155/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 6 февруари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 1 од Одлуката за изменување на Одлуката за одржување на јавна чистота и утврдување надоместок за одржувањето на јавната чистота, бр.07-3360/42, донесена од Советот на општина Охрид на 29 декември 2010 година („Службен гласник на општина Охрид“ број 15/2010);

2. Владимир Московски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата најнапред наведува дека пред 2009 година сопствениците на куќи и на станови кои немале постојано живеалиште во Охрид, плаќале ѓубретарина 50% од цената што ја плаќале за истите куќи и станови сопствениците кои имале постојано живеалиште во Охрид. Потоа, наведува, Советот на општина Охрид донел Одлука, бр.07-2285/16 од 14 септември 2009 година, со која предвидел различна цена на ѓубретарината за сопствениците на куќи и станови кои постојано живеат во Охрид и оние кои не живеат постојано во Охрид, но таквата одредба од Одлуката била поништена од Уставниот суд на Република Македонија, па Советот на Општината ја донел оспорената одлука.

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одлука се повредени правата на сопствениците на станови и куќи во Охрид а кои немаат престојувалиште или живеалиште на територијата на општина Охрид односно предметната одлука не била во согласност со Уставот на Република Македонија и законите, па поради тоа предлага Уставниот суд истата да ја поништи или укине. Имено, во член 51 од Уставот било пропишано дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Исто така, смета дека е повредено уставното начело за еднаквост во правата и слободите на граѓаните предвидено во член 9 од Уставот, бидејќи со Одлуката не може да се одредува комуналните давачки да бидат распределени на истоветен начин и на оние граѓани кои постојано живеат на територијата на општина Охрид и кои комуналните услуги ги користат преку целата година, и оние граѓани кои живеат во другите градови во Република Македонија и се сопственици на т.н. викенд-станови и кој престојуваат само во летните месеци во Охрид, а се принудени да плаќаат комунални давачки за услуги кои не ги добиваат преку целата година.

3. Судот на седницата утврди дека во Одлуката за одржување на јавна чистота и утврдување надоместок за одржувањето на јавната чистота, бр. 07-2285/16, донесена од Советот на општина Охрид на 14 септември 2009 година, се определува дека со неа „се регулира одржувањето на јавната чистота на јавни површини, начинот на користење на јавните површини и собирањето на смет, чистење на снег и мраз, отстранување на предмети кои ја загрозуваат јавната чистота, како и мерките за спроведување на Одлуката“, при што „одржувањето на јавната чистота и собирањето на сметот на територијата на општина Охрид го врши ЈП „Охридски комуналец“-Охрид“ (член 1 ставовите 1 и 2).

Во член 2 од Одлуката се определува дека со Годишна програма донесена од Советот на општина Охрид се утврдуваат видот и обемот на работите што треба да се извршат, финансиските средства, временските рокови за извршување на работите, динамиката, начинот на вршење на работите, поставувањето на садови за фрлање на отпадоци на јавните површини и на отворените простори пред јавните објекти.

Според член 3 од Одлуката, „за одржување на јавната чистота се плаќа надоместок“ (став 1), при што „висината на надоместокот за одржување на јавната чистота се утврдува врз основа на изграденоста, уреденоста на јавните површини на територијата на општина Охрид и потребата-обемот за одржување на јавната чистота во зависност од местоположбата на живеалиштата на домаќинствата односно седиштата на правните лица и деловните единици, како и видот на дејноста што ја вршат.“

Во член 4 став 1 од Одлуката беше предвидено дека „за физичките лица односно за домаќинствата кои постојано живеат на територијата на општина Охрид надоместокот за одржување на јавната чистота изнесува 70, 60, 50 и 40 ден. месечно. Надоместокот е утврден во зависност од местоположбата на живеалиштето по категории односно реони утврдени со Годишната програма наведена во член 2 од оваа одлука“. Во ставот 2 од истиот член на Одлуката беше предвидено дека „за сопствениците на семејни згради и сопственици на станови во колективни згради кои не живеат постојано во станбениот објект, надоместокот изнесува 1.500,00 ден. годишно“. Ставовите 3-7 од истиот член на Одлуката се однесуваат на висината на надоместокот за одржување на јавната чистота за правните лица кои вршат угостителска дејност и продажба на брза храна (став 3) или кои вршат трговска или друга стопанска дејност (став 4) или адвокатска, нотарска или судско-извршителска дејност, штедилници и менувачници, туристички бироа и агенции, приватни школи, приватни градинки, … (став 5) или за правните лица кои вршат нестопански дејности (став 6) или за сезонски објекти: фрижидери за сладолед, тезги за продажба на пченки, семки, пуканки, крофни, … (став 7).

Судот, исто така, утврди дека со Одлука У бр.148/2010, донесена од Уставниот суд на Република Македонија на 22 декември 2010 година, поништен е член 4 ставовите 1 и 2 од наведената одлука, затоа што Судот оцени дека тие одредби не се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 51 од Уставот, како и со членот 24 од Законот за јавна чистота.

По донесувањето на поништувачката одлука на Уставниот суд, Советот на општина Охрид на 29 декември 2010 година ја донесе оспорената Одлука за изменување на Одлуката за одржување на јавна чистота и утврдување надоместок за одржувањето на јавната чистота, бр.07-3360/42, и со неа, во член 2 став 1, предвиде: „За физичките лица односно за домаќинствата, сопственици или корисници на објекти за домување на територијата на општината Охрид, надоместокот за одржување на јавната чистота изнесува 50,00 ден. месечно.“

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во член 10 од Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/2008, 64/2009, 88/2010, 114/2010, 23/2011, 53/2011 и 80/2012) се определува дека „за поблиско уредување на односите за одржување на јавната чистота советот на општината, на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје донесува одлука.“

Според член 24 став 1 од Законот, „за одржување на јавната чистота се плаќа надоместок“, а според став 2 од истиот член „висината на надоместокот од ставот 1 на овој член ја утврдува советот на општината, советите на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје во зависност од изграденоста, уреденоста на јавните површини и потребата-обемот за одржувањето на јавните површини на нивното подрачје.“

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, дека таа вредност на уставниот поредок се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, и дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот ги овластил советите на општините да донесуваат одлуки со кои поблиску ги уредуваат односите околу одржувањето на јавната чистота, како и да ја утврдат висината на надоместокот и тоа според критериумите: изграденост, уреденост на јавните површини и потребата-обемот за одржувањето на јавните површини на подрачјето на општината. Притоа, законодавецот не предвидел критериум- надоместокот за одржување на јавната чистота да зависи од тоа дали сопствениците или корисниците на куќите и становите имаат или немаат постојано живеалиште на територијата на општината на која се наоѓа недвижноста, од што произлегува дека сите сопственици или корисници еднакво треба да учествуваат во носењето на финанскискиот товар за одржување на јавната чистота во интерес на урбаното подрачје.

Со оглед на тоа што оспорениот член 2 став 1 од Одлуката за изменување на Одлуката за одржување на јавна чистота и утврдување надоместок за одржувањето на јавната чистота предвидува ист надоместок за одржување на јавна чистота за сите сопственици или корисници на објекти за домување на територијата на општината Охрид, Судот оцени дека таквата одредба е во согласност со наведените законски одредби, а со тоа оспорената одредба е во согласност и со наведените уставни одредби. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето на согласноста на член 2 став 1 од наведената одлука со означените уставни и законски одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.155/2012
6 февруари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски