У.бр.9/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 13 февруари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Марјан Димовски од Скопје за заштита на слободи и права што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, утврдена во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Марјан Димовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободи и права што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, утврдена во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, затоа што забраната на дискриминација била повредена со Привремено решение, бр.24-1619/1 од 23 јануари 2012 година, донесено од Управата за јавни приходи во Скопје.

Во Барањето најнапред се наведува дека означеното привремено решение било конечно во управната постапка, со оглед дека против него не била изјавена жалба, и дека подносителот на барањето не го примил Решението лично, со оглед дека не живеел на адресата наведена во Решението, поради што го изгубил правото на редовно правно средство. Откако подносителот на барањето дознал за Привременото решение, поднел барање, бр.24-7397 од 10 април 2012 година, и Управата за јавни приходи му доставила копија од Привременото решение на 19 април 2012 година со напомена дека постои повратница од 26 јануари 2012 година за уредна достава на Решението. Таквата достава на Привременото решение од страна на Управата за јавни приходи значела повреда на правото на еднаквост во примена на законите.

Содржински гледано, пак, Привременото решение определувало плаќање на данок од страна на подносителот на барањето, за неговото стекнување на удели во Друштвото за приредување на игри на среќа во казино „Дудин-Т“ ДОО Скопје на 15 ноември 2006 година, иако според член 110 од Законот за даночна постапка утврдувањето на данокот по тој основ застарело на 31 декември 2011 година (пет години од годината за која се плаќа данокот). На тој начин односно со донесувањето на Решението, Управата за јавни приходи постапувала надвор од Законот и го дискриминирала подносителот на барањето во однос на други основачи на друштва основани за вршење на други дејности, а кои во тој период извршиле пренос на удели.

Потоа, подносителот на барањето го оспорил Привременото решение пред Управниот суд на Република Македонија и пред Врховниот суд на Република Македонија Но, тие не се впуштале во утврдувањето на дискриминацијата односно во повредата на уставното право на еднаквост во примената на законите и на тој начин не го санкционирале незаконското постапување на државниот даночен орган, па сметано од 6 ноември 2012 година кога подносителот на барањето го примил Решението на Врховниот суд, го поднесол Барањето до Уставниот суд „во рокот утврден со член 51 од Деловникот на Судот“. Во врска со тоа, подносителот на барањето појаснува дека „со водењето на постапката УСПИ бр.25/2012 пред Управниот суд и по жалба пред Врховниот суд, запрено е течењето на рокот предвиден во член 51 од Деловникот на Уставниот суд, кој започнува да тече од денот на приемот на конечното решение во постапката за заштита на уставните права – УСПИЖ бр.11/2012.“

3. Судот на седницата утврди дека на 15 ноември 2006 година Рајна Дудин од Неготино и правното лице „Дудин“ ДООЕЛ од Неготино му отстапиле на Марјан Димовски од Скопје, како подарок без надомест, дел од влогот во правното лице „Дудин-Т“ ДОО од Скопје, во износ од 169.638.800,00 денари. На 23 јануари 2012 година Управата за јавни приходи-Регионална дирекција Скопје донела Привремено решение, заведено под број 24-1619/1, и со него на Марјан Димовски му е утврдена аконтација на персонален данок на доход од остварени други приходи. На 10 април 2012 година Марјан Димовски од Скопје, со акт бр.24-7397, побарал од Управата достава на Привременото решение, кое Марјан Димовски го примил на 19 април 2012 година. На 3 мај 2012 година Марјан Димовски поднел тужба до Управниот суд, по кое наведениот суд на 22 мај 2012 година донел Решение УСПИ бр.25/2012. На 29 мај 2012 година Марјан Димовски поднел жалба до Врховниот суд против Решението на Управниот суд, а Врховниот суд на 17 септември 2012 година донел Решение УСПИЖ бр.11/2012.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат, покрај другото, на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување на иницијативата.

Во конкретниот случај, од денот на доставувањето на поединечниот акт до денот на поднесувањето на барањето за заштита на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот поминало повеќе од 2 месеци.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека постојат процесни пречки Уставниот суд мериторно да ја оценува суштината на барањето поради неговата ненавременост, па одлучи да го отфрли барањето согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.9/2013
13 февруари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски