Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 февруари 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 6-а, 9, 9-а, 9-б, 14-а, 14-б и 73-а од Законот за спортот („Службен весник на РМ“ бр. 29/2002, 66/2004, 81/2008, 18/2011, 51/2011 и 64/2012),
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на РМ“ бр. 18/2011 од 14 февруари 2011) во целина.
3. Кошаркарски клуб “Вардар“ од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точките 1 и 2 на ова решение.
4. Во иницијативата се цитираат повеќе членови од оспорениот закон и упатуваат на тоа дека членовите 6-а, 9,9-а,9-б,14,14-а,14-б и 73-а од основниот текст на Законот за спортот и оспорениот закон во целина не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 20 став 1 и 2, член 47 став 5 и член 51 од Уставот. Подносителот на иницијативата констатира дека спортските клубови не се основале, ниту пак дејствувале по сила на овој закон, туку исклучиво по принципот на слободно здружување во спортски федерации под условите и на начин утврдени со Уставот и Законот за здруженија и фондации, но не и согласно Законот за трговските друштва. Понатаму во иницијативата се наведува дека се доведувала во прашање легитимната цел на овој закон, која би требало да се постигне со инкорпорирање на измените и дополнувањата на Законот за спортот, а за кои смета дека со нив било извршено нарушување на конзистентноста на концепцијата на Законот во целина, која пред да бидат внесени овие измени и дополненија, била поставена на доволно јасни основи.
Според наводите во иницијативата, политичките партии, здруженијата, фондациите и спортските клубови биле слободни во пропишувањето на условите, начинот и облиците на организирањето и државата при тоа немала ингеренции да упатува на тоа, ниту пак да предвидува прекршочни одредби како што се предвидувало со член 15 од оспорениот закон во делот за казнените и прекршочните одредби. Поради наведеното, никако не можело да се прифатат пропишаните решенија во оспорениот закон во однос на спортските клубови кои се натпреварувале во највисокиот степен на натпревари во сениорската конкуренција, во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени во футбал, кошарка, ракомет и одбојка, истите да се регистрираат како акционерски друштва согласно Законот за трговските друштва, бидејќи подносителот на иницијативата смета дека било очигледно дека спортските клубови не биле акционерски, односно трговски друштва.
Од овие причини, оспорениот Закон во целина не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 20 став 1 и 2, член 47 став 5 и член 51 од Уставот и предлагаат Уставниот суд да поведе постапка за оценување на Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот и истиот да биде поништен. Исто така предлагаат да се донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија кои биле превземени со цел да се спречат тешко отстранливи последици.
5. Судот на седница утврди дека Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/20011 од 07 јули 2011 година), содржи 25 членови со кои се изменети или дополнети повеќе членови на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 29/2002, 66/2004, 81/2008). Меѓутоа од направената анализа од наводите во иницијативата се укажува на тоа дека се оспорени и членовите 6-а, 9,9-а,9-б, 14, 14-а,14-б и 73-а од овој закон бидејќи не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 20 став 1 и 2, член 47 став 5 и член 51 од Уставот. Според член 1 од овој закон по членот 6 се додава нов член 6-а став 1 кој гласи:Спортските клубови кои се натпреваруваат во највисокиот степен на натпревари во сениорска конкуренција, во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка се регистрираат како акционерски друштва согласно со Законот за трговските друштва.
Називот на фирмата на акционерското друштво од ставот 1 на овој член, покрај елементите согласно со Законот за трговските друштва го содржи и видот на спортот за кој е основан спортскиот клуб, регистриран како акционерско друштво согласно со овој закон.(став 2)
Според член 4, 5 и 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот се дополнуваат и изменуваат членовите 9, 9-а и 9-б од основниот текст на законот.
Согласно член 9 став 1 од овој закон, одлука за престанок на спортски клуб, како здружение, заради основање на спортски клуб како трговско друштво, согласно со член 8 од овој закон, ги носи Собранието на спортскиот клуб со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови на Собранието. Кон одлуката задолжително се приложува: акт за регулирање на правата и обврските на спортистите кои се членови на спортскиот клуб; акт за регулирање на правата и обврските на вработените во спортскиот клуб; извештај за извршена ревизија на годишната пресметка од овластена институција: извештај на овластен проценувач за проценетата вредност на клубот; податоци и докази за правото на сопственост, располагање, користење и управување со недвижности и преглед на заинтересирани правни и физички лица кои ќе се јават за основачи на спортскиот клуб како трговско друштво со предлог на програма од заинтересираните основачи. (став 1) Во постапката за регистрирање на спортскиот клуб од здружение во трговско друштво, се применуваат одредбите од Законот за трговските друштва. (став 2) Одлуката за основање на акционерското друштво што ја донесува Собранието на спортскиот клуб се смета за донесена, ако за неа гласале две третини од вкупниот број на членови на Собранието на спортскиот клуб.(став 3) Кон одлуката за основање од ставот 4 на овој член, при регистрацијата на друштвото во трговскиот регистар кој се води во Централниот регистар на Република Македонија, се приложува список на акционери со нивниот поединечен влог со кој учествуваат во основната главнина на акционерското друштво.(став 4) Трговското друштво односно акционерското друштво кое настанало со регистрирање од спортско здружение на граѓани во трговско друштво односно акционерско друштво ги презема правата и обврските на спортското здружение и го задржува неговиот континуитет на остварените резултати (остварениот пласман, рангот и статусот во системот на натпревари) во рамките на Националната спортска федерација, на спортскиот клуб кој се регистрирал како трговско друштво односно акционерско друштво, независно дали го задржува или го менува името. (став 5) Националната спортска федерација му го признава континуитетот на остварениот резултат на трговското друштво односно акционерско друштво кое настанало со регистрирање од спортско здружение во трговско друштво односно акционерско друштво чиј правен наследник е.(став 6) Објектите за спорт и инвентарот кои се во сопственост на државата или единиците на локалната самоуправа не можат да се вклучат во имотот на трговското друштво со регистрирање на спортското здружение во трговско друштво.
Според член 9-а став 1 од Законот, професионален статус, во смисла на овој закон има спортски клуб кој е основан за вршење на спортски активности за учество во системот на спортски натпревари. Професионален спортски клуб може да биде клуб: кој учествува во највисокиот степен на натпревари во соодветната национална спортска федерација и кој има склучено договори за професионален настап, со најмалку 50% од вкупниот број на натпреварувачи кои настапуваат во највисокиот систем на натпревари во сениорска конкуренција во однос на бројот на пријавените за натпреварувачката година во листата која ја води соодветната спортска федерација.(став 2) Професионален спортски клуб во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка во највисокиот степен на натпреварување е акционерско друштво.(став 3) Професионалниот спортски клуб од ставот 2 и 3 на овој член се запишува во Регистарот на професионални спортски клубови, кој го води органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот. (став 4) За уписот во Регистарот, се издава решение во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за упис.(став 5) Ако професионалниот спортски клуб престане да ги исполнува условите од ставот 2 на овој член, функционерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот ќе донесе решение за бришење од Регистарот. (став 6) Против решението од ставот 6 на овој член може да се изјави жалба до Второстепената комисија при Владата на Република Македонија од соодветната област, во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.(став 7) Функционерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот донесува Правилник за формата и содржината на образецот за запишување и бришење во Регистарот. (став 8)
Според член 9-б став 1 од Законот, професионалниот спортски клуб е должен еднаш годишно, а најдоцна до 31 март, да достави извештај за претходната година до органот надлежен за работите од областа на спортот и соодветната национална спортска федерација: за регистрираните сениорски спортисти, за членовите на клубот и членовите на телата на клубот и план за работа за наредната година. Националната спортска федерација е должна да ги следи условите утврдени во членот 1 ставови 2 и 3 од овој закон и ставот 1 од овој член и да го известува органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот.(став 2) Професионален спортски клуб во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка во највисокиот степен на натпреварување регистриран како акционерско друштво е должен еднаш годишно, а најдоцна до 31 март во тековната година до соодветната федерација и органот на државната управа надлежен во областа на спортот да достави извештај за работењето, годишна сметка и финансиски извештај за претходната година согласно со Законот за трговските друштва.(став 3)Професионален спортски клуб во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка во највисокиот степен на натпреварување, регистриран како акционерско друштво е должен еднаш годишно, а најдоцна до 31 декември во тековната година, до органот на државната управа надлежен во областа на спортот да достави програма за работа за наредната година.(став 4)
Според член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот по членот 14 се додаваат два нови члена 14-а и 14-б. Согласно член 14 став 1 од Законот, спортските клубови од ист спорт, како и од училишниот, студентскиот и спортот на инвалидизираните лица, можат да се здружуваат во соодветна нацнонална спортска федерација на Република Македонија, заради: поттикнување и унапредување на соодветниот спорт; реализирање на утврдената програма за развој на спортот; усогласување и координирање на програмските активности на здружените членки; организирање и спроведување на системот на натпревари; унапредување на стручната работа. Националната спортска федерација на Република Македонија, покрај работите од став 1 на овој член, ги составува и се грижи за државните репрезентации.(став 2) Во еден спорт може да се основа само една национална спортска федерација.(став 3) Решение за запишување во Регистарот на здруженијата на националната спортска федерација, Централниот регистар носи пo претходно прибавено позитивно мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот.(став 4) Државна спортска федерација е онаа федерација во која се здружени повеќе од половината спортски клубови во Република Македонија кои имаат решенија за вршење дејностод ист вид на спорт.(став 5)
Федерацијата ја претставува лице кое е избрано со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Собранието на федерацијата од ставот 5 на овој член.(став 6) Федерацијата од ставот 6 на овој член го известува органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот за лицето од ставот 6 на овој член.(став 7)
Според член 14-а став 1 од овој закон, собранието на националните спортски федерации во екипните спортови го сочинуваат претставниците од клубовите од прва и втора лига и останатите клубови здружени во федерациите, како и претставници на спортските тренери, ветерани, судии и спортисти од соодветниот спорт предложени од нивните организациони облици. Собранието на националните спортски федерации во индивидуалните спортови го сочинуваат претставниците од клубовите здружени во федерациите, како и претставници на спортските тренери, ветерани, судии и спортисти од соодветниот спорт предложени од нивните организациони облици. (став 2)
Согласно член 14-б од Законот, во националните спортски федерации спортските клубови кои се натпреваруваат во највисокиот степен на натпревари во сениорска конкуренција во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени, се здружуваат во организационен облик согласно со Законот за здруженија и фондации заради остварување на своите права и интереси. Клубовите од ставот 1 на овој член треба да имаат младински клубови кои се натпреваруваат во системот на натпревари организиран за младинските категории во соодветниот спорт. (став 2) Организациониот облик на здружување од ставот 1 на овој член до Собранието на Националната спортска федерација доставува предлози за утврдување на системот на натпревари, избор на спонзор на лигата, правата за пренос на натпреварите и други прашања поврзани со одржувањето на највисокиот степен на натпревари во сениорска конкуренција во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени.(став 3) Националните спортски федерации обезбедуваат просторни и други услови за работа на организациониот облик на здружување од ставот 1 на овој член.(став 4)
Според член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот, називот на Главата “XII Прекршочни одредби“ се менува и гласи: “Казнени и прекршочни одредби“.
Според член 15 од од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот, по членот 73 се додава нов член 73-а согласно кој “Одговорно лице во национална спортска федерација, кое ќе дозволи спортскиот клуб да се натпреварува во највисокиот степен на натпревари, а кој не се регистрирал како акционерско друштво согласно со одредбите од овој закон ќе се казни со казна затвор од една до три години.“
Судот утврди дека е потребно да се даде забелешка во однос на нумерирањето на членовите кои се изменуваат и дополнуваат во овој и во предходните Закони за изменување и дополнување на Законот за спортот во однос на оспорениот член 73 од основниот текст на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2002 од 07 мај 2002). Имено, член 73 не спаѓа во Главата “XII Прекршочни одредби“ чиј назив е изменет и гласи: “Казнени и прекршочни одредби“ (од член 74 до член 79) со членот 14 од оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2011 од 14 февруари 2011).
Со член 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004 од 01 октомври 2004) направено е дополнување на основниот текст на Законот за спортот со кој по членот 73 се додава нов член 73-а, кој гласи:” При вршењето на надзорот над работата на органите на општините и Градот Скопје надлежниот орган на државната управа надлежен за работите од областа на спортот ги врши следниве работи: ја следи законитоста на работата на органите на општините и Градот Скопје и презема мерки и активности и поднесува иницијативи за остварување на надлежностите на општините и Градот Скопје во согласност со овој закон; оценува дали органите на општините и Градот Скопје обезбедуваат надлежностите на општините и Градот Скопје да се извршуваат согласно со стандардите утврдени со овој закон; дава препораки за доследно спроведување на надлежностите на општините и Градот Скопје во рамките на законот на барање на органите на општината и Градот Скопје; го следи навременото донесување на прописите на општините и Градот Скопје; ја следи законитоста на решенијата што градоначалникот ги донесува во решавањето на поединечните права, обврски и интереси на физичките и правните лица; дава мислења и стручна помош по предлог на прописите на општините и Градот Скопје на барање на органите на општината и Градот Скопје; го следи остварувањето на јавноста во работата на органите на општините и Градот Скопје, а особено од аспект на редовно, навремено, вистинито и потполно остварување на надлежностите утврдени со овој закон и навремено ги известува органите на општините и Градот Скопје за констатираните состојби во нивната работа и за преземените мерки при вршењето на надзорот.”
Според Главата XI. Казнени и прекршочни одредби од овој закон, членот 73-а треба да е (член 74) и со истиот е утврдено дека одговорно лице во национална спортска федерација, кое ќе дозволи спортскиот клуб да се натпреварува во највисокиот степен на натпревари, а кој не се регистрирал како акционерско друштво согласно со одредбите од овој закон ќе се казни со казна затвор од една до три години.
Според член 74 или 75 од овој закон, глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на субјектот, што врши дејност спорт ако: дозволи политичко и верско организирање и дејствување (член 4); во текот на вршењето на дејноста спорт не обезбеди соодветни објекти, опрема и соодветен стручен кадар (член 10 алинеи 1, 2 и 3); врши дејност спорт без добиено решение од органот на државната управа надлежен за работите од дејноста на спортот (член 11 став 2) и не обезбеди здравствена контрола, систематски контролни прегледи (член 51 ставови 2 и 3). За прекршокот од ставот 1 на овој член глоба во износ од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече и на одговорното лице на субјектот. За прекршокот од ставот 1 на овој член на правното лице покрај глобата може да му се изрече и прекршочна санкција забрана на вршење дејност спорт во траење од шест месеца до пет години. За прекршокот од ставот 1 на овој член на одговорното лице во правното лице покрај глобата може да му се изрече прекршочна санкција забрана на вршење на должност во траење од една до пет години……)
6. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Во членот 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружувањето заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, а во ставот 2 на овој член се утврдува дека граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат
.
Според членот 47 став 5 од Уставот, Републиката освен техничката култура го поттикнува и помага и спортот.
Уставно утврдената улога на Републиката да го поттикнува и помага спортот ја изразува комплементарноста, односно заемниот интерес на граѓанинот, како поединец и на државата во задоволување и остварување на правата и интересите од областа на спортот.
Така, во интерес и на државата и на граѓанинот, со Законот за спорт се уредуваат условите и начинот на вршењето на дејноста спорт, остварувањето на јавниот интерес во спортот, стопанисувањето со објекти за спорт во сопственост на Република Македонија, општините и градот Скопје, како и други прашања од значење за спортот (член 1).
Дефинирајќи го спортот во членот 2 од Законот како дејност која ги опфаќа сите форми на спортски активности на спортистите од сите возрасти, како и спортско-рекреативните активности на граѓаните, законодавецот во членот 3 од овој закон, како организациони облици што ја вршат дејноста спорт ги утврдува спротските здруженија на граѓаните и другите правни лица од областа на спортот.
Во однос на анализата на наводите во иницијативата од суштествено значење за конкретниот предмет е тоа што во членот 5 од овој закон е утврдено дека заради остварување на потребите од занимавање со активности и заштита на правата и интересите од областа на спортот, граѓаните можат слободно и доброволно да се здружуваат и да основаат спортски здруженија, под услови и на начин утврдени со закон, доколку со овој закон поинаку не е определено.
Согласно член 30 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа “Сл. весник на РМакедонија” бр.58/2000 од 21.07.2000 година, Агенцијата за млади и спорт ги врши работите што се однесуваат на грижата за психофизичкиот развој на младите и нивната заштита од болести на зависности, проституцијата, криминалот и други социопатолошки појави; грижата за статусот на младите; поттикнувањето и помагањето на различните облици на организирање на младите; преземањето активности за создавање услови за задржување во Република Македонија на способните и талентирани млади, како и создавањето услови за стимулирање на нивното враќање во Република Македонија; следењето на спортските и спортско-рекреативните активности од областа на спортот, следењето на развојот на врвниот спорт и врши и други работи утврдени со закон. Агенцијата за млади и спорт има својство на правно лице.(став 2)
Според член 270 став 1 од Законот за трговските друштва(“Службен весник на Република Македонија” бр.28/2004…), aкционерското друштво е трговско друштво во кое акционерите учествуваат со влогови во основната главнина, која што е поделена на акции. Акционерите не одговараат за обврските на акционерското друштво. (став 2) Од одредбите од овој закон, со кои што се уредува акционерското друштво, може да се отстапува на начин и според условите пропишани со овој закон и со други закони.(став 3)
Тргнувајќи од анализата на наведените и другите законски одредби произлегува дека меѓу прашањата што на специфичен начин се уредени со Законот за спорт, како специјален закон во однос на Законот за здруженија и фондации (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/2011) се и облиците во кои можат да се здружуваат спортските клубови слободно да се здружуваат во здруженија.
Со Законот за спортот се уредува дејноста спорт во сите нејзини сегменти како што се организирањето на здруженија на граѓани, трговски друштва, претпријатија, работни односи и здравствената заштита и другите закони. Покрај ова, дејноста спорт е условена и од почитување на актите на мегународните спортски асоцијации (светски и европски) и нивните барања за компатибилност со меѓународниот спортски систем.
Законодавецот оценил дека има потреба од допрецизирање и доуредување на одредбите од основниот текст на Законот со цел да биде овозможена нивна доследна примена откако биле констатирани одредени непрецизности и недоречености на одделни одредби.
7. Со Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2002 од 07 мај 2002) се отвори простор здруженијата во областа на спортот да можат да се пререгистрираат како трговски друштва и да се реализираат обврските на Република Македонија што произлегуваат од меѓународните конвенции во спортот, да се уреди статусот на стручните лица и спортистите и да се регулираат правата и обврските за организација на спортските приредби и манифестации. Со измените на Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2008 од 07 јули 2008) се уреди статусот на професионалните спортски клубови и професионалните спортисти, евиденцијата во функција на професионалниот спорт и друго и на тој начин да се обезбеди спортските клубови да функционираат како акционерски друштва.
Со измените и дополнувањата на Законот за спортот во 2011 година се уреди и постапката за трансформација на дел од клубовите во акционерски друштва, кои можеа тоа да го сторат и со донесувањето на новиот Закон за спортот од 2002 година.
Во однос на наводите во иницијативата за оценување на уставноста на членовите 6-а, 9,9-а,9-б,14,14-а,14-б и 73-а на Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на РМ“ бр. 18/2011) Судот утврди дека право е на законодавецот да го уреди воспоставувањето на правниот режим уреден со Законот за спортот и поради тоа извршено е допрецизирање на веќе постоечките членови во основниот текст на Законот, како што се и оспорениот член 6, кој се однесува на спортските клубови кои се натпреварувале во највисокиот степен на натпревари во сениорската конкуренција, во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени во футбал, кошарка, ракомет и одбојка, истите да се регистрираат како акционерски друштва согласно Законот за трговските друштва; член 9 став 4 со кој се уредуваат правата и обврските при регистрацијата на друштвото во трговскиот регистар кој се води во Централниот регистар на Република Македонија, дека се приложува список на акционери со нивниот поединечен влог со кој учествуваат во основната главнина на акционерското друштво и дека професионалнит спортски клуб регистриран како акционерско друштво е должен на органот на државната управа да достави извештај за работењето, годишна сметка, програма и финансиски извештај за предходната година и со член 14-б став 1 се уредува дека во националните спортски федерации спортските клубови кои се натпреваруваат во највисокиот степен на натпревари во сениорска конкуренција во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени, се здружуваат во организационен облик согласно со Законот за здруженија и фондации заради остварување на своите права и интереси.
Од овие причини, Судот оцени дека не се основани наводите дека со оспорените членови се повредува членот 20 став 1 од Уставот со кој на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Тоа од причина, што со оспорената законска одредба не се ограничува ниту се одзема уставно загарантираната слобода на здружување, во однос на спортските клубови кои се натпреварувале во највисокиот степен на натпревари во сениорската конкуренција, во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени во футбал, кошарка, ракомет и одбојка и можноста истите да се регистрираат како акционерски друштва согласно Законот за трговските друштва, бидејќи подносителот на иницијативата смета дека било очигледно дека спортските клубови не биле акционерски, односно трговски друштва.
Врз основа на вака дефинираните прашања со предложените измени на Законот за спортот, законодавецот е во насока на обезбедување на услови за трансформирање на спортските клубови кои настапуваат во првата лига во одредени спортови, обезбедување на функционирањето на Собранијата на националните федерации, како највисок орган, во однос на неговото конституирање и учество на здружени членки, кои имаат право, интерес и одговорност да носат одлуки кои ќе бидат во функција на развојот на спортот.
Тргнувајќи од анализата на уставните и законските одредби, Судот оцени дека одредбите од овој закон се јасно и прецизно формулирани и се конзистентни и не противречат на концепцијата на законот, и поради тоа се во согласност со принципот на владеењето на правото, утврден во членот 8 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Врз основа на изнесеното Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани и дека со оспорените членови 6-а, 9,9-а,9-б,14,14-а,14-б и 73-а на Законот за иззменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на РМ“ бр. 18/2011) не се повредува член 8 став 1 алинеја 3, член 20 став 1 и 2, член 47 став 5 и член 51 од Уставот.
8. По однос на уставноста на целината на овој закон, подносителот на иницијативата наведува дека истиот бил противуставен бидејќи се доведувала во прашање легитимната цел на овој закон, која би требало да се постигне со инкорпорирање на измените и дополнувањата на Законот за спортот, а за кои истиот смета дека со нив било извршено нарушување на конзистентноста на концепцијата на Законот во целина, која пред да бидат внесени овие измени и дополненија, била поставена на доволно јасни основи и дека државата преку овој закон немала ингеранции да утврдува услови ниту пак да ги одредува организационите облици на здружување во областа на спортот.
Според наводите во иницијативата, оваа материја била уредена на друг начин и поповолно за граѓаните во основниот текст на законот и се предлага при одлучувањето да се има предвид Одлуката на Уставниот суд. У.број 196/2004 од 14 септември 2005 година, со која е укинат член 4 став 1 и член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2002 од 07 мај 2002) како и Одлуката У.број 157/2010 од 08 јуни 2011 година, со која бил укинат Правилникот за лиценцен систем и категоризација на кошаркарските клубови, школи и други субјекти во Македонија кои се занимаваат со кошарка, донесен од Собранието на Македонската кошаркарска федерација.
Во овој контекст, Судот оцени дека не може да се прифати уставно-судска пракса посочена во иницијативата, поради нивната несоодветност со конкретниот предмет, бидејќи по наведените предмети Судот го оценувал пристапот во однос на определувањето на статусот, местото и улогата, односно значењето на државните спортски федерации во системот на вршењето на дејноста спорт согласно Законот како и содржината на оспорениот правилник со кој се утврдуваат права и обврски за клубовите, школите и другите субјекти кои се занимаваат со кошарка во Република Македонија, односно се пропишуваат лиценци и се утврдува висината на лиценцата од А, Б и Ц категорија и основано се постави прашањето дали доносителот на подзаконскиот акт Македонската Кошаркарска Федерација ги надминала законските рамки во смисла на тоа што уредува прашања кои треба да се уредат со закон.
По анализата на наводите во иницијативата Судот утврди дека истите не содржат конкретни, јасни и прецизни аргументи, односно воопшто не се дадени аргументи за оспорување на Законот во целина, а подносителот на иницијативата еднострано ги изнесува наводите со сопствени претпоставки дека Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот не бил во согласност со Уставот. Имено, тој не водел сметка дека одредбите во еден закон се комплексно поврзани меѓу себе, но и со други закони. Таа меѓусебна синхронизираност на законските одредби, бара и нивно комлексно согледување при нивната анализа и фактичка примена. Меѓусебната усогласеност на Законот за спорот, Законот за здруженија и фондации и Законот за трговските друштва не е во надлежност на Уставниот суд кој има надлежност да врши оценка на согланоста на законите со Уставот и на согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека нема надлежност да одлучува по иницијативата со која Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот се оспорува во целина затоа што не регулирал прашања кои според подносителот на иницијативата требале да бидат регулирани. Ова од причина што Судот е надлежен да одлучува за она што оспорениот акт содржи, а не што би требало да содржи.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата. Со оглед на тоа дека наводите во иницијативата не се доволно аргументирани, Судот утврди дека согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативата во овој дел.
Врз основа на направената анализа на уставните одредби, анализата на законот во целина како и на содржината на оспорените одредби наспроти наводите во иницијативата Судот оцени дека се неосновани.
9. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
10. Ова решение во однос на точката 2 Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: Исмаил Дарлишта, д-р Наташа Габер-Дамјановска, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски, а во однос на точката 1 со мнозинство на гласови.
У.бр.76/2012
13 февруари 2013 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски
Издвоено мислење по предметот У.бр.76/2012