитети, што спаѓа во сферата на прашањата поврзани со основањето и вршењето на дејноста на универзитетот кои се уредуваат со закон, поради што Судот оцени дека не може да се прифати дека станува збор за повреда на автономијата на универзитетот, поради што не го постави прашањето за согласноста на член 99 ставовите 2, 3, 11, 12, 14 и 15 од Законот со член 46 од Уставот.

– Според член 103 став 5 од Законот, на високообразовната установа наставата за најмалку две студиски програми за прв циклус на академски и стручни студии и најмалку четири студиски програми за втор циклус на академски и стручни студии задолжително се изведува и се полага на англиски јазик.

Наведената одредба се оспорува како спротивна на академската автономија на универзитетот, бидејќи и наметнува обврска на високообразованата установа, за определен број на студиски програми, да изведува настава и да се полагаат испити на англиски јазик.

Според Судот, наводите во иницијативата се неосновани. Имено, интернационализацијата во високото образование е една од основните цели во стратегиите за високото образование на сите земји и секако, дел од обврските кои произлегуваат од спроведувањето на Болоњскиот процес. Во таа смисла е и потребата од созадавње на услови за мобилност на студентите, што, меѓу другото, подразбира добро владеење на англискиот или друг светски јазик од страна на студентите. Во оваа смисла, законодавецот, во согласност со член 46 став 2 од Уставот, пропишал обврска за високообразовните установи наставата за определен број на студиски програми задолжително да се изведува и да се полага на англиски јазик, со што, според Судот не се нарушува автономијата на универзитетот.

– Со член 113 од Законот се пропишува начинот на завршувањето на студиите од прв, втор и трет циклус. Така, според став 1 од овој член, Студиите од прв циклус завршуваат со полагање на сите испити, изработка на дипломски труд или полагање на завршен испит, во согласност со студиската програма. Според став 2 на истиот член, студиите од вториот циклус завршуваат со полагање на сите испити, изработка на постдипломски (стручен или магистерски) труд и негова одбрана, во согласност со студиската програма.

Со новододадените 12 нови ставови 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13 и 14 во овој член (внесени со Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование –„Службен весник на Република Македонија“ бр. 152/2011), се пропишува дека: За исполнување на обврската за полагање на испитите се врши проверка на знаењето чија цел е да се оцени дали и во која мера стекнатите квалификации на студентот соодветствуваат со целите, способностите и академските барања пропишани со општите и специфичните дескриптори на квалификацијата со кои се одредуваат резултатите од учењето за поединечната студиска програма од соодветниот циклус на студии согласно сo Уредбата за националната рамка на високообразовни квалификации(став 3). Видовите на проверка на знаењето мора да ги отсликуваат целите на наставниот предмет и студиската програма и да овозможат индивидуална оценка на постигнувањата на секој студент поединечно(став 4). Обликот и содржината на оценувањето мора да ги отсликува содржината и работните методи на наставниот предмет и студиската програма (став 5). Проверката на знаењето на студентите на прв и втор циклус на универзитетски студии се изведува преку внатрешно и надворешно оценување (став 6). Надворешното оценување го вршат надворешни оценувачи определени од страна на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование (став 7). Најмалку 1/4 од вкупниот број на ЕКТС на студиската програма се оценува од внатрешен и од надворешен оценувач. Од овој број се исклучуваат кредитите кои студентот ги стекнува од мобилност (став 8). Министерот надлежен за работите на високото образование донесува четиригодишна програма за надворешно оценување согласно која секоја година определува за кои научни полиња ќе се врши надворешно оценување (став 9). Наставните предмети кои ќе се оценуваат и од страна на надворешни оценувачи ги определува Одборот за акредитација и евалуација на високото образование (став 10). Надворешното оценување покрива значајни делови на наставниот предмет и студиската програма вклучително и магистерскиот труд, но не помалку од 60% од активностите од кои согласно ЕКТС системот се формира оценката за прв циклус на студии, односно не помалку од 70% од активностите од кои согласно ЕКТС системот се формира оценката за втор циклус на студии (став 11). Крајната оценка за наставниот предмет е позитивна доколку студентот добил позитивна оценка и од внатрешниот и од надворешниот оценувач за сите активности кои се оценуваат (став 12). Висината на надоместокот за работата на надворешните оценувачи ја определува министерот надлежен за работите на високото образование (став 13). Средствата за надоместокот од ставот 13 на овој член на јавните високообразовни установи се обезбедуваат од буџетот на министерството надлежно за високото образование (став 14).

При ваква регулатива, со иницијативите се оспорува како неуставно инволвирањето на извршната власт во надворешното оценување на студентите.

Според Судот, ваквите наводи во иницијативата се неосновани. Ова од причина што основната улога на системот на надворешно оценување е да се гарантира имплементацијата на академските стандарди како и квалитетот на предавањата, учењето и оценувањето на студентите. Вклучувањето на независни надворешни оценувачи чие оценување ќе има удел во формирањето на конечната оцена на студентот е во функција на поголема контрола на системот на оценување и како резултат на тоа, зголемување на неговата ефикасност и квалитет, како и давање на реална слика за секоја високообразован установа за квалитетот на студиските програми и нивно реализирање. Определбата проверката на знаењето на студентите да се врши согласно со Уредбата за националната рамка на високообразовани квалификации која ја носи Владата, а со која се пропишуваат општите и специфичните дескриптори на квалификацијата со кои се одредуваат резултататите од учењето за поединечната студиска програма од соодветниот циклус на студии е во функција на обезбедување на единствени услови за спроведување на оценувањето на студентите на сите универзитети, поради што Судот оцени дека со тоа не се нарушува автономијата на универзитетот, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со Уставот.

Со член 113 ставовите 17 и 18 од Законот се пропишува кој може да биде член на комисија за одбрана на магистерски или докторски труд. Така, во став 17 се пропишува дека во комисијата за одбрана на магистерски или докторски труд, член не може да биде лице кое со лицето кое ја врши одбраната на магистерскиот или докторскиот труд (дисертација) е роднина по крв во права линија до кој и да е степен, а во странична линија до четврти степен, или му е брачен другар, лице со кое живее во вонбрачна заедница или роднина по сватовство до втор степен, без оглед дали бракот престанал или не. Во став 18 од истиот член се пропишува дека членовите на комисијата од ставот 17 на овој член меѓусебно не треба да бидат роднини по крв во права линија до кој и да е степен, а во странична линија до четврти степен, или да се брачни другари, лица кои живеат во вонбрачна заедница или роднини по сватовство до втор степен, без оглед дали бракот престанал или не.

Со втородоставената иницијатива се оспорува делот од овие одредби кои се однесуваат на важењето на пропишаните критериуми „без оглед дали бракот престанал или не“, со образложение дека ваквата категорија на сватовство била во спротивност со член 40 од Уставот и дека сватовството по престанок на бракот не било правна категорија и за неа не можеле да се врзуваат никакви правни последици.

Според Судот, ваквите наводи се неосновани. Имено, согласно член 40 став 1 од Уставот, Републиката обезбедува посебна грижа и заштита на семејството, а според став 2 на истиот член, правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон.

Со оспорените одредби во Законот за високото образование не се уредуваат правни односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница, туку се утврдуваат критериуми за тоа кој може да биде член на комисија за одбрана на магистерски или докторски труд. Прашањето за изборот на критериумите за тоа кој може да биде член на овие комисии е во надлежност на законодавецот, при што истиот е обврзан да го почитува уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, што во суштина значи обврска на законодавецот во законот да утврди исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат своите слободи, права и должности, без притоа да се прави разлика помеѓу граѓаните по основ на пол, раса, боја на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според Судот, при определувањето на наведените критериуми законодавецот се раководел од овие принципи и пропишал исти критериуми за сите лица кои можат да бидат членови на комисиите за одбрана на магистерски или докторски труд, поради што не можат да се прифатат како основани наводите во иницијативата дека член 113 ставовите 17 и 18 во делот: „без оглед дали бракот престанал или не“ биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 40 од Уставот.

– Со член 125 од Законот се пропишуваат условите за избор во наставно-научни звања. Така, со став 1 на овој член, се пропишува дека наставниците во наставно-научни звања се избираат во наставно-научни области утврдени со статутот на универзитетот, односно со статутот на самостојната висока стручна школа. Со став 2 на овој член, се пропишуваат условите за избор на доцент, при што се пропишува дека за доцент може да биде избрано лице кое меѓу другото, има просечен успех од најмалку осум на студиите на прв и втор циклус за секој циклус посебно, објавени најмалку четири научноистражувачки трудови во соодветната област во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации или два научни труда во научно списание со импакт фактор во последните пет години, постигнувања во примената на истражувачките резултати и способност за изведување на одделни видови високообразовна дејност и позитивна оценка од самоевалуацијата. Со став 3 на истиот член, се пропишуваат условите за избор на вонреден професор, при што се пропишува дека за вонреден професор може да биде избрано лице кое, помеѓу другото, има објавени најмалку пет научноистражувачки трудови во соодветната област во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации или три научни труда во научно списание со импакт фактор во последните пет години, учество во научноистражувачки проекти, односно значајни достигнувања во примената на научноистражувачките резултати, придонес во оспособувањето на помлади наставници и кое покажало способност за изведување на разни видови високообразовна дејност и позитивна оценка од самоевалуацијата. Со став 4 на овој член, се пропишуваат условите за избор на редовен професор, при што се определува дека за редовен професор може да биде избрано лице кое, помеѓу другото, има објавени најмалку шест научноистражувачки трудови во соодветната областа во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации или четири научни трудови во научно списание со импакт фактор во последните пет години, кое учествувало или раководело со научноистражувачки проект и кое има придонес во оспособувањето на помлади наставници и кое покажало способност за изведување на сите видови висoкообразовна дејност и позитивна оценка од самоевалуацијата. Според став 5 од овој член, за повторен избор за редовен професор може да биде избрано лице кое има научен степен доктор на науки од научната област за која се избира, објавени најмалку шест научноистражувачки трудови во соодветната областа во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации или четири научни трудови во научно списание со импакт фактор во последните седум години, кое учествувало или раководело со научноистражувачки проект и кое има придонес во оспособувањето на помлади наставници и кое покажало способност за изведување на сите видови висoкообразовна дејност и позитивна оценка од самоевалуацијата.

Наведените одредби (во ставовите 2, 3, 4 и 5 ) се оспоруваат како спротивни на академската и кадровската автономија на универзитетот, а со тоа и на член 46 од Уставот.

Според Судот, ваквите наводи се неосновани. Имено, автономијата на универзитетот подразбира и кадровска автономија која се огледа во слободата на универзитетот во регрутирањето на кадри и одговорноста за условите за вработување на истите. Меѓутоа, утврдувањето на условите (критериумите) за тоа кој може да биде избран во одредено наставно-научно звање, како суштински елемент поврзан со вршањето на дејноста на универзитетот, секогаш биле утврдени со закон. Тоа не може да се прифати како ограничување на слободата на универзитетот во регрутирањето на кадрите.

Според член 32 став 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 17/2011 од 11 февруари 2011 година), одредбите кои се однесуваат на членот 125 од Законот, ќе се применуваат од 1 јануари 2014 година. Во таква ситуација, со иницијативите се поставува прашање дали ваквата одредба од Законот произведувала повратно дејство кое не е во согласност со член 52 став 4 од Уставот, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.

Анализата на ова прашање покажува дека наведениот Закон за изменување и дополнување на Законот за високото образование, со кој е внесена новата содржина на членот 125 која се оспорува, влегол во сила на 19 февруари 2011 година, а примената на овој член е одложена до 1 јануари 2014 година, што значи практично за три години. Одложна примена на закон или негови одделни одредби не е непозната во правната теорија. Имено, право на законодавецот е да процени и одлучи дали има потреба од одложно дејство на одредени законски решенија и оставање одреден период на време за усогласување со новата регулатива, како што е случајот со сега оспорените одредби, според кои, сметано од 1 јануари 2014 година, сите наставници во наставно-научните звања доцент, вонреден професор и редовен професор, ќе се бираат според критериумите утврдени со овој закон. Според Судот, ваквата законска определба не е во спротивност со Уставот, затоа што предвидува исти критериуми за сите лица на кои се однесува, што е во согласност со начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, при што остава доволен, разумен период за усогласување со потребните критериуми, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на член 125 ставовите 2, 3, 4 и 5 од Законот со член 52 став 4 од Уставот.

Според член 125 став 6 од Законот, во наставно-научното звање на иста единица на високообразовна установа не може да биде избрано лице кое има одбрането докторски труд на факултет каде што има засновано работен однос во наставно-научно, наставно, односно соработничко звање лице со кое е роднина по крв во права линија до кој и да е степен, а во странична линија до четврти степен. Според став 7 на истиот член, ставот 6 на овој член не се однесува на лице кое завршило магистерски или докторски студии на еден од првите 500 универзитети рангирани на последната објавена листа од следниве институции: Институт за високо образование при Шангајскиот Џио Тонг универзитет, US News and Report и Times Higher Education Supplement – World University Ranking.

Овие одредби се оспоруваат како спротивни на член 9 и на член 32 став 2 од Уставот.

Во одговор на покренатото прашање, Судот го имаше предвид следното.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Анализата на оспорените одредби покажува дека законодавецот пропишува правила кои значат ограничувањето при вработувањето кое се врзува со спречување на можности за влијание и притисок како резултат на блиски роднински односи со другите вработени и можности за натамошна злоупотреба на тие роднински врски во текот на работењето, како генерален принцип кој би се однесувал на сите во иста правна ситуација. Тоа несомнено упатува на заклучок дека законодавецот има еднаков третман во однос на правото на работа на лицата кои ги исполнуваат потребните услови за избор во наставно-научно звање, поврзан со тоа каде го одбраниле докторски труд, со што не се повредува начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите и не се повредува правото на работа под еднакви услови за сите, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на член 125 ставовите 6 и 7 со член 9 и член 32 став 2 од Уставот.

– Со член 133 став 9 од Законот, се пропишува дека за одржувањето и присуството на настава на наставно-научниот и наставниот кадар, односно одржувањето и присуството на вежби на соработниците, секоја високообразовна установа задолжително води електронска евиденција. Според став 11 на овој член, формата и содржината на електронската евиденција од ставот 9 на овој член ги утврдува министерот надлежен за работите на високото образование.

Одредбата од став 11 на овој член се оспорува како спротивна на член 46 од Уставот, односно како одредба која значела нарушување на автономијата на универзитетот.

Според Судот, наводите во иницијативата се неосновани, од причина што овластувањето на министерот за високото образование да ја пропишува формата и содржината на електронската евиденција за одржување и присуство на настава на наставно-научниот и наставниот кадар, односно одржувањето и присуството на вежби на соработниците е во функција на техничка поддршка за спроведување на електронската евиденција за присуство, како законска обврска, поради што не претставува повреда на автономијата на универзитетот.

– Со член 134 од Законот се пропишуваат периодите (времето) за кои се вршат изборите во наставно-научни звања. Така, со став 1 на овој член се пропишува дека доцент, вонреден и редовен професор и професор на висока стручна школа се избираат за време од пет години, а повторен избор за редовен професор за време од седум години. Според став 2 на истиот член, редовниот професор по повторниот избор, односно професор на висока стручна школа по вториот избор, заснова работен однос на неопределно време и го задржува звањето редовен професор, односно професор доживотно.

Овие одредби, во делот кој се однесува за повторен избор за редовен професор, се оспоруваат како неуставни и спротивни на член 8 став 1 алинеја 3, член 46 и член 47 од Уставот.

Според Судот, ваквите наводи се неосновани. Ова од причина што изборот, односно повторниот избор во наставно-научно звање влегува во категоријата услов за основање и вршење на дејноста на универзитетот што се уредуваат со закон, поради што законското и прецизно наведување на критериумите за избор, како во оспорените одредби, се во функција на подобрување на квалитетот на академскиот кадар во Република Македонија и придонес кон подобра позиција на нашите високообразовани институции во светот, поради што не може да се прифати дека претставуваат повреда на автономијата на универзитетот.

Тргнувајќи од наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 134 став 1 во делот: „а повторен избор за редовен професор за време од седум години“ и став 2 во делот: „ по повторниот избор“ од Законот со член 8 став 1 алинеја 3, член 46 и член 52 став 4 од Уставот.

– Со член 136 од Законот се пропишуваат услови за предвремен избор во повисоко звање.

Така, со став 1 на овој член се пропишува дека избор во повисоко наставно-научно, наставно, научно звање може да се врши пред истекот на периодот за кој е извршен изборот во постојното звање, доколку наставникот, ги исполнил условите за избор во повисоко звање и со својата научна и наставна работа особено придонел за развојот односно примената на научната, односно уметничката дејност за која е избран и има објавено научни и стручни трудови од кои најмалку два научни труда во најпрестижни меѓународни списанија со импакт фактор или трудовите се цитирани во истите, по истекот на на малку половина од времето за кое е извршен изборот. Според став 2 на овој член, по исклучок, лице може да биде избрано во повисоко наставно-научно, наставно, научно звање и порано, пред истекот на најмалку половина од времето за кое е извршен изборот во постојното звање, доколку покрај условите од ставот 1 на овој член има објавено најмалку четири научни или стручни труда во најпрестижни меѓународни списанија со импакт фактор или пак тие се цитирани во истите.

Со иницијативите се оспоруваат овие одредби во деловите кои се однесуваат на прецизирање на критериумите за бројот и видот на меѓународните списанија во кои треба да бидат објавени научните трудови, како одредби кои значеле повреда на автономијата на универзитетот.

Според Судот, станува збор за прашање од иста правна природа како прашањето за уставноста на член 125 ставовите 2, 3, 4 и 5 од Законот (пропишување на критериуми за број на трудови кои треба да бидат објавени во одредени научни списанија, како услов за избор во наставно-научно звање), за кои е дадена анализа во точката 8 на ова решение. Поради тоа, Судот оцени дека и за оспорените делови во член 136 став 1 во делот: „има објавено научни и стручни трудови од кои најмалку два научни труда во најпрестижни меѓународни списанија со импакт фактор или трудовите се цитирани во истите, по истекот на нај малку половина од времето за кое е извршен изборот во делот:„ има објавено научни и стручни трудови од кои најмалку два научни труда во најпрестижни меѓународни списанија со импакт фактор или трудовите се цитирани во истите, по истекот на најмалку половина од времето за кое е извршен изборот“ и став 2 во делот:„ доколку покрај условите од ставот 1 на овој член има објавено најмалку четири научни или стручни труда во најпрестижни меѓународни списанија со импакт фактор или пак тие се цитирани во истите“од Законот, од истите причини кои се претходно образложени во ова решение во однос на член 125 ставовите 2, 3, 4 и 5 , не може основано да се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 46 од Уставот.

– Со член 140 се уредува материјата за визитинг професори. Така, според став 1 на овој член, по покана од органот на управување на високообразовната установа професори од акредитирани високообразовни установи, пензионирани професори од првите 100 универзитети рангирани на последната објавена листа на Институтот за високо образование при Шангајскиот Џио Тонг универзитет, признати научници и истакнати уметници од земјата и странство, можат како гости, без распишување на конкурс, да извршуваат високообразовна и научно истражувачка дејност за определено време. Според став 2 на овој член, кој се оспорува со иницијативите, начинот, времето и условите под кои се врши дејноста од ставот 1 на овој член ги пропишува министерот.

Со иницијативата се оспорува овластувањето на министерот да ги пропишува начинот, времето и условите под кои се врши дејноста поврзана со визитинг професорите.

Според Судот, наводите во иницијативите се неосновани, затоа што законодавецот во ставот 1 на овој член јасно и прецизно определил кој може да биде визитинг професор и според која постапка, односно ја утврдил законската рамка за вршење на оваа дејност, што не е спорно ниту за подносителите на иницијативата, поради што произлегува дека дополнителните специфики околу ова прашање, поврзани со начинот, времето и условите под кои може да се обавува оваа дејност, а кои треба дополнително да бидат разработени од страна на министерот, претставуваат само натамошна операционализација на ова прашање, од техничка природа и во суштина не може да ја повредат автономијата на универзитетот. Оттука, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 140 став 2 од Законот со член 46 од Уставот.

– Според член 146-а став 1 од Законот, на наставник на јавните високообразовани установи кој ќе објави научен или стручен труд во најпрестижните меѓународни списанија со имапкт фактор, му се зголемува платата во наредните три години за 20% од платата што ја примал. Според став 2 на овој член, начинот на зголемување на платата од ставот 1 на овој член, го пропишува министерот.

Ставот 2 на овој член се оспорува како спротивен на член 46 од Уставот, што Судот го оцени како неосновано. Имено, во ставот 1 на овој член, законодавецот прецизно го определува основот, висината на зголемувањето на платата и периодот на зголемувањето на платата за објавен научен или стручен труд во најпрестижните меѓународни списанија со имапкт фактор, поради што овластувањето на министерот да го определува начинот на зголемување на платата по овој основ, е во функција на техничка поддршка за остварување на ова право и не може да се прифати како инволвирање на извршната власт во автономијата на универзитетот и нејзино повредување. Поради наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 146-а став 2 од Законот со член 46 од Уставот.

– Со член 161-б од Законот се пропишуваат документите кои се приложуваат кон барање за признавање на странска високообразовна квалификација во постапката за еквиваленција и признавање на странската високообразовна квалификација.

Така, со став 1 алинеја 14 се пропишува дека кон барањето се приложуваат два објавени рецензирани научноистражувачки труда како прв автор во меѓународни научни списанија, како и доказ дека студиите траеле најмалку три години (доколку се работи за признавање на високообразовна квалификација за докторски студии), а според алинеја 16 на истиот став, кон барањето се приложуваат и други документи за кои комисијата цени дека се потребни, а кои се во врска со признавањето на странската високообразовна квалификација.

Алинејата 14 се оспорува како спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот, затоа што со истата се наметнувале дополнителни критериуми што излегувале од рамката за нострификација, а предвидувала и недозволено повратно дејство, со оглед дека пропишаните критериуми не им биле познати на барателите на нострификација во моментот на запишувањето и во текот на студиите во странство. Алинејата 16 се оспорува како спротивна на владеењето на правото, бидејќи внесувала правна несигурност и дискреционост во одлучувањето на комисијата.

Според Судот, ваквите наводи се неосновани. Ова затоа што законодавецот има уставно овластување да ги пропише условите за признавање на странска високообразовна квалификација во нашата држава, што подразбира и право по потреба да ги менува условите , во која смисла е овластен да ги пропише и потребните документи и постапка за еквиваленција и признавање на странската високообразовна квалификација, што е сторено со одредбите во Законот за високото образование, меѓу кои и со оспорените одредби. Од уставен аспект важно е пропишаните услови, постапка и бараните документи за еквиваленција и признавање на странската високообразовна квалификација да се однесуваат на сите кандидати подеднакво, односно да се запази начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, што според Судот, законодавецот го испочитувал во дадениот случај. Поради тоа, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 161-б став 1 алинеите 14 и 16 од Законот со одредбите на Уставот на кои се повикува иницијативата.

– Правилникот за условите кои треба да ги исполнува истакнатиот стручњак од практиката од соодветната област за изведување на клиничка настава („Службен весник на Република Македонија“ бр. 120/2010), е донесен врз основа на член 99 став 10 од Законот за високото образование (според Судот, правен основ за донесување на Правилникот е член 99 став 14 од Законот за високото образование).

Правилникот за начинот и условите за организирање на практична настава за студентите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 120/2010). е донесен врз основа на член 99 став 11 од Законот за високото образование (според Судот, правен основ за донесување на Правилникот е член 99 став 15 од Законот за високото образование).

Наведените законски одредби кои претставуваат правен основ за донесување на овие правилници од страна на министерот за образование и наука, се оспорени во доставените иницијативи, при што Судот не изрази сомнеж во однос на нивната уставност.

Со оглед дека не е спорна уставноста на законските одредби кои се правен основ за донесување на оспорените правилници, што е основ во иницијативите за барањето на оцената на нивната уставност, произлегува дека не постои основано сомнение и за уставноста на самите правилници, во целина, поради што Судот не го постави постави прашањето дали со истите се повредува начелото на владеењето на правото и универзитетската автономија утврдени со член 8 став 1 алинеја 3 и член 46 од Уставот.

9. Во однос на прашањето за повреда на хоризонталната автономија на универзитетот, кое се покренува со прводоставената иницијатива, кое се однесува на одземањето на статусот на правно лице на факултетите и институтите, како единици во кои се одвива образованието на универзитетот, кој статус го имале до донесување на сега важечкиот Закон за високото образование и сведување на нивниот стаус на статутарна автономија (се оспоруваат член 8, член 52 став 16 и член 54 став 9 од Законот), Судот го имаше предвид следното:

Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според член 8 од Законот, универзитетот и самостојната високообразовна установа имаат својство на правно лице (став 1). Единиците на универзитетот имаат права и обврски, определени со овој закон, актот за основање на универзитетот и статутот на универзитетот (став 2). Единиците на јавен универзитет настапуваат во правниот промет според овластувањата определени во статутот на универзитетот (став 3). Организационите единици во состав на универзитет можат да имаат определени права во правниот промет и во поглед на управувањето и раководењето, во обем и под услови определени од основачот. За обврските на организационите единици неограничено одговара универзитетот кој ги основал (став 4).

Наведената одредба од Законот е содржина на основниот текст на овој закон (донесен во 2008 година) и не е менувана досега. Тоа значи дека законодавецот се определил статусот на правно лице да му го додели на универзитетот, а единиците во неговиот состав (факултетите) да имаат права и обврски определени со овој закон, со актот за основање на универзитетот и со статутот на универзитетот.

Пред донесување и влегување во сила на овој закон, Законот за високото образование (,,Службен весник на Република Македонија” бр.64/2000, 49/2003, 113/2005 и 51/2007) утврдувал дека државниот универзитет има својство на правно лице, жиро-сметка и права и обврски утврдени со овој закон, со актот за основање и со статутот на универзитетот (член 7 став 1). Државните факултети, односно високи стручни школи имаат својство на правно лице, жиро- сметка и права и обврски утврдени со овој закон, со актот за основање, со статутот на универзитетот во чиј состав се основани и нивниот статут, освен во случаи кога со овој закон поинаку не е уредено (член 7 став 2). Државните факултети, односно високи стручни школи во правниот промет настапуваат од свое име и за своја сметка со права и обврски утврдени со закон, статутот на универзитетот и со својот статут. Својството на правно лице не може да го остваруваат спротивно на овој закон и на интересите на универзитетот во чиј состав се основани (член 7 став 3).

При ваква фактичка и правна состојба со иницијативата се поставува прашање дали со законската определба во сега важечкиот закон, само универзитетот да има статус на правно лице, а не и неговите членки (факултетите и институтите), кои фактички ја вршат основната дејност на универзитетот – организирање и спроведување на образовна и научна дејност, се повредува суштината на автономијата на универзитетот.

Имајќи го предвид наведеното, како и наводите во иницијативата, произлегува дека во суштина подносителот оспорува одредба која не содржи нешто што според него би требало да постои или на одреден начин да биде регулирано, што е прашање во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд , кој нема надлежност да нормира односи, туку само да ја цени уставноста на законските одредби кои се во правниот поредок. Поради тоа, Судот оцени дека се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата во овој дел.

10. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

Решението е донесено со мнозинство гласови, освен по однос на член 8 ставовите 2 и 3, член 70 став 5, член 77 ставовите 6, 7 и 8, член 113 став 17 и став 18 во делот: „без оглед дали бракот престанал или не“ и член 161-б став 1 алинеите 14 и 16, за кои решението е донесено едногласно.

У.бр.98/2011
13 февруари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Издвоено мислење по предметот У.бр.98/2011